Борбата со оригенизмот

Покрај целосната христијанизација на целиот склад на животот во Византија се случувал уште еден друг, сличен процес – воцрковување на научното богословие, кое, ползувајќи се со преголема слобода во философските теории, на некои места дошло во суштинска противречност со црковното учење. Станува збор за оригенизмот, кој уште во тоа време ги привлекувал умовите на општеството. Борбата со него во значителен степен го наметнала кругот на богословските интереси во Византија во VI в. и го определила карактерот на правилното разрешување на многу светогледни прашања, особено во областа на антропологијата (вклучително и есхатологијата). Паралелно се водела друга голема борба за црковната вистина – борбата со монофизитството, една од најсилните и распространети ереси во Византија. Во таа сложена борба било поставено прашањето за востановување на општоприфатените црковни авторитети и така бил направен обид да се сумира целото историско минато на црковниот живот, да се даде крајна оценка и да се сведат наедно сите достигнати позитивни резултати на научното богословие. Во остварувањето на тие стремења важно значење имала епохата (и дејноста) на императорот Јустинијан, а нејзино средиште е – Петтиот Вселенски Собор (553 г.). Како резултат на споровите кои настанале при Јустинијан, Црквата му придала конечна форма на византиското научно богословие, го поставила во определени рамки и со тоа го укажала патот на приведување на разновидните богословски мненија кон определено единство.

Литературната борба со оригенизмот почнала многу рано. Уште во III в. св. Методиј Олимписки побил некои неправилни мненија на Ориген (за вечноста на светот, предпостоењето на душите, соодветноста на воскреснатите тела со сегашните само според нивниот ειδος). Впрочем, и потоа во IV-VI в. Ориген имал доволно следбеници (Руфин, Евагриј, Дидим, св. Григориј Нискиј, Немезиј), кои повеќе или помалку, се приближувале кон него со своите гледишта; во VI в. со Ориген, меѓу другите, сочувствувале монофизитите (Теодор Аскида, Филопон) и делумно некои православни (монасите на Новата Лавра на св. Сава). Сепак, со крајностите на оригенизмот во VI в. веќе никако не биле подносливи. Гласовите против Ориген во VI в. заапочнале да се слушаат сè почесто и почесто (Антипатр Бостријски, св. Ефрем Антиохиски, Теодор Скитополски, преп. Варсануфиј, Мина Константинополски, Јустинијан). По долгите спорови тој, конечно, бил осуден сецрковно (указ на императорот Јустинијан 543 г.; Вселенски Собор 553 г.)//1.

Осудувањето на Ориген послужило како поттик кон разработката на византиското богословие со нови гледни точки, а борбата со неговите заблуди станала важен одречен фактор во таа разработка. Оригенизмот бил целосен светоглед. Целата негова животност во тоа и се состоела, што тој бил целосен систем. Борбата со него требало да ја постави на ред изработката на сите пунктови на христијанското учење. Таа била особено плодотворна во областа на антропологијата, која во тоа време сè уште не била целосно откриена. Централна (но не поаѓачка) идеја на антропологијата на Ориген било учењето за предпостоење на душите. Наедно со осудата на тоа учење паѓале и сите идеи кои биле поврзани со него, или биле условувани од него (вечноста на светот), или потекнувале од него (учењето за падот на душите и нивното облекување во телата, учењето за идната плот, апокатастасис-от), и христијанската космологија, антропологијата и есхатологијата добивале од сега нови и стабилни поѓачки точки. Одрекувањето на неоплатоничкото учење за вечноста на светот, меѓу другото, било важно во однос на тоа, дека изгонувало секакви траги од пантеизам, претставувајќи го светот не /како/ вечно нужен, туку /како/ слободно-творечки акт. Во отфрлањето на теоријата за предпостоењето добро созревала идејата за целосноста на човечкото суштество, и воопшто целиот светоглед, развивајќи се наспроти оригеновите мненија, многу добивал во однос на тоа, дека суштински се приближувал кон библискиот. Со Црковните определби против Ориген јасно се означувале оние граници преку кои не морал веќе да преминува интересот за философијата на христијанските мислители.

Белешки:

1. Заседание VIII, анатематизам 11. Mansi IX, 384В; ДВС.V.3, 190. Canones Concili V contra Origenem, Mansi IX, 396B-400E. Конкретно, осудувањето на Ориген се случило на едно од заседанијата кои претходеле на отворањето на Вселенскиот Собор. Fr Diekamp. Die Origenistische Streitigkeiten im sechsten Jahrhundert und das fünfte allgemeine Concil. Monster i. W, 1899. S.131,137.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s