Тајната на Воскресението на Спасителот и Тајната на Спасението

Иако беше навистина мртов со своето тело во гробот, Спасителот Христос се покажа посилен од смртта. Неговото тело беше тело на Бог Логосот, па затоа смртта не можеше да го задржи во своето царство како плен. Богочовекот воскресна, зашто смртта не можеше да го држи под својата власт [1].

Без Христовото воскресение – сè е привид: и Христос, и сите негови дела, и севкупното Негово учење. Затоа и самиот Спасител уште за врeме на своето живеење на земјата укажуваше на своето воскресение како на настан кој ќе ја објасни и неговата Личност и Неговото дело. Така по своето Преображение Спасителот на своите ученици им заповеда никому да не му кажуваат шта виделе додека Тој да стане од мртвите [2]. Зашто, дури во светлината на Воскресението станува јасен и настанот на Преображението, и целиот живот на Богочовекот и севкупното Негово учење. Зошто? Затоа што дури со своето воскресение од мртвите Исус неспорно и сеубедливо посведочи дека Тој навистина е Бог и Син Божји[3]. Пред своето воскресение Спасителот поучувал за вечниот живот, но со воскресението покажа дека Тој навистина е вечниот живот. Пред своето воскресение Тој поучуваше за воскресението на мртвите, но со воскресението покажа дека Тој навистина е воскресението од мртви. Пред своето воскресение Тој поучуваше дека верувањето во Него преведува од смрт во живот, но со своето воскресение покажа дека ја победи смртта и со тоа на осмртените луѓе им го осигура преминувањето од смртта во бесмртноста. Со еден збор: севкупното учење на Спасителот ја добива својата потврда и образложение во Неговото воскресение.

б) Вистинитоста и стварноста на Христовото воскресение. Вистинитоста, стварноста на Христовото воскресение е проверена најкритички од страна на самите очевидци, Христовите ученици. Тие не поверувале лекомислено во Христовото воскресение; напротив, го провериле со немилосрден критицизам. Може смело да се тврди: Апостолите се изнасомневале во Христовото воскресение не само за себе, туку и за сите луѓе од сите времиња, за целата човекова природа воопшто.

Од првата вест за воскресението на Спасителот, што ја слушнале од Марија Магдалина која прва го видела воскреснатиот Господ, Апостолите се однесуваат со критичко неверување кон тоа. Евангелистот пишува: „Кога слушнаа дека е жив и дека таа го видела, тие не поверуваа” [4]. На тоа прво неверување се придодава и друго: воскреснатиот Господ им се јавува на два ученика на пат кон Емаус. Кога тие им кажале на учениците; и нив не им верувале [5]. Тогаш воскреснатиот Господ, за да ги увери своие неверни ученици во своето воскресение, им нуди најопиплив, најочигледен психофизички доказ за себе како воскреснат: им ги покажува своите раце и нозе и јаде пред нив. Евангелистот тоа вака го опишува: „Самиот Исус застан меѓу нив и зим рече: Мир вам! А тие се уплашија и мислеа дека гледаат дух. И им рече: зошто се плашете? И зошто се јавува сомнеж во вашите срца? Видете ги моите раце и моите нозе; Јас Сум. Допрете Ме и видете: духот нема тело и коски како што гледате дека Јас имам. И кога тоа го рече им ги покажа рацете и нозете. А бидејќи тие уште не веруваа од радост и се чудеа, им рче: Имате ли овде нешто за јадење? А тие му дадоа парче печена риба и мед во саќе. И кога зеде, јадеше пред нив” [6].

Врв на немилосрдниот критициззм на апостолите во проверувањето на стварноста и вистинитоста на Христовото воскресение претставува случајот со апостолот Тома. Кога другите Апостоли на кои им јавил воскреснатиот Господ му соопштуваат на Тома: „Го видовме Господа” – Тој скептички им одговара: „Додека не ги видам на неговите раце раните од клинците и не ставам свој прст во раните од клинците и не ставам своја рака во неговите ребра – нема да поверувам” [7]. – И желбата на вака упорното неверие воскреснатиот Господ ја исполнува. Евангелистот раскажува: „По осум денови повторно беа неговите ученици внатре и Тома со нив. Дојде Исус кога вратата беше заклучена, застана насреде и рече: Мир вам! Потоа му рече на Тома: дај го ваму својот прст и види ги моите раце; и испружи ја својата рака и стави ја во моите ребра, и не биди неверен, туку биди верен.” – Уверен на толку очигледен и несомнен начин во стварноста на воскреснатиот Господ, Тома со вера иззвикува: „Господ мој и Бог мој!” [8]

в) Воскресението на Господ Христос е темелот на Христијанството. Воскресение е темелот на кој светите негови ученици ја ѕидаат целата своја вера и проповед. Сите негови дела, всушност, никнуваат од тоа единствено Христово дело. Зашто, според зборовите на св. Јован Златоуст; книгата Дела Апостолски го содржи во себе токму доказот за воскресението, бидејќи за тој што поверувал во воскресениео веќе било лено да го прими и сето останато [9]. Да се посведочи и да се докаже Христовото воскресение – за Апостолите значи: да се посведочи и докаже дека Исус Христос е – Бог и Господ, Откупителот и Спасителот. Со зборовите што гиговорат и со чудата што ги творат во името на воскреснатиот Исус, тие постојано тврдат и докажуваат дека воскресението говори преку нив и воскреснатиот Господ делува со својата животворна и чудотворна сила. Целото свое апостолско звање тие го сведуваат на сведочењето за Христовото воскресение; да се биде апостол – значи да се сведочи Христовото воскресение [10].

Без верување во Христовото воскресение не е можно да се верува во Христа како Спасител [11]. Со еден збор: не е можно Христијанството; не е можно да се биде Христијанин. Затоа Апостолот Павле одлучно и јасно изјавува: „Ако Христос не воскресна, празна е нашата проповед, празна њ и вашата вера” [12]. Сè е изгубено, сè е пропаднато, ако Христос не воскресна – вели св. Златоуст, објаснувајќи ги овие апостолски зборови [13].

г) Неизбежноста на воскресението на сите луѓе како последица на Христовото воскресение. Иако е лично дело на Богочовекот, воскресението на Господ Исус има сечовечко и секосмичко значење и сила, зашто Богочовекот еродоначелник на новото човештво. Сè што се однесува на неговата човечка природа истовремено се однесувана целиот човечки род. Богочовекот воскреснува за да го отвори патот во воскресението за целата човечка природа [14]. „Во воскресението на нашиот Спасител – вели блажени Теодорит – ние го имаме залогот на нашето воскресение. Тој прв ја урна силата на смртта, а по Него, како по Почеток и Првенец, несомнено ќе следува и целата човечка природа” [15].

Воскреснувајќи од мртвите, Господ Исус воскресението од мртви го нашравил задолжително за сите луѓе: и за добрите и за злите. По семоќното дејство на Богочовековото воскресение и неговата сила, сета човечка природа се наоѓа во власта на таа сила како исцелена од смртноста. И секој човек, бидејќи како човечко битие има учество во сеопштата човечка природа, мора да воскресне во последниот ден [16].

И по Христовото воскресение постои смрт во овој свет. Како да се објасни тоа? Да, смртта постои, но со благодатта на Богочовековото воскресение таа за човековата природа престана да биде проклетство, ужас и страв, туку стана како привремен и минлив сон [17]. „Ние и сега умираме – вели св. Атанасиј Велики – но не повеќе како осудени, туку како некои што ќе всокреснатго очекуваме општото воскресение на сите, кое своевремено ќе го покаже Бог што го го извршил и дарувал” [18]. „Ние и сега умираме – изјавува св. Златоуст, но не остануваме во смртта. А тоа не значи да се умре. Вистинската смрт е кога тој што умрел нема веќе можност да се врати во животот; ако пак тој по смртта ќе оживее и при тоа ќе живее со подобар живот, тогаш тоа не е смрт туку спасение” [19].

ѓ) Воскресението и моралниот препород на луѓето. Дека Господ Исус навистина воскресна и дека како вечно жив постојано делува, св. Атанасиј Велики докажува и со неговото постојано влијание на моралниот препород на луѓе од сите народи. Зашто, само жива личност, а не мртовец може да делува и да има влијание на луѓето. Бидејќи Спасителот така влијае на луѓето, и секојдневно секаде невидливо убедува многу луѓе да поверуваат во Него и да се покоруваат на Неговото учење, зарем потоа може некој да се сомнева дека Христовото воскресение било вистинито и дека Христос е жив или подобро, дека Тој е самиот Живот [20]?

е) Христовото воскресениеи сознанието на Црквата. Во животот на Црквата, човекот неодоливо чувствува и човечката мисла јасно сознава: Богочовекот Христос со своето Воскресение навистина го умртви гревот, ја победи смртта, го сотре ѓаволот, ја уништи силата на смртта, го урна адот, ја обнови, освети, просвети, обезсмрти човечката природа, го спаси светот, им даде вечен живот на луѓето, ни даруваше простување на гревовите и голема милост, целиот свет го исполни со радост и на човечкиот род му подари сè што Бог на љубовта и неискажаното човекољубие може да подари.

Воскресението е празник над празницитеа и прослава над прославите. Воскресението затоа е најголемиот празник во Православната Црква, а секоја Недела е мало повторено Воскресение. Затоа ние Христијаните ја празнуваме Неделата како ден Господов.

Белешки:

1) Д.Ап.2,24.

2) Мт.17,9; ср. Мк.9,9.

3) Рим.1,4.

4) Мк.16,11.

5) Мк.16,12-13.

6) Лк.24,36-43.

7) Јн.20,25.

8 ) Јн.20,26-28.

9) In Ata Apost., Homil. 1, 2; P. gr. t. 60, col. 16.

10) Д.Ап.1,22; 1,32; 3,15; 4,10. 33; 5,30. 32; 10,39-41; 13,31; 17,3; 25,19; 26,23; 1.Kop.15,15; 2.Тим.2,8.

11) Рим.1,3.

12 1.Кор.15,14. 17.

13) In 1 ad Carinth., Homil. 29,2; P. gr. t. 61, col. 334.

14) 1.Кор.15,21-22.

15) Interpret. epist. 1 ad Corinth. cap. 15. v. 19. 20; P. gr. t. 82, col. 353 C.

16) Јн.5,28-29.

17) Ср. Јн.11,11; Лк.8,52; Мт.9,24; Мк.5,39.

18) De incarnat. Verbi, 10; P. gr. t. 25, col. 113 C.

19) In Hebr. Homil. 17, 2; P. gr. t. 63, col. 129.

20) De incarnat. Verbi, 30. 21; Р. gr. t. 25, col. 148 B. C. D., 149 A. B. C. D.

One thought on “Тајната на Воскресението на Спасителот и Тајната на Спасението

  1. пиШете за симболите на верата за велигден и за празнувањето иначе е добро напиШано

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s