Исус Христос – вистински Бог и вистински Човек

Ако човек непристрасно ја проследи било која Христова мисла или негов збор или дело или чувство, секогаш на нивното дно ќе го најде Бога. Стварноста на сите стварности врз која стои личноста на Исус од Назарет – е Неговото Божество.

Ако се одземе Бог од личноста на Христос, тогаш Исус е најтрагичното и најбедното суштество под сонцето. Во тој случај, Тој не е реално битие, туку привид, мечта, зашто Бог е Тој што неговата Личност ја прави вонредно реална, трајна, вечна. Гледан во историската стварност, Исус од Назарет се пројавил себеси низ стварен живот, стварни дела и стварни зборови, кои најочигледно покажуваат дека Тој навистина е Бог, зашто таков живот, такви дела, такви зборови, можат да бидат само живот на Бог, дела на Бог, зборови од Бог. Гледан во историските факти на Светото Откровение, Исус во сè се покажува како Бог, како Бог во тело, историски; во временскиот и просторниот живот. Ако се изопачат историските факти на Откровението, тогаш се губи реалното тло, на кое единствено може да се добие точниот поим за Исуса.

Божеството на Исус Христос е основната стварност во Новиот Завет. Од таа божествена стварност никнуваат сите останати новозаветни стварности и вистини. Како зраците од Сонцето, така божествените дела на Исус природно произлегуваат од неговата Личност. Божествениот карактер на своите дела и своето учење самиот Исус го објаснува со тоа што е Бог, што е едносуштен со Бог Отецот: „Јас и Отецот едно сме.”[1] Дури и кога Евреите сакаат да го убијат „бидејќи Отец свој го нарекуваше Бога и се правеше еднаков со Бога”, Тој не отстапува од тоа дека е Бог, туку одлучно им говори: „Навистина, навистина ви кажувам: Синот не може ништо да прави самиот од себе, туку она што гледа дека Отецот го прави; зашто што Тој прави, и Синот прави така. Ако не ги творам делата на својот Отец, не верувајте ние. Ако ли ги творам, ако мене не ми верувате, на моите дела верувајте им, да познаете и верувате дека Отецот е во Мене и Јас во Него”[2].

Според својата природа делата на Исус се дела кои само Бог може да ги прави и направи. Toа се: исцелување од најразновидни болести, изгонување на нечистите духови, простување на гревови, воскреснување од мртви, страшен суд, победата над смрта, дарување на вечниот живот.[3] A тоа е доволна причина Христос да биде почитуван како Бог.[4] Едносуштноста на Синот со Отецот го прави Синот во сè еднаков и рамен на Отецот според природата, достоинството и славата.[5] Оттаму Спасителот и можел да рече за Себе: „Кој ме гледа Мене – го гледа Отецот” [6]. Како вистинит Бог Кој ги има сите божествени совршенства, Исус бара верување во Него како и во Бог Отецот: „Верувајте во Бога и во мене верувајте” [7].

Божеството на Исус Христос е особено силно посведочено со делата на неговите свети ученици и следбеници. Зашто, никој од луѓето, останувајќи во границите на човечката природа и човечката моќ, не би можел да направи ниту едно од оние дела што се опишани во новозаветната книга Дела Апостолски или Посланиците од светите Апостоли.

Очевидците на Бог Логосот и сведоците на Неговиот богочовечки живот на земјата еднодушно исповедаат и учат дека Исус Христос е Синот Божји и Бог. Нивното сопствено искуство и сознание е: Во Христа живее телесно сета полнота на Божеството.

2. Имајќи ги како Бог сите божествени совршенства, Господ Исус ги има и сите божествени својства. Бидејќи Исус Христос според сè е вистинит Бог и Господ, Него треба да го почитуваме како и Бог Отецот и да веруваме во Него како во Бог.

Живеејќи со вистината дека Исус Христос е Бог и Господ, Црквата оваа вистина една засекогаш ја вообличила и неизменливо ја изразила во шест членови (од вториот до седмиот член) на Никејско-цариградскиот Символ на верата, кого што ние православните Христијани секогаш го држиме, веруваме и исповедаме (читаме), особено на светата Литургија.

Ако Исус Христос бил само вистинит Бог, но не и вистинит човек, Тој не би можел на реален начин да влезе во историјата човештвото, ниту да значи за човек она што сега значи. Ако не бил вистински човек, човек со разумна душа и тело, Господ Исус би останал надвор од рамката на човечкиот живот и од историјата и со право целото предание за Него би било проогласена за мит, а Тој вброен меѓу митолошките суштества. Единствено со телесната, опиплива, човечка реалност на својата личност, Господ Исус можел да го создаде Новиот Завет, да се јави се како вистински одговор на сите прашања на човечкиот дух, и да остане за луѓето незаменлива вредност и единствена утеха. Ако Господ Христос не бил човек, не би постоела Евангелската историја. Само од физичката, човечка стварност на Христовата личност потекнала, и постојано истекува, историската стварност на Христијанството како единствена блага вест (евангелие) во овој свет. Исус Христос – е вистинит човек, извор e на таа стварност; се одземе ли тој извор, ќе пресуши реката на Христијанската вера.

Ако не бил вистинит човек, Исус Христос не би можел да го заснова Христијанството како историска стварност и сила, зашто на бајка, на привидение, на мит, не би можела да се наѕида огромната зграда на историското Христијанство. Зарем простите, неучени, сиромашни галилејски рибари би тргнале по Господа Исуса, ако Тој не бил реален човек, човечки реален во сите свои дела, мисли, зборови и севкупен живот? И зарем тие во име на привидение и со помош од привидение можеле да го осветлат светот со новата вера? Евангелијата се сосема прости, сосема непосредни во својата историска стварност и реализам. Тие не го докажуваат Исусовото човештво туку го покажуваат, констатираат, го опишуваат како најобична стварност.

Никој во Евангелијата не се посомневал дека Исус е вистинит човек. Toа e неоспорен факт. Ако не бил вистински човек, зарем Исус би можел да биде толку привлечна личност за неизброен простордечен народ, и толку омразено суштество за фарисеите и книжевниците?

3. Современите непријатели на Исус Христос го оспорувале неговото Божеството, но никој не Mу го оспорувал човештвото. Тоа е толку неоспорно што неговите непријатели работеле само на едно: како да го убијат и на тој начин да се ослободат себеси од страшната стварност на Неговото телесно присуство.

Колку Господ Христос е вистинит човек може лесно да се согледа ако, макар во главните потези, се прегледаат фактите на Новиот Завета, фактите кои се изразени во доживувањата, делата, зборовите на Господ Исус и неговите свети ученици.

Целата проповед на Апостолите не е нешто друго, освен постојано сведочење од очевидци за историската стварност и вистинитост на Исус Христос како вистински Бог и вистински човек. Сета нивна вера во Господа Христа и целото учење за Него е засновано на нивното лично искуство и лично сведочење. Затоа тие и нагласуваат дека во нив сè е засновано на историска стварност, а не на измислици и бајки: „Ние вам не ви ги покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос одејќи по вешто измислени бајки, туку самите бевме очевидци на Неговото величество”[8]. Како очевидци и следбеници на Бога во тело, Апостолите само го сведочат она што го виделе и слушнале.[9]

Историската стварност на Бог и човекот Исус, неговото дело и учење е она што апостолите како Исусови следбеници и сведоци „со свои уши го слушнале, со свои очи го виделе, со свои раце го испитале и допреле” [10]. Затоа, кога нивните противници им забрануваат да го спомнуваат името Исус, тие храбро изјавуваат: „Ние не можеме да не го говориме она што го видовме и слушнавме” [11].

Светото Откровение го прикажува и опишува Господ Исус како вистинит, целосен и совршен човек, но човек кој од сите други луѓе се разликува според тоа: 1) што е роден на натприроден начин од Света Дева и Светиот Дух, и 2) што е безгрешен. Иако е вистинит човек, Исус е слободен од прародителската гревовност, зашто е роден на натприроден начин. Неговиот живот на земјата бил живот на апсолутна светост и безгрешност.

Вистините дека Исус Христос е вистинит Бог и вистинит човек се сливаат во една вистина: Исус Христос е вистинит Богочовек. Но, иако е вистинит Бог и вистинит човек, Исус Христос сепак е едно лице, една Личност, не две лица, ниту две личности. Во Него се две природи: божествената и човечката, но Тој никако не претставува две посебни лица, туку едно единствено, и тоа – Божествената Личност (или Ипостас) на Бог Логосот, Кој во својата Божествена личност ја прими човечката природа.

Како Богочовек, Исус Христос ни ја откри и тајната на Бога и тајната на човекот и целосно и совршено го реши и проблемот на Бога и проблемот на човекот. Затоа; Христовото Богочовештво – е темел на Христијанството. Преродбата, осветувањето и спасението на човекот и светот се во Богочовекот.

Цитати:

1) Јн.10,30; сп. 17,21; 14,9. 11; 8,19; 14,7.

2) Јн.5,18. 19; 10,31. 33. 37. 38; сп. 15,24.

3) Јн.5,20-30; Мт.9,6; Јн.11,43-44; Мк.5,41; Лк.1,14-15.

4) Јн.5,23.

5) Јн.16,15; 17,10.

6) Јн.14,9; сп. 17,10; 14,11.

7) Јн.14,1; сп. 5,23.

8 ) 2.Пет.1,16.

9) Д.Ап.1,21-22.

10) 1.Јн.1,1.

11) Д.Ап.4,20; ср. 1.Јн.1,3.

Извор: Св. Јустин Ћелијски, Проф. Велимир Хаџи-Арсић ТАЈНЕ ВЕРЕ И ЖИВОТА (ОСНОВНО БОГОСЛОВЉЕ)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s