Старец Јоаким од скитот „Света Ана”

„Помеѓу небото и земјата постои еден предел, кој, еве веќе илјада и триста години се разликува од секој друг простор на земјата. Неговото земјиште е натопено со неговиот дух, во себе има нешто особено, а неговиот живот излегува од општите историски рамки. Населен е со луѓе кои не се задоволија со ништо од она што светот би можел да им понуди. Тие луѓе, гонети од силна метафизичка жед, почнаа да трагааат по нешто што на земјата не е и го нема. Тие, значи заминаа таму каде што завршува земјата, а почнува Небото: на Атос. И ете, таму преку истраен и тежок подвиг, го најдоа она што го бараа…”

joakim.jpg

Вака го почнува својот предговор архимандритот Херувим, кој го напиша животописот на старец Јоаким и на неколкумина големи светогорски испосници и духовници, а со чии податоци ќе се користиме и ние во редовите што следат, надоврзувајќи на нив некои согледувања и заклучоци од животите на современи светогорски великани. Патем ќе спомнеме дека, како нашите грчки изворници, така и ние овде го опишуваме накратко само животот и подвизите само на упокоени Светогорци, и тоа од две причини: затоа што живите подвижници, што и е природно во духовниот живот, од смирение ги кријат своите добродетели и дела, и затоа што самите Светогорци и до ден-денес не веруваат во ничија светост, ни величина, додека таа не биде запечатена со праведничка смрт.

Горенаведените зборови за земјата помеѓу небото и земјата, која е Света Гора, и за тоа дека во неа христокопнежните души го наоѓале бараното − смислата и целта на својот живот, буквално го нашле својот израз и одраз во животот на отец Јоаким.

Во Каламата, скромно грчко гратче на јужен Пелопонез, од некогашните негови јужнословенски освојувачи наречен Морејска земја, во 1895 г., во чесно и побожно семејство се родил Јован Николаидис. Израснал во својот крај, таму завршувајќи го основното училиште и гимназијата. Воспитуван во благочестие, од најкревка младост тивок и повлечен, предаден на молитва и размислување, уште повеќе и засекогаш се загледал во светлозрачниот лик на Господ Христос, а срцето му пламнало со незгаслива љубов кон Бога, кога некако уште за време на своето гимназиско школување се запознал и духовно се сродил со испосникот Илија од својот крај, човек прост и неучен, но надарен со силна вера и со огнено проповедање на покајанието. Тој скромен и непознат подвижник од народот − Илија, засекогаш ќе остане духовен вожд и образец за угледување на Јован Николаидис − тогаш момче со разбудена душа, а подоцна знаменит духовник.

По завршената гимназија, Јован заминува во Америка на дополнително школување. И таму се истакнува со своите способности, а уште повеќе со својата духовна сила − неговата вера. Таа имено, во богатата, а неправославна Америка, останала чиста и незасегната, како никогаш да не заминал од својот православен, патријархален крај на југот од Балканот. Затоа и станал еден од главните соработници на грчкиот епископ во Америка − Пантелеимон, тогашен егзарх на Ерусалимската патријаршија во новиот свет.

Еден ден владиката Пантелеимон ќе го запраша својот даровит млад соработник: − „Чедо мое, уште одамна сакав да те прашам какви ти се намерите за во иднина. Да останеш засекогаш чиновник при епископијата и црковен проповедник во цивилство, ми изгледа дека не е твој повик и твој дар. Не ти изгледа ли и тебе дека Господ те вика и повикува на уште повозвишена работа во Лозјето Негово, на службата во свештеничкиот чин?”

Владиката се восхитил од скромниот, смерен и духовен одговор од Јован: − „Јас лично би бил многу рад за тоа, свети владико. Но, мојот духовник ме научи дека е грешно да се сака свештеничкиот чин за секого што ја чувствува својата немоќ и недостојност, а јас и тоа како ја чувствувам и знам. Само ако Бог изрично би ме повикал, и против моја волја, тогаш со страв и трепет во душата пред големината на задачата, би се покорил на гласот Божји.”

Кога го слушнал овој одговор, изречен без колебање, а толку длабоко проникнат со Преданието на Црквата, со духот на светите Отци, како лично да го срочил свети Јован Златоуст, писателот на делото „За свештенството”, со кое го брани своето непримање на свештеничкиот чин, владиката возбуден станал и му рекол на Јован: − „Слушај, чедо мое, еве преку мене Господ те повикува да му се посветиш и да му служиш како Негов свештеник.”

Сега беше редно Јован да се збуни. Не е шега; кога неговиот епископ, кој, како и секој православен епископ на светот, е жива икона на живиот Господ Христос, бара од него да стапи на патеката на свештенослужењето во Домот Божји, тоа значи дека, можеби навистина и самиот Христос − Епископот на нашите души и нашиот вечен Првосвештеник, истото тоа го бара и сака од него. Но, надвладеа свеста за сопствената недостојност и бедност за повикот над повиците − свештенството, па Јован одврати дека ќе намине друг пат да поразговараат за тоа. Во меѓувреме, рече, добро ќе размисли… Но, минуваа денови, протекуваа недели и месеци, а Јован го нема и нема − како да ја заборавил ветената средба и разговор, а при службените контакти со епископот Пантелеимон не спомнуваше ништо.

Сепак, не се работеше ни за заборавност, ни за небрежност. Јован за сето тоа време вршеше духовно преиспитување на својата душа, размислуваше и ги одмеруваше причините за и против, ставајќи го на тасот за − повикот од небесниот Архиереј низ устата на земниот архиереј, а на тасот против − своето уверување за сопствената недостојност. А колку размислуваше, уште повеќе се молеше и од секого со кого што се сретнуваше во тоа време бараше да се моли за него, самиот Господ Христос да го просветли и омудри што треба да прави.

Владиката не сакаше повеќе да чека, туку повторно го повика момчето кај себе и го праша зошто толку доцни со одговорот. Јован одговори, овој пат решително, без двоумење:

− „Само доколку сте сигурни дека преку вас ме вика Светиот Дух ќе прифатам, инаку сам не смеам да се одлучам. Зашто, свештенослужителот треба да биде или богоповикан или народоповикан, а никогаш самоповикан.”

− „Добро, добро − беше задоволен владиката. − за три дена те монашам, а во првата недела те ракополагам за ѓакон.”

Така и бидна. Од Јован стана отец Јоаким. Како што неговата подготовка за ракополагање беше пример за сите, така и сега, примајќи го дарот на небесниот повик, тој ја утростручи својата ревност за домот Божји и за непорочната вера православна. И затоа Бог го постави на свеќник, со својот пример и со својот ангелски живот во вртлогот на Америка − тој современ Вавилон, да им свети и зрачи на сите, и на православните и на инославните, и на верните и на неверните.

Да спомнеме само еден пример од мисионерската дејност на отец Јоаким. Еднаш минуваше по улица − обична американска улица, а минувачите застануваат и се свртуваат − го гледаат необичниот лик и за нив новата и непозната физиономија, го гледаат лицето продуховено со молитва и пост, кое пламти со внатрешен жар во душата на тој човек, облечена во мантија − облека невидена на улица во Америка. Некои под впечатокот на таа појава од друг свет, започнуваат разговор со него. Опсипан е со бран прашања, а од устата на отец Јоаким се точи жива и чиста вода на проповедта за Бога, за Вистината, за Православната Црква како единствена ризница на Вистината и Животот, во која е можно да се познае и доживее Бог… Кругот на слушатели се шири. И автомобилисти застануваат и слушаат запрепастени. Подалеку почнуваат да пиштат сирени на автомобили што не можат да поминат. Но толпата луѓе на улицата не се разидува. За кратко време сообраќајот на улицата е блокиран. Доаѓаат полицајци и учтиво го замолуваат говорникот да запре и да продолжи на друго место. Но, мноштвото луѓе протестира и сака да слуша до крај. Тој ден отец Јоаким доцна се врати во својот ерусалимски метох.

Намерно се задржавме на ова поглавје од животот на отец Јоаким, зашто пораката што тоа ни ја испраќа денес е уште поактуелна, отколку во времето на престојот на Јоаким во новиот свет. Денес имено, и во западна Европа и во Америка постои релативно големо православно ресејание − дијаспора, настаната од иселеници и бегалци од сите земји на православниот Исток. Присуството на Православната Црква се чувствува многу појако од некогаш. Западниот свет сè повеќе се запознава со светото Православие непосредно, а не како некогаш − низ призмата на тенденциозните и духовно плитки книги за Православието, потекнати од перото на језуитско-унијатските „стручњаци за грчко-источната” црква. Се забележува меѓутоа, изненадувачки факт, дека речиси сите неофити во Православието дојдени од западните вероисповеди, преминуваат во разните руски јурисдикции; посебно во Руската задгранична Црква, додека грчката, српската и другите црквени групации бележат мали или никакви мисионерски успеси. Откаде е тоа? Русите и на Запад остануваат воглавно духовно неосквернети и ги чуваат сите преданиски богатства и вредности и живеат духовен живот, пазејќи се од соблазната да модернизираат било што во Православието, а најмалку богослужбата и освештениот поредок на нештата во Црквата, заради божемно полесно придобивање и поголема пристапност на инославните.

Приспособувањето на животот на Православната Црква на местните прилики е неопходно, но никогаш на штета на полнотата на животот и вистината во Црквата.

Тоа е пораката и поуката од отец Јоаким, како и од денешните ревнители и ширители на православната вера по целиот свет, а неа, веруваме, не треба да ја знаат и да ја применуваат само сите наши свештеници кои се најдоа во дијаспората на Запад, заради духовното зачувување на расеаната паства и заради сведочењето на верата пред светот, туку и сите наши верни кои последниве години се најдоа на работа во странство, а со тоа и во контакт со неправославни.

Но, да се вратиме на животописот на отец Јоаким. Тој и понатаму неуморно работеше и се подвизуваше, но неговото тело не можеше да држи чекор со духот. И без тоа со кревко здравје, почнуваше сè посериозно да се разболува. Во меѓувреме се промени и црковната состојба − наместо Ерусалимската патријаршија, грижата за Грците во Америка ја презеде Цариградската патријаршија. По совет на лекар, заради промена на климата, а по благослов на владиката Пантелеимон, заради промена на духовната клима − се врати во Грција. По краток престој во Атина заминува на „Акрополот на монаштвото” − Света Гора атонска.

На Света Гора

Така во неговиот живот се отвора нова страница со нови подвизи во верата и љубовта. Новите подвизи се навистина нови во однос на неговата претходна работа во Америка. После дејноста во светот доаѓа на ред повисокиот степен на духовниот живот; безметежното молитвено тихување − исихиа, безмолвие − во градината на Богомајката. За свое престојувалиште отец Јоаким со двајцата свои ученици кои со него дојдоа од Америка, го избра најјужниот и најсуров дел од Атонскиот полуостров, на кои живеат, поединечно или во мали заедници, најстрогите светогорски пустиници. Се насели во скитот Капсокаливија, знаменитата духовна кошница од која се изроија цели роеви праведници, а која од себе ги изрои и во Црквата прославените свети подвижници: преподобните Максим Капсокаливит (=Паликолиба), Нил Мироточив, Нифонт и Акакиј. За свој и на својата мала дружина духовник го избра отец Григориј, исихаст, искусен монах и познавач на духовниот пат, човек со строг живот и цврста волја, полн енергија и дисциплинираност, чиј карактер потсетувал на неговото офицерско минато пред доаѓањето на Света Гора.

Отец Јоаким се судри со многу поголеми маки и неволји во скитот, а беше со слабо и нежно здравје, уште и навикнат на технизираниот и лесен живот на Запад. Но, отец Јоаким не се уплаши − него го крепат поворки свети и преподобни кои деноноќно му лебдеат пред очите на душата, поворки на оние што одеа во кожуви и козји кожи, во сиромаштија и неволја, оние што страдаа по пустините и горите, по пештерите и дупките земјени, но за кои светот не беше достоен. (Ев. 11, 37-38)

Наскоро целото мало братство, заради недостаток на простор во келијата на отец Григориј, се преселува во скитот Света Ана. Се вселуваат во една колиба на врвот од стрмниот скит. Отец Јоаким сè повеќе се навикнува на тешкиот светогорски живот. Притоа, од желба да има живот на прост монах и да биде послушник во вистинската смисла, доброволно се одрекува од честа и првенството што му го овозможуваше неговиот свештенички чин, па дури и на редовно свештенослужење во храмот. Зборуваше: − „Има овде свети јеромонаси и себе не се сметам достоен да застам крај нив пред Божјиот жртвеник. Впрочем, да немаше црковна потреба никогаш не би го прифатил овој свет чин.” Затоа, пред иконата на света Ана тој свечено го предаде својот скапоцен архимандритски крст, своите црковни и световни одликувања, својата нова облека, и облече грубо светогорско расо. За темел на својот духовен живот го постави послушанието, безусловното послушание на духовникот и на своите браќа. Притоа, секоја вечер се исповедаше пред духовниот отец. Често велеше: − „Монах без секојдневно исповедување на помислите, нема да ја научи војната вештина, ниту ќе излезе како победник во духовното војување.”

Со текот на времето отец Јоаким стана образец за послушание. Еднаш, во октомври 1939 г. цел ден береше маслинки со браќата и − онака слаб и болникав − многу се измори. Но, вечерта, наместо саканиот одмор, сите ги очекуваше игуменовиот благослов, дека мораат да одат на работа во мелницата на маслини, зашто им бил редот и не смеел да се промени. Тешката работа требаше да започне − и тоа било по благослов од игуменот. Токму отец Јоаким, онака истоштен требаше да се впрегне во дрвениот јарем и да го врти тешкиот камен кој ги толчи маслинките, додека не дојде смената. И отиде. Кога ги слушнале зборовите на старец Григориј, непорекливи зборови на стар војник, браќата само се погледнале со чудење, сомневајќи се дека отец Јоаким ќе има сила и да отиде до елеотривионот, а камоли да го врти тешкиот камен. Некои се понудиле да отидат заедно со отец Јоаким, да го заменат ако му се слоши или ако не може од премореност. На тоа старец Григориј одговорил на својот војнички начин: − „Зошто се буните? Зарем и нашата епоха не треба да даде некој светител? Или можеби заборавате дека послушанието твори чуда, дека тоа прави мртви од гроб да прозборат? Еве, ви кажувам, ќе видете дека Бог заради неговото послушание и самооткажување ќе му даде таква сила, што и самиот ќе се зачуди.”

И навистина, кога отец Херувим, неговиот подоцнежен животописец, дошол да го замени, го нашол како работи со полна пареа. На прашањето: − „Како оди работата, отче Јоакиме?” − одговорил: − „Добро. По благословот на старецот, не ми е тешко. Само многу ожеднев.”

Во друга прилика, од вечерта беше дошол пред вратата на келијата на духовникот, за да поразговара по некое духовно прашање. Однатре добил одговор да причека. Но, духовникот не излегол − или го заборавил присуството на ученикот, или пак, намерно го оставил надвор да го испроба. На полноќ, кога старецот станал за Божјата служба и ја отворил вратата, пред неа потпрен на ѕид, стрпливо стоел отец Јоаким и чекал.

− „Што правиш ти сега овде?”

− „Па, кога ве барав рековте да почекам…”

Трет пат старецот го испратил пешки да оди ноќе во Големата Лавра, вооружен со стап, торба и фенер. Потоа испратил друг брат по него, да го врати. Со такви примери на Јоакимовото послушание беше преполн неговиот живот во скитот Света Ана. Се покажа достоен наследник и следбеник на еден друг пород на скитот Света Ана од минатите времиња, на св. Акакиј − „чедо на послушанието”, на кого се однесувале зборовите на старец Григориј, дека послушанието твори и мртви од гроб да прозборат.

Отец Јоаким беше и голем молитвеник. Верен на многувековното светогорско духовно Предание, непосредно и деноноќно, во храмот и надвор од него, при работа и на одмор, се молеше со Исусовата молитва, во чии неколку зборови се наоѓа вложена целата суштина и сите богатства на соборно-православното христијанство: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот!” За отец Јоаким немаше помил и посладок збор од преслаткото име на Исус, зашто „нема друго име под небото, дадено на луѓето со кое би можеле да се спасиме” (Д. ап. 4, 12). Исто така, при спомнување на Света Троица сиот ќе се разгорел со духот, а кога на богослужба монасите ќе запееле троичен тропар, веднаш би застанувал во став на највисоко внимание. Како со Исусовата молитва, исто така целото свое битие го изливаше и собираше во зборовите на молитвата: „Пресвета Троице, Боже наш, помилувај и спаси нè!” А, не ќе беше вистински и доследен Светогорец, ако веднаш после Бога не го поставуваше името и ликот на Пресвета Богородица. Умственото дејствување со името на Господа Христа и молитвените воздишки кон живоначелната Троица ги оставаше само − само заради одмор, помисливте? − не, туку заради читање на акатистот на Света Богородица, вечната игуманија на Света Гора и на сите монаси и монахињи. Секогаш желен за подвиг и молитвен двослов со Господа, за себе издејствувал благослов и дозвола да ноќува во храмот. Така правел цела година − по цела ноќ се молел во храмот, исправен или метанисувајќи, со испрекинат малкучасовен сон на храмовите клупи, седејќи. Кога нозете веќе не можеле да издржат заедно со неговиот неуморен дух, послушал да се врати во својата келија на коначење. Но, пак не ја положил својата глава на перница, туку на тврд камен, а за постела прогласил некаква животинска кожа послана на подот.

Постел строго по правилата и повеќе од тоа. Силата и издржливоста во подвигот не ги очекувал од јадењето и пиењето, туку од Храната на Вечниот Живот, од Телото и Крвта на Господ Христос, со кои многу често се причестувал и тој и сите браќа од колибата, следејќи го примерот на своите духовни предци − светогорските Коливари.

Бил човек од ред и поредок. Не презирајќи ни најмала „јота” или „тхита” во Законот Божји, се трудел да исполни сè и така да ги научи луѓето околу себе, според заповедта Христова (види Мт. 5, 18-19). Секаде и во сè ги исполнувал и зборовите на апостолот Павел: „А, сè да биде благообразно и уредно” (1. Кор. 14, 40). Кога еднаш здогледал нож, употребен, валкан и небрежно оставен, веднаш го повикал братот од кујната и со строг тон му рекол: − „Ти ли го остави ножот вака? Веднаш измиј и избриши го, речи: благодарам на услугата – и врати го точно на неговото место.”

Се одликуваше и со ретко гостољубие и воопшто со човекољубие. Но, по прашањата од верата и совеста беше непопустлив и „тврд орев.” Знамето на Православието секогаш го држеше високо подигнато. Непосрамно и неуморно проповедаше и исповедаше: − „Чуј, Нов Израилу, дека православната соборна вера и Црква е единствената вистинита и совршено вистинита, потполна и спасоносна.” Затоа ги отфрлаше сите планови и нацрти на „црковни реформи,” признавајќи за законска и благословена една единствена црковна реформа − реформата на нас православните христијани по образот и подобието на светото Православие, а не реформа на Црквата по образот и подобието на грешните луѓе и светот; реформа на стариот огревовен човек во нов, во Христа облечен, преку Светите Тајни и светите добродетели во Црквата Божја, а не снижување на Црквата и верата на нивото на разните променливи идеологии, институции и движења. На големиот испит на историјата, сите неправославни христијански заедници паднале на ова прашање. Отец Јоаким и се молеше и се бореше Православната Црква ни денес да не тргне по тој нивни пат, зашто тоа е патот од светиот град Ерусалим во несветиот град Самарија − таа лоша мешавина, туку да го продолжи својот вековен пат, патот на вистинското спасување на сè и на човекот со Вистината, Патот и Животот − со Христа неизопачениот. Заради сето тоа беше голем зилот, голем ревнител на светоотечките преданија и за чистотата на верата, што е толку вообичено за Светогоците. Со тага го гледаше продорот на модернистичкиот дух и посветовничувањето во црковните, а уште повеќе во свештеничките редови. Очите му се натопуваа со солзи кога ќе видеше некој модернизиран свештеник без мантија или без брада. Еднаш во молитвите побарал, уште пред своето ракополагање, да добие долга брада, за да им биде жив укор на сите подбричени, па и голобради свештенослужители − модернисти. Тоа и се случило. За прекрасно чудо, до крајот на животот имал брада точно до земја, за што сведочи и неговата фотографија од тие денови. Неговата православна совест и префинетото соборно-црковно чувствување на нештата било повредено и од настанот на едностраното, несоборно и од вонцрковни причини предизвикано укинување на стариот календар и заменување со новиот, григоријанскиот, во некои помесни цркви, воглавно грчки. Но, неговата ревност за домот Божји пламнала особено кога дознал дека т.н. „Слободно ѕидарство” (масонерија − сива еминенција во позадината на многу важни светски збиднувања во новите времиња, инаку необичен религиозно-философски систем насочен против христијанската вера и Црква), се обидувало преку разни попустливи или пак, соблазниви личности на одговорни места во црковната управа, да ги менува тековите и правците на црковните институции и црковниот живот, со крајна цел еден ден однатре да ја зароби целата „официјална” Православна Црква. Усмените и писмените настапи на отец Јоаким против антихристијанското фрамасонство и неговите повици на покајание, кои биле упатувани до водачите на темното движење, ги предизвикале нив против него, па тој бил изведен на судот во Солун. Неговите огнени говори на судењето, длабоката вера, испосничкиот светогорски лик, чистата ревност за Црквата без примеси на никаква омраза или непријателство кон некого, предизвикале восхит кај присутните. Весниците со недели со симпатии известувале за тоа судење. Но, евангелската правда на неговите зборови привремено беше победена од невидливата моќ и влијание на моќниците од овој свет, па беше осуден на прогонство од Света Гора и преселен на островот Скопелос. На Света Гора се вратил во почетокот на втората светска војна.

Во 1950 г. по тешка болест, простувајќи се со сите, мирно се упокоил. Оттогаш неговото измачено тело почива крај олтарот на црквата во скитот Света Ана, каде што толку години живеел со чист и свет живот, а христокопнежната душа се радува во радоста на својот Господ.

„Отците Светогорци се соочуваат со смртта како што со неа се соочувале мачениците. Таа за нив е јуначки крај на битката и почеток на вечниот триумф. Подвижниците Христови не умираат. Така ни отец Јоаким не умре, туку премина од смртта во животот. Тоа беше извесност за сите отци и браќа. Отец Јоаким (Николаидис) стигна во оние светови по кои копнееше, а тој копнеж неговото срце го претвори во рај. Неговите молитви нека се со нас!”

епископ Иринеј

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s