Преподобен Максим како изразител на настроенијата на својата епоха

Затоа, ако на општиот фон на опаѓањето на византиската писменост, одделни писатели понекогаш и заблескувале како сјајни ѕвезди од прва величина, тоа тогаш било исклучок, како што исклучителна била и талентираноста на тие писатели. Меѓу таквите исклучоци во VII в. припаѓал и преп. Максим. Според своите дарови тој неспорно ги надминувал сите свои современици. Имајќи необична сила за творечка синтеза, тој бил предназначен за да ги обедини и поврзе оние разновидни текови, кои самиот живот ги предложувал за органско сливање. Подеднакво силен и како богослов-философ, и како аскет-мистик, и како полемист, тој можел да ги земе во свои раце сите гранки на византиското богословие и, како творечки ум, да ја претвори целата негова богата содржина во единство на целосен систем, и можел да го направи тоа со сета сила на својот оригинален дух, безмерно возвишувајќи се над малите богослови – ексцерптори на своето време, кои едвај успевале да ги оформат контурите на своите – скромни според замислата и исполнувањето – компилативни производи. – Колку творечкиот ум на преп. Максим ја надминувал зачмаената, раздробена и ситна мисла на неговите современици, толку релјефно се издвојувало неговото литературно творештво на општиот фон на постепено опаѓачката византиска писменост. Со својот лик тој дал јасен пример на живиот елински гениј со необичната литературна плодотворност, со многустраноста потсетувајќи на епохата на големите отци. За целиот VII в. тоа е единствената крупна литературна величина, чии интереси се простирале и на егзегетиката и на богословието, и на аскетиката и на литургиката, и на пасхалијата, и дури на поезијата.

Возвишувајќи се за глава над целото свое поколение, преп. Максим бил најдобар изразител на настроенијата на својата епоха. Тој е – зрел плод на византиската култура, јасен образ на нејзиниот гениј, одраз на нејзиниот умствен карактер. Неговиот идеал – е идеалот на аскетска Византија. Неговиот светоглед – е стројниот систем на идеи, што биле најкарактерни за неговата епоха. Неговата мистика – е одраз на владеачките настроенија среде најдобрите синови на Византија. Неговите интереси, неговиот мисловен видик со живи нитки е испреплетен со богословските движења во Византија во VI в. Христологиските спорови во VII в. само придонеле порелјефно да се изразат овие црти во неговата дејност.

Строго црковната позиција во однос кон оригенизмот//1 и монофизитството, со тој негативен фактор во образувањето на неговите гледишта, е карактерна за него како византиски богослов на по-Јустинијановата епоха. По многу прашања на антропологијата (вклучително и есхатологијата) преп. Максим истапува со гледишта кои јасно покажуваат во него богослов кој веќе го оставил зад себе стадиумот на оригенистичките спорови и кој сигурно ги знае патиштата на правилно разрешување на тие прашања во духот на православното учење, како што тоа било изразено на Петтиот Вселенски Собор//2, и наспроти заблудите на Ориген.

И не само негативниот однос кон оригенизмот го карактеризира преп. Максим како богослов на по-Јустинијановата епоха, туку и влијанието врз него од определениот круг “признати” авторитети при Јустинијан, έγκριτοι πατέρες, – и од нив особено на големите “александријци”, а исто така и на Дионисиј Ареопагит, – кои го чинеле позитивниот фактор во образувањето на неговиот светоглед. На мистичката природа на преп. Максим, секако, најмногу се одразило учењето на отците – мистици. Особено созерцателниот дух на “големиот Григориј” (Богослов) му го пренел благомирисот на своите длабоки и таинствени созерцанија. Дионисиј пак, Ареопагит со своите возвишени спекулации го зацврстил неговиот философски дух. Така, најдобрите богословски авторитети на Византија му помогнале на преп. Максим во изработката на неговиот светоглед.

Со посочениот однос на преп. Максим кон византиските авторитети не само што се означуваат изворите на неговото учење и степенот на наговата сродност со духот на гледиштата од неговата епоха, туку и се скицира неговото значење во богословската историја на Византија во VII в. Обединувајќи ги гледиштата на укажаните писатели, преп. Максим застанал во центарот на таа историја и ја остварил целта кон која таа се стремела, а таа цел било создавањето на определен тип “византиско богословие”. Материјалот, дури и патиштата за таа творечка работа – веќе се наѕирале. “Избраните отци” давале богата содржина, Дионисиј Ареопагит – готови схеми. Но, потребно било сето тоа уште да се обедини во целосен вообличен систем; требало сувите и безживотни схеми на Ареопагит да се исполнат со жива содржина и да им се даде тело и крв. А, за тоа бил потребен силен творечки ум, каков што и се покажал преп. Максим Исповедник. Тој станал најдобар претставник на византиското богословие, ακριβης δογματιστής //3 и во буквална смисла за него – творец на византиската мистика.

Белешки:

1. Во своите дела преподобниот отец не еднаш (Ambigua, PG.91, 1069А,1220C-D. f.119а. 186b; Ер.6, PG.91, 432В, р.242; Quaest. ad Thal. LX, PG.90, 625A-B, p.212) специјално настапувал против оригенистичките заблуди.

2. Затоа преп. Максим, без оглед на тоа што речиси во сите пунктови на антропологијата ги следи св, Григориј Ниски и Немезиј, не ја прифаќа ни теоријата за апокатастасис-от, тој остаток од оригенизмот, прикриен со светото име на Григориј Ниски [обидувајќи се дури (в Quaest. et dubia 13), впрочем, неуспешно (Д.И.Тихомиров. Св. Григорий Нисский как моралист. 1886. С.357-358); М.Ф.Оксиюк. Эсхатология св. Григория Нисского. Киев. 1914. C.574-583) да ја претолкува таа теорија во духот на православното учење], ниту теоријата за предпостоењето на душите, кон која Немезиј имал чудна приврзаност (Ф.С.Владимирский. Антропология и космология Немезия, еп. Емесского. Житомир. 1912, с.123-124). Само заради недоразбирање, врз основа на спомнатото Quaest. et dubia 13, на преп. Максим му припишувале прифаќање на теоријата за апокатастасис-от (Neander V.4, 225; Ritter VI, 561; Huber, 358).

3. Одзив за преп. Максим на Максим Маргуниј во писмо до Гешел, PG.91, 656D.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s