Византија VI в.

Пред нас е VI век. Тоа можеби е најзначајната епоха во историјата на Византија. Тоа е времето на конечното формирање на византизмот, време, кога елинскиот гениј сосем се одделил од старите бразди на класичниот живот, за да оди во нов тек, укажан со духот на христијанската религија; кога во сета ширина се раскрилила така-наречената византиска култура, тој конгломерат на секакви текови. Новата култура не била целосно одрекување на примените и од неа претворени култури. Всушност, ниту еден од продуктите на класичниот гениј во Византија не бил целосно отфрлен: таа ги зачувала сите видови уметност, наука, право, а на сето тоа само придала своевидна боја. Специфична црта на новата култура – е длабоката религиозност, религиозност со отпечаток на аскетски побарувања. Таа црта проникнала во сите страни на животот, продрела во сите гранки на науката и уметноста, ги зафатила сите класи на општеството. Религиозните интереси во Византија решително надвладеале//1, и црковниот живот забележително избил на прв план. Црковните и светските елементи стапиле во тесно взаемно проникнување. Државата и Црквата образувале некоја нераздвојна целина: црковно-граѓанските кодекси од номоканоните (LX заглавја, на Јован Схоластик (†577), така наречениот Фотиев (VII век) красноречиво говореле за тоа. Монаштвото од скромна појава на црковниот живот израснало во огромна културно-општествена сила и сè повеќе го раширувало своето влијание на духовниот живот на државата. Целата култура на Византија неограничено се приближувала кон идеалот на црковноста. Во областа на црковниот живот византијците почнале да бараат задоволување на најдобрите стремења на својот дух. Нивните философски навики за себе нашле богата храна во богословието, естетскиот вкус – во развојот на култовата страна на богослужбите, во грандиозните созданија на христијанската уметност. Истовремено, сите сметки со стариот пагански елинизам биле завршени. Класицизмот ја изгубил некогашната популарност. Богатата христијанска литература (првенствено IV в.) речиси сосема ја истиснала светската, паганската. Од сите пројави на елинскиот гениј најмногу се одржувала философијата. Но, и таа постепено го изгубила своето влијание. Неоплатонизмот сè повеќе остапувал пред христијанската философија//2, која го презела неговото оружје, а во VI в. тој конечно ја преклонил својата глава. Паганската продуктивност на Византија умрела. Живеело и раснело само христијанството, a плодовите на елинскиот гениј се развивале на неговата почва и веќе во негов дух. Сè светско добило религиозен колорит, и не само религиозен, туку и аскетски. Преовладувањето на духот над плоттта станало лозунг – не само во аскетиката, туку и во философијата, во уметноста, во култовата символика. Во пределите на аскетиката се сместувала целата етика, и никој не барал друг идеал, освен аскетскиот. Така, стариот живот се обединил во Византија со новите начела и се проникнал со новиот дух.

Белешки:

1. Таа црта најдобро се искажува во преовладувањето на богословската литература. За увид во византиската литература од даденото време можат да послужат записите на Bardenhewer, 457-497, и Krumbacher-Ehrhard, 37 ff.

2. Во најдоцната формација на неоплатонизмот (кај Прокло) гледаме – веќе спротивно на првичната положба на школата на неоплатониците и во согласност со тврдењата на христијанските мислители – признавање на единството на душата, откажување од погледот на материјата како зло (Zeller E. Philosophie der Griechen. Leipzig, 1881,3. В.III,2, S.814,812). Неоплатониците, изгледа, уште пред христијаните, го усвоиле учењето за триадата αρχικων υποστάσεων (Плотин, Enneades V, I, ed. Moser-Creuzer, Paris, 1855, p.298) и почит кон боговдахновените книги, кон принципот традиција (Порфириј, см. Е.Zeller, ibid. 673).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s