Ангели

Соборот на свети архангел Михаил и другите бестелесни небесни сили се слави на 08 (односно 21) ноември. Зошто? Според библиското предание – светот е створен во почетокот на месецот март, односно во пролетна состојба, па овој празник во чест на деветте ангелски чинови е назначен во ноември, кој е девети месец според март. Денот на Страшниот суд и времето на Второто Христово Доаѓање, Отците го нарекуваат Осми ден. Во тој ден ќе се соберат сите ангелски сили како придружба на Господа кој доаѓа по втор пат.

Ангелите се створени пред да биде створен светот, а самите не се творци на ништо. Ангелите според природата се божествени духови, второстепени светлини, нематеријален огнен пламен, брзодвижни умови. Тие се словесни, самовластни (имаат слободна волја самите да одлучуваат), според Божјата благодат се бесмртни, бавни се кон злото, но не и сосем неподвижни. Сепак, сега навистина се неподвижни кон злото, но не според природата, туку според Божјата благодат и својата доброволна блискост со Доброто. Се разликуваат според славата, достоинството и службата. Се делат во девет чинови, кои пак, се поделени во три иерархии:

  • Серафими – разгоруваат огнена љубов кон Бога
  • Херувими – просветуваат со премудрост и богопознание
  • Престоли – разумни и според благодатта богоносни, им даваат сила на правосудност на престолите на земните судии и владетели

  • Господства – господарат со пониските чинови кои не им се робови, туку служат со радост, им даваат сила и мудрост на земните господства, нè учaт да владееме со волјата и чувствата
  • Сили – даваат сила за чудотворства и им помагаат на послушниците и слабите
  • Власти – ги смируваат демоните, одбиваат искушенија, им помагаат на подвижниците

  • Начела – начелствуваат со пониските чинови, се грижат за државите, народите, племињата, нè учат да ги почитуваме старешините, и ги поставуваат достојните на старешинство
  • Архангели – благовестат, пророкуваат, ја закрепнуваат верата
  • Ангели – ги пренесуваат Божјите тајни и намери, поттикнуваат на добродетел

Само највисокиот чин прима светлина и познание од самиот Бог, а сите пониски чинови се просветуваат и ги примаат тајните од повисоките чинови. Тие копнеат по светлината и Божјото познание, па, Бог и на човекот му ги открива тајните на својот домострој преку нив, не затоа што тие му се неопходни, туку зато што во тоа „ангелите сакаат да ѕирнат” (1.Пт. 1:12). Не им треба ни јазик ни слух, туку без изговорен збор ги предаваат еден на друг своите мисли и одлуки. Тие секогаш прават само едно: му служат на Бога и го фалат со песна.

Сите тие заедно се нарекуваат ангели (вестници), затоа што сите се Божји служители, учествуваат во нашето спасение. Иако тоа не е нивната единствена служба, тие заради неа од Светиот Дух во Светото Писмо го добиле името. Според тоа и серафимите како највисок и на Бога најблизок чин се нарекуваат архангели (т.е.. “први ангели”), што во овој случај не е име на чинот, туку на службата (за да не ги поистоветуваме со осмиот ангелски ред); архангели (серафими) има осум: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Јеремиил, Салатиил, Јегудиил, Варахиил. Секој од нив, пак, има различна задача: свети Михаил, на пример; да ја брани православната вера и Божјиот народ, свети Гавриил да благовестува…

Ангелите се создадени повисоки од нас (Пс 8:6), бидејќи немаат тела, ниту телесни страсти (иако не се сосема бестрастни, зашто само Бог е сосем бестрастен). Телесно не се ограничени, не добиваат облик според законите на материјалниот свет, не се попречувани од созданието и материјалните предмети, не се подложни на земните закони на времето и просторот, но се просторно и временски ограничени, зашто им е потребно движење со определена (иако надразумно голема) брзина и време (иако несфатливо кратко) да преминат од едно место на друго. Велиме дека се бестелесни (зашто немаат тело како нашето) односно имаат фини “воздушни” (етерни) тела, зашто навистина само Бог единствено е бестелесен. Велиме дека се нематеријални, бидејќи нивната природа е многу поистенчена од грубото човечко тело и сродна е со човечката душа, но, тие во споредба со Бога се и материјални и груби, зашто само Бог е нематеријален (ова посебно го истакнува преп. Јован Дамаскин на повеќе места во своите дела). Нам, како што вели свети Василиј, секогаш ни се јавуваат во облик на своите тела, иако, како што вели свети Јован Дамаскин, не онакви какви што се, во целосниот и застрашувачки сјај, туку во сјај што е приспособен на нас. Ито така, можат да земаат облик каков што Бог ќе им заповеда, на пр; на човек, или на облак, или на огнен/светлоносен столб. Но, некои Отци посебно нагласуваат дека ангелите и сите создадени духови во својот сопствен облик имаат човечки лик.

Тие нè застапуваат пред Бога, молејќи се за нас и со нас, а ни ги донесуваат Божјите дарови. Според схемата на деветте ангелски чинови на земјата постои соборностната Православна Црква.

Ѓаволите имаат иста природа како ангелите – немаат материјално тело. Она што за човекот е смртта, тоа за ангелите е падот, одвраќањето од Бога – потоа за нив нема покајание. За човекот, имено , покајанието е можно само заради слабоста на телото и ограниченоста на сознанието. Бившиот ангел Деница (гр. Εωσφορος или Φωσφορος, лат. Lucifer – се имиња на утринската ѕвезда деница т.е. на планетата Венера кога се јавува пред изгрејсонцето (види Ис. 14:12; Лк 10:18). За него некои велат дека бил херувим – Јез. 28:14, а други пак, дека припаѓал на највисокиот чин и бил еден од архангелите. Деница начелствувал над десетте ангелски чинови. Нему му било доверено чувањето на земјата. На почеток, имено, во знак на Триедниот Бог, биле создадени десет чинови, како што три и еден помножени со себе и собрани даваат десет.

Деница сакал да стане рамен на Бога. Како една толку совршена природа можела да посака такво невозможно нешто – да биде рамен на Неспоредливиот, на Оној што е над секое создание и според Својата суштина нема ништо слично со созданието? Секако, тој не сакал да го “замени” Бога, туку посакал нешто што Бог не го сакал, нешто што е против Божјата волја, а тоа само според себе значи барање на независност која му припаѓа само на Бога, поставување на својата волја на исто ниво со Божјата и отпаѓање од Бога. А, што тоа тој можел да сака против Божјата волја? Тоа е: постигнување на блаженството со свои лични сили. Така, заради својата гордост се одвоил од Бога, го отфрлил просветувањето и честа од Бога. Така настанало и злото кое што е отсуство на доброто. По него паднал и целиот негов чин, како и многу ангели од другите чинови, на пр: начела, власти (види Еф. 6:12) Некои велат дека дури третина од небесната војска паднала, а други велат дека тоа се случило во четвртиот ден, по создавањето на светилата. Заради својата злоба демоните станале помрачени, без Божјата Светлина, иако ја задржале истата природа, истите својства и сили како ангелите. Од небото, односно од својата заедница, тие биле исфрлени од послушните ангели на Бога на чело со светиот архистратиг Михаил. Грижата над земјата и заповедништвото над сите војски ги презел токму Михаил. Тој во времето на падот на сатаната во гордост и во бездна, ги собрал сите ангелски чинови и громогласно воскликнал: „Да внимаваме! Да застанеме смерно, да стоиме со страв пред нашиот Творец, и да не помислуваме ништо спротивно на Бога! Да видиме какви страдања претрпеа оние што беа создадени заедно со нас и до сега заедно со нас беа причестници на Божествената Светлина! Внимавајте како тие заради гордоста одеднаш од светлината се струполија во темнината и од висините паднаа во бездна! Да видиме како падна од небото утринската ѕвезда Деница и се разби на земјата!” Тогаш сите ангелски чинови на чело со Михаил сложно запеале: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, полни се небото и земјата со Твојата слава!”

Од завист и љубомора сатаната (евр. “противник”) и човекот го наговорил да падне. Но, тој и неговите приврзаници немаат никаква власт ни моќ над никого, освен кога Бог според својот домострој тоа ќе им го дозволи (како во случајот со Јов или со евангелскиот настан со свињите). Кога ќе добијат дозвола, се преобразуваат според својата фантазија во каков што сакаат облик. Заради склоноста кон зло, тие на својата природа и’ придодале нешто што на неа не и’ било својствено: тие паднале во плотско (телесно) размислување, ги презеле плотските страсти кои не ги имале, и дури и човекот го надминале во нив. Ѓаволот (од гр. διαβολος – разделувач) го добил ова свое име затоа што ги клевети и разделува добродетелите и оние што ги сакаат и ги држат добродетелите, а меѓу луѓето го клевети и самиот Бог. За иднината нагаѓаат, гледаат во далечина и движејќи се бргу разгледуваат многу места, го знаат Светото Писмо, па што според тоа ќе дознаат тоа и го “пророкуваат”. И тие имаат своја сопствена иеархија и се разликуваат според степенот на злото и силата. Неколку свети Отци зборуваат и за тоа, дека во невидливото царство на духовите на злобата постојат посебни „престолни места”, на кои седат кнезовите на демоните.

Ѓаволот по Христовото доаѓање прв пат дознал дека е осуден на пекол: кога Господ Исус Христос бил распнат, ѓаволот бил врзан во пеколот. Таму ќе се чува до пред крајот на светот, кога накратко ќе биде пуштен. Наместо паднатите ангели се прибројуваат одбраници од светите чинови, секој според величината и видот на своите заслуги. Господ нема да дојде да суди сè додека бројот на отпаднатите ангели не се надополни со свети луѓе (така велат преп. Симеон Нов Богослов и Лаврентиј Черњиговски). Пред крајот, нема да има паднати духови во адот, туку сите ќе бидат на земјата и во луѓето. Самиот сатана ќе се всели во антихристот, а свети архангел Михаил него ќе го убие и сатаната конечно ќе го врзе и ќе го предаде на вечен оган и мака.

Што се однесува до положбата на Небесата и Пеколот – Светото Писмо, богослужбата, житијата на светите, делата на светите Отци, сите тие велат дека Рајот и Небесата се „горе”, а Адот „долу.” Тие не се наоѓаат во нашиот просторно-временски систем, тие се таму, тука и започнуваат, но се протегаат во сосем друга димензија.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s