Православната Црква и oбединувањето на христијаните

Зарем со височината на своjот духовен живот светите не ги надминале ѕидовите што нè разделуваат – ѕидовите, кои, според познатиот израз на митрополитот Киевски Платон: не се извишуваат до небото? (Митр. Евлогиј)

Единството е нешто дадено и нешто, што ние мора да го достигнеме. (Прот. Сергиj Булгаков)

Највисоката и најветувачка «икуменистичка добродетел» – е трпението. (Прот. Георгиj Флоровскиj)

«Една, света, соборностна Црква» – што значи тоа?

Православната Црква при сето свое смирение верува, дека таа е «едната, света, соборностна и апостолска Црква», за коjа зборува Символот на верата: такво е основополагачкото убедување, со кое се раководат православните во нивните односи со другите христијани. Меѓу христијаните постојат поделби, но самата Црква не е разделена и не може да се раздели.

Можеби изгледа дека ваквиот исклучителен став на православните попречува секаков сериозен «екуменски диалог» меѓу православните и другите христијани и секакви конструктивни напори за обединување на христијаните. Сепак, би било погрешно да се направи таков заклучок, зашто на парадоксален начин за последните седумдесет години имаше многу вдахновени и плодотворни средби. Иако остануваат огромни потешкотии, сепак има големо и реално придвижување кон помирување.

Ако православните се сметаат себеси за единствената вистинска Црква, каков е тогаш во нивни очи статусот на оние христијани кои не припаѓаат на нивното општество? Различни групи православни би одговориле различно, зашто, макар што речиси сите православни се согласни во основното учење за Црквата, тие не се сосема согласни меѓу себе во однос на практичните заклучоци кои следат од тоа учење. Пред сè, постои умерена група, кои е сочинета од поголемиот дел православни, кои имаат тесни лични контакти со другите христијани. Таа група тврдо дека, иако Православието навистина е Црквата, тоа не значи, дека и неправославните не можат да и припаѓаат на Црквата. Многумина можат да бидат членови на Црквата, иако од надвор не изгледаат така; можат да постојат невидливи врски, без обѕир на надворешната поделба. Божjиот Дух дува каде што сака, а, како што рекол свети Иринеj: „Каде што е Духот, таму е и Црквата.” Ние знаеме каде е Црквата, но не можеме сигурно да знаеме каде таа не. Тоа значи, како што вели Хомјаков, дека ние не можеме да пресудиме во однос на неправославните христијани:

«Бидејќи земната и видлива Црква се уште не е полнота и завршенство на целата Црква, заради што Господ назначил дека ќе се јави при последниот суд на целото создание, затоа таа твори и знае само во своите граници, не судејќи за останатото човештво и само признавајќи ги за одделени т.е. дека не ѝ припаѓаат оние што од неа самите се одделуваат. Останатото пак, човштво, или е туѓо на Црквата, или е поврзано со неа преку врски, кои Бог не посакал да ѝ ги открие, таа го препушта на судот на големиот ден».[1]

Пoстои само една Црква, но многу и различни се начините да се биде соединет со неа или одделен од неа. Некои неправославни навистина се многу блиски до Православието, а други подалечни; некои се однесуваат кон Православната Црква добронамерно, други безразлично или непријателски. Според Божjата благодат, Православната Црква ја има полнотата на вистината (така мораат да веруваат нејзините членови), но постојат и други христијански општества кои во поголема или помала мерка имаат Православие. Сите овие факти треба да се земаат предвид: не може просто да се говори, дека сите неправославни престојуваат надвор од Црквата и со тоа да се успокоиме; не може да се однесуваме кон другите христијани така кака тие (со ништо) да не се разликуваат од неверниците.

Таква е гледната точка на умерената партија. Но, во Православната Црква постои и построга група, која смета дека, бидејќи Православието и е Црквата, сите кои се наоѓаат надвор од Православието не можат да бидат членови на Црквата. Така, митрополитот Антониj (Храповицкиj), прв поглавар на Руската Православна (задгранична) Црква и еден од најистакнатите современи руски богослови, во својот Катихизис пишува:

«Прашање: Може ли да се каже, дека некогаш се случило или ќе се случи поделба на Црквата или поделба на Црквите?

Одговор: Во никој случај: од едната неразделна Црква во различни времиња се одделувале или отпаѓале еретици и расколници и со тоа престанувале да бидат членови на Црквата, а Црквата своето единство неможе да го изгуби согласно… зборовите на Спасителот». [2]

Секако (додава построгата група), божествената благодат може активно да деjствува и среде многу неправославни, и ако тие се искрени во своjата љубов кон Бога – Бог, несомнено, ќе ги помилува. Сепак, во својата сегашна состојба тие не можат да се сметаат за членови на Црквата. Оние, што денес се трудат во име на христијанското единство, често не ја земаат во предвид оваа ригористичка школа; но, тие не треба да забораваат, дека денес до ова мислење се придржуваат православни кои се одликуваат со голема светост и љубов кон ближниот.

Верувајќи дека нивната Црква е вистинската Црква, православните, конечно, можат да имаат само една желба: сите христијани да се помират со Православието. Сепак, не треба да се мисли, дека православните бараат потчинување на другите христијани на некаков единствен центар на власт и јурисдикција. Говорејќи со зборовите на о. Сергиј Булгаков, «Православието не бара потчинување на некоја личност или на група; тоа бара разбирање». [3] Православната Црква е семејство на братски Цркви, децентрализирана според своjата структура; тоа значи дека одделни општини можат да бидат интегрирани во Православието, не губејќи ја своjата внатрешна автономија. Православието сака единство во различност, а не еднообразност, сака хармонија во слобода, а не проголтување. Во Православната Црква има место за многу и различни културни модели, за многу и различни видови богослужби и дури за многу и различни системи на надворешна организација.

Но, постои една област, каде што разминувањата не се дозволени. Православието настојува на единството во прашањата на верата. Пред да стане можно единството меѓу христијаните, мора да се оствари целосна согласност во верата – таков е основниот принцип на православните христијани во сите нивни екуменистички контакти. Важно е единството токму на верата, а не на организацијата; да се обезбеди организациското единство за сметка на вероучењето – е исто што и да се фрли јадрото на оревот, а да се остави неговата лушпа. Православните не сакаат да учествуваат во «минималната» схема на обединување, која обезбедува согласност по малку прашања, а останатото го остава на одделното размислување на секоја Црква. Можна е само една основа за обединување: полнотата на верата. Но, истовремено, како што утврдивме порано, постои кардинална разлика меѓу преданието и традициите, меѓу суштината на верата и богословските мислења. Ние бараме единство во верата, а не во мислењата или обичаите.

Тој основен принцип – никакво обединување без единство во верата – има важна последица: додека не е постигнато единство во верата, не може да има општење во светите тајни. Општењето на Господовата Вечера (како што мислат мнозинството православни) не смее да се исползуза како средство за обезбедување на единството во верата. Напротив, тоа мора да биде последица и венец на претходно постигнатото единство. Православните ја отфрлаат концепцијата на «Взаемно евхаристиско општење» меѓу различните христијански групи и не признаваат никакви форми на сакраментално братство надвор од полнотата на општењето. Црквите или имаат евхаристиско општење меѓу себе, или не; меѓусостојба не може да има. Често се мисли, дека Англиканската Црква и Старо-Католичката Црква општат со Православната Црква, меѓутоа не е така. Без обѕир на нашето длабоко жалење за тоа, дека ние не можеме да се причестуваме со другите христијани – англикани и старо-католици, римо-католици и протестанти, – ние православните, сметаме дека прво мора да се решат сериозни доктринални проблеми, и дури потоа ќе биде можно евхариското општење.

Таква е основната позиција во тоа што се однесува до взаемното евхаристиско општење. Сепак, во практиката таа се уточнува по различни патишта. Православието не е сосема еднодушно по ова деликатно прашање. Значително малцинство смета, дека официјалната позиција на нивната Црква во однос на општењето во тајните е премногу сурова. Тие се убедени дека во услови на сегашното придвижување кон христијанското единство треба да се заземе многу поотворена позиција, како што тоа се случило за последните триесет години во римскиот католицизам и во англиканството. Мнозинството православни не се согласни со таквата, многу либерална, позициjа, но тие, може би допуштиле одделни исклучоци од општата забрана, поаѓајќи не толку од «икуменистички», колку од лични и пастирски сообразувања. Фактички сите Православни Цркви го дозволуваат така-нареченото «икономично» взаемно општење, [4] кога на неправославните христијани, бидејќи изопштени од тајните на своjата сопствена Црква, со особена дозвола може да им биде дозволено да примаат Света Причест од рацете на православен свештеник. Но, можно ли е е обратното? Може ли православен христијанин, заради отсуство на православна парохија во близина – а, тоа често се случува на Запад – да се причести кај неправославни? Мнозинството православни богослови одговараат: не, тоа не смее. Сепак, фактички такви причестувања се случуваат, некогаш премолчно, а некогаш и со искажана согласност од православен епископ. Постои, исто така, и проблемот на мешани бракови: онаа човечка ситуација, кога разводот пред олтар е особен болен. Во таков случај, исто така, може од време на време – се разбира, не регуларно – да биде дозволено взаемно општење преку границите на Црквата. Но, без обѕир на еластичноста во особени случаи, мнозинството православни, сепак, настојуваат на запазување на основниот принцип: единството во верата мора да претходи пред општењето во Тајните.

Белешки:

[1] Црквата е една, параграф 2 (курзивот не е во оригиналот).

[2] Курзивот не е во оригиналот.

[3] Sergius Bulgakov, The Orthodox Church, p. 214.

[4] Во православното црковно право терминот «икономија» означува отстапување од Црковните правила заради спасение на одделни луѓе.

Извор: Епископ Диоклийский Каллист (Уэр): Православная церковь и объединение христиан

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s