Света Литургија

1. Зборот Литургија означува заедничка работа или општо дело. Според тоа Божествената Литургија е Црковно дејство на собраните од Бога за служење, за молитва, за слушање на Словото, за поучување во заповедите Божји, за предавање на себеси во благодарност на Бога Отецот и за стекнување на живо искуство на Неговото Царство преку светата причест на Неговиот Син, Кој со Светиот Дух веќе присуствува во нас.

Православните ја извршуваат Божествената Литургија во недела, денот што истовремено го означува првиот и последниот ден на создавањето, или осмиот ден како што тој се вика во Светото Предание. Неделата е денот на Христовото воскресение од мртвите, денот на судот и Божјата победа, Денот Господов, кој уште сега, во животот на овој свет, го открива присуството и силата на Царството што доаѓа. На руски недела се вика воскресение.

Освен во неделите, Литургијата се служи и во празнични денови, а во манастирите, соборните храмови и во некои поголеми парохиски цркви, таа се служи и почесто.

Како заедничко дело на народот Божји, Литургијата може да се служи само еднаш во денот. Во неа се собираат сите членови на црковната општина на чело со пастирот, дури и малите деца и доенчињата, кои од денот на нивното крштевање имаат потполно учество во литургиското причестување. Секогаш сите, секогаш заедно – таква е традиционалната православна определба на Божествената Литургија.

Оваа служба не може да се смета просто само како една од многуте, или како акт на лична добродетелност, дури ни само како молитва или како една од тајните. Божествената Литургија е единствена, општа тајна на суштината на Црквата – како на земјата така и на небото.

Светата Евхаристија во Православното Предание се вика Тајна на Тајните или Тајна на Црквата. Таа е срце на црковниот живот, извор и цел на сите црковни учења и установи.

Зборот евхаристија значи благодарење. Општото значење на Евхаристијата како господова трпеза е благодарење на Бога во Христа и Светиот Дух, за сè што Тој направил во создавањето, спасението и прославување на светот.

Тајната Евхаристија исто така се вика и Света Причест, зашто таа е мистична заедница на луѓето со Бога, на едни со други и заедница на сите луѓе и сите созданија во Бога преку Христа во Светиот Дух.

Православната Црква го отфрла учењето за тоа дека евхаристиските Свети Дарови се само интелектуални и психолошки симболи.

Меѓутоа, зборувајќи за евхаристиските Дарови, православното предание, сепак, често го употребува терминот симболи, а литургијската жртва ја нарекува духовна и бескрвна.

Црквата се користи со овие зборови затоа што во Православието – реалното, изворното, стварното не му се спротивставува на символичкото, духовното или мистичкото. Напротив, според православното гледиште сета стварност: светот и самиот човек – се реални и притоа и символични и мистични до таа мерка, што самата таа стварност ни го открива и објавува Бога.

Евхаристијата во Православната црква е сфатена како вистинско Тело и вистинска Крв Христова. Така, јадејќи го лебот и пиејќи го виното коишто се мистично осветени со Светиот Дух, имаме вистинско соединување со Бога преку Христа којшто самиот се нарекува Леб на животот (Јн. 6, 34, 41).

2. Литургискиот христијанин живее во единството на верата и животот, на човечкото и божественото, на живите и упокените, на сегашниот и идниот век, на својата личност и другите личности.

Во ова единство живееше нашиот народ кога имаше нагласен црковен живот.

Центар на целокупниот живот на православните населби (на селата и градовите) кои живеја според светото предание беше парохиската црква, како што е соборниот храм во манастирите.

Раѓањето, смртта, крштевањето, бракот, училиштето, работата, општествените односи, радоста и жалоста, сите манифестации на општествениот живот поминуваа низ литургијата и Црквата. На крај се станувало Црква. Така, поединечните служби во животот на верните во светата Евхаристија наоѓале свое единство и поредок.

Колку што се оддалечува нашиот народ од своите православни корени, од своето живоносно православно предание, толку и различните служби во неговиот општествен живот престануваат да бидат поврзани со светата Евхаристија и заради тоа престануваат да функционираат правилно, престануваат да го обединуваат човекот и да го помагаат да дејствува како битие според иконата Божја.

Православните општожителни манастири се обрасци на правилното функционирање на човекот и неговите заедници. Во манастирот центар е соборната црква и сè друго се организира околу неа (конаците, мноашките послушанија). Појдовна точка на заедничкиот живот е секојдневното вршење на светата Евхаристија. Целта е служење на Бога и принесување на целиот живот на Христа. Поради тоа, животот може да биде и заеднички, верата и љубовта соборни и така смрта да се победува, сè ново да се твори и да се обновува во чудната и најпрекрасна промена.

Кога православните се накалемуваат на литургискиот дух на општожителството, кој всушност е литургискиот дух на Православието, тогаш се спасуваат од силните и разорни струи на светот. Живеењето според светот, всушност, е обид животот да се организира надвор од литургијата и Црквата.

Христијанинот не може да се смета за православен, ако не живее литургиски. Светата Литургија и богослужењето не се просто само „шанса”, нешто што е во програмата на неговиот живот, туку таа е живоносен калем на кој се калеми и кој го преобразува севкупниот негов живот. Светата Литургија е нашиот центар, основа, почеток и крај. Само во светата евхаристија човекот станува вистински човек, значи, битие според иконата Божја.

Принесувајќи се себеси и сè друго принесувајќи со Христа на Бога, човекот дејствува како битие според иконата Божја. Навистина станува човек.

според материјали од протоереј Томас Хопко и архимандрит Георгиј (Капсанис)

One thought on “Света Литургија

  1. Spored posednoto Evangelie ;Od deset dusi izleceni samo eden se vratil da blagodari i ne od povikanite nego od neznaboscite’.Toa istoto vazi i za deneska ,site dobivame a osnovnoto go zaboravame, Blagodarenjeto,t.e. Efharisstijata. Hristos pomegu Nas.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s