Учењето на дванаесетте апостоли (Дидахи)

Овој ранохристијански спис од времето на Светите Апостоли, е напишан од некој апостолски ученик, меѓу 60-та и 80-та година во првиот век од животот на Христовата Црква на Истокот, некаде во околината на Антиохија во Сирија. Делото е пишувано библиски просто и едноставно и претставува сума на основната Христова и Апостолска наука (Катихизис).

Науката Господова на народите преку Дванаесетте Апостоли

I. (1) Постојат два пата: едниот – на животот, а другиот – на смртта, и голема е разликата меѓу овие два пата.

Патот на животот е овој: прво, «љуби го Бога кој те создал»; второ, (љуби го) «ближниот свој како самиот себе». И сè што сакаш да не ти се прави, и ти не прави го на другиот.

Науката пак, на овие зборови е ова: «Благословувајте ги оние што ве колнат, и молете се за своите непријатели», а постете за оние што ве гонат. Зашто «каква е вашата благодарност ако ги љубите оние што вас ве љубат? Не го прават ли тоа и незнабошците? Но, вие љубете ги оние што ве мразат», и не ќе имате непријатели.

«Бегај од телесните и светските» желби. Ако некој те «удри по десниот образ, сврти му го и другиот» и ќе бидеш совршен. «Ако некој те поведе една милја, оди со него две». Ако некој «ти ја земе наметката, дај му ја и кошулата». Ако некој земе од тебе нешто твое, не барај го (назад), зашто не можеш. (5) «Секому што од тебе бара дај му, и не барај (да ти врати)». Зашто, Отецот сака на сите да им даваш од своите дарови. Блажен е оној што дава, според заповедта, зашто тој е безвиновен. Тешко на оној што зема. Ако пак, некој зема затоа што има потреба, таквиот ќе биде безвиновен; а ако зема оној што нема потреба, ќе биде суден зошто и заради што зел. Кога ќе биде притеснет, ќе биде испрашуван за она што го направил, и «не ќе излезе оттаму додека не го врати и последниот динариј». (6) Но, и за тоа (давање) е речено: Нека се испоти милостината твоја во твоите раце, додека да познаеш кому ќе ја дадеш.

II. (1) Втората пак, заповед на (оваа) наука (е):

«Не убивај, не прави прељуба», не развратуавј ги децата, не прави блуд, не кради, не гатај, не употребувај магии, не убивај го детето кога ќе зачне, нити погубувај го кога ќе се роди. (3) «Не посакувај го она што е на ближниот» (твој); «не заколнувај се, не сведочи лажно», не наклеветувај, не биди злопамтив. (4) Не биди дводушен, ниту двојазичен, зашто двојазичноста е стапица на смртта. (5) Твојот збор да не биде лажен, ниту празен, туку исполнет со дело. (6) Не биди граблив, ни одземач, ни лицемер, ни злонаравен(=злобен), ниту горд. Не смислувај зол совет против својот ближен. (7) Не мрази ниту еден човек, туку некои укорувај ги, за некои моли се, а некои љуби ги повеќе од својата душа.

III. (1) Сину мој, бегај од секое зло и од сè што е слично. (2) Не биди гневлив, зашто гневот води во убиство; ниту биди завидлив, ни расправлив, ни безобѕирен, зашто од сето тоа се раѓаат убиства. (3) Сину мој, не биди похотлив, зашто похотта води во блуд; ниту бессрамен во зборовите, ниту бессрамен со очите, зашто од сето тоа се раѓаат прељуби. (4) Сину мој, не биди погодувач (=гатач), зашто тоа води во идолопоклонство; ниту бајач, ни астролог, ни лажен очистувач (=заколнувач), и немој тоа ни да го гледаш [ни слушаш], зашто од сето тоа се раѓа идолопоклонство. (5) Сину мој, не биди лажлив, зашто лагата одведува во кражба; ниту среброљубив, ни славољубив, зашто од сето тоа се раѓаат кражби. (6) Сину мој, не биди приговарач, зашто тоа води во хулење; ниту самонаметлив, ни злоумен, зашто од сето тоа се раѓаат хулења.

Туку биди кроток, зашто «кротките ќе ја наследат земјата». (8) Биди долготрпелив и милостив и безопасен и мирен и добар, и секогаш имај страв од зборовите што си ги слушнал. (9) Не превознесувај се, ниту дозволувај и’ дрскост на својата душа. Твојата душа нека не се дружи со високите (=на положби), туку дружи се со праведните и смирените. (10) Сè што ти се допаѓа примај го како добро, знаејќи дека без Бога ништо не бидува.

IV. (1) Сину мој, памети го и дење и ноќе оној «што ти го говори Божјиот збор», и почитувај го како Господа, зашто таму каде што се проповеда Господството (Божјо), таму е и Господ. (2) Секој ден барај го лицето на светите, за да наоѓаш спокојство во нивните зборови. (3) Не прави раздор, туку скараните смири ги. Суди праведно, и не гледај кој е кој кога треба (некого) заради престап да укориш. (4) Не биди дводушен, да ли (нешто) ќе биде или не.

Не биди (таков): за примање да имаш раце испружени, а за давање стиснати. (6) Ако имаш нешто (да дадеш) што е со твоите раце (стекнато), дај го тоа за откуп на своите гревови. (7) Не засегај се да дадеш, а кога ќе дадеш немој да жалиш, зашто ќе познаеш кој е Добриот наградодавател. (8) Не избегнувај го оној што е во немаштија; сè што имаш подели со својот брат, и не вели дека (нешто) е твоја сопственост. Зашто, ако сте заедничари во бесмртното, колку ли повеќе (сте) во смртните (нешта)?

Не кревај рака на својот син или на ќерката своја, туку од нивната младост учи ги на стравот Божји. (10) Не заповедувај му во своето лутење на својот слуга или на слугинката, кои во истиот Бог се надеваат, за да не (престанат) да се плашат од вашиот заеднички Бог, зашто Он не доаѓа да повика гледајќи на лица, туку на оние кои Духот (Свети) ги подготвил. (11) Вие пак слугите, потчинете се на своите господари како на Божја слика, со почитување и со страв.

Мрази го секое лицемерие и сè што не Му е угодно на Господа. (13) Не оставај ги заповедите Господови, туку држи го она што си го примил, «ни додадавајќи ни одземајќи». (14) Во Црквата исповедај ги своите гревови, и не пристапувај кон својата молитва со нечиста совест.

Тоа е патот на животот.

V. (1) А патот на смртта е овој:

Пред сè (тој пат) е зол и со проклетство исполнет. (Зашто, на него се):

убиства, прељуби, похоти, блуд, кражби, идолопоклонства, магии, гатања, грабања, лажни сведочења, лицемерија, дводушност, подмолност, гордост, злоба, самоволие, алчност, срамни зборови, завист, дрскост, надменост, превознесување, (не(бого)бојазливост).

(По тој пат одат): прогонителите на добрите, мразителите на вистината, љубителите на лага, оние што не ја знаат платата на праведноста, кои не се држат за доброто ниту за праведниот суд, кои бдеат не на добро туку на зло, од кои се далеку кроткоста и трпеливоста, кои не милуваат сиромав, кои не сочувствуваат со страдалник, кои не го познаваат својот Творец; убијци на (своите) деца, упропастувачи на Божјото создание; кои го свртуваат своето лице од потребителот, кои го навредуваат веќе навредениот; подлизурковци на богатите, неправедни судии на сиромашните; преполни со секој грев (ѓ).

Спасете се, деца, од сите такви.

VI. (1) Внимавај некој да не те заведе од овој (прав) пат на науката (Господова), зашто (таквиот) те учи без Бога. (2) Ако можеш да го носиш целиот јарем Господов, тогаш ќе бидеш совршен; а ако не можеш, колку што можеш, толку и прави.

Што се однесува пак, до (употребата на) храната, држи го она што можеш, но особено чувај се (да не јадеш) од идолски жртви, зашто тоа е служење на мртви богови.

VII. (1) А, што се однесува до Крштението, вака крштевајте:

Откако претходно сето ова ќе го кажете (=поучете), «крштевајте во името на Отецот и Синот и Светиот Дух» во протечна вода. (2) Ако немаш протечна вода, крштевај во друга (вода). Ако не можеш во студена, тогаш во топла. (3) А, ако ни едната ни другата ги немаш, тогаш полеј вода на главата три пати во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. (4) А, пред Крштението претходно нека пости оној што крштева и крштеваниот, и ако некои други можат. А, на крштеваниот ќе му наредиш да пости еден или два дена порано.

VIII. (1) А, вашите пости да не бидат со лицемерите. Зашто, тие постат понеделник и четврток во седмицата, а вие постете среда и петок.

И не молете се како лицемерите, туку како што Господ заповедал во Евангелието, вака молете се:

Отче наш кој си на небото, да се свети името Твое;

да дојде царството Твое;

да биде волјата Твоја и на земјата како на небото;

лебот наш насуштен дај ни го денес,

и прости ни го нашиот долг како што и ние им простуваме на своите должници,

и не воведувај нè во искушение,

но избави нè од злиот.

Зашто Твоја е силата и славата во вековите!»

Три пати дневно така молете се.

IX. (1) А што се однесува до Евхаристијата (=Литургијата), вака творете го благодарењето:

Прво за чашата (говорете):

Ти Благодариме, Отче наш,

за светата лоза на Давид слугата Твој,

која си ни ја објавил преку Исуса Синот Твој.

На Тебе слава Ти во вековите!

А за лебот што се прекршува (говорете):

Ти благодариме, Отче наш,

за животот и познанието

што ни го објави преку Исуса Синот Твој.

На Тебе слава Ти во вековите!

Како што овој леб (што го прекршуваме) бил расеан по горите, и собран стана еден, така нека се собере Црквата Твоја од краиштата на земјата во Царството Твое.

Зашто е Твоја славата и силата низ Исуса Христа во вековите!

А од вашата Евхаристија (=Литургија) никој да не јаде ниту пие, освен крстените во името Господово; зашто за тоа и рекол Господ: «Не давајте ја светињата на кучињата».

X. (1) По причестувањето пак, вака благодарете:

Ти благодариме, Отче Свети, за светото Име Твое

што го всели во нашите срца,

и за познанието и верата и бесмртноста,

што ни ги објави преку Исуса Синот Твој.

На Тебе слава Ти во вековите!

Ти, Владико Седржителу,

сè си создал заради Името Твое,

и си им дал храна и пиење на луѓето за наслада,

за Тебе да ти благодарат;

нам пак, ни даруваше духовна храна и пиење и живот вечен низ Синот Твој.

Пред сè, Ти благодариме што си Моќен.

На Тебе слава Ти во вековите!

Спомни ја, Господи, Твојата Црква,

за да ја избавиш од секое зло

и да ја усовршиш во Твојата љубов;

и собери ја од четирите ветрови, неа – осветена,

во Царството Твое, што си го подготвил за Неа.

Зашто, Твоја е силата и славата во вековите!

Нека дојде Благодатта Твоја, и нека помине овој свет.

Осана на Давидовиот Бог!

Ако некој е свет, нека пристапи, а кој не е, нека се покае.

Маран ата. Амин!

А на пророците дозволете им да благодарат, колку што сакаат.

XI. (1) Ако пак, некој дојде и ве учи на сето ова што е до сега кажано, примете го. (2) А ако тој што поучува скршне, и почне да учи друга наука за да ја расипе (оваа наука), тогаш не слушајте го; а ако (учи) за да ја умножи правдата и познанието Господово, примете го како Господа.

А, што се однесува до апостолите и пророците, според заповедта на Евангелието вака правете: (4) Секој апостол што доаѓа кај вас нека биде примен како Господ. (5) Но, нека не останува повеќе од еден ден; ако пак, има потреба, тогаш – втор ден. А, ако остане три денови, тогаш е лажен пророк. (6) А, апостолот кога заминува (од кај вас) да не зема ништо освен леб, колку за до (идното) преноќиште; ако пак, бара и пари, тогаш е лажен пророк.

И секој пророк што говори во Духот не искушувајте го и не судете го, «зашто секој грев ќе биде простен», а овој грев «не ќе биде простен «. (8) Но, не секој што говори во Духот е пророк, туку ако има и однесување Господово (= добродетели). Според начинот, значи, на однесувањето, се распознава лажниот пророк од пророкот (вистински). (9) И секој пророк што во Духот одредува трпеза (=поставува за сиромашните), нема да јаде од неа, инаку е лажен пророк. (10) А секој пророк што ја учи вистината, ако не го твори она што го учи, лажен пророк е. (11) Секој пак, пророк испробан, вистински, што ја изградува тајната на Црквата во светот (= се подвизува за сесветската тајна на Црквата), а не учи да се прави сето она што тој го прави, нека не биде осудуван од вас, зашто тој со Бога има суд; зашто исто така правеле и старите пророци. (12) А, ако некој во Духот рече: дај ми пари или нешто друго, таквиот не слушајте го. Ако пак, рече да се даде за други кои немаат, нека никој не го осудува (за тоа).

XII. (1) Секој што доаѓа во името Господово, нека биде примен; потоа пак, кога ќе го испитате, ќе дознаете (каков е), зашто ќе имате (толку) рассудливост да разликувате десно и лево. (2) Ако тој што ви доаѓа е минувач, вие помогнете му колку што можете, но нека не останува кај вас повеќе од два или три денови, ако тоа е потребно. (3) Ако пак, сака да се насели (кај вас), а знае некој занает, нека работи, па нека јаде. (4) А ако не знае занает, вие според вашата рассудливост потрудете се да не живее со вас како неработен христијанин. (5) Ако тој не сака така да работи, таквиот е христотрговец. Чувајте се од таквите.

XIII. (1) Секој вистински пророк, што сака да се насели кај вас, достоен е за својата храна. (2) Така исто и вистинскиот учител – достоен е и тој како работник за својата храна.

Секоја првина од плодовите на пивницата и од гумното, од стоката и од овците, земи и дај ја првината на пророците, зашто тие се првосвештеници (=епископи) ваши. (4) А, ако немате пророк, дајте на сиромашните. (5) Ако подготвуваш лебови, земи и дај ја првината (од нив), според заповедта. (6) Исто така, кога ќе отвориш сад со вино или масло, земи ја првината и дај ја на пророците. (7) И од парите, и од облеката, и од секој имот, земајќи ја првината, колку самиот што сметаш, дај според заповедта.

XIV. (1) А во неделата Господова, кога ќе се соберете заедно, прекршете леб и извршете Евхаристија (=Литургија), исповедајќи ги претходно своите гревови, за да биде чиста вашата жртва. (2) Секој пак, што има спор со својот пријател нека не доаѓа на собрание со вас, додека не се помират, за да не се извалка (со тоа) вашата жртва. (3) Зашто, тоа е онаа (жртва) за која Господ рекол: «На секое место и време ќе ми принесувате жртва чиста, зашто јас сум Цар голем, вели Господ, и моето Име е чудесно меѓу народите».

XV. (1) Изберете си епископи и ѓакони достојни за Господа, луѓе кротки и несреброљубиви и вистински и проверени, зашто тие за вас ја служат службата на пророци и учители. (2) Не пренебрегнувајте ги, значи, зашто тие се вашите достоинственици (=чесни) со пророците и учителите.

Исправајте се едни со други, не во гнев, туку во мир, како што стои во Евангелието; а со секој што греши против другиот никој да не разговара, не го слушајте, додека не се покае. (4) А, вашите молитве и милостини и сите дела (ваши) правете ги така како што стои во Евангелието на нашиот Господ.

XVI. (1) Стражарете над вашиот живот; «светилниците ваши да не изгаснат, и бедрата ваши нека не ослабнат, туку бидете подготвени; зашто не го знаете часот во кој ќе дојде вашиот Господ». (2) А, собирајте се почесто заедно, барајќи го оно што одговара (= доликува) за вашите души. Зашто, не ќе ви користи целото време на вашата вера, ако во последното време не се покажете совршени.

Зашто, во последните денови ќе се умножат лажните пророци и упропастувачи, и овците ќе се претворат во волци, и љубовта ќе се преобрати во омраза. (4) Зашто, кога беззаконието ќе расне, луѓето едни со други ќе се замразат и ќе се прогонуваат и ќе се предаваат. И тогаш ќе се јави измамникот на светот како син Божји и ќе прави знаци и чудеса, и земјата ќе се предаде во неговите раце, и ќе прави беззаконија (какви што никогаш од вековите немало). (5) Тогаш човечкиот род ќе дојде во оганот на испитувањето, и «ќе се соблазнат многумина и ќе пропаднат, а оние што ќе претрпат (=издржат) во својата вера, ќе се спасат« од тоа проклетство.

И тогаш ќе се појават знаците на Вистината: прво знакот на отворањето ( =знакот на појавувањето Господово) на небото, потоа знакот на глас од труба, и третиот (знак): воскресението на мртвите. (7) Но, не сите (заедно), туку како што е речено:

«Ќе дојде Господ и сите свети со Него».

Тогаш светот ќе го здогледа Господа како доаѓа на небесни облаци».

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s