Македонија од денеска е домаќин на светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржува во Охрид.
На тридневната конференција на тема „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот” најавено е учество на голем број претставници на светските религии, влади, хуманитарни организации, како и познати светски личности.
Конференцијата е во организација на Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи во верските заедници и религиски групи, како и со верските зедници на Македонија.
На конференцијата, како што е најавено, ќе се дискутира и на темите „Нема вистински мир меѓу народите без вистински мир меѓу религиите”, „Религијата и образованието и нивната улога во трансформацијата на општеството” и „Придонесот на заедничките вредности.”
Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што во Охрид е продолжение на неколкуте регионални форуми и собири одржани во Македонија, а се организира во рамките на декадите на ОН и УНЕСКО „За дијалог меѓу цивилизациите” и „За култура на мирот”.
На собирот присуствуваат повеќе од 300 преставници, од кои 200 се од религиозните групи и верските заедници. Поканети се претставници на Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква во Македонија, на дипломатскиот кор, на македонските дипломатско-конзуларни претставништа во светот, на доминантни религии од сите континенти, меѓународни фондации, како и делегација од Ватикан. Конференцијата ја следат повеќе од 100 новинари, фоторепортери и сниматели од Македонија и од светот.
«Одржувањето на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог во Охрид претставува историски настан за Македонската православна црква (МПЦ). Ова, како што јави дописникот на Макфакс, го истакна епископот Хераклејски Климент, секретар на МПЦ, според кого настанот ќе има позитивна рефлексија врз Македонската православна црква»
Макфакс. Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог заврши денеска (28 октомври) во Охрид со усвојување на Декларација за унапредување на меѓуверскиот дијалог, разбирање и заедништво.
Декларацијата за унапредување на дијалогот и заемното разбирање меѓу религиите и цивилизациите безрезервно јас прифатија сите верски заедници кои учествуваа на Конференцијата.
Како што беше истакнато на прес конференцијата, тоа е силна порака што верските лидери ја испраќаат во светот за мир, разбирање, толеранција меѓуцивилизациски дијалог.
Во Декларацијата се наведува дека практикувањето на верата треба да биде во функција на остварувањето на длабоко човечките и морални вредности.
Се осудуваат злоупотребата на верската практика и искривувањето на верските начела, како глорификацијата и фаворизирањето на една вероисповед наспроти другите.
Исто така, се осудуваат сите форми на верско насилство и нетолеранција, како и злоупотребата на верата и сите видови на дискриминација и делување кои го понижуваат достоинството на човекот, стои во Декларацијата.
Верските лидери повикуваат на зацврстување и развивање на дијалогот меѓу различните вери, култури и цивилизации и суштинската улога на овој пристап во борбата против тероризмот.
Според нив, образованието треба да биде значаен столб во формирањето на личноста и претставува суштинска основа за унапредување на толеранцијата, меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог и разбирање, почитување на разликите, човековите права и демократски начела.
Декларацијата за унапредување на меѓуверскиот дијалог, разбирање и заедништво ќе се достави до Генералното собрание на Обединетите нации-ОН, Советот на Европа, ОБСЕ, Арапската лига, Африканската унија, Асоцијацијата на јужноазиските нации, Централно азиската асцијација за соработка, Организацијата на американските држави, Меѓународната организација на Франкофонијата, како и до Владите на државите-членки на ОН.
„Дијалогот на светската конференција што се водеше во Охрид е доказ дека човештвото има сила да постигне еден сојуз на верите и цивилизациите наспроти ризикот да бидеме соочени со судири“, истакна на затворањето на Конференцијата министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Во Охрид беше договорено и следната Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог да се одржи во 2008 исто така во Охрид, за што беше избрано и координативно тело.