пpотојереј Георгиј Флоровскиј ДОЛИНА НА СМРТНАТА СЕНКА

Коски суви! Слушајте го Словото Господово! (Језекиил. 37).

Чудесно видение му било откриено на Пророкот. Со Божјата Рака пророкот Језекиил бил земен во долината на смртта, долината на очајанието, мртвата пустелија. Таму ништо во себе немало животен здив.

Наоколу само исушени коски, “многу” исушени коски и ништо повеќе. И тоа е сè, што останало од некогаш живото. Животот исчезнал. А, на пророкот му било поставено прашањето: “Ќе оживеат ли овие коски?” (Јез. 37:3). “Може ли повторно да се врати животот?” Одговорот за секого би бил сосем очигледен – не. Животот никогаш не се враќа назад. Она што умрело еднаш – умрело засекогаш. Правот и пепелта не можат да бидат извор на живот. “Ние ќе умреме и ќе бидеме како вода, излиена на земјата, која не може да се собере” (2.Цар. 14:14). Смртта е неизбежниот крај, целосен рспад на сите човечки очекувања и стремежи. Смртта е последица на гревот, резултат е на падот на прародителите. Смртта не е создадена од Бога. Смртта немала место во Божествената Замисла на устројството на светот. Да умре – било ненормално и неприродно за човекот. Дури физичката смрт, т.е. разделбата на душата од телото, била неприродно оддалечување од Творецот. Човечката смрт – е “отплата за гревот” (Рим. 6:23).

Кај мнозинството современи христијани ваквото библиско разбирање на смртта се изгубило. Смртта се восприема поскоро како ослободување на бессмртната душа од неиздржливото ропство на телото. Сепак, тој многу распространет однос кон смртта е сосем туѓ на духот на Св. Писмо. Всушност, тоа е елинската, паганска точка на гледање.

Смртта – не е ослободување, туку катастрофа. “Плачам и ридам, кога со мислата ја опфаќам смртта и гледам како лежи нашата човечка убавина ­- според образот Божји создадена, без образ, обесславена, без изглед! О, тајна восхитна, што над нас луѓето се извршува! Како се предаваме на гнилежност? Како се соединуваме со смртта?” (Св. Јован Дамаскин, Чин на погребување). Мртвиот човек веќе не е човек во целосната смисла на овој збор, затоа што човекот – не е бестелесен дух. Телото и душата ја зачувуваат едната целост, тие припаѓаат еден на друг. Нивната разделба е изопачување на човечкото суштество. “Развоплотената” душа – е само дух. Бездушното тело – е само мртва плот. “Зашто во смртта нема споменување за Тебе, во гробот кој ќе Те слави?” (Пс. 6:6) И понатаму: “Зарем над мртвите Ти ќе твориш чудо? Зарем мртвите ќе станат и ќе Те слават? Или во гробот ќе се возвестува Твојата милост, и Твојата вистина – во местото на гниење? Зарем во темнината ќе ги познаат Твоите чуда и во земјата на заборавот – Твојата правда?” (Пс. 87:11-13). И псалмопеецот бил апсолутно убеден, говорејќи, дека мртвите “од Твојата рака се отфрлени” (Пс. 87:6).

Смртта е безнадежност. Така, единствено можниот одговор од гледна точка на човекот е: “Не, сувите коски нема да оживеат.” Но, Божествениот одговор бил току спротивниот од овој човеков одговор. И тоа бил одговор не просто на зборови, туку моќно дејство на Бога. Впрочем, и сè се твори со Божјото Слово: “Зато, Тој рече, – и се создадоа, Тој заповеда – и се појави” (Пс. 37:9). И повторно Господ одоговара со дејство. Тој го испраќа Својот Светол Дух и го обновува лицето на земјата. Божјиот Дух – е Животодавател. Пророкот бил сведок на зачудувачко преобразување. Со Божјата Сила сувите коски повторно биле соединети во едно, добивајќи форма, повторно биле покриени со жива плот и животниот здив се вратил во телото. И ете, тие восстанале во полна сила, образувајќи со себе “многу, многу голема војска” (Јез. 37:10). Животот се вратил, смртта била победена.

Објаснувањето на ова видение се состои во него самото. Сувите коски – тоа е “Домот Израил,” избраниот Божји народ. Според своите гревови, според своето предавство кон Бога, “апостасијата,” Израил бил мртов. Тој паднал во јамата што си ја ископал самиот за себе, бил поразен и отфрлен. Тој ја изгубил својата слава. Израил, возљубениот од Бога и восиновениот – е народ своеглав, метежен и инаетлив, но сепак – избраниот народ. И Господ од долината на смртната сенка го изведува на зелена ливада, го извлекува од прегратката на смртта, го вади од бездната, од јамата и го очистува од злосмрдливата кал.

И ете, пророштвото се исполнило. Долгоочекуваното ослободување дошло. Ветениот Ослободител, Откупител, Месијата дошол во подготвеното време и неговото име било Исус, “зашто Тој ќе ги спаси луѓето свои од нивните гревови” (Мт. 1:21). Тоа е Тој – “Светлината за просвета на незнабошците и Слава на Твојот народ – Израил” (Лк. 2:32). И одеднаш се случува нешто неразбирливо, нешто просто парадоксално. Тој не бил познаен и “примен.” Од својот народо бил отфрлен, со Него се подбивале, Го осудиле и го предале на срамна смрт, небаре е лажен пророк кој ги мами луѓето. Сето тоа се случило бидејќи Божествената замисла за доаѓањето на Спасителот била токму противположна на плотските претстави за него. Наместо земски Цар-Освојувач, кој толку го чекале јудеите, дошол Исус од Назарет, “кроток и смирен по срце” (Мт. 11:29). Царот на Небото, Самиот Бог на боговите, слегол на земјата, Царот на славата – во образ на слуга. И Тој дошол, не за да му служат, туку Самиот да послужи и да ги успокои сите “кои се трудат и се обременети.”

Наместо за Своите луѓе да го утврди правото на политичка надворешна слобода и независност, Тој им дарувал и на сите луѓе спасение. Тој го дарувал Заветот/Сојузот на Вечниот Живот. Наместо плотското, политичко ослободување, Тој донел ослободување од гревот и смртта, дарувал простување на гревовите и Вечен Живот. Тој дошол при своите и своите не го “примиле”. Тој бил предаден на неславна смрт, “и во злосторници бил приброен” (Исаија 53:12). Во тајната на Крстот, Самиот Живот, Божествениот Живот, бил предаден на смрт од луѓето. И повторно Господ дејствува. “Овој по определен совет и Божјо предзнаење предаден, вие го фативте и приковувајќи го со беззаконите раце, го убивте; но Бог го воскресна Него, раскинувајќи ги синџирите на смртта: бидејќи, таа не можеше да го задржи Него” (Дела. 2:23-24, зборови на ап. Павле). Повторно животот ги раскина оковите на смртта. Христос воскресна. Тој излезе од својот гроб, како Женик/Младоженец од својата соба. И заедно со Него воскресна целото човештво, секој човек – без исклучок. Тој – е Првенец од умрените и по Него следат сите, секој во својот поредок (сп. 1 Кор. 15:20-23). “Како што гревот царствувал за смртта, така и благодатта да се зацари преку праведноста за вечниот живот преку Исуса Христа, нашиот Господ” (Рим. 5:21). Пророштвото на Језекиил во Православната Црква се чита на торжествената Утрена на Велика Сабота, кога сите верни се повикуваат кон Гробот на Господа, од кој сега на сите созданија изобилно се излива Животот.

Во прекрасни молитви и песни, посветени на овој ден (меѓу кои е “Пофалби” – едно од најдрагоцените творби на Црковната поезија) вака ја опишува и прославува таа голема Тајна: животот беше заклучен во Гроб и Животот изгреа од Гробот. “Еве, во мртвите се прибројува Оној што во висините Живее и во мал Гроб чудно се прима” (Канон на Утрената на Вел. Сабота, песна 8, ирмос). Верните се повикуваат на созерцување и поклонение на Тајната на Живото-содржинската и Живото-носителната гробница. Но, древното пророштво сè уште останува пророштво или, подобро да се рече, пророштво и сведоштво. Да, животот изгреа од гробот, но полнотата на животот уште епред нас. Целиот свет, сите луѓе, дури и откупените од Христа, самата Црква, сè уште се во долината на смртта.

Новиот Израил, новиот Избран Божји Народ, повторно е сличен на исушените коски. Колку малку вистински живот има во секого од нас. Животниот пат на човекот сè уште е трагичен и небезопасен, и сите ние повторно се најдовме во долината на смртта. Секој, кој макар еднаш можел да види урнатини од некогаш процветан град со сета острина ја чувствува страшната сила на смртта и уривањето. Човек сè уште останува носител на ужасната зараза – смртта и маката. И секој може да очекува дури и полошо, зашто корен на смртта – е гревот. И нема ништо чудно, што денес од различни страни сè поостро се осознава сета сериозност на гревот. Старата изрека на блжени Августин наоѓа сè понови одгласи во човечките души: Nondum considerasti quati рonderis sin рecctum. (“Никогаш нема да ја разбереш сета тежина на гревот”).

Да, силата на смртта е сотрена, Христос навистина воскресна! Царот на животот, Кој умре, царствува вечно. Божјиот Дух, Утешителот, Давателот на живот беше испратен на земјата, за да ја запечати победата на Христа, и тој Дух престојува во Црквата од денот Педесетница. Дарот на животот им се дава на луѓето неизменливо, преизобилно, неоскудно. Дарот на животот ни се дава, но не сеогаш се “прима” со подготвеност, затоа што, за да се приопштиме на животот, мора да ги надминеме сите плотски/телесни похоти, “да ја оставиме секоја животна грижа” пристрастност, гордост, предрасуди, омраза, себељубие, самодоволност… Инаку, може во себе да го изгубиме Божјиот Дух. Бог цело времечука на вратата на човечкото срце и самиот човек не Му отвора. Бог никогаш не “разбива” за да влезе. Тој го уважува, според зборовите на св. Иринеј Лионски, “древниот закон на човечката слобода,” востановен од него самиот. Да, нема сомнение дека без Него, без Христа, човекот не може ништо.

Но, постои едно нешто, што може да го направи само човекот: да одгвори на Божествениот повик и да го “прими” Христа. Но, ни од далеку не секој успева во тоа. Ние живееме во многу неспокојно и беспоштедно време. Чувството дека човештвото е во безопасност – одамна е изгубено. Изгледа како целата наша многувековна цивилизација само што не се уранала и распаднала на мали парчиња. Целта на сето движење, исто така, се покажа неразбирлива. И оттука, од ќор-сокакот не ќе биде најден излезот до тогаш, додека не биде преземено нешто радикално. До тогаш, додека… На јазикот на христијанството тоа “додека” означува: до тогаш, додека ние да се покаеме, до тогаш, додека ние да помолиме за дарот на покајанието. Животот изобилно се дава на сите, а ние сме мртви. “Покајте се и обратете се од сите престапи ваши, за нечесноста да не ви биде пречка. Отфрлете ги од себе сите ваши гревови, со кои вие згрешивте, и создајте си ново срце и нов дух и зошто да умирате, доме Израилев? Зашто, Јас не ја сакам смртта на оној што умира, говори Господ Бог, туку обратете се, и ќе живеете!” (Јез. 18:30-32). Постојат два пата. “Еве, Јас денес ти ги предложив животот и доброто, смртта и злото… Како сведоци пред вас ги повикувам денес небото и земјата: животот и смртта ти ги предложив Јас на тебе, благословот и проклетството. Избери го животот, и за да живееш ти…” (Втор. 30:15-19)

Да го избереме животот… И повторно целиот наш живот да го посветиме на Бога, “да Го примиме,” да Го признаеме Него како наш единствен Господ и Владика не само во духот на формалната покорност, туку и во духот на љубовта. Да се љуби Тој – значи да Му се служи Нему, значи да се прима Неговата волја како наша сопствена, Неговите цели и желби, како наши сопствени цели и желби. “Јас веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае, што прави неговиот господар; туку, Јас ве нареков пријатели, затоа што ви кажав сè, што слушав од Мојот Отец” (Јн. 15:15). Господ ни го оставил делото на Своите раце за ние да го понесеме и завршиме. Ние мораме да влеземе во самата суштина на Неговиот откупителен подвиг. И нам ни се даваат сили да го направиме тоа. Нам ни се дава власт да бидеме чеда Божји. Па, дури ни на блудниот син не му било дозволено да го изгуби своето синовско достоинство, не му било дозволено да стане еден од наемниците. А ние, уште повеќе од тоа – Христови членови сме во Црквата, која е неговото Тело. Преку Светиот Дух ние во себе го примивме Неговвиот живот. И затоа ние мораме да застанеме поблиску еден до друг, ние мораме целиот живот да се стремиме кон тоа единство, за кое во последните часови пред Страданијата и Крстот мислел Спасителот: Сите да бидта единствени во верата и љубовта, единствени во Него.

Светот се уште е разделен. Колку многу раздори и поделби има дури меѓу оние, што себе се нарекуваат Христови. Да се биде во мирни односи со сите – еве кон што моарме да се стремиме. Судбината на човекот не се решава на полето на битките и не во расправите на политичарите. Судбината на човекот се решава – во неговото срце. Ќе биде ли тоа затворено дури и тогаш, кога Небесниот Отец ќе чука на неговата врата или човекот како одговор на повикот на Божествената љубов со готовност ќе отвори? Дури во нашите мрачни денови остануваат признаци на надеж. Сега не е толку “темно среде бел ден,” сега е време, кога силно свети сонцето во самата длабочина. Стремежот кон единството расте.

Но, вистинското единство може да се пронајде исклучиво во самата Вистина, во полнотата на Вистината: “Укини ги раздорите на Црквата, угаси ги метежите пагански, еретичките востанија бргу угаси ги со силата на Твојот Свет Дух” (Молитва што ја чита свештеникот на Литургијата на Св. Василиј Велики). Животот ни се дарува во изобилие. Ние сме должни да бидеме многу внимателни, за да не поминеме покрај денот на нашето спасение, како древниот Израил што поминал покрај својот ден. “Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како птица што ги собира своите птичиња под крилјата, и вие не посакавте!” (Мт. 23:37). Да го избереме животот во познанието на Отецот и Неговиот Еднороден Сина, нашиот Господ, во силата на Светиот Дух. И славата на Крстот и Воскресението ќе биде јавена во нашиот живот. А, славното древно пророштво ќе се исполни повторно… “Еве, Јас ќе ги отворам вашите гробови и ќе ве изведам вас, Мојот Народ, од вашите гробови и ќе ве изведам во земјата на Израилот… И ќе познаете, дека Јас, Господ го кажав тоа – и го извршив, говори Господ” (Језекиил 37:12-14).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s