Декаденција на половоста

Полот е една од тајните на создавањето на човекот. Библискиот расказ за создавањето на Ева од реброто на Адам, со својот митолошки јазик е само алузија за потеклото на еден надразумен аспект на човековата природа.

Отец Eugen J. Pentiuc, Адам од Рајот го нарекува: yet-to-be ‘humanity’. Според светите отци; Бог ја создава Ева со предзнаење за состојбата во која ќе се најде Адам по падот во грев. Адам како човек, маж (ish – евр., од коренот: -y-sh =да бидеш цврст) е нероден, а создаден. Ева како жена (ishshah – евр., од коренот: -n-sh = да бидеш немоќен, слаб) е од мажот (ish). Еврејските зборови: ish и ish-shah, во овој случај ги сугерираат значењата: човек и човечица.

Ова не значи дека женската природа не може да функционира самостојно (на пр. во монаштвото), но укажува дека во мажот е архетипот на сечовекот, на човековиот тоталитет.

Една од современите декадентни појави е т.н. менување пол или транссексуализам. Тоа всушност, не е ништо повеќе од травестија = пародија.

Иако св. Ап. Павле вели дека „во Царството Небесно нема ни машко, ни женско”, сепак христијанството вистински ја цени непроценливата важност и значење на полот. Во Православието дури може да се зборува за машка и женска духовност.

Како богосоздадена компонента на човековото битие, полот ни е даден неизменливо и само Бог го знае начинот на надминувањето на половите во Царството Небесно. Навестеното надминување на половите не значи дека човековата природа во Царството Небесно би станала андрогина, како што ни Адам не беше андрогин, пред од него да биде создадена Ева.

Во Црквата постојат два благословени начина за реализирање на полот: Светата Тајна Брак и Монаштвото.

И во Бракот и во монаштвото целта е станување една целина т.е. остварување на единството на својата личност во единство со Бога.

Во Бракот „една плот” првенствено не го подразбира половото телесно соединување. Телесното општење, ако нецелисходно се первертира и апсолутизира, дури ни во бракот не го гарантира соединувањето на двајцата брачници во едно битие. „Од сега човекот (ish) ќе ги остави своите татко и мајка и ќе се прилепи (dabaq) до неговата жена, па така тие ќе станат една плот (basar).“ Како што во еврејската антропологија, телото и душата чинат цврсто единство, “плот” во овој случај се однесува на телото и душата на двајцата. Така, мажот ги напушта своите родители за да се соедини со жената, па така двајцата може да станат она за што беа назначени од самиот почеток – тело опфатено од здивот на животот, имено – адам. Глаголот кој тука е употребен за дефинирање на спојувањето на мажот со неговата жена e “dabaq” =да се залепи, (се вели, на пример; за коски и кожа).

Менувањето на полот за човекот е неможно. „…Не можеш ни едно влакно од својата коса да направиш бело или црно” (Мт. 5:36). „А, кој од вас може, грижејќи се, на својот раст да му придодаде макар еден лакот” (Мт. 6:27)? Оперативните зафати можат да направат човекот да личи на маж или на жена, да делува како маж или жена… Познавајќи некој човек од раѓање, ние би постапувале (по)грешно, ако ги сметаме за изворни и достојни за идентификување неговите вештачки-направени полови промени. Со тоа и ние би биле вовлечени во неговата самоизмама, а нему би му правеле лоша „демократска” услуга и би го смирувале во неговата заблуда дека полот е право на избор. Кој полов идентитет ќе го почитуваме: оној што Бог му го дал при раѓањето и како таков го познава или оној што е плод на болната човекова природа? Конечно, транссексуализмот навистина се сведува на пародија со себе. А, самочувството, кое се смета за сериозен аргумент во полза на „корегирањето” на полот, може да биде и патолошко/гревовно. Бездруго, сите сме повикани на покајание кое, всушност е исцелување на човековата природа и доведување на сите душевни сили во нивниот богоблагословен поредок.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s