Апостолско преемство

Апостолско преемство (лат. successio = преемство, наследство, следење) – е начинот на кој Црквата ја чува единствената и постојана структура на апостолството на „Дванаесетмината” во својот историски континуитет. Црквата е создадена „на темелот на апостолите” (Еф. 2,20) во смисла дека „Дванаесетмината” образуваат единствен собор со единствена мисија во основањето на Црквата. Самиот Христос ја основа заедницата на Дванаесетмината Апостоли како вистински образец на Црквата, структура која го гарантира нејзиниот историски континуитет и нејзиното својство на Христово „телo”. Тоа се гледа оттаму што прославениот Син го испрати Светиот Дух да ја потврди таа апостолска структура како вистинска основа на Црквата. Основањето на историската Црква на денот на Педестница е настан на Светиот Дух, а присуството на Апостолите на денот Педесетница е дел од тој настан. Тоа се гледа на православната икона на Педестница, која Христовиот „престол” го прикажува или го замислува празен, Светиот Дух во вид на гулаб и кругот на светите Апостоли свртени кон светот кој им излегува „во пресрет” на Христовите „сведоци.” Според тоа, во реалноста на Педесетница и самиот настан на слегувањето на Светиот Дух и основањето на Црквата, изборот и испраќањето на Апостолите – формираат нераздвојна целина. Ако историската Црква не може да се замисли без присуството и дејствувањето на Светиот Дух, таа, исто така, не може да се замисли ни без „колегиумот” на Христовите Апостоли. Зашто, Апостолите го окружуваат Христа не само во неговиот живот на земјата, туку и во Неговото Царство (Лк. 22, 30). На крајот на векот Христос повторно ќе се јави окружен од Своите Апостоли (Откр. 21,14; спореди. 20,4) што значи, дека апостолското преемство нема само историска, туку и есхатолошка смисла (Лк. 10,20).

Повикувањето/консултирањето на Апостолите има суштинска вредност и е задолжително за оние што ги организираат првите христијански општини. Павле, Лука, Јаков, Јован, сите тие своето служење и својата власт ги дефинираат во однос на „Дванаесетмината”, во термини на непосреден континуитет со нивните личности и нивните учења (Гал. 2,9). Тој континуитет има содржина и својство на претставување: „Зашто, ви го предадов (παρεδοκα) она што го примив” (1.Кор. 15,11). Тертулијан бара секоја Црква да го покаже потеклото на своето апостолство низ непрекинатото преемство на епископите со еден од Апостолите или апостолските ученици (De praescriptione haereticorum XXXII, 1, стр.13). За свети Кипријан, единството на Црквите се чува со исповедањето на верата на апостолот Петар. Секоја Црква или епископ кој ја исповеда таа вера се наоѓа во преемството на апостолот Петар (За единството на Црквата, 4-5, стр. 28-30).

Главните аспекти на апостолското преемство може да се изложат вака: Апостолството е единствена установа на Црквата, не само прва во поредокот на служењето (1.Кор. 12,28). Затоа, не може да се говори за пренесување на апостолатот на „Дванаесетмината” во термини на историски продолжеток. Епископството е неопходно за идентифицирање на преемството со апостолскиот период, иако по смртта на последниот апостол не е некаква замена за апостолството, ниту е на исто ниво со него.

Црквата сакала да го поистовети апостолското „потекло” на епископите преку списокот на хиротонисаните епископи во непосредна линија од еден од Апостолите или од неговите наследници. Но, тоа историско апостолско потекло не е ограничено на некаков епископат или на хиротонисано свештенство; редица отци го нагласуваат и континуитетот во учењето или апостолската дидаскалија. Затоа Црквата, во сите главни видови на својот живот, е во апостолското преемство. Сите се одговорни за апостолската вера, а не само ерархијата. Апостолскиот колегиум кој го окружува Христа е икона на Црквата. Таа икона се репродуцира во секоја помесна заедница, каде што се наоѓа епископ окружен од свештеници (ап. Јаков и свештениците, Дела ап. 21, 18). Ваквата икона на Црквата, Христос окружен со Своите Апостоли, е претставена под видот на епископот и неговите презвитери. Инаку, слично на аналогијата, која прв ја поставува свети Игнатиј, епископот е „икона” на Отецот, а не апостолите, кои се претставени преку презвитерите и ѓаконите кои се Христова икона. Тоа значи, како што Христос и Апостолите образуваат единство, исто така епископот, свештеникот и ѓаконите образуваат собор.

Во апостолското преемство, или подобро речено, во свештеното или ерархиското (преемство), Црквата го оправдува својот континуитет со апостолскиот колегиум во неговата целина, не со апостолите земени индивидуално. Континуитетот не значи само преемство од индивидуа на индивидуа епископ, туку континуитет меѓу заедниците и Црквите кои се собираат околу епископот. Во чинот на хиротонијата, самата Црква го идентификува својот пастир. Значи, односот Христос-апостол-епископ не се создава над Црквата. Апостолите не се индивидуални извори на благодатта на свештенството, затоа што тие образуваат целина. Апостолите можат да се гледаат одвоено, но нивното индивидуализирање води кон еклисиолошки модел кој не е познат во првата Црква. На пример; тргнувајќи од апостолскиот колегиум кој го кружува Петар, римокатоличката еклисиологија зборува за колегијалност на епископите која на чело го има петровиот наследник.

Имајќи предвид дека епископот е структурна база на помесната Црква, колегијалноста на епископите е сведоштво на соборноста на Црквите. Бидејќи апостолското преемство е ланец од регуларни хиротонии, меѓупричестувањето/меѓузаедничарењето се темели на апостолноста на хиротониите.

Во Првото послание до Kоринтјаните (околу 96 г.), Климент Римски (90-100) дава многу важно сведоштво за тоа, дека Апостолите, кои примиле власт од Христа, а Христос од Бога/Отецот, востановиле епископи и ѓакони за заедниците кои се формирале (го цитира Исаија 60,17). Освен тоа, тие уредиле преемството непрекинато да се чува во епископското служење, а заедницата да ги избира наследниците на оние кои Апостолите на почетокот ги поставиле.

извор: Протојереј Јован Брија РЕЧНИК ПРАВОСЛАВНЕ ТЕОЛОГИЈЕ

One thought on “Апостолско преемство

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s