Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов

Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов (14 ст.с. / 27 септември н.с.) го празнува наоѓањето на Крстот во четвртиот век од св. Елена (мајката на императорот Константин) и подоцнежно избавување на Крстот од персискиот плен од императорот Ираклиј во 7. в., по што бил возвишен во црквата на Воскресението во Ерусалим. Почнувајќи од ова време, сесветското возвишение на Крстот се празнува во сите цркви на христијанскиот свет.

Овој ден во Византија дури станал како државен празник, а Крстот – амблем на империјата и се поставувал на ѕидовите од државните згради и на униформите. На денот на празникот епископите и свештениците јавно го возвишувале крстот. Тие со Крстот ги благословувале четирите страни на светот, доека народот пеел: Господи помилуј! Овој обред, како порано во црквите, до денес се извршува по свеченото изнесување и воздвижување на Крстот на крајот на празничното Бдение, веднаш по славословието на Утрената богослужба.

Тропарот на празникот кој, треба да се каже, бил национална химна на Византиската и Руската империја и се пеел на сите свечени церемонии, првовремено со молитвата бил обратен кон Бога за спасение на луѓето, дарување на победи во војна и зачувување со Крстот на самата држава. Во нашиве денови, како на тропарот, така и на другите песнопеења од празникот, им се придава првенствено духовно значење: под непријатели се подразбираат духовните баззаконици и грешниците, следбениците на ѓаволот, а наместо имињата на бившите владетели се вели „сите православни христијани.”

(Тропар, глас 1) Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство, дарувајќи им победа над непријателите на сите православни христијани и со крстот Свој заштитувајќи го Твојот народ.

(Кондак, глас 4) Возвишувајќи се на крстот доброволно, на истоимениот Твој нов народ/ дарувај му ги твоите милосрдија, Христе Боже, возвесели нè со Твојата сила, победа давајќи ни над противниците,/ како помош имајќи го Твоето оружје на мирот, // непобедливата победа.

Празникот Крстовоздвижение за нас е ден на постење и молитви, ден кога споменуваме дека Крстот е единствениот символ, достоен за наша безусловна верност, и дека нашето спасение не зависи од било какви земни победи, туку единствено од вистинската и неизбежна победа на Христовото Распетие и нашето сораспнување со Него. И кога ние го вознесуваме Крстот и се поклонуваме пред него со почит и прославување, прогласуваме дека припаѓаме на Царството што не е од овој свет и дека нашето изворно и вечно граѓанство, заедно со светите, му припаѓа на Градот Божји.

Првото старозаветно читање на празникот ни зборува за дрвото, кое ги претвора горчливите води во слатки, и е символ на Крстното Дрво (Изл. 15, 22; 16,1).

Второто читање напоменува, дека Господ ги казнува и исправува тие што ги љуби, и дека Божествената Премудрост е Дрво на животот за оние што ја стекнуваат Премудроста, и блажени се тие што ја чуваат (При. 3, 11-18). Овие зборови, исто така, укажуваат на Крстот, кој, како што гласи апостолското читање на овој ден, за повиканите е Божја Сила и Божја Премудрост (И Кор. 1,18-25).

Третото старозаветно читање е извадок од пророштвото на Исаија, и ни говори за градот Божји, во кој инородни/неевреи ќе припаднат при нозете Божји и ќе дознаат, дека: Тој е Господ Спасителот и Откупителот, Силниот на Јаков (Ис. 60, 11-16).

2.

На Крстот Твој му се поклонуваме, Владико и Светото Воскресение Твое го славиме. (Тропар од поклонувањето на Крстот)

Тоа е главно песнопеење на Крстовоздвижението, кое трае осум дена, и многупати се повторува во богослужбите. На Литургијата тоа го заменува Трисветата песна. Антифоните се заменуваат со соодветни стихови од псалмите, кои непосредно укажуваат на Христовото крстно распетие (Пс. 22, 74, 99). На Утрената, во евангелското читање, Христос говори дека кога ќе биде вознесен на Крст, ќе ги привлече сите кон себе (Јн. 12, 28-36). А, на Литургијата, долгото евангелско читање раскажува за Господовите страданија од истото Евангелие.

Може да се каже, дека на Крстовоздвижение, Христијаните како повторно да се посветуваат себеси на Господа и ја ветуваат својата совршена верност, поклонувајќи се на неговото Распетие и на животворниот Крст. Такво е денешното значење на овој ден во Црквата, ден на пост и покајание.

Уметничките изобразувања на Крстот често го засолнуваат во нашето сознание оној крст, којшто Спасителот го носеше на Голгота, крстот на кој умирал Господ. Во тие далечни времиња крстот значел смрт за престапникот; смрт пред која се ужаснувало човечкото сознание. Казнетиот, кому местото не му било среде луѓето, бил исфрлан надвор од градот, и неговиот пат преку сурова смрт, водел до дното на адот. Таков бил и Спасителот за оние што го предале, оние што го осудиле на распнување, приковувајќи го на крстот, подбивајќи се со Него во часот на Неговото умирање. Тој за нив бил престапник, кој заслужувал последно исфрлање од средината на живите и конечно, смрт, т.е. исклучување од средината на живите.

Православните икони и распетија ни го покажуваат мирот на Христовата смрт; римокатоличката претстава на Распетието ни ја покажува мачната смрт на човекот, а реалноста ги соединува и едното и другото, покажувајќи нешто повеќе, отколку просто смрт на човек, кој успеал со целиот свој живот и со целата своја смрт да љуби, до Божјата победа. Христос пред Своето распнување им зборувал на Своите ученици: „Никој од Мене не го одзема животот – Јас Самиот го предавам…” И во молитвата пред осветувањето на Светите Дарови ние велиме, дека Христос „бил предаден – уште пвеќе, Самиот себе се предал на крстна смрт заради нашето спасение…”

3.

Христовото Распетие е дејство на слободната Божја љубов, тоа е дејство на волјата на Спасителот Христос Кој се предава Себеси на смрт, за другите да можат да живеат – да живеат со вечниот живот, да живеат со Бога. Јуда Го предал; Петар се одрекол од Него, тројца од учениците спиеле во гетсиманиската градина; сите се разбегале. Ирод цинично се подигрувал со Него, Пилат од страв пред луѓето Го предал на смрт; првосвештенициет од слепа вера и завидливост барале да биде распнат – но, конечно, Христос станал човек, живеел, страдал и умрел, бидејќи јас и ти, секој од нас посебно и сите заедно сме го изгубиле Бога со гревот, заборавливоста, себељубието – секој од нас. Бидејќи, за секого од нас, како што рекол Спасителот во едно видение, Он би го претрпел целиот ужас на гетсиманиската ноќ и целиот ужас на крстното умирање и смрт… он слободно би го положил Својот живот за тебе и за мене – не колективно за нас, туку за секого од нас, бидејќи секој од нас му е толку драг, толку возљубен, што неговата цена е – целиот живот и целиот ужас и целото страдање и целата Христова смрт.

И знак на сето тоа е Крстот, бидејќи, во крајна сметка, љубовта, верноста, преданоста, не се докажуваат со зборови, дури не со живот, туку со положување на својот живот; не само со смртта, туку со откажување од себе толку потполно, толку целосно, што од човекот останува само љубовта; крстната, жртвената, оддавачката љубов, умирањето и смртта за самиот сбее, за да се живее за другиот.

И ете, се поклонуваме на Крстот, кој за нас го означува сето тоа, и Божјата победа. Колку побожно треба да се прекрстуваме, да се однесуваме кон она што прекрстувањето значи за нас. Кога ние на себе го изобразуваме кртсот, ние на себе го ставаме знакот пред кој се тресат сите темни сили кои еднаш се судриле со Бога – преку крстот и се победени од тој крст. Ние тоа не умееме да го почувствуваме, но темните сили терперат и бегаат од Господовите крст.

Но наедно со тоа, кога се прекрстуваме, ние како на себе да го земаме Христовиот крст; ние одлучуваме да Го следиме, а патот ни го покажал Христос: „Откажи се од себе, земи го својот крст и оди по Мене;” – вели Христос – за никој да не ти го одземе животот, самиот оддавај го секојдневно, секој час, додека да дојде времето да го предадеш еднаш засекогаш во Божјите раце. И нека целиот твој живот биде носење на тој крст – знак на победата и твојата подготвеност така да живееш и така да умираш, како што умирал Господ.

И колку побожно треба да го изобразуваме крстот, знаејќи, паметејќи, дека со крстот ја исповедаме целата своја вера, собирајќи ги трите прста заедно, со што ја сведочиме нашата вера во Бог Света Троица, а прилепувајќи ги до дланката другите два, си напомнуваме на себе, но и на темните сили и на секого, дека веруваме во Христос – и Бог и Човек, кој слезе на земјата и го предаде Својот живот за нас.

(Задостојник, глас 8 ) Величај го, душо моја,// Пречесниот Крст Господов. Таен си, Богородице, рај,/ кој недопрен го израсна Христа,/ Со него крстното живоносно Дрво на земјата беше насадено./ Нему, сега вознесуван,// поклонувајќи Му се, Тебе те величаме.

Според материјали од протоереј Томас Хопко и Митрополит Сурожски Антониј (Блум)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s