Православна Веронаука

Во првите векови на Христијанството „верската настава” претставувала катехизација, што значи подготовка за Свето Крштение и за воведување на луѓето во Црквата.

Денес веронауката како предмет во редот со другите училишни науки, може да ги посочи боговложените капацитети кај младиот човек, за напредок во разновидните добродетели, а пред сè, во – верата. Православната веронаука може да биде синтетизирачката матрица, која нема да исклучува ниедна наука, туку сите научни сознанија ќе ги осмислува во еден христијански светоглед. Пренасилените конфронтирања и контрадикторноста на веронауката со природните науки постои само во умовите на луѓето кои со науката го затвораат својот гносеолошки видик. „Има нешто на небото и на земјата, Хорацио, за што вашата мудрост и не сонува.” (Шекспировиот Хамлет) „Зашто, она што може да се дознае за Бога им е познато на нив, зашто Бог им објавил. Зашто, она што е невидливо на Него, од настанокот на светот, со умот јасно се гледа на созданијата, неговата вечна сила и божество, за да немаат изговор” (Рим. 1: 19-20).

На Исток односот помеѓу верата и знаењето, навистина, бил поинаков од оној што се формирал и негувал на Запад.

Фразата „верувам за да разберам” (на бл. Августин) не ја изразува православната гносеологија, за која знаењето е поистоветено со верата и неразделно од неа.

Најраспространета болест на денешницата не се ни ракот, ни сидата, ни наркоманијата, тоа е – бесмислата. Лекот за неа го дава светлината на христијанското учење. Свети Симеон Нов Богослов вели: „Не е знаењето светлина, туку Светлината е знаење.” Образовниот систем со примањето на православната вероанука во редот на училишните дисциплини, ќе ги оправда своите просветителски тенденции, а со нејзиното отфрлање – ќе ја узурпира својата определбата како „образование.” Човекот е створен „според Божјиот образ” и никој во име на никаква наука нема право да го о-без-образ-ува. Дарвин со својата материјалистичка теорија за еволуцијата на органскиот свет, неспорно, може да има место меѓу различните научни теории. Но, панични изгледаат обидите за криење од учениците на околноста, дека таа теорија не добила доволни докази во науката и затоа не може да се смета за неоспорна (догматска) вистина.

Неосновани се сите приговори дека христијанската веронаука не може да го држи чекорот со севкупниот цивилизациски развој. Добро кажал некој научник: „Оние што само малку се напиле од чашата на науката, стануваат атеисти. Оние што ја испиле до крај, се враќаат во верата.”

Веронауката ќе образува евхаристиска (благодарствена) свест за светот. Таквото разбирање на светот не остава место за раздвојување и расцеп меѓу „природното” и „натприродното.” Постои природата како единствена реалност, како Божјо создание. Постои целосно проникнување, до поистоветување, на небесната и земната реалност.

Една од најважните придобивки од православната веронаука би било тоа, што таа на нејзините слушатели ќе им ја открие типично христијанската вистина за човекот како личност. Денешниот човек живее под товарот на спротивставеноста помеѓу индивидуата и колективот. Општествениот живот одамна не е заедничко општење и дејствување, туку е просто societas (општество). Разбирлив е бунтот на младите против колективизмот, но таа реакција води во својата спротивност – во индивидуализмот. Односно, се затвора магичниот круг што започнува од индивидуализмот, кој всушност е предуслов за истиот тој колективизам. 

Православната веронаука одговара на прашањето: „Што е човекот?”, укажувајќи на Христа како на Човек раг exellence, т.e. како на човек – сoединет со Бога, како на човек кој ја остварува својата цел: обожението. Зашто, „Бог стана човек, за човекот да стане бог” (св. Атанасиј Велики) Човештвото како една природа, во Православието се претставува преку слика на едно дрво, чии листови се одеделните човечки личности. Според ова органско разбирање на човештвото, веронауката не може да учи на меѓучовечка нетрпеливост и нетолеранција.

Како училишен предмет, веронауката не е конкурент на другите школски, научни предмети. Таа само им овозможува на учениците, освен за природните науки, да учат и за неминливата и неизменлива Вистина, поточно, за Оној што рекол: „Јас сум Вистината” (Јн. 14:6)

Православната веронаука нема да ја изневери својата мисија, ако остане патоказ кон светата Литургија. Децата што ќе посетуваат веронауката ќе имаат полза од неа само ако црковниот контекст на веронауката им овозможи да „вкусат и видат, дека е добар Господ.”

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s