Христо Јанарас: ПОСВЕТОВНИЧУВАЊЕ НА ЦРКВАТА?

Љубовта е спознавачкиот орган на Црквата

Посветовничувањето на Црквата значи: Црквата да стане „свет” — да се изгуби разликата меѓу спротивставените стварности, кои Евангелието ги означува со зборовите „од светот” и „не од светот“. „Светот” бара уверувања. Тој не може да издржи во несигурноста на непознанието, во празнината на незнењето. Заради тоа и креира идеологии, догми, принципи, вредности, закони. Во тие компромисни конструкции „светот” ја завиткува неодоливата психолошка потреба за сигурност и власт. Ако се оспорат „убедувањата” на индивидуата, во опасност е нејзината самоувереност, нејзиното психолошко его. Убедувањата, значи, се вооружуваат со оружјето на моќта: стануваат институција, јерархија на чинови, кодекс на закони и наредби, униформа, помпезни титули. Црквата е антипод на она што светот го бара. Таа говори за незнаење кое е „позвишено од секое знаење“. Таа му вознесува Евхаристија на Бога „Несфатливиот, Невидливиот, Недостижниот”. Таа ветува познание на Бога кое се добива само со искуството на односот, учествувањето, на љубовта — знаење кое може да биде означено и со поими, но кое никогаш не се исцрпува само со разбирањето на поимите. „Уверувањата” на Црквата повеќе се вера — доверба, а никако „научна”, властољубива сигурност.

Јазикот и љубовта

Светот познава, сфаќа, размислува, се изразува врз основа на јазикот кој информациите на сетилата и разумот ги претвора во символи. Границите на јазикот се граници на светот, јазикот не може да каже „она што око не го видело, уво не го слушнало и во човечко срце не дошло”. Јазикот е спознавачки орган на светот, љубовта е спознавачки орган на Црквата. Црквата не е безјазична, туку, едноставно, нејзиниот јазик му служи на односот, на радоста од љубовта, на празникот на себеоткажувањето и себепринесувањето.

Кога јазикот на Црквата ќе стане автономен во однос на фактот на Црквата (на животот како подвиг на општењето на љубовната заедница), тогаш тој се посветовничува, станува јазик на нужноста на овој свет, а не јазик на слободата. Станува догма, убедување, наредба, закон, т.е. материјал за психолошко оковување и самодоволност на его-то. Тогаш, таканаречената Црква создава „умни идоли”, идеологии и психологии, држи реторички проповеди, слика, гради, пее, создавајќи идол на сентименталната утеха на пропадливоста. Наместо евхаристиско тело, Црквата станува институција, „преовладувачка религија”, јерархија на властољубива моќ, синодски одбори, канонско Право. Црквата се преобраќа во „свет”, се посветовничува, се секуларизира.

„Светот” постојано бара начини како да ја заборави смртта, како ефемерното човеково преживување да го направи посладострастно. Можеби и религиски посладострасно, со помош на илузорни уверувања за вечно продолжување на его-то по смртта – наметнувајќи ја природната желба како метафизичка стварност. Црквата нуди само една, многу конкретна пракса на самоодрекување (аскеза). Тој што има доверба во таа пракса, може творечки да биде одведен до промената на начинот на своето постоење: да престане да постои егоцентрично, а да постои само за да љуби. Јазикот може засилено да назначи дека човек тогаш се ослободува од природните нужности (што значи, и од гнилежноста), познава поинакви мерила на егзистенцијалната слобода, на неискажлив начин.

Ништо, меѓутоа, не е сигурно и загарантирано. Аскетската пракса е пат, а не безбедност. Дури и според мерките на „светот”, праксата со која некој би го совладал јазикот на музиката, на играта, математиката, никогаш не гарантира резултати. Во Црквата човекот се движи „са надеж”, со верата како главна попатнина. Во безбројните дарови на секојдневието се учи да ја доживува неизмерната Божја љубов кон личноста на секој човек. И има доверба.

Сè она што е нужност на природата, барање на самопостоењето, на нагонот за самоодржување, е „свет”. Сè она што е слобода од природата, љубовно одрекување од самопостоењето, доверба во самопринесувањето, е Црква. Незнаењето и обидот за индивидуално оправдување, за индивидуално спасение, за индивидуални добродетели, за моќ на светоста, за авторитет на догматските вистини, е „свет”, т.е. потврда на пропадливоста, смрт. Секој компромис со таквите индивидуалистички побарувања ја претвора црквата во „свет”, ја посветовничува, ја секуларизира.

Чудото, мистеријата и моќта

Човекова природна потреба се емоционалните полети, пријатнтните трогнатости, мистичните предвидувања. Барањето „натприродни” (т.е. магиски) „знаци”, исто така, е робување на природата. Секое попуштање на таквите природни неопходности Црквата брутално ја претвора во религија. Затоа и Достоевски во „Великиот Инквизитор“ се осмелува недвосмислено да објави дека „чудото, мистеријата и моќта” се трите сили со чија помош Антихристот владее со светот. „Законите на природата” не се победуваат со натприродните властољубиви сили кои ја укинуваат човековата слобода (т.е. можноста за љубов), туку само со препуштање на човекољубието на Распнатиот и Воскреснатиот од смрт — Бог.

Црква се посветовничува (се секуларизира) кога чудото, мистеријата и моќта го заземаат местото на реализмот на евхаристиското општење на човекот со Бога. Општењето во лебот и виното во Светата Литургија се потиснува во просторот на „чудото“, се ограничува на минимални годишни пристапувања кон путирот на Евхаристијата. Восокот и маслото престануваат да се принесуваат како евхаристиски принос, електричните светилки го отуѓуваат литургиското општење во илузорен впечаток/ефект и декоративен изум. Богословско-откровенската функција на Иконата се поништува, за просторот да се исполни со сентиментално, (или морално-поучно) сладникаво, религиозно сликарство. Троновите на владетелите и царските одежди на Епископите така можат да послужат на демонската сила на „моќта”

Црквата не ја поништува природата

Посветовничувањето, секуларизацијата, во секој вид на човечкиот живот, ги превртува границите и критериумите на Црквениот факт: Црквата го преобразува бракот во откровенско остварување на Христовото „самоиспразнување”; посветовничувањето (секуларизацијата) инсистира дека цел на бракот е овековечувањето на природата, робувањето на природната законитост на раѓањето деца, а не — општењето на личноста, триумфот на слободата на љубовта. Црквата не ја поништува природата, таа го преобразува начинот на постоење на природата, ја насочува природата да му служи на односот со Бога. Посветовничувањето, секуларизацијата, спротивно, ја демонизира природата, ги жигосува нејзините животни функции како „нечисти”, го велича нарцистичкото барање „материјата” да му се потчини на „духот”.

Се смета за „фундаментално”, „автентично православно” останувањето при сосем световното (како кај природните религии) разбирање на сексуалноста како зараза, нечистотија и пад.

Црквата ги познава и во својот аскетски подвиг ги вбројува: и монашкиот пат (излегувањето од светот) и Светата тајна Брак. Безбрачноста „во светот”, напредувањето во чиновите како во световна кариера, не може да има врска со начинот на Црковното битисување и живот. Тоа е болен продукт на посветовничувањето, затоа и секојдневно забележуваме психопатологија која раѓа: изопачувања, несигурности, мономании, страотна осаменост.

Црковните отци, учителите на пустината, кои се ненадминати познавачи на човековата природа, ја проучиле и осветлиле врската помеѓу сексуалното потиснување и: жедта за власт, страстите на среброљубие (од несигурност), зависноста од женското „шминкање”, китењето со злато и покажувањето/истакнувањето. Во искуството и мудроста на таа врвна антропологија се изразуваат критериумите на Црквата. Во денашната скаменета „конзервативна” пракса триумфира посветовничувањето.

Можеби сето погоре речено е погрешно. Ова е искуство и ова се мисли од еден професор, а не плод на црковни харизми. Но, дури и ако искуството на Црквата сето тоа го отфрли, се нуди предизвикот, кој можеби, ќе придонесе за поенергична самосвест.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s