За светлиот спомен на старецот протојереј Николај Гурјанов (1910–2002)

Баќушката го прашуваа:
— „Кај Вас во текот на Вашиот живот доаѓаа илјадници луѓе, Вие внимателено се загледувавте во нивните души. Кажете, што Вас најмногу Ве загрижуваше во душите на современите луѓе — кој грев, која страст? Што за нас сега е најопасно?”
Отец Николај: — „Безверието. Тоа е страшно.”
— „Дури кај христијаните?”
— „Да, дури кај православните христијани. Кому Црквата не му е Мајка, нему Бог не му е Отец.”
— „Баќушка, што би сакале да им кажете на сите православни христијани за спасението?”
— „Верниот човек, тој е должен љубовизобилно да се однесува кон сè што го окружува. Љубовизобилно!”
(Игорь Изборцев, Я помолюсь за вас)

ogurjanov.jpgПротојереј Николај Гурјанов се родил на 24 мај 1909 г. во селото Чудские Заходи на Гдовскиот срез на Санкт-Петербургската губернија. Во 1926 г. тој го завршил Гатчинското педагошко училиште, а во 1929 г. Се стекнал со незавршено педагошко образование во Ленинградскиот Покровски институт, од кој бил исклучен затоа што на собранијата се искажал против затворањето на еден од блиските храмови. Некое време по исфрлањето од училиштето, баќушката бил псалт/пеач во црквата во населбата Ремда, а во 1929 г. бил репресиран и испратен во прогонство во Украина, во едно од селата на Киевската област. Таму тој бил осуден по втор пат, најверојатно за продолжување на црковната дејност. Него го испратиле во Ленинградскиот затвор, а оттаму – во Сиктивкар, во поправно-трудов логор. По излегувањето од затвор во 1935 г., Николај работел како учител во школите на Тосненскиот реон. За време на војната тој не бил мобилизиран заради болест на нозете кои ги повредил при работата во логорот. Потоа, откако Тосненскиот реон бил окупиран од германските војски, Николај, заедно со другите жители, германците го прогониле во Прибалтикот. Таму, во окупација, тој го прима ѓаконскиот чин на 8 февруари 1942 г., во Христорождественскиот храм на градот Рига, а по една недела – на 15 февруари, на празникот Сретение, егзархот на Прибалтикот, митрополитот Сергиј (Воскресенскиј) го ракоположил за презвитер во истиот храм. По примањето на свештеничкиот чин отец Николај бил испратен на служба во Свето-Троицкиот Рижски женски манастир, каде што служел до 28 април 1942 г. Потоа бил преместен во Вилнус и задолжен за типикот на богослужбите при Свето-Духовскиот машки манастир. Во манастирот баќушката прима постриг за расофор без промена на името и се поготовувал за постриг во мантија. Сепак, тој не ја остварил својата желба да се облече во ангелски чин, а еве зошто: Неговата мантија, што била подготвена за постригот, се чувала кај игуменијата Нина (Баташова), настојателка на манастирот „св. Марија Магдалина”. Таа мала женска општина се наоѓала на десетина минути одење од Свето-Духовскиот манастир. При едно од бомбадирањата на градот била погодена точно просторијата каде што била подготвената мантија за постригот на баќушката. Просторијата изгорела, изгорела и облеката. Отец Николај тоа го примил како знак за Божја недоброволност кон неговата одлука да стане монах и од смирение никогаш повеќе не посакал да прими постриг. Во ноември 1942 г. свештеникот Николај Гурјанов станува студент на пастирско-богословскиот курс што тогаш бил отворен при Виленската семинарија. На 16 јули 1943 г. отец Николај бил назначен на должноста настојател при Николската црква во село Гегоброст во Виленската епархија. Во периодот 1949-1951 г., баќушката се обучувал во вонредниот сектор на Ленинградската Духовна семинарија, а во 1951 г. се запишал на првиот курс на академијата, каде што учел само една година. Во 1958 г. тој решава да премине во Псковската епархија, во парохијата на островот Талабск (Залит), каде што и ги поминал останатите 44 години од својот живот. За тоа преминување поблиску до родното место упорно го молела неговата мајка Екатерина, која баќушката беспоговорно ја слушал целиот свој живот. Тој многу не сакал да се раздели со Гегоброст, но се потчинил на волјата на својата мајка, која сакала да умре во својот крај.

Во овој редослед од факти на неговата биографија не наоѓаме ни долго престојување во манастир, ни трајно воспитување кај искусен духовник. Може да се заклучи дека благодатните дарови што тој ги добил, се образувале во него со непосредно Божјо водство. Во историјата на црквата имало такви подвижници што достигнувале духовен напредок без видливи раководители. Меѓу нив спаѓаат преподобните Павел Тивејски, Антониј Велики, Марија Египетска и други. Тие луѓе, како што тврди преп. Паисиј Величковскиј, «чудесно, со особена Божја промисла, особено биле повикани на таков живот, кој само на совршените и само на бестрастните им приличи и бара ангелска цврстина».

Сепак, во феноменот на Талабскиот (Залитскиот) старец восхитува не само тоа. Тој се формирал како подвижник со необична сила не само без неопходниот раководител, «чудесно, со особена Божја промисла», туку и во најтрагичниот период во историјата на Руската црква, во моментот, кога во земјата била започната беспримерна кампања за Нејзина ликвидација. Во 1937 г. практично сите руски манастири биле уништени, монасите и монахињите стрелани или испратени во логори, а она што останало било ставено под најжестока контрола на специјалните служби. Со тие дејства на власта монашката традиција била насилно пресечена. Сите тајни обди да се зачува монашкиот живот во услови на тоталитарниот режим – биле осудени на неуспех. И токму во тоа ужасно време на богоборечката машинерија, под самиот корен на засеченото многувековно дрво на руското Православие, во период кога целата младина во земјата од најрано детство минувала низ жестока идеолошка обработка, кога по недогледните простори на Русија победоносно се ширеле атеизмот и безбожието, далеку од сите тие «мерки» што ја зафатиле земјата, во текот на ударничките петолетки на социјалистичкото раководство, во земјата каде непоштедно се искоренувале остатоците на преживеаната религиозност, Божјата промисла подготвувала… старец – личност со ретко сретната величина и со исклучителна сила на духот. Заради што и за кого? Сето тоа тогаш никому не му било познато и останувало Божја тајна.

Интересно е дека тоа што го имал Талабскиот старец во моментот кога за него одеднаш дознале и почнале да зборуваат сите – бестрастноста, љубовта, прозорливоста, поучноста – тој го постигнал одамна пред да излезе меѓу народот.

Пјухтицката игуменија Варвара, која повеќе од триесет години возглавува познат манастир, му раскажа во еден разговор на авторот на овие редови, дека додека била монахиња во Виленскиот Свето-Духовски манастир, отец Николај некако за време на трпезата по празничната богослужба, и’ рекол: «Матушка, а вас ќе ве осватуваат!» «Зошто, баќушка, зборувате така – одговорила таа – јас сум во постриг, дадов ветување на Господа». Но, отец Николај го повторил своето, како и да не ги слушнал нејзините зборови: «Како, матушка, ќе ве осватуваат! Вие тогаш не одбивајте». По некое време Виленската монахиња станала Пјухтицка игуменија и тогаш разбрала, за какво осватување станувало збор на празничната трпеза. Но, до одреденото време од Бога, старецот престојувал на зафрлено место и бил непознат.

Времето на «откривањето» на старецот, кога тој ги отворил вратите на својата келија за сите што имаат потреба, настапило истовремено со падот на советскиот режим. Таа година била не само година на прогласување на демократските «слободи», туку и година на почетокот на второто крштевање на Русија. Од тој момент Руската црква почнала да прима во себе огромен број новообратени. Започнал брз и грандиозен раст на парохии кои повторно биле отворани, духовни и неделни школи, на преродени манастири. Градовите и селата насекаде се украсувале со златни крстови. Се појавиле продавници со религиозна литература, работилници за црковни предмети, периодични изданија не само на епархиите, туку и на одделни парохии. Се отворале добротворни организации на црквите, проработиле поклоничките служби.

harakteristika.gifСите тие појави што ја радувале душата не можеле, секако, да ја заменат закономерноста на секој развој. Процесот на растење секогаш е тежок самиот по себе, содржи во себе многу внатрешни противоречности и секогаш предизвикува дејство на противничките сили. За новородената паства што се појавила во црквата не било лесно да ги утврдува во себе принципите на новиот живот. Премногу расипани се покажаа луѓето од претходните години на безбожност. Задачата на христијанското растење, која сама по себе бара од човекот голем внаатрешен напор, постојаност и трпеливост, безмерно се усложнила со уште една судбинска околност: започнатиот назадржлив распад на руската реалност. На целиот новозамесен «леб» на Руската црква, кој се нашол во многу лоши услови за понатамошно растење, за поддржување на духот му требало квасец со особена сила. И, како што мислиме, Господ, невидливата Глава на Црквата, го дал во лицето на старецот протојереј Николај. На тоа укажува и необичното место на престојување на старецот – островот Талабск (Залит) и исклучителниот дар на прозорливост што му бил даден и необичната поучност на неговите зборови, облечени во крајно лаконска форма, кои продирале до најтајните длабочини на душата и предизвикувале во неа коренити промени. Навистина, тој бил онаа «храна», на која растела, расте и уште ќе расте руската православна религиозност, оној Мојсеј што го водел «новиот Израил» во «ветената земја». Тој бил онаа духовна сила, што проникнувала не само во душите на луѓето што тргнале кон Христа, туку и на вчерашните комунисти и сегашните либерали и дури ги терала да го почитуваат Бога. Покрај него целата новокрстена Русија, што имала претстава за праведноста, во нојдобар случај – преку книги, добивала јасна претстава; што е тоа; православна светост.

Зошто луѓето оделе кај него? Тој како ништо особено да не говорел. Но, од неговите прекрасни и неочекувани во својата простота поуки, зрачела некаква повисока, небесна мудрост и во нив човек, без оглед на сета неукрасеност и надворешна непрефинетост на зборовите од старецот, непогрешно ја дознавал Божјата волја, духовно прогледувал, се ослободувал од пленот на стекнатите претстави, почнувал во друга светлина да го гледа својот животен пат, одеднаш ја дознавал својата лага пред Бога, кон самиот себе и кон другите луѓе. Оние што го доживувале тоа заминувале од островот со чувство на најдлабока благодарност кон старецот за преживеаното откровение, благодарение на кое во нив се откривале нови сили за понатамошен живот во Бога. Притоа, било поразително дека секому, без оглед на неговата возраст, професија, социјална положба, нарав, карактер, морален степен, тој му го говорел тоа што се однесувало на скриената суштина токму на неговиот живот.

Неговата прекрасна прозорливост била очигледна за сите што му се обраќале. Кога јас пристигнав кај него првпат (тоа беше во 1985 г., како студент на Педагошкиот институт), тој од прагот на својот дом неочекувано ме праша: «А ти изучи, како се пишуваат честиците «не» и «ни»?», давајќи ми со тоа да разберам дека и без моите појаснувања – тој ме познава. Потоа, повикувајќи ме внатре, седнавме на маса и кога постави пред мене чинија клубники со шеќер, тој продолжи: «Значи, ти си наш филолог. А, го читаше ли Достоевски?»

Тој јасно го гледаше минатиот, сегашниот и идниот живот на своите чеда, нивниот внатрешен склад. Но, колку грижливо тој постапуваше со тоа знаење за човекот што му го даваше Господ како на Свој верен слуга! Знаејќи ја целата вистина за човекот, тој не дозволуваше ништо што може него самиот да го рани или да го побуди во него самољубие. Во каква мека форма ги облекуваше тој своите поуки! «Ти полесно» – со таков совет тој го пречека еден мој познаник, кој не успеа ни два збора да каже, а кој сурово се однесуваше кон својата сопруга. Така се случуваше често и со многумина: доаѓајќи со една цел, човек си заминуваше со такво откровение за себе и со таква лекција, какви што никако не очекувал да слушне и добие.

Љубовта, снисходењето и долготрпението во однос кон ближниот – беа главни пунктови на неговите поуки. Божјата слугинка З. пристигнала кај баќушката со својата тага: нејзината снаа му била неверна на својот маж. Отец Николај, здогледувајќи ја неа во толпата, ја повикал да влезе во домот, и’ понудил стол и по извесна пауза и’ рекол: «Ти не ги разведувај нив и нема да се мачиш во адот». Жената не издржала, се расплакала, но потоа долго ја чувала во својата душа таа лекција за љубов. Потоа, животот во семејството на нејзиниот син се средил.

Баќушката беше милостив и снисходителен кон луѓето покајници што пристигнуваа кај него. Еден посетител што стоеше покрај оградата на домот на старецот и од срамот што го мачеше не се одлучуваше, не само да му се обрати на старецот, туку и да го погледне, го слушна тивкиот глас на отец Николај. «Поди, повикај го», – и’ рече тој на својата келијница. Таа го повика и старецот го помазуваше со масло и цело време велеше: «Со тебе е милоста Божја, милоста Божја е со тебе…» И неговата мачна состојба се растопи и исчезна под тој зрак на љубов од баќушката. Сепак, оној што немаше во себе покајание, старецот знаеше да го пречека поинаку. «Не доаѓајте веќе кај мене» – му рече тој на еден поклоник. Страшно беше да се слушнат тие зборови од големиот праведник.

Исполнувањето на благословот даден од старецот, бараше од човекот самоодрекување и самопожртвување, подготвеност да се оди против себе и своите желби. Еден мој познаник беше добил од надлежниот архиереј престижно назначување во парохија што се наоѓа во централно градско подрачје и отишол за благослов на островот. Сепак, отец Николај му рекол на свештеникот да отиде на друго место: во глуво село, каде имаше огромна, осквернета и разурната црква од годините на гонењата, на која и’ беа потребни големи капитални вложувања, каде што никој не живееше, а целата парохија ја сочинуваа пет старици. Но, ако човек најдеше во себе сили да го примени она што му го велеше старецот, тој подоцна, со текот на годините, добиваше од тоа огромна духовна полза. Нарушувањето пак, на дадениот благослов, за човекот што го барал блаогословот секогаш имало тешки последици, за што тој потоа горко зажалувал. Имаше и такви неѓу луѓето што доаѓаа, кои, откако ќе добиеја конкретен благослов, потоа го менуваа своето решение и повторно му досадуваа на старецот со молба да ја благослови нивната «нова варијанта». «Живејте како што сакате» – му одговори баќушката еднаш на еден од таквите молители.

1952g.jpg

Баќушка беше голем љубител на простотата. «Где просто, там ангелов со сто, а где мудрено, там ни одного» – ја повторуваше тој омилената поговорка на преп. Амвросиј Оптински. Еднаш тој на цела толпа собрани им предаде јасна лекција за простота, без да каже ни збор. Кога излезе кај сите пристигнати, народот затрепери од појавата на старецот. Потоа лесна нетрпеливост ги опфати собраните. Секој сакаше што поскоро да позборува за своето, секој, не забележувајќи го другиот, своето го сметаше за најважно и најзначајно. Но, старецот молчеше. Во тоа време покрај домот поминуваше еден рибар на околу педесетина години. Баќушката одеднаш го повика по име. Рибарот застана, ја симна капата и тргна кон отец Николај. Старецот го благослови рибарот на чие лице светна добродушна насмевка. Потоа рибарот ја стави шапката и замина. Таа нема сцена траеше не повеќе од две минути. Но, многумина ја разбараа нејзината смисла. Старецот како да им велеше на собраните: «Најдете простота во однос кон самите себе и ќе најдете благослов».

Многумина ја доживеаја на себе огромната сила на разобличувачките зборови на отец Николај. Тој умееше да говори просто и бестрастно, но истовремено со поразителна точност и длабочина, така што неговиот збор проникнуваше во најскриените места на човечката душа. Помнам, еднаш се подготвував да одам кај него. За тоа дозна мојот дамнешен пријател од семинаријата С., човек своеглав и инаетлив, чиј живот не беше најпримерен. «Прашај го за мојата идинина» – ме замоли С. И старецот му укажа на неговата иднина. «На А.С. пренеси му – ми рече баќушката на крајот на средбата – дека тој пред Бога ќе одговара ». Кога подоцна по телефон му ги пренесов овие зборови од старецот, тие кај С. – човек сосема «несентиментален» – предизвикаа кратковремено занемување. Во телефонскиот разговор настапи тишина. Бидеќи ми беше непријатно заради тоа што случајно дознав туѓа тајна, јас го прекинав тој бескрајно долг молк со продолжување на разговорот. Помнам и друго нешто. На островот, кај отец Николај, една жена доведе висок чиновник од Москва, со намера старецот да го благослови да напредува уште повеќе. «Благословете го, баќушка» – замоли таа, приведувајќи го кај отец Николај својот «протеже». Старецот погледна, не во него, туку како низ него и без заобиколување, неочекувано рече: «Да, па еве крадец». Посрамениот чиновник кој одмна заборавил што е тоа укор на совеста и заради своето работно биро навикнат да го гледа животот од горе, излезе од келијата на старецот растревожен и збунет.

Старецот имаше префинето чувство за хумор и некогаш своите разобличувања знаеше да ги облече во многу специфична форма. Дошол кај него еднаш еден господин што имал страст вкусно, разновидно и обилно да јаде. «Дојдете кај мене во шест вечер – му рекол отец Николај и по кратка пауза, неочекувано додал: – Ние двајцата… ќе кркаме». Во шест часот господинот стоел пред вратата на келијата, од каде се ширел мирис на печени компири. Откако чукнал на вратата, посетителот повикал: «Баќушка, јас стигнав». По некое време од зад затворената врата се слушнал гласот на старецот: «А, јас пак, никого не очекувам». Разочараниот господин постојал уште малку и си заминал.

Никој точно не знае, какви подвизи носел отец Николај на островот. Тој тоа го криеше од сите, близу до себе никого не примаше и самиот за себе се грижеше, со исклучок на последните десетина години. Во последно време тој многу тешко ја поднесуваше својата немоќ. Гледајќи, дека на старецот не само што му е тешко да зборува, туку дури и да седи, како притоа ги напрегнува своите последни сили, јас некако учтиво му реков: «Баќушка, би требало да прилегнете…» Отец Николај, не кревајќи ја спуштената глава, одговори: «Лежат само мрзливите». Во друга прилика, на таков сочувствителен предлог од друго лице – да одмори, тој забележал: «Да се одмора – тоа е грев». Според овие кратки забелешки може делумно да се види мерката на неговиот телесен подвиг.

Баќушката беше човек со најдлабока вера и ни секунда не се посомневал во Божјото покровителство, распространето над секој верен човек и над целата црква воопшто. «Сè ќе ви биде така, како што ви треба» – често им велеше на плашливите луѓе, како да сакаше да каже дека никакви околности немаат власт над христијанинот, ако во него има вистинска, несомнена вера. Во старецот немаше ни делче од онаа болна хистерија, со која се опфатени и помрачени денес многумина во Црквата. Таа хистеричност, породена од нашето безверие, ни влева празен страв и нè принудува енергично да се бориме со секакви фикс–идеи, само не со вистинските непријатели на нашето спасение. На еден млад човек, на прашањето: «Ќе има ли војна?» баќушката му дал поразителен одговор. Тој рекол: «За тоа не само што не треба да се прашува, туку не треба ни да се размислува». Замислувајќи се над овој одговор, неволно се потсетуваш на евангелските зборови: «Синот Човечки, кога ќе дојде на земјата, ќе најде ли вера?»

Кaj Талабскиот (Залитскиот) подвижник патуваа не само од сите краишта на Русија, туку и од различни земји на светот. Некогаш тој самиот им се јавувал на луѓето со утешни зборови, поуки, разобличувања. За него, како да немаше просторни и временски ограничувања, како да живееше во друга димензија и во поинакво тело. Самиот јас бев сведок на такви случаи. Ќе наведам само еден пример. Вториот диригент на Чикашкиот симфониски оркестар, кој беше дошол во Петербург за настап, беше и кај старецот на островот и му ги исповедаше своите стравувања: непосредно пред да тргне на пат, неговата супруга имала автомобилска катастрофа и заарди тоа пометнала во бременоста. Тоа ја растревожило душата на сопругот и му наметнало мрачна мисла, дека во тие настани треба да гледа Божја ненаклонетост кон бракот. Старецот го утешил музикантот и рекол дека неговите стравувања се напразни. Следниот ден среќниот сопруг се јавил во Америка, за да ја сподели радоста со жената. «Јас сето тоа го знам» – му одговорила сопругата. «Од каде?» – запрашал збунетиот диригент. «Тој дојде кај мене во чуден сон ноќта со зборови на љубов и ободрување ». Многу такви случаи имаше во неговиот живот. Не подлежи на сомневање дека тој изврши моќно влјание врз свеста на денешниот православен христијанин од новото поколение на црковниот народ. Обичниот спомен за него денес во многу ја поддржува верата, ја закрепнува душата. Самиот факт што постои таков човек, за многумина е онаа невидлива и можеби, не сосема осозната врска, што нив ги соединува со Бога и со вековечната традиција на Православието.

Отец Николај ги преживеал сите страшни катаклизми на руската и светската историја на XX век: октомвриската револуција, граѓанската војна, колективизацијата, репресиите на сталиновото време, втората светска војна, хрушчовите гонења… Бурното и жестоко време што скрши безброј судбини и донесе громадни промени во свеста на луѓето, не можеше да повлијае на идеалот на неговата душа: без оглед на силниот вртлог на историјата, од кој што и тој, како човек на своето време, бил зафатен – тие идеали останале неподвижни и непоколебани од никаква надворешна сила и, уште, како резултат на преживеаното искуство, тие подлабоко сраснале во тајните одаи на неговата богољубива душа. Неговата внатрешна «келија», изградена на фундаментот на евангелските заповеди, издржувајќи ги сите удари од надвор, се покажа посилна од сите ужаси на времето и се возвиши над овој век. Во таа смисла, неговиот восхитен живот може да биде пример за сите на кои им се чини дека во апокалиптични услови нема никаква можност; во сè и до крај да се зачува верноста кон Бога.

На 24 август 2002 г. старец Николај ја заврши својата висока, особена мисија и замина од нас во вечниот спокој. Само Бог знае; со какви неверојатни, натчовечки подвизи бил исполнет тој живот што имаше голема улога – на залезот на XX век да им ја сведочи вистината за Христа на луѓето кои се одделени од Бога и Неговата Црква.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s