Набргу по разбудувањето на оригенистичкото прашање бил на повидок спор од сличен карактер – спорот за “трите глави”, за трите претставници на антиохиското богословие: Теодор Мопсуестиски, Теодорит и Ива. Тоа бил сложен спор за авторитети, а предизвикан од христологиската борба на епохата. Воопшто, во неговата основа лежел стремежот својствен за Византија од VI в. – да се оцени и така или инаку да се изрази својот однос кон целиот круг црковни писатели на древноста. Секако, во дадениот случај не можело да бидат во прашање писателите од I-III в., туку само претставниците на златниот век на црковната писменост. Само според односот кон последните можело да се зборува за нивното влијание врз идното богословие. Ни познатиот на свој начин Ориген, ни помалите писатели од I-III в. не можеле да им бидат соперници во овој однос. Од тука, во Византија своето внимание и го запреле на отците од IV век. На крајот на краиштата, спорот за трите глави силно го искомпромитирал така нареченото “антиохиско” богословие и истакнал некои од “александриските” отци, кои од тоа време извршиле особено влијание на развојот на византиското богословие.