Догмат

…(гр. Δογμα – δογματα = правило, мислење, одлука, решение): е соборностно формулирано учење на верата, во кое Црквата ја распознава целосната содржина и православен развој на апостолското учење, пренесено по писмена или усна традиција. Во Новиот Завет зборот догма се употребува во многу значења: едикт, декрет, царска наредба (Лк. 2,1; Дела 17,7; Евр. 2,23); заповед или одредба на јудејскиот Закон (Еф. 2,15; Кол. 2,14); одлука на апостолската заедница во Ерусалим со задолжителен карактер за верата („она што е неопходно” – Дела 15,28): „И кога минуваа низ градовите, ги учеа да ги држат правилата (τα δογματα) кои ги утврдија апостолите и презвитерите во Ерусалим” (Дела 16,4). Во постапостолската и патристичката литература овој термин укажува на основните учења на христијанството: „Господови догмати” (Св. Игнатиј Богоносец, Послание до Магнезијците 13,1), „догмати на Евангелието” (Дидахи 11, 3), „догмати на Црквата” (Св. Јован Златоуст, Беседа на Филипијците 6,2; Р.О., 62, 220). Свети Василиј Велики тврди дека учењето (διδασκαλια) на Црквата ги опфаќа догмите (δογματα), односно науката предадена со таинствената Традиција, и проповедите (κηριγματα), то ест учењата пренесени преку јавно објавување и богослужење: „Меѓу догматите и проповедите зачувани во Црквата, некои ги имаме од запишаното учење, а други сме ги собрале, таинствено предадени, од Апостолската Традиција: Сите имаат иста моќ (сила) што се однесува до верата…” (За Светиот Дух, XXVII, 66, стр. 479-481).

Во речникот на Вселенските Собори, догма (догмат) е соборска одлука, со неизоставно обврзувачко држење на верата на Црквата. Догмата (догматот) е еднаква со ορος-от, то ест одредбата на верата или доктринарната дефиниција, а се разликува од канонот кој има смисла на дисциплински пропис или богослужбено правило. Православните богослови ги разликуваат догматите, то ест учењата на верата кои имаат авторитет на Соборот, од теологумените или учењата со голема циркулација во Црквата, но кои ја немаат еднодушната согласност на Црквата и теолошкото мислење, то ест од личните толкувања на некои теолози или теолошки школи кои не и’ противречат на согласноста на Црквата. Православната традиција задржува неколку главни аспекти на догматот:

а) Црквата ги предложува догматите за да ја изрази regula fidei, или quae creditur односно објективната, нормативна и единствена содржина на нејзиното исповедание на верата (norma normans fidei).

б) Бидејќи Вистината на Евангелието била откриена на Апостолите и доверена на Црквата, која вистината ја распознава непосредно во Светиот Дух и низ Него, Црквата е таа која некое учење го прогласува за догматски авторитет и тоа секогаш преку соборско формулирање; зашто, епископите имаат налог да го предаваат учењето во апостолскиот континуитет и црковеното примање, така што сето тело на Црквата има мисија суштински да го потврди истото.

в) Источните Отци, кои ја негуваат апофатичката концепција за Откровението, повеќе ги сакаат категориите на тајните и доксолошките термини кога зборуваат за откриените учења.

г) Догматот е пат на спознание; затоа Црквата догматизира – не за да ја затвори тајната во дефиниција, туку таа тајна да ја разоткрие и направи пристапна на разбирањето и опитувањето.

д) Во доктринарните одлуки на Вселенските Собори догматската терминологија е суштински критериум за православното толкување на тие одлуки. Доктринарните формули треба да бидат разбирани според нивната вистинска смисла и не треба да бидат менувани, освен ако тоа не е во интерес на подобро разбирање и примање на верата. Тие може да бидат разјаснувани.

ѓ) Православието не пазело по секоја цена своето исповедание на верата да го формулира по соборностен пат во догматите, бидејќи доктринарниот развој не зависи од процесот на догматизирање. Пренесувањето на традицијата не се исцрпува во догматизиразњето, зашто постојат и други начини на објаснување и соопштување: богослужењето, литургијата, иконографијата, уметноста, поезијата, народните преданија.

е) „Нови догмати” не значи „нови откровенија или учења”, туку нови теолошки искуства и разбирања на вистината која што Црквата ја примила еднаш за секогаш.

Може да се заборува за историја на догматот во смисла на историска еволуција на формулирањето на доктрината; Вселенскиот Собор, то ест собирот на православнитех помесни епископи, е највисоката власт која расправа за општите догматски проблеми и одлучува во материјата на учењето на верата. Исто така, треба да се истакне фактот дека Православната Црква и’ придава голема важност на догматската традиција која Црквата еднодушно и заеднички ја прифатила, зашто таа претставува критериум за единството и на Помесната и на Вселенската Црква.

Од: Протојереј Јован Брија, Речник Православне Теологије

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s