Рождество по плот на Господ и Спасител наш Исус Христос

hrgif.gif

Днесь Христос в Вифлееме раждается от Девы;
днесь Безначальный начинается,
и Слово воплощается;
силы Небесныя радуются,
и земля с человеки веселится;
волсви Владыце дары приносят,
пастырие Рожденному дивятся.
Мы же непрестанно вопием:
слава в Вышних Богу,
и на земли мир,
в человецех благоволение.

Денес вечниот Бог се раѓа во времето, Бесплотниот се облекува во плот, Оној што е зад границите на смртта − влегува во областа на смртта, денес го започнува крстниот Господов пат. Денес ни се покажува жртвената, крстна божествена Љубов. Денес витлеемските јасли ни ја предобразуваат онаа пештера, каде што ќе биде положен нашиот Господ Исус Христос, симнат од крстот по мачната смрт…

Една древна византиска икона витлеемските јасли не ги претставува како трогателни јасли, туку како жртвеник изграден од камења, на кои лежи Детето, предназначено за жртвување, но не со случајна, бесмислена и бесцелна смрт, туку со смрт на жртва која осмислено, слободно се принесува на Бога за очистување на гревовите, за победување на самата смрт, за соединување на небото и земјата, за соединување на отпаднатото создание со живиот Бог на љубовта.

И целиот животен пат на Господа не е нешто друго, освен исполнување на оваа заповед на љубовта, која не знае за граници, за љубовта што својот живот го предава за своите пријатели.

Но, само за пријателите ли? Кој му беше пријател на Господа кога Тој се роди? Кој и’ даде прибежиште на Марија, која го очекуваше Детето, и на Јосиф што ги придружуваше? Исфрлени од човековата населба, тие најдоа сместувалиште само меѓу животните. Така беше и во текот на целиот Христов живот; кога на крајот на Неговиот пат израилскиот народ, човештвото, ќе го исклучи од градот на луѓето, ќе Му остане само да умре осамен на Голготската гора. Патот кој Господ го започна „заради своите пријатели” е патот на љубовта. Но, кои се тие пријатели? Непријатели не ни се оние што нè мразат, тоа се оние кои ние, според нашето безумие, според заслепеноста на срцето и замагленоста на умот ги нарекуваме – непријатели. Христос не знаеше за непријатели. Сите луѓе, кои моќното творечко Божјо слово ги повикало кон постоење, биле Негови браќа и сестри, биле возљубени Божји чеда, кои го изгубиле својот пат и по кои Тој дојде да ги побара.

Самиот Тој ни даде образец, кога рече дека добриот пастир ги остава деведесет и деветте овци, за да оди и да ја бара едната зблудена, изгубената овца.

Оние луѓе кои се нарекуваат себеси непријатели на Христа, Христос ги признава за Свои браќа и сестри, за чеда на живиот Бог, Чиј Син е Тој.

Светот кој илјадници години беше како изгубена овца, сега е како најдена овца, крената на плешките на Синот Божји кој стана Син Човечки.

Непроодната бездна, која гревот ја отвори меѓу Бога и човекот, сега, макар и во зачеток, е надмината. Бог влезе во историјата, Самиот Бог стана човек, Бог се облече во плот, и сè што е видливо. Она што заради нашето слепило ни изгледа мртва, инертна материја, може да се познае како прославена во Неговото тело. Се случи нешто невидено и светот веќе не е истиот како порано.

Но, во Воплотувањето постои и друга страна: Бог стана човек и Бог во Христа ја говореше ослободителната вистина, вистината која како квасец во тесто, постепено го измени светот. Бог ни ја откри големината на човекот. Христос, кога се вочовечи, беше доказ, останува и засекогаш ќе остане доказ, дека човекот е толку длабок, толку таинствено длабок, што може во себе да го смести не само Божјото присуство, како храм, туку може да се соедини со Бога, да стане причестник на Божествената природа – како што вели апостолот Петар во своето послание.

И човекот е толку голем, што колку далеку и да отпаднеме од нашето основно звање, колку и недостојни да сме за него, Бог никогаш не ќе востанови такви односи со нас, што би биле помали од неговото татковство и нашето сродство со Него, како синови и ќерки на Севишниот. Блудниот син го молеше таткото да биде примен како наемник, бидејќи не беше достоен да се нарече син, но таткото не мислеше така. Кога синот ја започна својата исповед, таткото го запре, пред и да ги изговори тие зборови, бидејќи Бог не се согласува со нашето понижување; ние не сме слуги, ниту наемници. Не им рече ли Христос на своите ученици: Повеќе не ве нарекувам слуги, бидејќи слугата не ја знае волјата на господарот, а Јас ви кажав сè.

Секој од нас – се вели во книгата Откровение – кај Бога има име и тоа име ќе биде откриено на крајот од времето, но него никој не го знае, освен Бог и човекот што го добива, бидејќи тоа име – е нашиот единствен и неповторлив однос со Бога; Колку е прекрасно тоа што секој од нас за Него е единствен.

Во Христа ни е откриено и со Него ни е прогласено, дека секој посебен човек е крајна, највисока вредност, дека Тој живее и умира за секој од нас, дека е важен – не колективот – туку секој од нас.

Според беседи на Митрополитот Сурожски Антониј (Блум)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s