Рождество на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш-дева Марија

Рождеството на Пресвета Богородица се празнува на 8/21 септември. Самиот настан не е опишан во Евангелието, а расказот за него е земен од преданието. Тој послужил како основа за Богослужбениот поредок на празникот.

Црковното Предание говори, дека Јоаким и Ана биле благочестиви еврејски сопружници кои го очекувале ветениот Месија. Тие биле стари, но без деца и затоа многу години топло се молеле на Бога, бидејќи меѓу евреите бесплодноста се сметала како знак на Господова немилост. И ете, како одговор на нивните молитви и како награда за неколебливата верност кон Бога, тие биле благословени со раѓањето на ќерка, која била предназначена да стане Мајка на Христос – Месијата.

Таа што била духовно достојна да стане Христова Мајка морала да биде родена од оние што и самите биле духовно достојни да станат нејзини родители.

Значи, празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Истовремено, овој празник е почеток на приготвувањето на светот за спасението, затоа што Садот на Светлината, Книгата на Животот и Словото, Источната Врата, Престолот на Премудроста, сето тоа самиот Бог го подготви на земјава со раѓањето на девојчето Марија.

Стихирите на празникот се полни со различни имиња за Марија, слични на спомнативе. Тие се засновани од изворната инспирација на Стариот и Новиот завет. Ние го гледаме тоа и од празничните библиски читања. Така, трите библиски извадоци (паримии), што се читаат на Вечерната богослужба, пророкуваат за Неа: Скалата од сонот на партијархот Јаков, која што го соединувала небото и земјата и местото наречено Божји дом и врата небесна (Мој. 28, 10-17), го означува единството меѓу Бога и луѓето што е остварено најпотполно и најсовршено – и духовно и физички – во Марија Богородица, Божјата Родителка. Така и визијата на храмот со вратите кон Исток кои биле постојано затворени и полни со славата Господова ја символизираат Марија – во празничните химни наречена дом Господов полн со славата Господова (Ез. 43. 27-44, 4). Според Изреките Соломонови (9, 1-11) Марија се поистоветува со Дом којшто Премудроста за себе го изградила.

Евангелското читањена Утрената богослужба е исто како и на сите Богородични празници:

„Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти го виде смирението на Својата слугинка, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови” (Лк. 1,47).

Апостолското читање на Литургијата е познатиот цитат за доаѓањего на Божјиот Син, Кој прими лик на слуга и стана ист со луѓето (Фил. 25-11), а од Евангелието се чита местото како и иа ситеБогородпчни празници: Некоја жена меѓу народот ја величала Исусовата Мајка, а самиот Господ, одговорил дека, истата таа благодат што ја примила неговата Мајка е наменета за сите што го слушаат Божјото слово и го извршуваат (Лк. 11, 27-28). Затоа, на празникот Рождество на Богородица ние го прославуваме и тоа што со Божјата благодат – сето човештво, секој христијанин го прима тоа што го примила Пресвета Богородица – големата благодат, што им е дадена на сите луѓе со Христовото раѓање од Дева. (www.oca.org)

2.

(Тропар, глас 4) Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му возвести на целиот свет, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш; и откако ја урна клетвата, ни даде благослов; кога ја уништи смртта, ни даруваше вечен живот.

Во своето Евангелие Господ и Бог наш, вели: „Кога доаѓа времето да се роди младенец, тогаш настанува мака, но откако ќе се роди останува само радоста, зашто нов живот влегол во светот.” И кога се раѓа дете, блиските се чудат каква ли ќе биде судбината на тоа дете. Раѓањето на детето е само неговиот прв ден, а каков ли ќе биде долгиот ред од денови кои го чинат човековиот живот, и каков ќе биде последниот ден, која ќе ја сведе сметката на сè што бил животот.

Денес го празнуваме Раѓањето на Божјата Мајка и нашата мисла е свртена кон неа. Таа се родила, како што вели Евангелието; не од плотска волја, ниту од машка похот. Таа се родила од Бога, како последна, заклучна алка од долгата низа луѓе, мажи и жени. Сите тие имале една заедничка црта, сите тие морале да се борат; тие се бореле во Божјо име, против себе, не против другите, за да торжествува Бог. И постепено, од столетие во столетие тие ја подготвувале Наследничката на својот род, која требало да се роди како секој младенец, во редот на доброто и злото, на гревот и светоста, но, која би била такво дете што би го избрала доброто од самиот свој почеток и ќе живее во чистота и во целосна верност на своето човечко величие.

Со раѓањето на Божјата Мајка почнува надминувањето на онаа преграда која постоела помеѓу човекот и Бог од моментот на гревопадот. Се родила онаа што ќе биде мост меѓу Небото и земјата, таа што ќе биде Врата на Воплотувањето, Врата која се отвора кон Небото. Се радуваме денес, зашто дојде почетокот на спасението. Да и’ се поклонуваме така што да станеме достојни да бидеме од истиот род со неа; од човековиот род од кој се роди Бог, бидејќи таа покажа таква – совршена верност.

(Кондак, глас 4) Јоаким и Ана од срамот на бездетноста,и Адам и Ева од смртната пропадливост: се ослободија Пречиста, во твоето свето раѓање. Затоа празнуваат и твоите луѓе, кои се избавија од вината на прегрешенијата, со воскликнување: Неплодната ја раѓа Богородица и Хранителка на нашиот Живот.

3.

Светлата радост на Јоаким и Ана не се ограничила на нивниот семеен круг. Не, таа радост го опфатила целото човештво. Оти, преблагословената Дева била определена да стане мајка на Богочовекот и Спасителот на светот. Значи, со нејзиното раѓање засветела општата радост од праведниците. Затоа и Црквата, славејќи го со величествени песни овој настан, извикнува: Луѓе, ова е Господов ден, радувајте се!

Веднаш по првиот грев Бог ветил дека ќе го спаси Адам и неговото потомство. Но, сепак требало да измине многу време, за тоа ветување да се исполни. За толку долгиот изминат временски период имало многу причини. Главна причина е тоа што не можело бргу да се најде чиста и достојна девојка што ќе го прими во себе Оној што ни Небесата не можат да го опфатат. Човечкиот род требало да помине низ многу искушенија, низ времето на праотците, патријарсите, пророците и царевите, за да може од него да произлезе преблагословената Марија, „таа фиданка од коренот на Јесеј.” И со раѓањето на Пресвета Дева Марија е отклонета неплодноста, не само на Јоаким и Ана, туку и етичката неплодност на севкупниот човечки род.

Тоа е првата причина за големата радост на Црквата. Втората причина е во величественоста на самата преблагословена Дева. Меѓу сите величествени луѓе кои живееја на овој свет, нема таков што може да се спореди по духовната убавина и величие со Пресвета Богородица. Најврвните особини, својствени за вистинското величие, како – чистото срце, душевната простота, безграничното смирение, возвишеното трпение – се душевни украси на Пресвета Дева Марија. Тие високи својства беа израз на нејзиниот земен живот. Затоа, таа и сега е над сите луѓе и неспоредливо е повисоко над сите ангели, над херувимите и серафимите.

Постои и трета причина за радост поради рождеството на Пресвета Дева Марија. Таа причина се наоѓа во нас самите. Сите луѓе се слаби созданија со душата и телото. Затоа, на сите нас ни е потребна заштита и помош. На сите нас, во секој момент, ни е потребна благотворна помош. Но таква заштита и помош на земјата тешко се наоѓа. Земните заштитници не само што многу бараат и се непостојани, туку и самите, како и ние, се со душевни слабости, и според тоа сосема безнадежни. За нашите душевни страдања тие ништо не можат да сторат. Неопходно е да се најдат високи небесни заштитници, кои имаат пристап кон престолот на Севишниот. Неопходно е да имаме такви совршени заштитници, чија молба за нас секогаш ќе биде услишена. И ете, таква семоќна заштитничка, таква Мајка која со љубов ќе ги опфати сите и секого, таква срдечна посредничка, истрајна и постојана застапничка, Господ ни дал во лицето на Пресвета Дева Марија. Таа е Мајката на нашиот Спасител, со слава овенчана небесна Царица, која застана оддесно на престолот на нејзиниот Син, Господ Седржителот, и вечно се застапува за нашата духована и телесна благосостојба.

(Задостојник, глас 8 ) Величај го, душо моја,// преславното раѓање на Божјата Мајка. Туѓо им е на мајките девството,/ и необично – раѓањето деца за девојките:/ на Тебе, Богородице, обете се случија./ Затоа, сите земни народи,// постојано те величаме.

според материјали од Митрополит Сурожски Антониј (Блум) и протоереј Томас Хопко

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s