Словото на Слове(с)ните

1. Светите браќа Методиј и Кирил на своето дело секогаш му ги придружувале борбата и трпението, трудот и чувствувањето. Затоа, нивните први знаци за бележење на словенскиот јазик не се само филолошки барани, туку и уметнички создавани.

Истакнувајќи се порано во источните мисии, Константин требало да одговори и на молбата на Словените од Моравија. Василевсот Михаил III, кој очекувал и политички успех на Византија во северните и западните словенски краишта, тежината на делото го доверил на философот и свој школски пријател.

Словенскиот дијалект од солунските и македонските краишта, кого Константин и Методиј можеле да го научат уште во детските денови, станал кини‘ (=општ) на најстарата словенска книжевност.

Глаголицата, првата словенска азбука, е слика на Константиновото наукољубие и надареност. Елинскиот курзив и буквите на другите народи (еврејските, коптските, ерменските), кои ги наоѓал во книгите или ги запознавал при мисионерските патувања, го дале конечниот облик на глаголицата. Подготвувајќи се со пост и молитва, за сите словенски гласови пронашол соодветни знаци и со тоа создал фонетско писмо. Така; Словените — како и Елините, Коптите, Сиријците, Ермените, Грузијците — ја добиле литургиската книга и служба на жив говорен јазик. Во деновите на воодушевеното создавање на словенското писмо, Константин не размислувал за маките и неволјите кои ќе ги претрпи со Методиј заради словенските преводи на црковните книги.

Огромна заслуга му припаѓа и на светиот Патријарх Константинополски Фотиј во разрешувањето на прашањето за примената на словенскиот јазик во богослужењето и во преводите на Светото Писмо. Тој решително се откажал од елинската теснотија, потхранета со гордоста на својата многувековна култура, и со тоа го поттикнал развојот на националните јазици на Словените. Навистина, додека еден народ има свој сопствен јазик и ја живее животовтемелувачката христијанска религија, тој ќе биде жив, без оглед на секакви катаклизми и угнетувања.

2. Животописецот вели дека преподобниот Кирил со преведување започнал од првите зборови на Евангелистарот: „В начале бе Слово, и Слово бе к Богу, и Бог бе Слово…” (Во почетокот беше Словото, и Словото беше при//во Бога, и Бог беше Словото) (Јн. 1;1).

Одамна е познато, иако секогаш не се обраќа внимание на тоа, дека од древни времиња првите преведувачи на Светото Писмо на словенски јазик, светите рамноапостолни Кирил (Константин) Философ и неговиот брат Методиј, со поимот “Слово” го преведувале познатиот елински поим “Логос“. А, што е Логосот? Во староелинскиот јазик, значењето на Логосот е многу разновидно! Тоа е и сопствена именка, и закон на сесветскиот развој, и закон на животот на секој човек, и конечно, некоја врвна Сила која го управува светот — Бог. Подоцна, во трудовите на раните христијански мислители, самиот Логос се поистоветувал со Синот Божји, Исус Христос, кој слезе на Земјата за спасение на човештвото.

Но, сета таа многузначност која се содржи во Логосот, словенскиот јазик ја предава само со едниот поим — “Слово“. Словенскиот човек со Словото ги изразувал прашањата што ја засегале суштината на светот. Во Словото тој ги барал одговорите на своите вечни, “проклети прашања” (Достоевски). Во Словото тој и ги наоѓал одговорите. Значи, словенското сознание е словесно.

Словенските племиња кои ја населуваа Македонија преку Словото станаа Слове(с)ни и се инкорпорираа во христијанскотo македонскo битие. Имиже (со светите Методиј и Кирил) и мы яко дивия маслина, къ благоплодному корену православия прицепихомся, односно станавме лаос (божји народ), цврсто накалемувајќи се на благородната, животочна Лоза — Христос.

Затоа, со длабок поклон и срдечна радост да ги споменуваме великите словенски браќа — просветители, светите рамноапостолни Методиј и Кирил, и да го восфалиме нивниот спомен.

Кондак, глас 3
Свештените двајца просветители наши да ги почитуваме,/ кои со преведувањето на Божествените Писма источник на богопознанието ни источија,/ од кого дури до денес неоскудно црпејќи,/ ве ублажуваме вас, Кириле и Методие,/ кои стоите пред Престолот на Вишниот // и топло се молите за нашите души.

Величание
Ве величаме,/ свети рамноапостолни Методие и Кириле,/ сите словенски земји/ со учењата свои ги просветивте// и кон Христа ги приведовте.

2 thoughts on “Словото на Слове(с)ните

  1. Она што ми падна во очи во твојот текст е спомнувањето на свети Фотиј Цариградски во контескт на делото на светите браќа Кирил и Методиј. Имено, и покрај тоа што нивното просветителско дело е основно поттикнато и поддржано од нивниот учител Фотиј (без конкуренција најголемиот претставник на византиската интелектуална традиција) – неговото име многу ретко се поврзува со просетителското дело на светите браќа.
    Личноста на Фотиј и она што тој го прави е многу тешко да се разбере без поставувањето на едно базично разграничување во рамките на самиот елинизам, што особено го нагласува отец Георгиј Флоровски. Тој повлекува остра граница помеѓу христијанскиот и паганскиот елинизам – првиот, оној на светите отци на Црквата (вклучително и на Фотиј, Кирил и Методиј), кој за цел го поставува обединувањето на сите јазици (=народи) во Христа; и вториот, оној, тесниот и опскурниот, од кој Фотиј решително се откажал (како и сите останати гркојазични отци на Црквата, чии спомени ежегодишно ги празнуваме). Таквиот покрстен елинизам не само што не го укинува елинското (националното), туку го преобразува од паганско во Христијанско, давајќи му ја вистинската смисла и полнота – да ги привлече сите народи (не укинувајќи ги, а напротив на истиот тој начин преобразувајќи ги) кон Христа. Во делото на светите браќа Кирил и Методиј, благословено од светиот патријарх Фотиј, прекрасно се согледува мисионерскиот императив на православието – за секого да се стане сè, како би бил придобиен за Христа.

  2. Свети Фотиј е човек со кој се поврзани светите рамноапостолни Методиј и Кирил. Кај нас, обично, не се забележува улогата на патријархот Фотиј, но тој бил вдахновител на проповедта на словенските народи. И тој не бил само вдахновител на оваа проповед, туку (сега тоа може да се смета за докажано) тој бил иницијатор да се преведат Светото Писмо и богослужбените книги на говорниот јазик на словените. Тоа било сосема ново движење, ако се памети дека Западната Црква во времето на Фотиј го проповедала и читала Божјото Слово на латински јазик. Византиските Цркви, исто така, биле склони да го проповедаат христијанството на варварите на елинскиот јазик. Овде гледаме извесна новост во пристапот кон проповедта на Божјото Слово, и таа новост била успешна. Светите рамноапостолни Методиј и Кирил во 858 г, по препорака на Фотиј заминуваат во Херсонес, каде ги наоѓаат моштите на светиот папа Климент. Во 863 г. светите браќа на барање од кнезот Ростислав пристигнуваат во Моравија, каде ги преведуваат на словенски јазик богослужбените делови на Светото Писмо и главните црковни чинопоследованија.”

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s