Беседа за свети Климент Римски и свети Климент Охридски Чудотворец

Апостолската проповед во првиот век по Христа јасно и јавно го сведочеше Господа Исуса Христа. Кога слушнал за Распнатиот и Воскреснат Христос, еден човек со богопрокопнеана душа кинисал од Рим во Александрија да ја слушне проповедта од непосредните Господови ученици и апостоли. Таму се сретнал со апостолот Варнава и жедно слушајќи ги неговите зборови, во длабочините на своето срце ја примил Божјата вистина. Продолжувајќи го патот до Палестина, го нашол апостолот Петар, од кого свети Климент го примил светото Крштение и станал негов ученик и постојан сопатник. Свети Петар малку пред своето преставување кај Господа, го ракоположил свети Климент за епископ на градот Рим.

Добродетелниот живот, милосрдието и молитвениот подвиг на светиот папа Климент многумина обратиле кон Христа.

Во светото Евангелие Господ Исус Христос е наречен Противречен знак, бидејќи Он е како камен врз кои многумина се наѕидуваат во Неговото неразрушливо Тело, но за жал, ушто повеќе се оние што од тој камен се спрепнуваат, заплеткувајќи се во своето гордоумие.

Така, додека многу народ се вразумувал и се просветувал со светото крштение, тврдосрдечните пагани – гледајќи го успехот на апостолската проповед – го наклеветиле свети Климент, дека ги омаловажува нивните богови.

Императорот го прогонил свети Климент на Крим, на принудна работа во каменолом. И таму Господ ја послушал молитвата на свети Климент, кој огнено се помолил Господ да им ја згасне жедта на многубројните христијани во каменоломот. Човекољубивиот Бог, по молитвата на својот верен слуга, покажал место во карпите, од каде што протекла вода. Таму, во карпите, ревностните христијани издлабиле и храм во кој богослужел светиот епископ Климент. Апостолската дејност на свети Климент Римски го предизвикал гневот на императорот Трајан и тој заповедал свети Климент да биде фрлен в море со камен околу вратот. Тоа се случило во 101 г.

* * *

Дури по седум века, во Херсон пристигнале светите браќа Кирил и Методиј. Дознавајќи за светите мошти притаени во морските длабочини, тие го поттикнале херсонскиот епископ Георгиј на соборна молитва кон Господа за откривање на моштите на свештеномаченикот Климент. По соборната богослужба на светите Кирил и Методиј со свештенослужителите кои ги придружувале од Цариград, со упорната молитва на целиот народ, во полноќ, на површината на морето се покажале светите мошти на епископот Климент. Тие чесно и свечено биле пренесени во градот, во Црквата на светите апостоли. Дел од овие свети мошти светите Кирил и Методиј однеле и во Рим.

Таму, во март 868 година, папата Адријан Втори го озаконил црковнословенскиот јазик како богослужбен, а свети Климент, свети Наум и другите ученици на светите Кирил и Методиј, биле ракоположени во свештенички и ѓаконски чин. Во соборниот храм на светите апостоли Петар и Павле, тие на словенски јазик ја отслужиле божествената Литургија.

Меѓу учениците на светите сесловенски свештенотаиници на Словото – Кирил и Методиј е и светиот отец Климент, Охридскиот Чудотворец. Тој вешто изнајде друг облик на буквите, за да ги направи поразбирливи од оние, кои мудриот Кирил ги создаде. Зашто; словото води кон Бога ако е соединето со разбирање. Зборовите што ги кажа Господ Исус Христос; дух се и живот се (Јн. 6: 63). Затоа, богомудрите мажи што ни ги протолкуваа евангелските зборови на разбирлив словенски јазик – ги славиме како живописци кои свети и животворни слова ни предадоа.

Нашиот просветител уште од детството црпел од богатството на божествените Писма и се воспитувал во светлината на црковните догмати. Рано го засакал монашкото и девствено живеење. Благодатен образец за угледување му бил великиот Методиј, кого што го придружувал од својата младост. Му беше сопатник и при патувањето кај папата Адријан во Рим, а наредната, 869 година, свети Климент продолжува да го следи свети Методиј, кој сега веќе е архиепископ Панонски, на патот кон Моравија. Таму се пречекани од франкиските свештеници, кои не биле расположени нималку пријателски кон нив. Безобѕирно клеветени, свети Климент и свети Горазд за сведоштво ја исповедале верата во Света Троица; еднаш пред франкиските духовници, а во друга прилика и пред моравскиот кнез Свјатополк.

Верата на свети Климент е апостолската вера на Црквата: „Света Троица се трите личности на едната суштина. Бог е еден во три личности.” Учењето на западните богослови, за тоа, дека Светиот Дух излегува не само од Отецот, туку и од Синот, свети Климент го смета за злочестив обид во едната суштина да се воведат две Начела. „Светиот Дух – богомудро тврди свети Климент – не произлегува од две начела; Он е еден и од едно Начело: Отецот е Начелото и Он стои над секое предвечно начело.”

На свети Климента му се даде дарот заради Христа; не само да верува во Него, туку и да страда (Фил. 1, 29). Во теолошката полемика на методиевите ученици со германо-латинското свештенство, ереста на помош го повикала својот прв придружник – насилството. Свети Климент, како еден од петточислениците, со свети Наум, Горазд, Ангелариј и Сава – бил фрлен во затвор.

Наскоро, по заповед на Светополк, со војнички навреди и бесчестења, биле истерани од земјата. Војниците ги допирале мечовите до нивните вратови, готови да ги забијат, и копјата до нивните гради, готови да ги окрвават, за да не умрат веднаш, но толку пати да почувствуваат смртен ужас, колку пати што очекувале удар…

Својот верен служител Бог со страданија го подготвувал за рамноапостолскиот подвиг. Во душата на свети Климент страданијата како остро перо ги изобразувале Христовите добродетели. Светиклиментовата мудрост се оправда во љубовта и трпението. Најсурово прогонет од Велика Моравија, свети Климент како апостолски човек, подготвен е непоколебливо да ѝ служи на Божјата промисла. Преминувајќи го Дунав со другите ученици, стигнуваат во Плиска. Кнезот Борис усрдно барал такви мажи и бил благодарен што добил – не обични луѓе – туку маченици и исповедници. Во Бугарија св. Климент ја исполнуваше должноста како учител до 893 г. Тој организираше школа при кнезовиот дворец, која достигнала високо ниво за време на царствувањето на Симеон. Набргу, свети Климент тргнува во Македонија, каде што ќе развие плодна просветна дејност. Во југо-западна Македонија тој создаде посебни школи за возрасни и за деца. Во Источната Црква на должноста учител се избирал човек достоен, познат по својот благочестив живот и кој имал дар на слово. Св. Климент уште во Моравија бил во чинот на оние „што стојат на степенот на учителите.” Светителот со Словото ги водеше кон богопознание луѓето што дотогаш во бессловесност седеа.

Црковнословенските книги, кои прв започна да ги преведува архонтот Методиј меѓу Словените на реката Струма и подоцна ги пренесе во Моравија и Панонија, кои го добија папскиот благослов во Рим, најпосле се вратија во својот вруток – во Македонија.

После седум години учителствување во Кутмичевица, свети Климент е избран за епископ на областа Велица. В 893 г., кога св. Климент беше хиротонисан за прв епископ од Словените, неговото учителско место го презел св. Наум.

Бог го постави како избран камен кој ги здроби паганските идоли. Преку него блесна Христовата светлина од Охрид до краиштата на словенските земји.

Тој го воведе својот род во бројот на големите народи, кои Бога го фалат на својот роден јазик. Затоа, името на свети Климент е најживо поврзано со неговиот македонски крај, а неговото сесловенско дело ги задолжува и подалечните простори. Вредностите кои тој ги утврди како темели на народната егзистенција, сега се доведуваат во прашање и се прогласуваат за застарени.

Во секој случај, од животна важност ни е да останеме накалемени на благородната Лоза – Христос, за да не се исушиме. Да не се отсечеме од христијанските корени во име на модерните илузии. Ако богохулните европски критериуми го најдат нашиот дом испразнет од православно-подвижничко творештво, тогаш последната состојба ќе биде многу полоша од првата (сп. Мт. 11:26 и Лк. 12;45).

Плодотворноста и трајноста на светиклиментовото дело покажуваат колку светоста може да нè вознесе над подземните струи на кратковидите политики и користољубивите власти.

Знаеме дека Господ Христос му даваше на народот и духовна и телесна храна. И свети Климент, освен за духовната просвета, се грижеше и за земната страна на народниот живот: „Во Охрид секаков емиш има и това овоштие е насадено од руците на свјатаго Климента, Наума и Горазда…” Но, битовиот спомен мораме да го поткрепиме со најважниот светиклиментов аманет:

„Должни сме да го славиме едното Божество во три Личности – Отецот и Синот и Светиот Дух, од кои е секое добро давање и секој совршен дар што слегува од горе….

Затоа браќа, ве молам, да ги оставиме сите лоши дела и така отрезнети да пристапиме кон причестувањето со пречистото тело Божјо, зашто не примаме обичен леб и обично вино, туку самото тело Божјо и самата крв Господова… Треба да пристапуваме со страв и трепет, откако ќе се исчистиме од секаква телесна и душевна похот, та со чисти усти да го примиме телото Божјо, за здравје на телото и спасение на душата…

Зашто, не приличи, браќа, да бидеме христијани само по име, а не и по дела!”

Соодветно на неговите пастирски поуки, може да додадеме: Да бидеме светиклиментови чеда по дух, а не само на зборови. Дали во ова време на политички виулици, свети Климент ќе ни биде за пофалба само по потреба, а во други прилики неговото учење ќе го оставаме настрана како спротивно на современите европски текови. Но, светите отци се живи за живите, а мртви за мртвите!

Ние кои со вера му пристпуваме, го имаме свети Климента божествен граѓанин, силен во застапништвото пред небесниот престол на Пресвета Троица. Тој нека нè поведе на сите крстопати, да нè ободри во сите искушенија, да ни измоли помош од Господа! Светиклиментовата Црква е нашиот кораб, кому Светиот Дух му е поволен ветар. Свети Климент ќе нè познае по смирението, со кое надежта ја полагаме на неговите молитви. Токму по христоподобното смирение и ние го знаеме свети Климента; добар пастир кој кротко го воведуваше својот народ во христијанските вистини.

Пред своето блажено упокоение, свети Методиј го определи достојниот Горазд за наследник на неговата наука. Но, Божјиот прст подоцна го посочи свети Климента како прв словенски епископ, чиј архипастирски труд ќе даде стократен плод.

Триблажен отче Клименте, закрепни ги столбовите на твојата Црква и биди ни помошник и претстоител нам, кои го славиме твојот божествен спомен, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s