епископ Иларион (Алфеев): Академските денови на Св. Василиј и Св. Григориј

Атинската академија несомнено била најпознатата школска институција на своето време. Основана од големиот Платон во IV век пред Христа, таа не го изгубил асвоето значење до IV век по Христа, кога во неа учел Григориј. Во тоа време во Атина преовладувал неоплатонизмот со остро нагласена теургиска насока: Григориј подоцна и приговарал на Атина заради тоа што изобилува со лошо богатство (идоли), кои таму ги има повеќе отколку во цела Елада, така што е тешко да не се поведеш по оние што ги фалат и заштитуваат (1).

Сепак и влијанието на христијаните во Академијата станувало сè поосетно. Христијаните таму предавале заедно со нехристијаните; така, предавачи по софистика на Григориј му биле паганинот Химериј и христијанинот Прохересиј (2). Меѓу учениците исто така, имало и христијани и пагани, при што не се правела разлика според вероисповедањето; секој можел да исповеда една или друга религија. Академијата останувала светска школска установа и нејзините врати биле отворени за секого што бил способен за учење и имал доволно средства да плати.

Академијата давала разновидно образование. Основни предмети кои се изучувале во неа биле риториката и софистиката: во Атина Григориј го здобил она ораторско мајсторство, кое подоцна му донело светска слава. Основни литературни обрасци при изучувањето на риториката останувале делата на Хомер, Еврипид и Софокле, спомениците на атичката проза и поезија, превосходно на митолошки сижеа. Опширните познавања во областа на античката митологија, со кои Григориј се разликувал од другите отци на Црквата во IV век (3), во најголема мерка му ги должел на своето учење во Атина. Особеноста на неговиот литературен стил, исто така, во многу е условено од неговите професионални знаења по риториката.

На филосфијата во Академијата и’ се посветувало помало внимание, отколку на риториката и софистиката. Само Платон и Аристотел се изучувале изворно, при што поголемо внимание му се обраќало на нивниот стил, отколку на учењето; со останатите философи се запознавале преку учебници. Впрочем, студентите кои за философијата се интересирале посериозно, можеле да се запишат кај некој од професорите на постојана обука. Григориј, веројатно, не ја изучувал филосфијата на такво ниво; макар што во неговите написи постојано се спомнуваат, покрај Платон и Аристотел, и многу други антички философи, воглавно неговите наводи не демонстрираат детално познавање на изворниците и имаат општ карактер. Григориј широко го користел јазикот на неоплатониците, сепак, како што претпоставуваат научниците, немал длабоки познавања во неоплатоничката философија: многу неоплатонички идеи Григориј ги позајмил не од изворниците, туку од делата на Ориген. Една од традициите на Академијата, која го правела образовниот процес помалку формален, а поинтересен, биле натпреварите на софистите, кои се одржувале како на ниво на учителите, така и меѓу студентите. Сепак, духот на конкуренција кој постоел помеѓу софистите создавал и свои проблеми, бидејќи секој од нив прибирал околу себе група следбеници; неретко соперништвото меѓу поедини групи сепретворало во долга дебата, во која претставниците на секоја група се трудела на своја страна да ги придобијат студентите, воглавно новодојдените. Цела Елада, согласно Григориј, во она време била поделена на сфери на софистите и риторите:

„Софистоманијата во Атина им е својствена на многумина млади и на могумина неразумни луѓе – не само оние кои немаат благородничко потекло и име, туку и на познати и прочуени, кои формираат метежна толпа момчиња кои не ги контролираат своите емоции. Истото може да се види и на коњичките натпревари, каде што страстните поклоници на коњи скокаат, врескаат, фрлаат земја во височина, небаре ги управуват коњите од место, маваат во воздух, со рацете удираат како по коњите, а немајќи никакво влијание на ситуацијата… Со таква страст се опфатени и атинските момчиња во однос на своите учители и нивните соперници. Тие прават напори нивната група да стане побројна и оттаму нивните учители да се збогатат; сето тоа е многу чудно и жално. Зафатени се градовите, патиштата, пристаништата, врвовите на горите, рамниците, пустините; не е оставена во земјата ни една област на Атика и останатата Елада заедно со мнозинството жители, зашто и тие последните се разделени по партии“ (5).

Од првите денови на својот престој во Атина, Григориј се впуштил во бурната атмосфера на универзитетскиот живот (6). Сепак, како што раскажува самиот, него малку го интересирале вообичените студенстски разоноди; пред сè друго го претпочитал тивкиот и осамен живот. Негова главна желба била да биде прв во риториката и другите науки (7). Да се освојат знаењата кои ги собрале Исток и Запад и гордоста на Елада – Атина – таа била целта на Григориј (8).

Во Атина Григориј добил не само широки познавања и риторичко мајсторство. Главна придобивка на тој период станало неговото пријателство со Василиј – светло и среќно искуство на човечко другарување, кое тој го сметал за повеќе од сите свои научни достигнувања. „…Барајќи знаење, најдов среќа…, го доживеав истото што и Саул, кој барајќи го своето магаре, нашол го царството (басилеиан)“ – велел Григориј по тој повод (9). Григориј го знел Василиј и пред тоа – нивните патишта се вкрстиле во Кесарија кападокиска – но, токму во Атина нивното познаништво прераснало во другарство, еднодушност и сродство (10), за кои дури на стари години Григориј не можел да не си спомне без душевен трепет.

Василиј пристигнал во Атина наскоро по Григориј. По непишано правило, секој новодојден морал да добие порција подбивања и шеги од другитестуденти; тое било своевиден испит на издржливоста, кој изгледал многу тежок за оние кои порано не биле предупредени за тој обичај. Во еден од првите денови новодојдениот го воделе во бањата, опсипувајќи го по патот со потсмев; кога тој ќе пристигнел до вратата, му го попречувале патот и не му дозволувале да помине; сето тоа било придружено од луди крици и ракоплескања. Конечно, толпата студенти заедно со новиот се втурнувале во вратата. Ако тој сето тоа го издржел, по излегувањето од бањата, го пречекувале како рамен на нив (11). Обредот на „посветување“ на студентите завршувал со свечено облекување на бруцошот во малинова мантија, која обично ја носеле студентите софисти (12).

Григориј веројатно го поминал овој ритуал, кога бил примен во Академијата; и Василиј го очекувала истата судбина. Сепак Григориј, дознавајќи порано за пристигнувањето на Василиј, не само што самиот го пречекал како рамен на себе, туку ги убедил и другите студенти да се однесуваат кон него со почит, заради што Василиј ја избегнал вообичаената церемонија. „Таков беше почетокот на нашето пријателство, оттука е првата искра на нашиот сојуз; така се спријателивме“ (13) – вели Григориј.

Пријателството меѓу Василиј и Григориј се зацврстило после следниот случај: Некоја група студенти – ерменци, приоѓајќи му на Василиј го предизвикала на софистичко надмудрување, во кое се вмешал и Григориј. Тој прво застанал на страна на ерменците, но откако сфатил дека тие само сакаат да го посрамат Василиј, неочекувано „го свртел кормилото“ и го поддржал последниот. Победата на Василиј, кој „не престана да ги поразува со силогизми додека не ги ги принуди да избегаат“ – станала победа на двајцата. „Овој втор случај“ – пишува Григориј – „разгоре во нас не искра, туку светол и висок факел на пријателство“ (14).

Григориј истакнува дека нивното приајтелство со Василиј се градело на чисто духовна основа; тоа била љубов не плотска, туку целомудрена и духовна; тоа бил сојуз на двајца, целосно предадени на идеалите на философскиот живот и ученоста, заљубени во Бога и стремители кон морално совршенство. Страниците кои Григориј ги посветил на своето пријателство со Василиј се едни од најсилните во целата патристичка литература:

„Кога по изминувањето на времето еден на друг ја откривме својата желба (патхос) и намера да го посветиме животот на философијата, уште тогаш станавме сè еден за друг – пријатели, сотрпезници, сродни; стремејќи се кон едно и исто, ние ја поттикнувавме во нас таа желба, разгорувајќи ја и зацвртсувајќи ја. Зашто, плотската љубов(еротес) (15), бидејќи и самата е насочена кон минливото и самата бргу изминува како пролетен цвет… А, онаа љубов која е според Бога, и самата е целомудрена и нејзиниот предмет е вечното, па затоа и таа е долговечна; и колку поголема се претставува убавината на оној што има таква љубов, толку поцврсто таа убавина ги приврзува кон себе и меѓусебно заљубените во едното и исто… Така однесувајќи се еден кон друг и со такви златни столбови потпирајќи го дооброѕидниот дворец – како што вели Пиндар (16), одевме напред имајќи ги помошници Бога и својата љубов (патхос). О, како да раскажувам за тоа без солзи? Исти надежи нè раководеа во најзавидното дело – во учењето; впрочем, зависта беше далеку од нас, ревноста пак, нè правеше уште потрудољубиви. Двајцата се боревме, не за некој од нас да биде прв, туку за да го отстапи првенството на другиот, зашто секој од нас славата на другиот ја сметаше за своја. Се чинеше во двајцата една душа носи две тела; и макар што не треба да им се верува на оние што тврдат дека сè е разлеано во сè (17), сепак бевме убедени дека сме еден во друг и еден крај друг. Едно дело имавме и двајцата – добродетелта и животот за идните надежи, ослободувајќи се од овдешното уште пред заминувањето од овде. Стремејќи се кон таа цел, целиот свој живот и дејност ги насочувавме кон неа, раковедејќи се во тоа со заповедта и бодрејќи се еден со друг кон добродетелите; и ако не е дрско за мене, така да се изразам, ние бевме и правило и мерка со чија помош се распознава што е право, а што не…“ (18).

Во овие редови може да се види носталгична идеализација на младешко пријателство, особено ако се земе предвид дека се пишувани многу години подоцна, кога Василиј веќе не бил меѓу живите. Изгледа, човечки, Григориј бил повеќе приврзан кон Василиј, отколку Василиј кон него. Иако, односите меѓу Василиј и Григориј биле засновани на взаемна преданост и еднаквост, сепак Григориј секогаш го сметал Василиј за постар и главен. Тоа се случило кога нивното пријателство во некоја смисла прераснало во учеништво: „Мојата работа е да го следам, буквално како сенка“ – велел Григориј (19). Тој искрено сметал дека Василиј во животот, зборот и етичноста ги надминува сите што тој некогаш ги познавал (20).

Во Атина, каде што паганскиот дух бил многу силен, Василиј и Григориј живееле христијански, воедно напредувајќи во риторската вештина. Благодарение на тоа, за нив се зборувало не само во градот, туку и пошироко:

„Два пата ни беа познати: едниот – прв и најчесен, вториот – со исто достоинство; првиот водеше кон нашите свети храмови, вториот – кон местните учители и наставници по надворешната ученост. Другите им ги остававме на оние што ги сакаат – панаѓурите, театрите, пировите… во Атина можат да бидат погибелни за душите на другите луѓе… Ние, напротив, таму живеејќи, се утврдувавме во верата, се убедувавме во лажливоста и измамливоста на идолите; ги презиравме демоните таму, каде што им се восхитуваа… Благодарение на тоа станавме познати не само меѓу своите наставници и соученици, туку и во цела Елада, особено меѓу нејзините знаменити мажи. Нашата прочуеност преминуваше дури зад нејзините предели, како што се разбра од раскажувањата на многумина. Зашто, кој чул за Атина, тој слушал и зборувал за нашите наставници, а кој слушал за нашите наставници, тој слушал и зборувал и за нас…“ (21). Дури и да претпоставиме дека Григориј малку ја преувеличува својата прочуеност, тешко дека ќе може да се смневаме во тоа, дека Василиј и Григориј постигнале особени успеси во риториката и дека во нив гледале идни професори на Академијата.

Григориј на Академијата поминал околу десет години. Тој имал намера да го напушти градот со својот пријател веднаш по завршувањето на студиите, но и на двајцата им било предложено да останат на Академијата како предавачи по риторика. Василиј го наговорил Григориј да ја прифатат почесната професија, но самиот, веројатно тајно од Григориј, отпатувал. Оваа постапка за Григориј не била споива со пријателството, а потоа тој ја сметал и за предавство, за што и многу години подоцна си спомнувал со тага (22). Григориј тешко ја доживеал разделбата со пријателот: тоа беше како расечување на едно тело на два дела и убиство и на двајцата, или како разделување на две телиња впрегнати заедно и навикнати на еден јарем, кои жално мукаат, бидејќи не можат да ја поднесат меѓусебната разделба (23).

Григориј полнел триесет години , кога ја завршил Академијата (24). Имал желба да се врати во татковиата и да живее философски начин на живот. Сепак, тој ги прифатил молбите на пријателите и некое време останал во Атина како ритор. По враќањето во родното место, тој исто така, се занимавал со риторика. Тој краток период го сметал како нужно задржување, кое сепак, се покажало како подготовка за неговата идна дјеност на црковната нива:

И сега ми течат солзи,

Кога се присетувам на тогашниот смут.

Сите бргу ме окружија

И странци и пријатели, врсници, учители;

на преколнувањето и солзите тие им придружија дури и некое присилување

зашто пријателството им поткажуваше да се осмелат дури и на тоа.

Цврсто ме држеа, велејќи: Што и да се случи,

Не ќе те пуштиме од овде! Не се должни

Нашите атињани да се лишат од честа,

Зашто тие, по општото мислење, тебе ти го припишуваат првенството во речитост.

Јас прифатив – зашто само даб

Можеше да одолее на толку солзи и наговарања –

Прифатив, но не целсно…

Престојувајќи кратко време во Атина,

Се сокрив оттаму, речиси тајно, и заминав на пат.

Пристигнувајќи, го покажав своето искуство во говорништвото,

Задоволувајќи ја болеста на оние,

Кои тоа од мене го бараа како должност.

Но, не ги сакав ни аплаузите, ни восхитените извици,

Ни фасцинирањето или обожавањете,

На кои им се радуваат софистите во толпата млади луѓе.

Над сè друго ја поставив философијата, која се состои во тоа,

Да се положиш пред Бога и (себе и) сето друго, и научните трудови…

Сепак, како што реков, се покоров на волјата на пријателите.

И тоа послужи како подготовка за идните подвизи

Или претсобје на многу позначајни таинства (25).

Така, и во Атина и во Кападокија пријателите на Григориј настојувале тој да ја продолжи кариерата како ритор: и на двете места тој прифатил, навистина, за кратко. Григориј и во иднина не еднаш ќе се жали на притисоци од пријателите; за него било специфично што ќе попушти, а потоа ќе жали за својата слабост. Во карактерот на Григориј имало некаква нерешителност, која судбински му се одразила; тој секогаш се стремел кон осамување, а сепак, прифаќал кога бил повикуван на општествена дејност. Како резултат на тоа, во текот на целиот живот тој бил растргнат меѓу неопходноста да се носи општествената служба, што му била доделена по туѓа волја, и своето стремење кон осамување, научна дејност и созерцателен живот.

Белешки:

1 Сл.43,21,21-22; СЦ 384,168 = 1.617.

2 Сократ. Црк. ист. 4,26. Сп: Созомен. Црк. ист. 6,17.

3 Сп: Demoen. Exempla, 211-212

4 Ruether. Gregory, 25-27.

5 Сл.43,15,11-30; СЦ 384,150-152 = 1.612.

6 Атинњаните нè примија како речен поток,- пишува Григориј во Сл. 43,15,1; 148 = 1.612.

7 PG 37,1044 = 2.354.

8 PG 37,1554 = 2.260.

9 Сл.43,14,9-12; СЦ 384,148 = 1.611. Ср. 3 Цар.9:3. Во текстот Григориј има игра на зборовите Василиј и «царство» (басилеиа).

10 Сл.43,14,21-22; СЦ 384,148 = 1.611.

11 Сл.43,16,9-28; СЦ 384,152-154 = 1.613.

12 Види ја схолијата Олимпиодора во PG 36,906 А.

13 Сл.43,17,1-3; СЦ 384,156 = 1.613.

14 Сл.43,17,5-34; СЦ 384,156-160 = 1.613-614.

15 Букв. «привлекување».

16 Олимписка ода 6,1-3.

17 Алузија на пантеистичкиот светоглед.

18 Сл.43,19,1-20,19; СЦ 384,162-166 = 1.615-616.

19 Писмо 16; ed.Gallay, 18 = 2.422.

20 Исто.

21 Сл.43,21,1-22,13; СЦ 384,166-170 = 1.616-617.

22 Сл.43,24,20; СЦ 384,178 = 1.619.

23 Сл.43,24,22-25; СЦ 384,180 = 1.619.

24 PG 37,1046 = 2.355.

25 PG 37,1046-1048 = 2.355-356.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s