Толкување на Символот на Верата (член 6)

  • И Koj сe вознесе на небото, и седи оддесно на Отецот.

Провозгласувајќи го спасителното дело на нашиот Господ, по членот за Неговото тридневно Воскресение, Символот на верата говори за тоа, дека Тој се вознесе и повторно седна „оддесно на Отецот”. Со тоа се завршува редицата членови на Символот, кои се однесуваат на земното служење на Христа. Периодот на Воплотувањето, или поточно, престојувањето на воплотениот Христос на земјата, завршува со Вознесението. Сепак, земното Христово служење е тесно сврзано со следната епоха, со епохата на Црквата што ќе заврши со Второто и славно Доаѓање на Господа. Врската меѓу овие два периода на двоен начин е претставена во Светото Писмо. Пред сè, на надворешен начин; со самата негова литературна композиција: светиот евангелист Лука го завршува своето Евангелие со раскажувањето за Вознесението и ја почнува книгата „Дела апостолски” со подробно изложување на истиот настан. Од внатрешен аспект пак; Новиот Завет ни ги предава зборовите на Спасителот, кои истакнуваат дека Неговото восходење /искачување/ на небото никако не означува напуштање. Врз последните искажани Христови зборови, веќе наведени овде, се ѕида спокојната увереност на Црквата во постојаната грижа на Спасителот за неа (Мт. 28, 20). Одглас на овие зборови слушаме во кондакот на службата на Вознесение: „Откако ја исполни промислата што беше за нас и она што е на земјата го соедини со небесните, се вознесе во слава, Христе Боже наш, никако не одделувајќи се, туку останувајќи неотстапен, и велејќи им на оние што Те љубат: Јас сум со вас, и никој против вас”.

Вознесението е венец на Христовата жртва: заколеното Јагне стои пред Отецот, во својата Богочовечка личност јавувајќи го восстановеното единство меѓу Бога и човекот. По тој повод, во Посланието кон Евреите читаме: „Тој пак, откако принесе една жртва за гревовите, засекогаш восседна /повторно седна/ оддесно на Бога” (Евр. 10, 12). Откупителната смрт на Крстот, Воскресението и Вознесението, се сврзани толку тесно, што Господ за нив зборува како за неделива целина: „И кога Јас ќе бидам вознесен од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе” (Јн. 12, 32).

„Слегувањето од небото” што се спомнува во третиот член од Символот може да биде сооднесено кон Вознесението само во една определена смисла – во смисла на понижувањето (кенозисот) на Синот Божји, кое започнува со Воплотувањето и завршува со Вознесението. Освен тоа, не треба да се заборави дека Неговото понижување со ништо не ги изменило внатре-троичните односи, бидејќи Триипостасниот Бог е непроменлив и неизменет, и Синот онтологиски е сврзан со Отецот и со Светиот Дух, независно од какви било конкретно-историски околности. Од друга страна, треба да се истакне особениот карактер на Вознесението – прославувањето на Богочовекот. Христос – Новиот Адам, е Глава на обновеното човештво, кое токму во Неговото лице одсега и засекогаш е во Славата „оддесно на Отецот”. Од тоа гледаме дека Откупувањето не било просто укинување на проклетството што било донесено со гревот, бидејќи славата што ја стекнал човекот во Исуса Христа ќе остане непроменета. Затоа апостол Павле и говори: „Бог да ги просвети очите на вашето срце, за да познаете, во што се состои надежта на Неговото звање и какво е богатството на Неговото славно наследство за светите и какво е безмерното величие на Негoвата сила во нас што веруваме според дејството на Неговата силна моќ, со која тој воздејствувал во Христa така што Го воскресна од мртвите и Го постави оддесно на Себе на небесата, над секое началство и власт и сила и господство, и (над) секое име, именувано не само во овој век, туку и во идниот” (Еф. 1, 17-21).

И така, Вознесението никако не е „развоплотување” на Божественото Слово, зашто во историјата на спасението, како што таа се развива според предвечната Божја промисла, нема обратно движење. Новозаветното учење за Црквата – Христовото Тело, е достижно само преку верување во тоа, дека Христос се вознесе и восседна оддесно на Отецот. Христос го излива на Црквата Божествениот живот на органски начин, ако може така да се изразиме, по принципот на согласност меѓу Главата и членовите. Бог Отецот „сè покори под Неговите нозе и Го постави повисоко од сè; Глава на Црквата која е Негово Тело” (Еф. 1, 22; Кол. 1. 18). Трезвеното богословие не се откажува од силата на ова тврдење, инаку се лишуваат од сила другите тврдења на Светото Писмо, како она што на членовите на Црквата им ја предвозвестува можноста да станат „причестници на Божествената природа” (2.Петар. 1, 4). Исто така, само во врска со учењето за Црквата како за Христово Тело, можеме да го разбереме таинственото слово на Спасителот, запишано во четвртото Евангелие: „Вистина, вистина ви говорам: оној што го слуша Моето слово и верува во Тој што Ме испрати – има вечен живот и на суд не оди, туку преминал од смрт во живот” (Јн. 5, 24).

Токму затоа што Вознесението не е напуштање, Педесетница е – Неговото неопходно продолжение, за што јасно говори Господ: „вистина ви говорам, подобро е за вас, Јас да заминам; зашто, ако Јас не отидам, Утешителот не ќе дојде кај вас; а ако отидам, тогаш ќе Го испратам Него кај вас” (Јн. 16, 7). Иако „Педесетница” нарекуваме определен настан (имено, слегувањето на Светиот Дух во педесетиот ден по Пасха), целото време од постоењето на Црквата, која започнва со тој настан, може да се гледа како постојана Педесетница, бидејќи животот на Црквата не е нешто друго, освен дејство на Светиот Дух. Всушност, за време на секоја Евхаристија свештенослужителот моли од Бога да го испрати Светиот Свој Дух на народот и на Светите Дарови.

Христос, откако стана доброволна жртва, го помири човекот со Бога преку Вознесението на човештвото во Христа (кое е соединето со Божеството) и восседна во Славата оддесно на Отецот. Делото на секој човек е – самиот да го стекне спасението што е предложено во Исуса Христа. За да не биде погазена слободата на човекот, Бог го предлага спасението, но не го наметнува. По Воплотувањето, како и пред него, човекот се раѓа во грев, во робство на злото. Но од врмето кога се изврши откупителното дело на Христос, на човекот му е дадена можност; откако ќе стане член на Христовото Тело, да се вклучи во новото создание. Човекот треба да биде восприемчив за благодатта што му доаѓа во пресрет, затоа што со своите сопствени сили тој ништо не може да направи. Имено во тоа Црквата цврсто се противи на секакви претстави за спасението како што го разбирал Пелагиј. Сепак, таквото неопходно Божјо начелно учествување, никако не ја предпоставува пасивноста на човекот. Секој треба да ги помни зборовите со кои Учителот се обраќа кон своите ученици од сите времиња: „Ако некој сака да оди по Мене, да се откаже од себе, и да го земе својот Крст и нека Ме следи” (Мт. 16, 24; Мк. 8, 34; Лк. 9, 23). За да биде соблечен стариот човек и да се облечеме во новото, потребна е постојана аскеза. Ако крштението е одрекување од господството на сатаната и соединување со Христовото Тело, тогаш неопходна е непрекината борба, за да се зачува добиеното и да даде плодови. Тоа духовно восходење /искачување/, колку и да е тешко, се извршува во силата на несомнениот оптимизам на христијанското вероучение, бидејќи верниот ги слуша зборовите на Спасителот, кои во него ја поддржуваат бодроста и ја закрепнуваат надежта: „Во светот ќе имате таги; но бидете смели; Јас го победив светот” (Јн. 16, 33).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s