Автокефалност

Автокефалност (гр. Αυτο-κεφαλυ = автокефалија, самостојност, самоуправување). Идејата за автокефалноста е конституитивна на поместната Црква, бидејќи таа го претставува Божјиот народ (λαος) собран на едно место заради принесување на Тајната Евхаристија како сведоштво на нејзиниот живот во Христа, под водство на епископот, во континуитет со Апостолите, окружен од свештениците и помогнат од ѓаконите, при учествувањето на верните.

Автокефалниот карактер на поместната Црква најдобро се искажува во евхаристиското собрание, бидејќи тоа ја има онаа еклисијална форма без која Црквата не постои: „Сите нека ги почитуваат ѓаконите, како Исуса Христа, епископот кој е слика/икона на Отецот, и свештениците како соборот на апостолите; без нив не може да се говори за Црква” (Игнатиј Богоносец, Послание до Тралијците, III, 1). Во апостолскиот и постапостолскиот период, поместните заедници потполно го зачувале тој ерархиски поредок, под управување на епископот. Меѓутоа, од времето кога христијанството започнува да се шири надвор од големите градови и метрополи, а епископот ги испраќа самите свештеници да се грижат за поместните заеднници, особено во селските краишта, Црковните организации се изменуваат. Сега тие Цркви зависат од епископот на покраината (регијата), а епископите зависат од „првиот” епископ, односно од архиепископот или митрополитот. Секако, откакко покраините биле поделени меѓу епископите, независноста на древните поместни Цркави била ограничена, особено во дисциплинарен и административен домен. Уште Вселенските собори се изјаснуваат за поделбата на древните Цркви на повеќе територијални јурисдикции (митрополии и патријархати), потврдувајќи дека пет патријархати имаат апостолско потекло (пентархија: Рим, Цариград, Александрија, Антиохија и Ерусалим), на кои, им биле придодадени други епископи, но во зависност од них (кан. 3. Втор Вселенски Собор; кан. 28. Четврт Вселенски Собор).

Некоја Црква се признава за автокефална и созреана кога ги исполнува следните услови: да има собор од поместни епископи (тие се нејзината единствена канонска власт); да избира сво првојерарх – архиепископ или патријарх – (кан. 34. на Св. апостоли); да има определена територија како јурисдикција (кан. 2. на Вториот Вселенски Собор); да осветува Свето Миро потребно за Светата Тајна Миропомазание.

Секако, процесот на признавање на правото самостојно да се управува и да се избира свој првојерарх бил многу тежок надвор од пентархијата. Во годината 1872, кога се обидела да го воспостави своето достоинство на автокефална патријаршија според националниот принцип, Бугарската Црква била обвинета од Вселенската Патријаршија за филетизам. Затоа некои теолози сметаат дека автокефалијата се базира на модерното разбирање на нацијата и ја критикуваат независноста на новите патријархати, бидејќи тие се организирале на етнички, а не на територијалниот принцип. Така, поместната Црква станува еднака со автокефалната Црква или автокефалната Црква се поистоветува со националната.

Се разбира, територијалниот принцип е основен за самото постоење и засновување на поместната Црква (канон 2. на Вториот Вселенски Собор) и тој треба да се смета како канонска основа на автокефалијата и автономијата на некоја Црква. Меѓутоа, поместната Црква не е просто територијално единство. Впрочем, Православната Црква никогаш не била поделена според чисто географски критериум. Канонската традиција и Црковната пракса во тој поглед се многу пофлексибилни и ги востановиле следните ставови:

а) Автокефалијата, како и автономијата, не се сметала исклучива во поглед на географската универзалност на Црквата, туку во смисла на нејзината католичност (соборност). Целта на автокефалијата е токму таа: канонски да се признае еклисиолошката полнота на една поместна Црква.

б) Како Автокефалија се признава посебната идентичност на поместната Црква, нејзината засебна култура, вклучително и нејзиниот етнички карактер. Црквата со силата на Светиот Дух е од Бога дадена стварност, која постојано се обновува во Евхаристијата, но таа е и човечка заедница, која се воспоставува во историјата, во специфичната културна ситуација. Културната и етничката различност ја условила, значи, јуридичката црковна разноликост. На крај, Црквата не знае за поместна трансетничка или повеќе-национална автокефална Црква.

в) Автокефалијата, као и приматот, не е позиција или привилегија дадена само на една Црква или на извесни Цркви, бидејќи секоја поместна Црква се наоѓа во апостолското преемство преку својата јерархија и нејзиното учење за верата (34. Апост. канон).

г) Системот на поместни автокефални Цркви и национални јурисдикции е една од одликите на првиот ред на православната еклисиологија, по кој таа се разликува, како од системот на монокефалната универзална Црква, така и од конгрегацискиот систем. Овој систем ги обединува територијалното и организациското начело со мисионерските пастирски потреби на Црквата. Оние што ги напаѓаат православните јурисдикции за филетизам, не земајќи ја во обѕир пастирската дејност и мисионарскиот повик на Црквата, би требало да се запрашаат на кој начин Црквата станува едно единство со народот кому е испратена, не барајќи да се издвои од него, во име на праксата од времињата на византиската империја. Инаку, од историска гледна точка, системот на автокефални Цркви постои пред шизмата меѓу Истокот и Западот (1054), како и пред падот на Цариград под Турците (1453).

д) Поместната Црква која, узурпирајќи го својот статут на автокефалија или автономија, останува некоординирана, то ест невклучена во поредокот на православната соборност, не е Црква, туку шизматички собор. Православната еклисиологија е многу јасна во тој поглед. Од еклисиолошка гледна точка, Православната заедница не може да биде самоуправна, независна, самодоволна, бидејќи и’ недостасува суштинскиот механизам на преемство на Црквата: еден свештеник не може да ракоположи друг свештеник, еден епископ не може да ракоположи друг епископ.

Во канонската православна терминологија се прави разлика меѓу автономија и автокефалија. Автономната Црква има сопствена територија и администрација, но сè уште останува вклучена како Црква-ќерка во јурисдикцијата на мајката-Црква. Автокефалната Црква има сопствено управување во форма на поместен собор, самоуправна е како организација и еднаква е со другите сестрински Цркви. Канонската зависност на Црквата-ќерка од мајката-Црква не значи потчинување, како што ни автокефалијата не значи независност. Православната канонска дисциплина налага поместните Цркви, независно од обликот на автономија што го добиле, да останат во апостолското преемство во соборната заеднница на сите сестрински Православни Цркви.

Извор: Протојереј Јован Брија: РЕЧНИК ПРАВОСЛАВНЕ ТЕОЛОГИЈЕ

2 thoughts on “Автокефалност

  1. Под поместна Црква се подразбира црковна заедница обединета во еден епископ. Кога еден епископ ја издвојува својата црква од поредокот на православната соборност, таквата православна заедница останува без суштинскиот механизам на преемство на Црквата: еден свештеник не може да ракоположи друг свештеник, еден епископ не може да ракоположи друг епископ.

    Но, Синодот на Македонската Православна Црква е конституиран кога на архиерејска Света Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата Свети Мина во Скопје, е извршена хиротонија на преспанско-битолскиот епископ Климент, а по неколку дена во црквата Свети Никола, во Штип, е хиротонисан за епископ на Злетовско-струмичката епархија г. Наум.

    Во историјата на Црквата типичен раскол настанувал кога група свештеници или народ се одделувале од Црквата и самите на себе си поставувале анти-епископ. Така настанале и расколот на Фелицисим во Картагина, и расколот на Новацијан во Рим.

  2. Расколот има и еден значаен психолошки елемент која многу често се пренебрегнува. Без него поимот раскол се механизира и се затвара во тесни јуридички рамки (што само по себе е некарактеристично за православното разбирање на црковноста). „Расколникот“ по дефиниција самиот не сака да биде во заедница со останатите православни! Нему во практика не му треба рестрикција за учество во светите таинства, бидејќи самиот тој е оној кој по никоја цена не би учествувал во таинствата извршувани од православните (или од поедини православни) Цркви. Ова, се разбира, не може да се прифати како 100% важечко правило, но неговата применливост е неоспорно голема и треба да се има секогаш предвид.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s