Обрезание Господово. Свети Василиј Велики, архиепископ на Кесарија Кападокиска

Тропар на Обрезание Господово, глас 1

Ти Кој на Престол огновиден/ во Височините седиш со Отецот Безпочетен и Божествениот Твој Дух,/ благопосака да се родиш на земјата/ од Девојка Неискусомажна, Твојата Мајка, Исусе,/ затоа и обрезан беше, како Човек осумдневен./ Слава на себлагиот Твој совет,/ слава на Твојата промисла,// слава на Твоето слегување, Единствен Човекољубецу.

Кондак на Обрезание Господово, глас 3

Господ на сите обрезание трпи/ и човековите гревови, како Добар, ги обрезува,/ му дава спасение денес на светот./ А, се радува во Висините и јерархот на Творецот,// и светлоносниот, Божествен тајновршител Христов Василиј.

Тропар на светителот Василиј, глас 1

Твојата проповед излезе во сета земја,/ која го прими твоето слово,/ со кое богокрасно поучи,/ природата на битијата ја објасни,/ човечките обичаи ги украси,/ царско свештенство, отче преподобен,/ моли го Христа Бога// да бидат спасени нашите души.

Кондак на светителот Василиј, глас 4

Се покажа неколеблива основа на Црквата,/ давајќи им го на сите неукрадливото господство на луѓето,/ запечатувајќи го со твоите поуки,// небојавен Василие преподобен.

На 1 јануари според јулијанскиот календар, а на 14 сп. грегоријанскиот, Православната Црква торжествено го обележува празникот Обрезание Господово, во спомен на тоа, дека Богомладенецот, на осмиот ден по Своето Раѓање, според старозаветната традиција, примил обрезание, коешто било востановено за сите новороденчиња од машки пол во знак на Заветот на Бога со патријархот Авраам и неговите потомци. Притоа, Нему му било дадено името Исус (што значи – Спасител). Самото наречение на ова име е знак на најголемото служење на вочовечениот Син Божји, „зашто Тој ќе ги спаси Своите луѓе од нивните гревови” (Мт. 1, 21). Ова име: Исус, било предречено од Архангелот Гавриил уште при Благовештението на Дева Марија и предвозвестено од Ангелот на праведниот Јосиф. Во Новиот Завет обредот обрезание го отстапил своето место на светата Тајна Крштение. Како печат на Христовото служење во делото на спасението на светот, овие два настана: именувањето и обрезанието, ги потсетуваат христијаните, дека тие влегле во Нов Завет, Нов Сојуз со Бога и дека се „обрезани со неракотворено обрезание, со соблекувањето на гревовното тело на плотта, со обрезанието Христово” (Кол. 2, 11). Самото име христијанин, сведочи за влегувањето на човекот во Новиот Завет со Бога.

Во Стариот Завет обрезанието било востановено како праобразец на новозаветното Крштение, во знак на Завет со Господа, во знак на очистување од првородниот грев. Тоа сè уште не било целосното, вистинско очистување, кое го востановил Господ наш Исус Христос, земајќи ги на Себе гревовите на светот и пролевајќи ја Својата Крв на Крстот.

Обрезанието како обред на посветување на Божеството, постоело кај многу народи. Кај Евреите овој обред почнал да го означува стапувањето во сојузот – заветот на Авраам и избраниот народ со Бога, и требало да му напомнува на народот за должностите што произлегувале од тоа.

Според толкувањето на Отците на Црквата; Господ, Творецот на законот, примил обрезание, давајќи пример, како луѓето треба да ги пазат Божествените заповеди, и уште затоа; никој подоцна да не може да се посомнева во тоа, дека Тој бил вистинит Човек, а не носител на привидно тело (како што учеле некои еретици).

Господ, бидејќи во сè сличен со нас, освен во гревот, немал потреба од никакво очистување, како Син Божји и Вистинит Бог. Според своето смирение Тој ја прифаќа положбата на грешните луѓе, за што Самиот за Себе потоа ќе рече: „’Јас не дојдов да го нарушам Законот, туку да го исполнам.” Св. Димитриј Ростовски напишал: „’Со обрезанието нашиот Владика покажал поголемо смирение, отколку со Своето раѓање: со раѓањето Тој прими образ на човек…, а со обрезанието Тој прими образ на грешник, како грешник претрпувајќи болка, која е поставена заради гревот.”

Најраните сведоштва за празнување на Обрезанието Господово во Источната Црква потекнуваат од IV век. Празникот Обрезание Господово трае еден ден и се соединува со празнувањето на споменот на св. Василиј Велики, архиепископ на Кесарија Кападокиска.

Свети Василиј Велики, архиепископот на Кесарија Кападокиска, „припаѓа не само на Кесариската Црква, и не само на своето време, зашто не само на своите сонародници им бил полезен, туку по сите земји и градови на вселената, и на сите луѓе им носел и им носи полза, и за христијаните секогаш бил и ќе биде најспасителен учител.” Се родил Василиј околу 330 година во Кесарија, административниот центар на Кападокија. Потекнувал од познат род, прочуен како по угледот и богатството, така и по дарежливоста и ревноста за христијанската вера. Основното образование Василиј го добил под раководство на својот татко, а потоа учел кај најдобрите учители во Кесарија, каде што се запознал со свети Григориј Богослов. Подоцна преминал во школата во Константинопол, каде ги слушал најистакнатите оратори и философи. За да го заврши своето образование, свети Василиј заминал во Атина – центарот на класичната просвета.

По четири или пет години поминати во Атина, Василиј завладеал со сите достапни науки: „Тој така изучил сè, како друг што не изучува еден предмет, секоја наука тој ја изучил до такво совршенство, како да не учел ништо друго.” Околу 357 г. св. Василиј се вратил во Кесарија, каде некое време предавал реторика. Но наскоро, одбивајќи го предлогот на кесаријците, кои сакале да му го доверат обучувањето на младината, св. Василиј стапил на патот на подвижничкиот живот.

Со своите писма Василиј Велики го привлекол во пустината и својот пријател Григориј Богослов. За време на царствувањето на Констанциј се распространила ереста на Ариј и Црквата ги повикала двајцата светители. Св. Василиј се вратил во Кесарија. Во 362 г. тој бил ракоположен од Мелетиј, епископот на Антиохија, во чин ѓакон, а потоа, од епископот Евсевиј Кесариски, во 364 г., бил посветен во чинот презвитер. „Но гледајќи” – како што раскажува Григориј Богослов – „дека сите премногу го почитуваат и фалат Василиј за мудроста и светоста, Евсевиј, според својата човечка слабост, почнал да му завидува и да искажува нерасположение кон него.” Монасите станале во заштита на св. Василиј. За да не предизвика црковни поделби, Василиј заминал во својата пустина и се зафатил со устројството на манастирите.

Со доаѓањето на власт на императорот Валент, кој бил решителен поддржувач на еретиците аријани, за Православието настапиле тешки времиња – „претстоела голема борба.” Тогаш св. Василиј бргу се вратил во Кесарија на повикот од епископот Евсевиј. Од тоа време и црковното управување преминало кај Василиј, иако според јерархијата тој го имал второто место. По упокоението на епископот Кесариски Евсевиј, во 370 г., на неговата катедра бил поставен св. Василиј. Св. Атанасиј Велики, архиепископ Александриски, со радост и благодарност кон Бога го поздравил дарувањето таков епископ на Кападокија, како Василиј, кој се прославил со светост, со длабоко познавање на Светото Писмо, со голема ученост, со трудови за доброто на црковниот мир и единство.

Св. Василиј речиси секојдневно држел Богослужби. Тој особено се грижел за строгото исполнување на каноните на Црквата, внимателно следејќи, во црковниот клир да влегуваат само достојните. Незаморно ги посетувал своите цркви, набљудувајќи без никаква пристрасност, никаде да не биде нарушена црковната дисциплина, Во Кесарија св. Василиј изградил два манастира, машки и женски со храм во чест на 40-те маченици, каде што се чувале нивните свети мошти. Сите свои лични средства и приходите на својата Црква тој ги употребувал во полза на сиромашните. Во секој округ на својата митрополија светителот создал домови за бедните; а во Кесарија – дом за гости.

Болестите од младоста, подвизите на воздржувањето, грижите и тагите на пастирското служење, рано ги истоштиле силите на светителот. Светителот Василиј, како 49-годишен, се преставил во Царството Небесно, на 1 јануари 379 година.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s