Толкување на Символот на Верата (член 5)

  • И кој воскресна во третиот ден, според Писмата.

Верата во Воскресението на Исус Христос е срце на христијанското учење. Затоа апостол Павле им пишува на Коринтјаните: „А ако Христос не воскресна, тогаш и нашата проповед е празна, празна е и вашата вера” (1 Кор. 15, 14). Апостолите се сведоци на воскреснатиот Христос (види. Дела. 1, 22). Воскресението било поразителна пројава на мессијанството на Исус и на Неговата Божественост. Односот кон овој настан е граница што ја одделува верата од неверието, и тоа, несомнено, останува во сила за сите поколенија, сè до крајот на времето.

Ако мнозинството Евреи одбиле да го признаат Мессијата во воскреснатиот Исус – ја одрекувале ли тие реалноста на Воскресението или не правеле од него никакви заклучоци – сепак, во крајна мерка, самата идеја за воскреснување од мртвите за нив не била туѓа, (со исклучок на садукеите, кои не верувале во воскресение). Но, не било така кај паганите; христијанската проповед за сеопшто воскресение и за веќе извршеното Воскресение на Христос, во нивната средина се примало со голема тешкотија. Во наши денови ние премногу лесно забораваме дека философскиот поим за некаква бессмртна душа и библиската идеја за воскресение немаат многу заедничко. Токму затоа проповедта на апостолот Павле на ареопагот (во Атина) била дочекана со саркастичен скептицизам (Дела. 17, 16-34). Токму затоа мнозинството Евреи и пагани останале нечувствителни кон знакот од Бога.

За верните на кои со верата им е дадено да го разберат целото значење на тој настан, Господовото Воскресение – е поразителна победа на животот над смртта, ослободување од проклетството што се надвиваше над потомството на Адам. Еве зошто Пасха е празник на незадржлива радост, за што православната литургика говори во тој ден особено красноречиво: „Пасха свештена денес ни се покажа: Пасха нова, света; Пасха мистична; Пасха сечестна; Пасха – Христос Избавителот; Пасха непорочна; Пасха голема; Пасха на верните; Пасха што рајските врати ни ги отвора; Пасха што сите верни ги осветува” (стихири „На хвалитех”). За древниот народ Израил, Пасхата била споменување на ослободувањето од египетското ропство, а за Црквата која е новиот Израил, христијанската Пасха е споменување за ослободувањето ропството на смртта. Таа, исто така, е благовестие за сеопштото воскреснување кое реално започна со Христовото Воскресение.

Освен во пасхалната служба, Црквата ни говори за големата тајна на Воскресението и на секоја неделна служба. Со Пасха како тема е проникнат целиот обред на Крштението: новообратениот духовно преминува од робство на сатаната кон животот во Христа. „Зарем не знаете – вели апостолот Павле – дека сите ние што се крстивме во Христа Исуса, во Неговата смрт се крстивме? И така, ние се погребавме со Него со крштението во смртта, за, како што Христос воскресна од мртвите со славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот” (Рим. 6, 3-4). Самиот момент на Господовото Воскресение се измолкува од од секоја човечка љубопитност (кај евангелистите нема никакви опишувања на тој настан). Токму затоа православната иконографија, верна на Преданието, не го претставува моментот на Воскресението, туку само јавувањето на Воскреснатиот Христос, Кого Го виделе многу сведоци. Свети апостол Павле дури вели, дека нашиот Господ се јави „…на повеќе од петстотини браќа во исто време” (1 Кор. 15, 6). Додавајќи дека „повеќето од нив досега се живи”, апостолот ги убедува коринтјаните кои се сомневале во реалноста на Воскресниот Христос, дека тие би можеле да ги прашаат тие сведоци. Сепак, Христојавувањето (Christophanie) не било толку грандиозно, да ги принуди сите луѓе, или макар сите жители на Ерусалим, да поверуваат во Воскресението на Господа. Такво, сеопфатно, ќе биде Второто Доаѓање на Исус Христос, кога Тој ќе се јави во слава, да им суди на живите и мртвите. До тоа време на секој човек му е дадена слобода за избор. За оние што сакаат да станат садови на Божествената благодат се кажани утешните зборови од воскреснатиот Христос: „Блажени се оние што не виделе и поверувале” (Јн. 20, 29). Затоа цели поколенија христијани, и по дваесет векови од времето на апостолското сведоштво, смело воскликнуваат: „Откако го видовме Христовото Воскресение, да Му се поклониме на Светиот Господ Исус, едниот безгрешен. На Твојот Крст се поклонуваме Христе и светото Твое Воскресение го пееме и славиме”. И ете, како и жените – мироносици, христијаните духовно се искачуваат кон Гробот, за да ги чујат зборовите на Ангелот кој ја донел добрата вест. Христијанинот не може да се ограничи со интелектуалното признавање на стварноста на Воскресението. Секој крстен треба да може да каже заедно со Апостолот: „Јас се распнав заедно со Христа и веќе не живеам јас, туку во мене живее Христос” (Гал. 2, 19-20). Положбата на христијанинот е парадоксална. Тој живее во овој свет, но според својата сврзаност со Христа, раскинува со светот, бидејќи „овој свет” не сака да се потчини под главенството на Христос.

Символот на верата тврди дека Господ воскресна „во третиот ден според Писмата”. Смислата на ова последно искажување е многу побогата, отколку што може да изгледа на прв поглед. Тоа е двојно повикување на Стариот Завет (терминот „Писма” овде се однесува на Стариот Завет). Тоа е непосредна апелација кон пророчкото сведоштво од книгата на Јона. Нашиот Господ зборува за „знакот на Јона” како за праобразец на своето погребение и на повторното станување (Мт. 12, 39-40 и 16, 4; Лк. 11, 29-32). Обраќајќи се кон целиот Стар Завет, воскреснатиот Христос им го објаснува Писмото на патниците кон Емаус: „О, неразумни и троми по срце за да верувате на сè што предскажувале пророците! Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава? И, почнувајќи од Мојсеј, од сите пророци им го појаснуваше кажаното за Него во целото Писмо” (Лк. 24, 25-27). На Апостолите Господ им говори: „Еве го она за што Јас ви зборував уште додека бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеовиот закон и во пророците и псалмите. Тогаш им го отвори умот за разбирање на Писмата и им рече: Така е напишано, и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртви во третиот ден…” (Лк. 24, 44-46). Да забележиме дека, кога Евреите велеле „Закон”, „Пророци” и „Псалми”, тоа ја означувало севкупноста на Писмата, соодветно на тројното делење на еврејската Библија.

Во првобитната христијанска катехизација, повикувањата на старозаветните сведоштва за Воскресението на Исус Христос имале вонредно важно значење. Во тоа може лесно да се убедиме, ако го прочитаме обраќањето на апостолот Петар кон народот во денот Педесетница (Дела. 2, 14-36, а особено 25-35).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s