свети Јован Дамаскин: Разговор меѓу Сарацен и Христијанин

На прашањето: „Кого сметаш за причинител на доброто и злото?” – христијанинот одговара: „Ние велиме, дека само Бог и никој друг е причинител на сите добра, но не на злото. ”

На тоа сараценот вели: „Кого го нарекуваш причинител на злото?”

Х. Се разбира оној кој по своја волја е ѓавол, и нас луѓето.

С. Заради што?

Х. Заради слободната волја.

С. Значи, ти си слободен и можеш да правиш што сакаш?

Х. Јас сум создаден слободен само за две нешта.

С. За кои?

Х. За правење добро и за правење зло. Затоа, правејќи зло, јас сносам казна од Божјиот закон, а правејќи добро, не се плашам од законот, туку сум почитуван и помилуван од Бога. Така и ѓаволот Бог го создал слободен уште пред луѓето, но тој згрешил и Бог го исфрлил од неговиот чин. Но, ти можеби ќе ми возвратиш: Тоа што ти го нарекуваш добро и зло – што е тоа? Еве, сонцето, месечината, ѕвездите се добри – направи нешто такво (добро). Но, не затоа ли јас пред малку ти реков: Јас творам добро и зло сообразно за човекот: добро, како на пример, прославување на Бога, молитва, милостиња и слично, а зло – блуд, кражба и слично; ако е како што велиш ти – и доброто и злото од Бога, тогаш Бог ќе се покаже неправеден, што не е така. Ако некогаш Бог им заповедал, како што ти велиш, на блудникот да блудствува, на крадецот да краде, на убиецот да убива; тогаш тие се достојни за чест – зашто ја извршиле Бојата волја. А, ќе се покажат и твоите законодаватели – лажговци и твоите книги – лажливи, бидејќи пропишуваат казна за блудникот и крадецот и за убиецот кои би требало да се почитуваат, зашто ја извршиле Божјата.

Сараценот вели: „Кој ги обликува младенчињата во женските утроби?” – зашто, сарацените ова прашање ни го поставуваат како најтешко, сакајќи да докажат дека Бог е причинител на злото. – Па, ако му одговорам дека Бог ги обликува младенчињата во женските утроби, сараценот ќе рече: „Ете, Бог е соработник на блудникот и прељубодеецот. ” На тоа христијанинот му одговора: „Ние никаде во Писмото не наоѓаме дека Бог составува или создава нешто после првата недела од творењето на светот. Ако ти се сомневаш во тоа, самиот покажи некое создание или производ, создаден од Бога после првата седмица. Но, ти никако не ќе можеш да покажеш, зашто сите видливи созданија настанале во првата седмица. Бог во првата недела го создал човекот и му заповедал да раѓа и да се раѓа, велејќи му: Плодете се и размножувајте се и исполнувајте ја земјата (Бит. 1, 28). И бидејќи човекот бил одушевен/надарен со душа/, имајќи одушевено семе, отишол да го посее во својата жена. Така човекот раѓа човек, како што вели божественото Писмо: „Адам го роди Сит, и Сит го роди Енос, и Енос го роди Каинан, и Каинан го роди Малелеил, а Малелеил го роди Јаред, и Јаред го роди Енох” (Бит. 5:3-18). Но, не е кажано: „Бог го создаде Сит или Енос или некој друг” – па, од тука ние знаеме дека единствениот создаден од Бога е Адам, а неговите потомци се раѓаат и раѓаат до денес. И така, со благодатта Божја опстанува светот, бидејќи и секоја трева и растение од тогаш со Божја заповед раѓа и се раѓа – зашто Бог рекол: „Да израсте земјата тревно зеленило” (Бит. 1:11), и со Негова заповед израснало секое дрво и секој тревен род и растение, имајќи во себе семенска сила. Семето на секое растение и на секоја трева е одушевено, и повторно паѓајќи на земја, самото од себе или посејувано од друго, тоа расте, не создавано од нешто друго, туку покорувајќи се на првата/најраната Божја заповед. Еве и јас, како што веќе реков, бидејќи сум слободен само во двете спомнати работи, каде и да сејам, користејќи ја својата власт, во своја или во туѓа жена, семето оплодува и станува послушно на првата Божја заповед, а не така, небаре Он секој ден создава и твори, бидејќи во првата седмица Бог ги створил небото и земјата и целиот свет во шест дена, а во седмиот одморил од сите свои дела (Бит. 2:1), како што и Светото Писмо ми сведочи.”

С: А, како Бог му вели на Еремија: „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав и во утробата те осветив” (Ер. 1:5)?

Х: Бог ја образувал одушевената и семенска сила на секој маж од Адам па наваму. Зашго, Адам, имајќи го во себе/во утробата Сит, го родил, како што веќе реков, а Сит – Енос, и секој човек , претходно имајќи го синот во својата утроба (го раѓа) и синот родил и раѓа до денес. А, „во утробата те осветив”, разбери ја (како уторба) која раѓа вистински Божји чеда, по сведоштвото на светото Евангелие: „А, на оние кои Го примија, кои поверуваа во Неговото име, им даде власт да бидат Божји чеда, кои ни од крв, ни од плотска похот, ни од машка волја, туку од Бога се родија” (Јн. 1:12-13) преку Крштението.

2.

Противникот: „А пред Христа имало ли крштение? Бидејќи, Еремија е роден пред Христа.”

Х.: Имало, според сведоштвото на светиот апостол (Павле) кој вели дека „едни се крстиле во облакот, други во морето” (1. Кор. 10:1). И Господ вели во Евангелијата: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Царството Небесно” (Јн. 3:5). Така што, Авраам и Исаак и Јаков и другите свети пред Христа, влегувајќи во Царството Небесно, прво биле крстени, зашто според Христовото сведоштво, ако не биле крстени, не би се спасиле. Сведочи и Светиот Дух, велејќи: „Отуѓени се грешниците од утробата” (Пс. 57:4), односно од крштението. Затоа, исповедаме, дека сите што се спасиле и се спасувани со крштението, се спасени и се спасуваат по Божјата благодат.

3.

С. Тој што ја твори Божјата волја, ти го нарекуваш добар или зол?

– Дознавајќи ја неговата итрина, христијанинот  вели: „Знам што сакаш да кажеш.”

С. Па, раскажи ми.

Х. Ти сакаш да прашаш; „Христос доброволно страдал или неволно?” Па, ако ти одговорам: доброволно страдал, ќе ми речеш: Оди сега, поклони им се на јудеите, зашто тие ја исполниле волјата на твојот Бог.

С. Токму тоа сакав да ти го кажам, но ако имаш аргументи, одговори ми.

Х. Тоа што ти го нарекуваш волја, јас го именувам трпение и великодушност.

С. Како можеш да го докажеш тоа?

Х. На дело, бидејќи ако ние двајцата стоиме или седиме, може ли некој од нас без власта на божјото владеење да стане и да се придвижи?

С. Не.

Х. Кога Бог вели: „Не кради, не блудствувај, не убивај,” сака ли Он ние да крадеме, да блудствуваме, да убиваме?

С. Не, оти ако би сакал, Он не би рекол: „Не кради, не блудствувај, не убивај.”

Х. Слава Му на Бога што го призна тоа што сакам да ти го кажам. Ти се согласи со мене, дека никој од нас без Бога не може ни да стане, ни да се движи, и дека Бог не сака да крадеме или убиваме. Сега, ако станам, отидам и украдам, или блудствувам, ќе речеш ли дека тоа е Божја волја или е дозволување, трпение и великодушност?

4.

Разбирајќи и восхитувајќи се, сараценот рече: „Навистина, тоа е така.”

Х. Разбери го и тоа, дека иако Бог може и да казни, Он се воздржал привремено, т.е. покажал великодушност кон гревот. Но, ако јас не се покајам, Он, кога ќе посака, ќе ме казни, како што постапил и со Јудеите. Зашто, по малку години Он ги подигнал против нив Тит и Веспазијан и Елините и ја уништил нивната гордост.

5.

Ако сараценот те праша и ти рече: „За кого го сметаш Христос?” – ти одговори му: Он е Божјо Слово, и мислам дека овде не грешам во ништо, бидејќи Он и во Светото Писмо се именува Слово и Премудрост и Божја Сила и слично, зашто Он е многуимен. Прашај го и ти него: „Како се нарекува Христос во твојата книга?” Можеби тој ќе сака да ти се измолкне, прашувајќи те нешто друго, но не му одговарај, додека не го разреши твоето прашање. И ќе мора да ти одговори: „Во мојата книга /Куранот/ Христос се нарекува Дух и Божјо Слово.” И тогаш повторно прашај го: „Духот и Божјото Слово – твојата книга ги смета за нестворени или створени?” И ако рече: „нестворени” – речи му: „Ете, ти се согласуваш со мене’ – бидејќи она што не е створено од никого, туку твори, и е Бог.” Ако тој воопшто се осмели да ти одговори, дека тие се створени, кажи му: „Но, кој ги создал Духот и Божјото Слово?” И ако не знае да ти одговори, дека Бог ги создал, кажи му: „Ти штотуку рече дека се нестворени, а сега тврдиш дека ги создал Бог. А, ако јас така би кажал, ти ќе ми речеше: Ти самиот го побиваш своето сведоштво и јас повеќе не ти верувам, што и да ми кажеш. Сепак, ќе те прашам уште нешто: Пред Бог да ги створи Духот и Словото, Он немал ли ни Дух, ни Слово?” И тој ќе избега од тебе, немајќи што да ти одговори – а, таквите луѓе за сарацените се еретици, многу омразени и одбивни – и ако разгласиш за него на другите сарацени, тој многу ќе се плаши од тебе.

6.

И ако сараценот ти рече: „Како слегол Бог во утробата на жена?”, одговори му: „Да видиме и во твојата книга и во моето Писмо: Твојата книга вели, дека Бог прво ја очистил Дева Марија повеќе од секоја друга женска плот и во неа слегол Божјиот Дух и Словото. А, моето Евангелие гласи: „Светиот Дух ќе слезе на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени” (Лк. 1:35). Еве еден глас  на двете преданија и иста смисла. Знај го и тоа дека, за слегувањето и искачувањето Божјото Писмо кажува во преносна, а не во буквална смисла, применливо на нашите својства, бидејќи слегувањето и искачувањето философите го поврзуваат со телата, А Бог сè содржи, и Него никаков простор не го опфаќа. Еден пророк вели: „Кој ги измерил морските води со својата дланка и со педа небесата и целата земја со дланка” (Ис. 40:12)? И воопшто, сите води се под Божјата рака, и педа е целото небо и дланка – целата цемја. Како може Он Кој содржи сè, Самиот да слезе и да се искачи во сопствената рака?”

7.

Ако сараценот те праша: „А, ако Христос бил Бог, како јадел, пиел, спиел и т.н.?” – кажи му, дека предвечното Божјо Слово кое создало сè, како што сведочи и моето Писмо и  твојата книга, Самиот го создал од плотта на Света Дева Марија совршениот човек – одушевен и надарен со ум, и тој пиел и јадел и спиел, а Божјото Слово  не јадел, не пиел и не спиел и не бил распнат и не умрел, туку светата Плот која Он ја примил од Светата Дева, таа/плотта била распната. Знај дека Христос е двоен по природа, но еден по ипостас/личност. Зашто едно е предвечното Божјо Слово и после примањето на плотта ипостасно т.е. личностно, но не по природа – зашто не се придружило четврто лице кон Троица после неискажаното соединување со плотта.

8.

Ако сараценот те праша: „Таа што ја нарекувате Богородица – умрела или е жива?” – кажи му: „Не е умрена – потпирајќи се на доказ од писмата (на светите отци). Зашто за тоа е напишано: Таа ја претрпела природната човечка смрт, но смртта не ја задржала и покорила како нас. Не, туку како првиот човек што заспал и му било одземено едно ребро.”

Сарценот многу се восхити и немајќи што да каже, се оддалечи и повеќе не го предизвикуваше христијанинот.

One thought on “свети Јован Дамаскин: Разговор меѓу Сарацен и Христијанин

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s