Александриското и антиохиското богословие

Термините “антиохиски”, “александриски” – се условни, технички. Тие служат за означување на нијанситe во богословењето на црковните писатели од IV-V в. Тие писатели, при основната истоветност на својата догматска позиција, сепак, во своето богословење имале некои особености, условени или од нивните лични својства, или од поместните традиции и моќните влијанија од посетуваните школи. Според тие особености тие одамна се делеле на две групи: александријци и “источни”//1, или – според прифатената школска терминологија – антиохијци//2. Разликата меѓу нив во својата основа се сведува на разликата во нивниот природен карактер. Александријците биле длабоки мистици, антиохијците – луѓе на трезвено размислување. Едните живееле со религиозното чувство, другите – со научните интереси. Едните сакале да ја созерцуваат во христијанството неговата таинствена, недостижна страна и трепетно во неа го чувствувале повисокото, духовното, божественото, го чувствувале така, што и не мислеле да го докажуваат рационално, наоѓајќи целосно задоволување во своето длабоко религиозно чувство. Другите, обратно, се сосредоточувале не на таинственото и скриеното, туку на надворешната, историски дадена содржина на христијанството и центарот на тежата на своите истражувања го поставувале во докажувањето на недостижните тајни на религијата и во изработката на точни и определени богословски формули. Во тaa смисла, тeнките разлики меѓу едните и другите се покажувале во сите видови црковна писменост. Александријците во егзегетиката се придржувале до таинствената смисла на Писмото, во апологетиката посветувале многу внимание на теоријата за таинствените реакции на Логосот во паганскиот свет, во полемиката се потпирале на мистичко-сотириологиската идеја за обожението, во историјата ги забележувале супранатуралните фактори кои го управуваат нејзиното движење (Евсевиј Кесаријски). Антиохијците пак, во егзегетиката го претпочитале буквално-историското разбирање (не разрешувајќи ја историјата во алегорија), во апологетиката и полемиката се сосредоточувале главно на своите диалектички докази, во историјата не се поткревале повисоко од рамките на емпириската реалност. Воопшто, александријците секогаш биле побогати од антиохијците со религиозно чувство, но заостанувале зад нив во научната рефлексија и во точноста на својата терминологија//3. Обратно, антиохијците според образованоста секогаш биле над александријците//4, но заостанувале во длабочината на проникнувањето во возвишените догмати на христијанството.

Укажаната разлика меѓу александријците и антиохијците, меѓу мистиците и луѓето на трезвената наука, се искажувала, како во нивното богословие, така и во аскетиката. Александријците, следејќи ги своите длабоки религиозни стремења, без никакви рационални околности непосредно го созерцувале Бога во Христа. Тоа било нивно животно исповедание на сотириологиската надеж – спасението (обожението) може да го даде само Бог//5. Таа идеја за нив била сè. За нив не биле важни расудувањата за тоа, како да се изрази и објасни нејзиниот однос кон идејата за еднобожјето или како да си го претставиме таинственото единство во Христа. Нивното живо религиозно чувство просто го созерцувало во Христа она сосем недостижното, недознајното, но и сосем неделиво единство. И тие со ужас се одвраќале дури од самата помисла за обид некако да се одделува Христос од човештвото (од Неговата човечка природа – забел. на прев) или да биде созерцуван како човек. Тие секогаш во Него го гледале Бога во плот, “едната воплотена природа на Бога”. Тоа многу му кажувало на срцето на човекот, и во тоа е причината за неговата животност, но тоа, за жал, малку место оставало за сестрана обмислена обработка на догматот. Зафаќајќи ја идејата, поткажана од срцето, идејата – расплината, неопределена, како и самиот глас на срцето, и прифаќајќи ја за точна формула, неумерените припадници на тоа гледиште секогаш можеле да паднат во крајност и да завршат со заблуда, што и навистина се случило со монофизитите. Во секој случај, впрочем, тоа гледиште е многу возвишено. Задржувано во потребните граници, тоа ја сочинило најсветлата и привлечна страна во гледиштата на александријците и писателите кои се приближувале кон нив (св. Григориј Богослов, св. Григориј Ниски). – Соодветно на возвишениот карактер на богословието на александријците и нивната аскетика била во највисок степен одухотворена. Мистичките состојби, созерцателноста, во неа се истакнувале на прв план, и дури во областа на подвижничката практиката тежиштето се сосредоточувало на внатрешниот подвиг на борбата со помислите.

Од друг тип било богословието на антиохијците. Тоа било туѓо на возвишените мистички полети на александријците. Рационалниот елемент кај нив превосходно преовладувал. Во потта на своето лице антиохијците се труделе над решението на различни проблеми, поврзани со рационалното засновување на христијанските догмати. На нивните трудови им должиме за цела редица точни формули, кои од времето на Халкидонскиот Собор влегле во сеопшта употреба како потполно задоволителни за интересите на научната формулација на догматите. За жал, некои антиохијци премногу си дозволиле да бидат заведени од задачите на рационалното појаснување на догматите и биле вовлечени толку, што во името на логичката следственост на своите творби биле подготвени да ја жртвуваат и верата во Божеството на Христа (Ариј), и единството на неговото суштество (Несториј). – Колку што мистичката странa на христијанството антиохијците не ја развивале доволно, толку и во аскетиката биле туѓи на секоја созерцателност. Нивната аскетика била надворешна, практична, моралистичка; тоа – е аскетика на сурови подвизи на плотта (св. Ефрем Сириски) или на дејствени христијански добродетели (св. Јован Златоуст). Антиохијците биле не “созерцатели”, туку “практичари” по превосходност.

Влијанието што го имале врз масите антиохијците или александријците било условено од личните склоности на секого и само делумно од местните традиции. Мистиците ги усвојувале идеите на александријците, луѓето на здравата смисла – на антиохијците. Во таквиот поредок секој се придржувал до извесниот омилен отец и соодветно на тоа правел разлика меѓу своите авторитети. Но, во епохата на Јустинијан, по настанатите христологиски спорови, таквата положба на работите веќе не била задоволителна, особено при стремењето да се најдат општи и задолжителни за сите – авторитети. Затоа, само по себе се појавило прашањето за споредбена оценка на “отците”. Уште во времето на несторијанските спорови се слушале авторитетни гласови//6 против некои од антиохиските “отци” (Теодор Мопсуестијски, Диодор Тарсијски). Осомничувањето за несторијанство тогаш било нафрлено дури на највидните од “источните” (блаж. Теодорит). Во епохата на Јустинијан идејата за одделување на општопризнатите авторитети добила свое остварување. Биле добиени сосема определени резултати. По спорот за трите глави антиохиските отци морале да отстапат во позадина. Само светлиот лик на големиот Златоуст ја заменил со собе затемнетата плејада на “источните”. Александријците пак, и писателите кои им биле блиски – преовладале. Нивното значење уште повеќе пораснало, бидејќи некои од нив ја дозволиле или усвоиле точната антиохиска терминологија и, со тоа, го оддале должното и на непосредните научни потреби. Споровите што ја вознемирувале Византија само малку го засегнале александриското богословие. Осудувањето на Ориген, основачот на александриската школа, не можело сериозно да го допре него, зашто неговите претставници уште во IV в. ги оставиле повеќето или сите крајности на оригенизмот//7. Само монофизитството со своето изопачување на александриските идеи го расипало делумно – на пример, во учењето за обожението//8 – уважувањето кон александриското богословие, но само делумно. Воопшто, тоа го запазило преовладувачкото значење, и александриските отци останале главни авторитети во византиското богословие.

Белешки:

1. Synodicon adv tragoediam IrenaeI, С.13,18, PG.84, 600В,610А.

2. За карактеристиката на овие школи види.: свящ. Т.И.Лященко (проф. архим Тихон). Значение св. Кирилла Александрийского в истории христианского богословия. Киев, 1913, с.2-3,7.

3. Св. Атанасиј ги смешувал ουσία и υπόστασις во св. Троица (De decretis Syn. Nicaeni 27, PG.25, 465B; р.п.I.2, 436; De synodis Arim. et Sel.41; Tomus ad Antiochenos, 6, PG.26, 765A,801C; р.п.I2, 146,170), св. Кирил – φύσις и υπόστασις во Христа (Apol. contra Theodoretum, anatk II, PG.76, 401A; ДВС. II.2, 59; Ep.40,50, PG.77, 193В,276В.). Тие неточни формули на александријците многу ги вознемирувале “источните”. Во тринитарното прашање тие (омиусианите) се смириле дури тогаш, кога ја изработиле формулата; τρεις υπόστασις, μία ουσία (Св. Атанасиј Голем, Tomus ad Antioch. 5-6, PG.26, 801A-D; р.п.III.2, 169-170; ср. А.П.Орлов, Тринитарните гледишта на Илариј Пиктавијски. Сергиев Посад, 1908, с.251д.), а во христологиското прашање – тогаш, кога св. Кирил ја прифатил нивната терминологија на исповеданието во своето унионално послание 433г. (Ер.39, PG.77, 177А; ДВС.II.2,149), или, поточно, тогаш, кога Леонтиј Византиски успешно го применил во христологијата терминот ενυπόστατον, завршувајќи ги сите недоразбирања во таа област (види понатаму, [стр.42], во ел.верзија – “Полемиката со монофизитите”, бел. 9-12).

4. Некогаш антиохијците во своите богословски дела непотребно ја истакнувале својата ученост и познавања на класичната литература, со што, секако, праведно го навредувале религиозното чувство на александријците. Сп. ја забелешката на св. Кирил Александриски по повода аналогиите, кои блаж. Теодорит ги позајмил од митологијата: Apol. contra Theodoretum prol., PG.76, 383C; ДВС.II.2,54.

5. Сп. И.В.Попов, Религиозный идеал св. Афанасия Александрийского. Троице-Сергиева Лавра, 1904, с.65-68.

6. Св. Кирилл Александрийский, Ер.67, PG.77, 336В; Ер.71,72, 343А-344А,344D. Против тие напади “источните” ги заштиштувале своите “отци”, дури одржале особен собор во Антиохија; тие утврдувале, дека нивните “отци” учат согласно со св. Атанасиј, Василиј, Григориј (сп. во писмата на св. Кирил Александриски. Ер.69, PG.77, 340В; Ер.68, – 338С) и затоа се достојни за општо признавање, бидејќи самите тие ги признаваат александриските отци (Synodicon adv. tragoediam Irenaei, С.196. PG.84, 811 А). За св. Кирил, сепак, тие тврдења на “источните” не биле убедливи и дури ги сметал за лажни изјави, небаре тие ги следат александриските отци (Synodicon, С.198, PG.84, 812D-813A). Подоцна православните избегнувале да се повикуваат на “источните” отци и го користеле само авторитетот на александријците (ibid. С.225, 862В; ср. Collatio cum Severianis, Mansi,VIII, 820D-821A).

7. Дури таков почитувач на Ориген, како св. Григориј Ниски, го оспорувал неговото учење за предпостоење на душите (De hom., opificio, 28, PG.44, 229D-233B; р.п.I, 193-196).

8. Проф. И.В.Попов. Идея обожения в древневосточной Церкви. Москва, 1909, с.21.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s