Денешното евангелско читање го содржи многупоучниот расказ за Христовото исцелување на демоноопседната ќерка на хананејката. Жената – паганка оди по Исуса и, нарекувајќи го Господ, Син Давидов, проси да ја помилува, бидејќи нејзината ќерка жестоко беснеела. Иако била од пагански народ, оваа жена веќе се приопштила со верата на јудеите и чека милост од Синот Давидов. Милост проси за својата ќерка, која можеби и не знае за големиот Чудотворец. Но, Христос не внимава на засилената молитва, не одговара ни збор.
Дури и кога учениците почнале да молат за хананејката, Тој како да откажува да ја помилува, говорејќи: „Јас сум испратен само кај изгубените овци на Израилевиот дом.” Жената не можела да не го забележи и да не го слушне тоа одбивање, бидејќи во тоа време таа веќе го стигнала Христа, но и тогаш не престанала да го моли; поклонувајќи Му се, таа говори: „Господи! Помогни ми.” На оваа молитва Господ веќе и непосредно ја одбива: „Не е добро — вели Тој — да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.” Но, жената не се навредила од тоа, туку и овде нашла основа за својата засилена молитва. „Да, Господи” — говори таа — „но, и кучињата јадат трошки, што паѓаат од масата на нивниот господар.” Сознавајќи го своето недостоинство за да добие милост од Месијата, Кој дошол меѓу јудејскиот народ, таа проси само трошки од Неговата добрина за себе. Тогаш Исус Христос ја исполнува нејзината засилена, вдахновена, нескршлива молитва со вера. „О, жено! Голема е е твојата вера; нека ти биде според твојата желба.” Во овие зборови наоѓаме и објаснување, зошто Господ долго не ја исполнувал молитвата на хананејката. Без сомневање, Тој ја знаел нејзината вера уште пред да го каже првиот збор. Но, било потребно, таа верата да ја покаже пред Христовите ученици, да ја покаже нејзината цврстина за да се поучиме сите ние.
Проникнувајќи во овој настан, можеме да се научиме на нешто многу важно. Од хананејката треба да се научиме да повикуваме од длабочини, од длабочините на очајанието, од длабочините на разувереното срце, од длабочините на безизлезната тешкотија, од длабочините на гревот, да викаме со плач и да велиме: „Ти верувам, Господи, се доверувам на Твоето молчење. Од сета длабочина на мојата потреба, од сета длабочина на убедувањето, Ти се обраќам Тебе, кон никого друг, освен кон Тебе, Господи и Боже.” Тогаш — Христос одговара.
Така, неколебливата вера мора да биде во основата на секоја наша молитва, вера што не непресушува и при долго неисполнување на нашите молитви. Верата мора да биде соединета со добродетелта, а корен на добродетелта — е смирението. Смирената и неколеблива вера и кај нас, по примерот на хананејката, може да се изразува во засилена молитва, пројавена макар со кратките зборови: „Господи, помилуј; Господи, помогни ми!” А, молитвата, освен за себе, мора да биде и за другите, за нашите ближни. Во расказот за хананејката што молела за демоноопседната ќерка, за нас се содржи голема утеха. Може да се моли Бог, да се проси помилување и за оној наш ближен, кој самиот е далеку од Бога и од мислата за Него, и таа молитва може да биде послушана. Амин.
(Според материјали од различни извори)