Навечерие на Рождеството Христово

Кондак на отците, глас 1

Весели се, Витлееме, Евфрато, подготвувај се:/ зашто, еве, Јагницата, Пастирот Велик во утробата носејќи го, брза да го роди./ Него гледајќи го, Богоносните отци се веселат,// со пастирите пеејќи ја Дева што дои.

Тропар на претпразништвото, глас 4

Се запишуваше некогаш со старец Јосиф,/ како од родот Давидов,/ во Витлеем Мариам,/ носејќи го во утробата безсемениот Пород./ Настана оти времето за раѓање,/ и место (нема) ниту едно за престој,/ но како убава палата/ пештера на Царицата се покажа.// Христос се раѓа да го воскресне претходно паднатиот образ.

„Оваа ноќ на Рождеството мирот му беше подарен на целиот свет, затоа никој да не загрозува. Оваа ноќ е најнежна, никој да не биде суров. Оваа ноќ е најсмирена, никој да не се гордее. Сега е ден на радост, никој да не се одмаздува. Сега е ден на добрата волја, никој да не биде подмолен. Во овој ден на мирот да не бидеме освоени од гневот. Денес Прекрасниот осиромаши заради нас; така што вие богатите – поканете беден на вашата трпеза. Денес добивме дар за кој не молевме; затоа дајте милостина на оној што ве преколнува и моли. Овој денешен ден бргу ја отвора небесната врата за нашите молитви. Да ја отвориме нашата врата за оној што од нас бара простување. Сега Божествениот го зеде на Себе печатот на човештвото, за човештвото да биде украсено со печатот на Божеството.” (St. Isaac the Syrian)

Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!

Рождество Христово ни говори и за Бога и за човекот.

За Бога тоа ни кажува дека Тој стана сроден со нас. Божјата љубов кон човекот е таква, што Бог е подготвен да стане еден од нас. А ова значи, дека Тој не нè создал просто за да одговараме пред Него, затоа што не сме успеале да живееме така како што Тој замислил. Со Христовото рождество, Бог на Себе ги зема сите последици од Своето творечко дело.

Христовото Рождество ни говори и за значењето на човекот. Помислете само, колку длабок мора да е човекот, за Бог да може да стане човек. Човекот навистина е бескрајно приемчив, така што може да стане престојувалиште на Бога.

За ова зборува свети Григориј Палама. Кога го прашале, како Бог може да стане човек – а човекот да не изгори во тој пламен на божеството, и пламенот да не изгасне во студенилото на човештвото, тој одговорил: „Воплотувањето е слично на ставање на меч во оган. Пред да го вжариме мечот, тој е студен, темен, а кога го извлекуваме од огнот, тој целиот гори, сјае и – чудо на чудата! – сега може со огнот да се сече и со железото да се гори.” Токму тоа се случило и при Христовото раѓање.

Историското време непосредно пред Христовото Рождество, било исполнето со длабока тревога. Се чувствувала загубата на цврстиот поредок. Народите се наоѓале во постојано движење. Нивните култури не ги зачувувале своите особености, туку се мешале, се сливале и како да се растворале една во друга. Стариот свет потсетувал на изорана, наѓубрена почва, која очекува во себе да го прими семето на вечниот живот – никулците на идниот век.

Кога се исполни времето, самиот Син Божји и Бог требаше да слезе на земјата, во оваа долината на плачот и да ги искуси последиците на огревовеното создание. Синот Божји, кој од искони беше во прегратката на Отецот, се роди од Пресвета Богородица!

Господ наш Исус Христос, Спасителот на светот, се роди од Пресветата Девојка Марија за време на императорот Август (Октавиј) во палестинскиот град Витлеем. Август заповедал да се направи сенароден попис во целата римска империја, во која тогаш спаѓала и Палестина. Евреите имале обичај да ги водат народните пописи според колена, племиња и родови. Секое колено и род имале свои определени градови и прататковски места, па затоа Преблагословената Дева и праведниот Јосиф, бидејќи потекнувале од родот на цар Давид, морале да одат во Витлеем (во градот на Давид), за да ги запишат и своите имиња во списокот на поданици на кесарот. Во Витлеем тие не нашле ниту едно слободно место во градските гостилници. Во Витлеем никој не ја примил бремената Марија во својот дом. Пештерата и јаслите за стоката – тоа е судбината на Богомладенецот. Од самиот почеток историјата на Бога во светот на луѓето е – историја на Крстот. Затоа и не е случајно што подароците на мудреците од Исток ја навестиле Голгота, која е подготвена за Младенецот. Измирната, што тие ја оставиле како дар, била употребена во обредот на погребението. Затоа мудреците, кои дошле кај Новородениот, се стаписале кога Го виделе Младенецот во јасли: Црквата ја воспева таа средба:

„Не на престол, туку во крајна беда: што има победно од пештера? Што има, пак, посмирено од пелени? А, токму во нив блесна богатството на Твоето Божество.”

Необични зборови одекнуваат во храмовите на денот на Рождеството:

„Марија Го зема во рацете Оној, во чија власт е судбината на целиот свет… таа во пелени го повива Оној Кој со облаци ја повива Земјата.” „Чудна тајна гледам и преславна, Пештерата е небо; а Дева – Престол Херувимски, јаслите – сместувалиште, во кое легна несместливиот Христос Бог”.

Пресветата Дева без болки самата го родила Богомладенецот, и без помош од други, „го повила и го положила во јаслите”.

Божикни преданија

Во првите три века, кога гонењата ја стеснувале слободата на христијанското Богослужение, во некои места на Истокот: како Црквите на Ерусалим, Антиохија, Александрија и на Кипар – празникот Рождество Христово бил споен со празникот на Христовото Крштение и се празнувал на 6 јануари, под заедничко име – Богојавление. Празнувањето на Рождеството Христово заедно со Богојавление во некои источни Цркви траело до крајот на IV век, во други – до V, или дури до VI век. Во Православната Црква, како спомен на некогашниот спој на празниците Рождество Христово и Богојавление, служи целосната сличност во започнувањето на овие празници. И на едниот и на другиот им претходи подготовка, со еднакво народно предание, кое вели дека во денот пред празникот треба да се пости, поточно да не се јаде ништо до појавувањето на првата вечерна ѕвезда, која ја символизира Витлеемската ѕвезда, што некогаш ги довела мудреците до јаслите на богомладенецот Христос.

Денот пред Бадник меѓу народот е познат како Коледе. – Коледе или Коледа е стар пагански празник од релијата на Словените. Коледувањето – како што се нарекувало ова паганско празнување – нема никаква врска со христијанското празнување на Рождеството Христово. Вечерта наспроти Рождеството Христово – народот кој ги држи православните традиции седнува на празничната, богата, но посна трпеза. Првата вечерна ѕвезда ги потсетува луѓето на најголемото чудо – на раѓањето на Синот Божји! Може да започне Бадниковата вечера – а, пред јадењето – да се запали свеќа, да се покади домот и да се каже молитва. Најстариот во домот дели од погачата на присутните; секому по едно. Од обичаите кои го придружуваат Бадник, како пригодни ќе ги спомнеме: одделувањето парче од погачата прво за Бога, кој слезе меѓу нас, а во знак на Христовото лично присуство – челниот стол на трпезата може да се остави празен.

Во источната црква празникот Рождество Христово се смета за втор по Воскресението Христово – Велигден. А, римокатолиците и некои други конфесии, овој празник го почитуваат дури и повеќе од Велигден. Ова потекнува оттаму што Рождеството Христово ја дава можноста за спасение, кое се отвора за луѓето со доаѓањето, односно со раѓањето на Исус Христос во светот. Тука, на земјата, се симна самиот Живот, ја исфрли нашата смрт и ја победи со изобилството на Својот живот. Загрме Неговиот повикот да се вратиме кон Него, во тајното светилиште, од кое Тој дојде при нас… Тој не чекаше, туку се устреми кон нас, повикувајќи нè со зборовите, со делата, со смртта, со животот, со слегувањето и со вознесението – повикувајќи нè да се вратиме кон Него. Со раѓањето на Спасителот, Господ Исус Христос, пред секој верен човек во светата Литургија на Православната Црква е отворена можноста за достигнувањето на спасението и стекнувањето на вечниот живот во рајското блаженство.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s