Светост

1. Светост (гр. αγιασμος, αγιοτης, αγιωσυνη лат. sanctificatio): е процес на субјективно преобразување на верниот, преку непосредно учествување во животот на Христа, Кој е самата светост.

Во Стариот Завет, „Свет, Свет, Свет” (Ис. 6,3) е име за појавата на трансецендентниот Бог; „Вака говори Господ, чие престојувалиште е вечно и чие име е свето: престојувам во свето и возвишено место” (Ис. 57,15). Светоста Божја доаѓа од тајната на Неговото битие.

Во Новиот Завет, „Еден е свет, еден е Господ Исус Христос”, Кој Својот живот го жртвуваше за конечното посветување на човековиот род: „Јас се посветувам себеси за нив, и тие да бидат посветени со вистината” (Јн. 17,19). Христијаните се свети заради тоа што влегле во заедница са Бога низ Исуса Христа – светиот Првосвештеник (Евр. 7,26), Основачот и Посредникот на Новиот Завет (Евр. 9,15) со Своето свештенство и жртва (Евр. 7,21-28). Христијаните се свети (Рим. 12,13; 15,25-26) бидејќи се причестници на Христа и Светиот Дух (Евр. 6,4), тие се „Божји соработници” (1. Кор. 3,9).

Карактеристични компоненти на светоста се:

а) Причестување со обоженото Христово тело во православната Црква со Изворот на светоста. Целта на евхаристиската жртва е посветувањето на верните. Преку причестувањето со Светите Христови Тајни (Неговото свето Тело и Неговата чесна Крв) христијанинот станува свето Божјо место.

б) Светоста претпоставува внатрешна жртва и подвиг, личен карактер на посветување. Токму заради ова, слободата од страстите е првиот степен на светоста. Пред падот (во Рајот), сите диспозиции и тежнеења на човекот беа добри, слободни од меѓусебна борба, без контрадикторни импулси. Страстите го формираат првиот ѕид што се подигнал меѓу човекот и Бога, а кој треба да се урне заради повторно стекнување на светоста.

2. Светоста на Црквата потекнува од нејзината еднаквост со Христовото Тело, во кое престојува Светиот Дух. Таа е света и осветувачка. Овој нејзин карактер не е намален заради несовршенството на христијаните. Без Црквата, човек не може да биде свет. Христијанинот е свет, зашто е Христов. Секако, не секој христијанин се канонизира за светител. Црквата не измислува светители. Со црковен косензус само се констатираат блаженоупокените во Господа како осветени од благодатта на Светиот Дух, т.е. формално се признаваат оние кои Бог веќе ги покажал и докажал како свети. Светиот е пријател Божји кој со својата силна љубов кон луѓето може и за нив да измоли Божја милост и помош. За светите како Божји чеда и наследници св. Јован Дамаскин вели: „Тие според сопственото (слободно) расположение се соединилие со Бога, Го примиле во живеалиштето (на своето) срце и, откако се приопштиле со Него, станале според благодатта она, што Самиот Тој е според природата.”

Безброј се спасените на Небесата (Откр. 7,9). Душите на праведните се во Божјите раце и нив не ќе ги допре смртта (Прем. 3,1), вели Светото Писмо. Но, само определен број од нив се слават и на земјата. Знаците и чудесата од преставениот, преселениот во Божја близина, не се пресудни, но се чести појави кои придонесуваат за зацврстувањето на народната љубов и почит кон богопрославениот. Човековата добрина не е истоветна со светоста. Само добрите и саможртвени дела направени во Божјо име можат да ја стекнат Божјата благодат која сè осветува. Само според особениот Божји дар, се случува светиот со стекнатата богоуподобеност и богопријатност, да биде од Бога прославен и од луѓето соборностно прифатен како небесен застапник за своите ближни. Светите кои царувале над своите страсти и го зачувале неповреден Божјиот образ и подобие се достојни за да се угледаме на нивните животи, на нивната вера, љубов, надеж, ревност, неколебливост во сведочењето на верата, трпение дури до крв. Бидејќи, како да не бидат почитувани душевните Божји престојувалишта?

Не постојат „локални” или „национални” светители. Може да биде локално, различно според свеченоста, славењето на светиот според неговата вкоренетост во народниот спомен, но сите свети се живи и со молитвена смелост предстојат пред едниот Бог.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s