„…Ако другите, кои не го познале Христа, како резултат на тоа, тонат во нивната потрага на неличностното битие кое што тие го сметаат за божествено – делумно имаат оправдание, ние, Православните Христијани, никако не сме оправдани, кога следиме патишта што водат до таков безизлез. Зашто, наместо да го бараат Бога како Личност и да се доближуваат кон Него во Оној што се доближува кон нас, имено Исус Христос, тие измамени луѓе очајно се обидуваат да станат божествени преку своите сопствени сили, како Адам што помислил, дека може да го постигне тоа, така што ќе се потчини на злиот дух. Меѓутоа, вистинскиот и личностен Бог, Кој што се познава само преку Исус Христос – родениот во јасли од љубов кон нас – ни вети посиновување и враќање во прегратката на Отецот, како и обожение според благодатта преку Христос. Единствено преку Христос човек може да ја исполни сеопштата човечка желба – да ја надмине (to transcend) пропадливоста и изолацијата на постоењето без љубов и да негува општење меѓу божествената и човечката личност во љубов, што води во вечноста и непропадливоста.
Затоа, да ги свртиме очите на нашите срца кон новородениот Исус Христос во јаслите, за да можеме – со обѕир на тоа колку многу нè љуби Тој – да Го возљубиме со целото свое срце, разум и битие. Само преку љубовта на Исус Христос ние можеме според благодатта да станеме учесници исто така и во Неговата божествена природа, како што преку љубовта Тој ја сподели нашата човечка природа. Антропоцентричните напори и мисли, психеделичните состојби и екстазата и сличните нехристијански искуства не водат до средба со навистина личностниот Бог на љубовта, туку до длабока и студена темнина, до мракот на вечното распаѓање, како и до чувство на совршена и бескрајна празнотија (vacuum)…”