Црквата и медицински помогнатото оплодување

„Законот за медицински потпомогнато оплодување” во Р. Македонија е проследен со еден социјален парадокс; тој доаѓа во време кога желбата за раѓање деца на продуктивните родители е опасно намалена, а истата потреба на бездетните родители е на пат да стане психолошки и општествен императив.

Севкупниот проблем за биомедицински помогнатото оплодување е резултат од технологизирањето на еден исклучително чувствителен и свештен факт на меѓучовечките (брачни) односи.

Раѓањето на дете е благослов, најголем благослов за сопружниците. Но, бесплодноста не ги понижува брачниците како личности, ниту ја повредува нивната врска.

Упорноста на каков-било начин да се победи стерилитетот во себе ја содржи опасноста; природната и свештена страст за раѓање дете да ја претвори во инает што би му се противел и на самиот Бог. Исклучителниот, каприциозен човечки избор и решение да се роди дете се израз на духовна незрелост. Со други зборови, тоа треба да е плод на смирено и слободно потчинување на волjaта на родителите на Божjaта волja.

Начинот, на кој зачнува животот е свештен. Сексуалната функција на зачнувањето е психосоматска. Основниот хендикеп на несексуалното зачнување е во тоа што го лишува мигот на психотелесниот почеток на човекот од амбиентот на силната сопружничка љубов и нивното целосно психотелесно соединување како „една плот” (Еф. 5:31). Останува отворено прашањето; дали механичкото спојување на генетските клетки се коси со Божјиот Закон кој определил секој човек да се раѓа од љубовен изблик. Предизвиканото добивање сперма заради вештачко оплодување се случува на етички дискутабилен начин, надвор од рамките на благословеното брачно соединување. Но, кога целта не е егоистичко уживање, туку – добивање на наследник, изнудувањето на сперма мислам дека не би можело да се изедначува со гревовното дејство. Извршителите на вештачкото оплодување би можеле да се погрижат околу изнаоѓањето на методи за обезбедување на машкото семе, кои принципиелно не се недостојни за човекот. Во секој случај, по ова прашање се неопходни особена чувствителност и внимание.

Според Сопштението на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, но и според искажаните ставови на Грчката Православна Црква во нејзиниот документ „Православниот поглед на технолошки помогнато човечко оплодување”, гледаме дека Црквата не го поддржува биомедицински помогнатото оплодување.

При искажувањето на ставови по комлексните прашања поставени од современоста, јавноста често ја доживува Црквата како некој самоповикан, надворешен авторитет, кој повеќе води сметка за своите догми и учења, отколку за актуелните човечки проблеми, стремежи, достигнувања… Навистина, Црквата избегнувајќи го инквизиторското искушение на изрекување осуди, треба да покаже дека може да помогне за надминување на проблемот, но не врз основа на стриктната каноничност, туку со духовно снизходење/толеранција. Црквата нема за цел наметнување на правила и забрани во нашиот живот, туку таа нуди еден светотаинствен живот за преобразување на критериумот што води до познание на Вистината што нè ослободува (сп. Јн. 8:32).

Прашањата на биоетиката и на технолошки помогнатото оплодување не се дочекани од Црквата со подготвена анатема. Таа, всушност, ги оставa отворени, истовремено поттикнувајќи го нивното етичко разгледување. Тоа што Црквата го предложува не е сеопфатно наметнување на Божјата волја, туку можноста секој од нас самиот да Го познае Бога и неговата света волја во својот живот.

Вонтелесното оплодување дава огромни можности за претходна генетска манипулација и интервенции во човечката природа со неочекувани и непредвидливи последици. Заради тоа, апосолутно потребно е поставување на законски норми врз принципите на биоетиката.

Заборавената литургиска и лична молитва, активното учествување во Светите Тајни на Црквата, развивање на љубовта, прибегнувањето кон застапништвото на светите, смирените поклони со молитва и сл., се докажаните лекарства од практиката на Црквата, кои, без да ја исклучуваат медицината, треба да се вратат во животот на верните.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s