За почитувањето на Неделата (Лк. 13,10-17; зач. 71)

При Господа Исуса Христа доведувале стотици болни: слепи, глуви, сакати, парализирани, епилептичари, но и луѓе опфатени од зли духови. Оние што му пристапувале на Господа Христа со вера, Тој ги исцелувал.

Така Христос привлекол кон себе и една несреќна жена, за која сe раскажува во светото Eвангелие:

„И ете, дојде жена која беше опседната од дух на немоќ осумнаесет години; таа беше згрбавена, и никако не можеше да се исправи” (Лука 13,11).

Господ Исус Христос ја повикал жената да застане пред него и и’ рече: „Жено, се ослободуваш од својата болест И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога” (Лк. 13,12-13).

Овој евангелски настан е доволно поучен дури и ако површно се прочита; но тој има и една своја внатрешна смисла, необично поучна за нашиот духовен живот. Згрчената жена го означува згрчениот ум на секој што не стои близу Христа Господа. Имајќи згрчен ум, човекот не може самиот со своја сила да се исправи кон Бога и Небото, постојано ползи по земјата, хранејќи се со земјата, учејќи се од земјата, тажно веселејќи се од земјата. Згрчениот ум истовремено е стеснет и ограничен ум, зашто се направил зависен од сетилата; тој им верува само на сетилата; тој го бара своето потекло меѓу животните; тој го бара своето задоволство во јадењето и пиењето, тој не го знае ни Бога, ни духовниот свет, ниту бесмртниот живот, па затоа тој не знае ни за повисоката, небесна радост, неутешен е, плашлив, полн мака и тага и злоба. Господ Исус го повикува кон себе таквиот ум, за да го исправи, просвети и израдува. Ако Му пријде бргу, како онаа згрчена жена, навистина бидува исправен, просветен и израдуван и со сета своја сила ќе го фали и прославува Бога. Ако пак, не Му пријде, тој ќе се помрачува и ќе умре во својот грев, како што им кажа Господ на неверните Евреи: „ќе умрете во својот грев” (Јн. 8,21).

Кога Спасителот ги лекувал болните, во други прилики, Тој обично од нив барал да ја исповедаат својата вера. Но овој пат не го пбарал таквоп нешто од жената, оти сите можеле да сфатат дека само нејзината вера ја довела во синагогата кај Христа Господа.

Штом се исцелила, жената почнала да го слави Бога. А и сите што биле таму, целиот народ се радувал.

Природно е човекот да се радува на доброто и да се противи на злото.

Но има луѓе што не се радуваат на доброто, бидејќи завидуваат. Такви луѓе имало и во синагогата. Претставникот на нивните чувства се јавил во лицето на старешината на синагогата, кој негодувал против чудата што ги правеше Христос, па противејќи му се на Христа, му се обрати на народот и му рече: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте, и лекувајте се, а не во саботен ден!” (Лк. 13,14).

Но, Господ му одговори и рече: лицемеру! Секој од вас во сабота не го одврзува ли одврзува ли својот вол или магаре од јаслите, и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Аврамова која сатаната ја врзал еве осамнаеста година, не требаше ли да биде одврзана од оваа врскаво саботен ден!

Господ ги познава срцата на луѓето, и Тој знае, дека старешината на синагоата со срцето, всушност, нему му го упатува прекорот, и ако тој тие прекорни зборови ги искажува кон народот.

2.

Додека немоќниот народ молчел и трпел неправеден прекор од својот старешина, Господ Христос отварил уста и одговарил: „Лицемеру!” – го нарекува така старешината, зашто му го чита срцето – „зарем е дозволено во сабота да се помага на стоката, а на луѓето – не? Волот и магарето не остануваат ниту ден неодврзани од јаслите, а да не бидат изведени од темнина на светлина и на воздух, а оваа жена осумнаест година стои неодврзана од сатанско проклетство, и ти уште се лутиш што и таа е ослободена? Навистина, и тебе Сатаната те врзал, не помалку од неа. На неа и’ ја врзал главата за колената, а тебе ти ја врзал душата за саботата. Таа, еве, е одврзана, а ти остана врзан. Зошто и ти не се одврзуваш? Саботата им беше дадена на луѓето за да ги потсети на Бога повеќе од другите денови. Не подсетува ли на Бога ова дело на исцеување на жената повеќе и од оваа денешна сабота и од сите саботи од Мојсеј до денес? Не е ли, значи, ова дело поголемо од саботата? И зарем не гледаш дека е овде Оној што е поголем од саботата? И не само од саботата, туку и од Црквата (Мт. 12,6)? Зарем не чувствуваш, мал старешино на синагогата, дека пред тебе стои Старешината на човечките души?”

Наместо да се радува дека една негова сограѓанка била излекувана од тешка болест, тој се лутел и со зборови покажал дека повеќе сака неговите слушатели да бидат болни и несреќни, отколку да се ослободат од своите маки со помошта на галилејскиот Учител, кого тој го мразел.

Старешините на синагогата и другите книжници опфатени од завист против Господа Исуса Христа, не само што во него не го виделе Божјиот Син, Избавителот на светот, туку во сите пригоди гледале да го исмеат и понижат пред народот.

За да го направат тоа, тие дури се дрзнувале да се повикуваат и на Светото Писмо. Но, тие само надворешно, формално гледале да ги исполнат Божјите заповеди, а за суштината на Божјиот закон не се грижеле.

Затоа Спасителот, иако толку благ и полн со љубов кон сите, бил принуден против нив да изговори такви строги, разобличувачки зборови: „Тешко Вам, книжници и фарисеи, лицемери. Оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија” (Мт. 23.27 и целата гл. 23).

Фарисеите особено ја злоупотребувале заповедта за чување на денот на молитвата. Околу таа заповед тие измислиле илјадници ситни прописи. Живо расправале: дали може во сабота да се пали или гасне свеќа, дали правоверниот Евреин може да јаде јајце снесено во сабота и многу други. Исто така од евангелието гледаме дека им забранувале на болните да се лекуваат во сабота.

3.

Самиот Госгтод Исус Христос ни дава пример како треба да го чуваме денот на молитвата, седмиот ден за одмор, неделата. Тој редовно ги посетувал синагогите и во нив проповедал. Господ Исус Христос бара од нас во празничните денови да правиме дела кои ќе ја потврдуваат вистината дека ние тој ден го одвојуваме и го посветуваме на Бога.

Што работел самиот Господ Исус Христос во тој ден? Ја посетувал богослужбата, го читал Светото Писмо и размислувал за него, утешувал нажалени, лекувал болни.

Сето тоа и ние треба да го правиме. Не треба да го поминеме неделниот ден, а да не ја посетиме црквата и богослужбата; не треба да помине празник, а да не отидеме на богослужба во црквата и да не го читаме Свето Писмо. Меѓутоа, не е доволно само да одиме во црква и да читаме свето Евангелие, туку треба да покажеме дека живееме според него. Во текот на работните денови ние работиме за да заработиме средства за живеење. По примерот на Христа, во празничните денови ние треба да покажеме милосрдие кон нашите ближни и несреќни браќа, кои од нас очекуваат помош. Поради нашата грешност, ние не можеме да лекуваме болни по пат на чуда, но можеме за нив да одвоиме дел од нашите средства или барем да ги посетиме и да им кажеме некој утешен збор. Заради тоа Господ Исус Христос ги разобличил старешините на синагогите, оти тие формално ги запазувале прописите – редовно ги посетувале синагогите и читале Свето Писмо – но, ништо не правеле во празничните денови за доброто на своите ближни.

Барем отсега натаму, откако слушнавме што од нас бара Господ Исус Христос, да настојуваме во празничните денови во таа смисла да го усогласиме нашиот живот. Да не се надеваме во сопствената моќ и да не мислиме, ако постојано работиме, дека и без Божја помош можеме да го уредиме нашиот живот!

Бог не забранува да се грижиме за себе. Но тоа да го правиме шест дена во седмицата, а седмиот ден да го посветиме на Бога, да измолиме благослов од Него и со своите милосрдни дела и срдечна љубов кон ближните и кон Бога да докажеме дека сме достојни Христови следбеници. Амин.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s