Старец Филотеј (Зервакос)

zervakos.jpgБлажениот старец Филотеј (Зервакос) се родил во мај 1884 г., во малото село Пакиа, на Пелопонез. Неговите благочестиви родители Панајотис и Катерина на Крштението му го дале името Константин. Од рана возраст Константин бил богобојазливо дете и секојдневно ја посетувал црквата. Во неговата автобиографија постои расказ, кој сведочи за тоа, со каква острина малото момче преживеало некое видение: “Кога имав осум или десет години… Ѓаволот се појави пред мене во стара закрпена облека и обувки, со ужасно лице и со рогови на главата. Тој стоеше на метар од мене и фрлаше камења; тие паѓаа покрај мене, но не ме погодуваа.”

Кога Константин го завршил основното училиште, родителите го запишале во педагошко училиште. На 17 години тој станал учител. Момчето сакало да отпатува во Америка, за таму да предава во школата при една од грчките парохии. Но, Бог судел поинаку. Откако ги прочитал житијата на света Варвара, преподобните Јован Дамаскин, Антониј Велики и другите, Константин почувствувал божествена сладост во срцето, така што тоа се раазгорело со огнена љубов кон Бога и кон сè божествено. По цели денови, спомнувајќи си за Житијата, тој повторно и повторно ги преживувал страданијата на мачениците за верата и сладостната тишина на пустиножителните монаси. Неговиот ум бил зафатен само со мисли за Бога и за небесното. Така во него се разбудила желбата да стане монах. Тој ја кажал својата желба на мајка си и во истата ноќ му се јавиле демони во вид на фантастични чудовишта, кои му се заканувале дека ќе го убијат, ако тој не се откаже од својата намера да стапи на патот на монашкиот живот. Опфатен од страв, Константин ја повикал на помош Богородица. Одненадеж, нејзина икона се спуштила од небото – и демоните исчезнале. Кога иконата почнала да се подига, демоните се вратиле уште повеќе разгневени. Така се случило двапати. Третиот пат Константин се фатил за иконата и не ја отпуштал додека не си дошол при себе. Разбудувајќи се, тој отстојал, целиот треперејќи, до самото утро.

Од тоа време Константин почнал да се плаши да излегува од дома кога се стемнувало. Чувството на својот повик кон монашкиот живот, прв пат почувствувано, постепено ослабнувало. Истовремено световните нешта го искушувале, но Бог не го оставал и го чувал, иако момчето ја подзаборавило својата намера да го остави светот. Наскоро тој станал учител во соседното село Пиникион. Освен работата во школата, тој многу време поминувал, свирејќи на мандолина и гитара. На барање на жителите, момчето кое имало прекрасен глас, пеело песни на плоштадот, и тие дури го нарекле – славеј. Еднаш тој гостувал кај пријател. Здогледал една книга со прекрасни корици, која се викала “Брилијантите на рајот” – зборник од житија на светите и други духовни дела. На Константин срцето повторно му се запалило со љубов кон Бога, ја зел книгата и веднаш заминал дома, за да ја прочита. Откао повторно го почувствувал допирот на благодатта, тој решил да го остави световното; музиката, дружењето со луѓето и сè друго, што би го сврзувало со светот. Мислите за смртта и за тоа, како неговата душа ќе застане на Страшниот суд, особено подејствувале на него.

Константин продолжил да учителствува и имал силно влијание на чувствителните срца на своите ученици. Тој говорел: “Јас сакав; верата и стравот Божји така да ги проникнат нивните срца, та родителите да ги видат како Божји ангели.”

Кога момчето стапило на патот на благочестието, станувајќи пример и за ближните, кај него повторно се вратиле демоните, сакајќи со нова сила да го мачат. Во неговата автобиографија има многу силни описи на неговото соочување со нив. По една таква битка тој раскажувал: “Јас се најдов таму, каде што престојуваат демоните. Видов многу нечисти духови кои работеа како во фабрика, изнаоѓајќи секакви стапици за ловење на луѓето.” На крај, тој го победил стравот од темнината и стравот од демонските напади, помислувајќи за тоа дека Бог, кој дење се грижи за него, без сомнение, нема да го остави ни ноќе. Со порасната вера и смелост, тој почнал ноќно време да посетува параклиси, во глувите селца, молејќи се додека светот спиел. И секогаш, кога на него се нафрлале демоните, тој се молел на Богородица, и таа доаѓала да му помогне.

Повикот кон монашкиот живот – каков што тој очигледно чувствувал – се засилувал во него. Но, родителите се противеле на неговата желба да го остави светот, особено таткото, кој се заканувал дека ќе се самоубие. Во потрага по обител/манастир, кој за него би станал дом, Константин странствувал бос, без никакви предмети, само со Библијата и најпотребната облека во ранец. Така тој пристигнал во Патра, изморен и сосем истоштен. Овде отецот Евсевиј (Матопулос) му посоветувал да се врати, за да го исполни својот долг кон татковината; да оди во армија: “да го даде на кесарот кесаревото” и дури потоа да му послужи на Небесниот Цар.

Во 1905 г., на возраст од 21 година, Константин пристигнал во Атина, каде и бил повикан во воената служба. Во текот на двеипол годишната воена служба тој имал можност да го продолжи своето образование во вечерите. Така, тој ги посетувал проповедите на отец Евсевиј, кој исто така се преселил во Атина. Додека Константин служел во Атина, тој имал среќна можност да се запознае и да разговара со; свети Николај (Планас) и свети Нектариј Пентаполски. Кога ја завршил воената служба, Константин го прашал светителот Нектариј, каде да го започне својот монашки живот. Отец Нектариј одговорил: “Твојата цел е добра, јас те советувам да одиш во Лонговардскиот манастир во Парос, каде што братството е добродетелно и многобројно.” Но, 23-годишниот Константин, стремејќи се да ја оствари многугодишната желба на својот живот, тргнал на север, кон Македонија, која била контролирана територија од турците, и поточно на Света Гора Атон.

Пристигнувајќи во Солун, тој веднаш тргнал да се поклони на моштите на светиот маченик Димитриј, кого многу го сакал и пред кого благоговеел. Наскоро турците го фатиле и го обвиниле за шпионажа. Благочестивиот млад човек бил осуден на смрт од секретарот на пашата, но пашата, повикувајќи се на тоа, дека сите околности на случајот не му се познати, не ја потврдил казната. Тој го ослободил момчето, враќајќи го назад во Атина.

По неколку години Константин дознал, зошто пашата го помилувал. Неговиот другар, со кого тој патувал во Солун, му раскажал што слушнал од пашата.

Еве што раскажал пашата. “Еднаш наутро јас мирно спиев, кога одеднаш свети Димитриј ми се јави, облечен во генералска униформа и со оружје. Тој строго ме погледна и ми нареди: “Веднаш станувај! Облечи се, обуј се и оди во тоа-и тоа место во градот, за да го ослободиш младиот човек, кој без суд и без истрага е осуден на смрт од твојот секретар. Штом ќе го ослободиш, испрати го на параходот “Микали”, кој се подготвува да отплови кон Грција.” Јас побрзав да го ослободам маладиот човек и да го испратам во Грција.”

Константин се покајал за својата непослушност кон светителот Нектариј и, конечно, се упатил кон Лонговардскиот манастир, каде што игуменот и браќата го примиле со голема љубов и радост. По седум месеци, откако пристигнал во манастирот, во декември 1907 г., тој бил пострижен во мала схима со името Филотеј, што значи: “Богољуб”, а следниот ден бил посветен во ѓаконски чин. Со благослов на својот духовен отец по неколку години, во 1910 г., отец Филотеј направил поклоничко патување на Света Гора. Тој таму остварил неколку душеполезни познанства, но бил разочаран од општата духовна состојба на светогорците. Враќајќи се преку Солун, отец Филотеј повторно бил приведен од турците како осомничен за шпионажа. И повторно свети Димитриј му дошол на помош.

Отец Филотеј се вратил во Лонговарда, каде што во април 1912 г. бил ракоположен во свештеничи чин, а во октомври следната година бил произведен во чин архимандрит. Тоа произведување означило важна промена во животот на отец Филотеј: Тој почнал да исповеда и да произнесува проповеди на Егинските острови, а подоцна и во Атина, на Пелопонез и во други делови на Грција. Во март 1924 г. тој извршил големо патување, исповедувајќи луѓе и проповедајќи во јужна Грција, на Крит, во Палестина, Арабија, Египет и на гората Синај. Отец Филотеј бил многу восхитен од посетата на Светата Земја и потоа ги убедувал христијаните да одат таму на поклоништво, а да не патуваат по Европа.

Во истата година настанал големиот смут во Црквата заради новото воведување на григоријанскиот календар, прифатен во 1923 г. од Константинополскиот патријарх Мелетиј (Метаксакис), а во 1924 г. – од Синодот на Грчата Црква.

(Отец Филотеј пишувал, дека, од една страна – новиот календар не бил воведен во Православната Црква ни од Вселенски Собор, ни од Поместен Синод. Напротив, Константинополскиот патријарх Мелетиј (Метаксакис), кој бил масон од 33-ти степен, заедно со шест неправославно-мислечки јерарси, го вовеле календарот неканонски и незаконски, покажувајќи го своето непочитување на Православната Црква и традициите на светите апостоли и светите отци. Од друга страна, почитувајќи ја групата на старостилците, кои се одделиле од официјалната Црква, старецот пишувал, дека и тие исто така, потпаѓаат под анатема како нарушители и презирачи на големата заповед за љубовта: “Тие ја презроа неа, ја нарушија, отфрлија, се мразат еден со друг, се гризаат еден друг, се нафрлаат еден на друг.” Тој особено жалел за тоа, што “некои ревнители на стариот календар веруваат и тврдат, дека Светите Тајни без календарот се недејствени и без календарот нема спасение. Најголема ерес, каква уште немало!”)

Поделбата што се појавила во врска со нововводувањето, ги повредувало односите меѓу православните христијани, кои се придржувале до традиционалнниот и до новововедениот календар. Тие станувале меѓусебни непријатели. Сето тоа на старецот му причинувало големи страдања, и тој се молел за восстановување на традиционалниот црковен календар и за помирување на двете групи. Дури и потоа старецот не се одделувал од својот епископ кој ги прифатил измените, но и не се придржувал до новиот календар, останувајќи еден од најотворените противници на новововедениот календар. До крајот на својот живот старецот тврдел, дека, иако причина за поделбата нила воведувањето на григоријанскиот календар и единствениот пат кон обединување е враќањето кон јулијанскиот календар, ни една од страните не е без заблуди и двете страни потпаѓааат под различни анатеми. “Четириесет години го молев и го молам Бога да ја запре оваа ужасна бура, ова бурно море во црковната средина, да донесе мир, и еднаш ноќе невидлив глас ми рече: “На своеволните од Бога им се испратени искривени патишта”. Јас се надевам, и се молам, и го намолувам Небесниот Отец да ги просвети црковните водачи да престанат да се напаѓаат еден со друг, туку да се помират и да го вратат во Црквата православниот календар, кој ни е даден од отците.”

Во 1930 г., кога Јеротеј, игуменот на Лонговарди, се упокоил, архимандритот Филотеј бил избран на неговото место. Тој тогаш имал 46 години, но се одликувал со најголемо благочестие, непоколеблива вера во Бога, трудољубивост, смирение и ревност кон црковните традиции, и многумина го почитувале како свет подвижник. Како дополнување на своите зголемени обврски во манастирот, отец Филотеј продолжил да прави мисионерски патувања во другите делови на Грција за проповедање и духовно хранење на Божјиот народ.

За време на италијанската и германската окупација (1941-1944) тој неуморно се трудел, помогајќи им на бедните и гладните на Парос. Од 150 до 200 жители на островот секојдневно добивале храна во манастирот, и ако не би ја имале поддршката од братството, од глад би можеле да умрат околу 1500 луѓе. Отец Филотеј се застапил пред германскиот комесар на островот за 125 млади луѓе, осудени на смрт. Комесарот немал намера да отстапи, но се согласил, кога отец Филотеј предложил; и самиот тој да биде казнет заедно со осудените.

По војната отец Филотеј ја продолжил својата мисионерска дејност. Неколку пати во годината тој патувал на различни острови и во многу села и градови на северна и јужна Грција, поучувал, советувал и исповедал. Освен управувањето со Лонговардскиот манастир, тој поддржувал и некои женски манастири. Во својата автобиографија тој напишал, дека за време на тие мисионерски патувања “бев толку истоштен, што паѓав во постелата мислејќи дека никогаш веќе нема да застанам на нозе, туку ќе умрам или, од болест, многу денови ќе лежам неподвижен и бездејствен. Но секогаш, разбудувајќи се наутро, се чувствував исцелен и сосем здрав. Тоа ме поразуваше и ми помагаше да ја осознаам својата ништожност и слабост заедно со силата на Божјата благодат (без која ништо не можеме да направиме).”

Освен даровите; да исповеда и да проповеда, отец Филотеј имал и писателски талент. Во писмо до него, Такис Папацонис го фали, забележувајќи дека, неговиот “писателски дар може да се споредува со врвните трудови на образованите отци на Црквата.” Отец Филотеј бил плоден писател. Тој издал само девет книги, иако има напишано огромен број статии, брошури и околу десет илјади писма со духовна содржина до духовните чеда по целиот свет. Блажениот старец пишувал за да го поддржи Божјиот народ во борбата за својата вера и да повикува да останат верни на свештеното Предание, наследено од отците на Црквата.

Старец Филотеј продолжувал да го поткрепува и води Божјиот народ до самата своја смрт. Неколку недели пред неговото упокојување, него го посетил архимандритот Дионисиј, игумен на монастирот Симонопетар, еден од неговите духовни чеда. Тој ја исслушал последната исповед на отец Филотеј, а следниот ден старецот се причестил со светите Христови тајни. Тој умрел наскоро, на 8 мај 1980 г.

По неговото упокојување луѓето од сите краишта на Грција со надгробни слова ги фалеле неговите добродетели. Игуменот Гавриил (1886-1983), настојател на манастирот Дионисијат на Света Гора, напишал едно од најпрекрасните и трогателни проштални слова: “Пред дванаесет денови наставникот на нашиот духовен круг заспа со вечниот сон – учител и раководител на тајноводствениот живот на нашата земја, преподобниот отец Филотеј, гордост на монаштвото – три четвертини од животот помина учејќи го народот со добри дела и со зборови, толку неопходни за секој православен христијанин. Јас не можам да пронајдам зборови, достојни за големиот проповедник на покајанието и столб на Православието.”

Од книгата на англискиот православен богослов Герман Мидлтон: “Драгоцени садови на Светиот Дух: Животописи и духовни совети на современи грчки старци” (Солун, 2003).

pravoslavie.ru

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s