Толкување на Символот на Верата (член 7)

  • И Кој повторно ќе дојде со слава да им суди на живите и мртвите, а Неговото Царство не ќе има крај.

Верувањето во Второто Христово Доаѓање – е една од безпоговорните основи на христијанското учење во целина. Секој обид да се „де-есхатологизира” христијанството, т.е. да се избрише овој догмат на верата или да се сведе на минимум е – искривување на христијанското благовестие. За да се осознае местото на овој догмат на Црквата, тој треба да се разгледа во соодветна перспектива. Христијанското разбирање на времето и историјата е во вид на хоризонтална линија: има почеток – творењето на светот, трагичното делување на човекот, Неговиот пад; централниот настан – Воплотувањето; и крајот – Второто Доаѓање. Значи, како што Христовата жртва била настан од единствен вид (Евр. 7, 27), така и последниот Суд ќе биде единствен и краен акт. Такво е цврстото верување на Црквата и затоа V-от Вселенски Собор (553 г.) осудил редица мислења од оригенов правец, кои биле основани на цикличното разбирање на времето, кое пак, не е споиво со Откровението. Есхатологиското чекање е – една од основите на православното сакраментално богословие. Затоа собранието на христијаните на евхаристиската вечера не е само спомен на настанот што се случил во минатото и „се актуелизира” во таинството, туку е и обележано со есхатологиските чекања на мессијанската општина, то ест на Црквата. Тоа настојчиво е истакнато во поуката од апостолот Павле, која следи по раскажувањето за восстановувањето на таинството Свето Причестување: „Зашто, секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, Господовата смрт ја возвестувате, додека Тој да дојде” (1 Кор. 11, 26). Во Господовите зборови што ни ги предал евангелистот Матеј („Ви кажувам дека, од сега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе пијам со вас ново вино во Царството на Мојот Отец” (Мт. 26, 29)) се содржи очигледно есхатологиско укажување. Евхаристиската општина – е праобразец на Црквата собрана во Царството што доаѓа. Во древниот христијански документ „Дидахи” (I-II век) читаме зборови што го фалат тоа чекање: „Како што овој прекршен леб, што прво беше насеан по полињата, но собран во амбарите – станал едно, да се собере Твојата Црква во Твоето Царство од краиштата на земјата…” и понатму: „Спомни ја, Господи, Твојата Црква, за нејзино избавување од секое зло и за усовршување во Твоја љубов. Собери ја од четирите краишта. Твојата света Црква за Твоето Царство што си Го подготвил за неа”.

Првите христијани живееле во нетрпеливо очекување на Христовото враќање, и тие го изразувале тоа свое нетрпение во кратка арамејска изрека, која ја наведува апостолот Павле: „Мараната” (1 Кор. 16, 22). Сепак, Господ ги предупредувал своите ученици за желбата да го дознаат точното време на Вторито Доаѓање (Мт. 24, 36; Дела. 1, 7). Апостолот Павле ги повикува солунјаните да бидат бодри. Им пишувал: „зашто самите доверливо знаете, дека денот Господов така ќе дојде, како крадец во ноќта” (1 Сол. 5, 2). Христијаните се должни секогаш да престојувват во очекување на Парусијата, но тоа очекување не смее да се претвори во празна љубопитност и искушување на Божествената Промисла. Црквата ги избегнува пребрзаните заклучоци врз основа на некои места од книгата на пророк Даниил или од книгата Апокалипсис, додека секташите од сите епохи тоа го злоупотребуваат, сакајќи математички точно да го пресметаат самиот момент на Парусијата или за да посрамат некого од своите браќа. Спекулациите од тој вид не само што им противречат на поуките од Господа, туку сведочат и за потполното незнаење на оние што подпаѓаат на соблазната на таквите истражувања. Таквите луѓе немаат поим за правилата на јудејската апокалиптика, кои денес добро ни се познати благодарение на многубројните документи од периодот; II век пред Христа до II век по Христа.

Ние веќе ја истакнасвме разликата меѓу двете доаѓања на Господа во светот: Првото беше во пониженост (кенозис). Второто за сите ќе биде јавување на Божијата сила. Тоа во Символот е изразено со зборовите: „со слава”. Со крајот на овој свет ќе се прекине можноста за каква било измена, сè ќе стане сосема непроменливо како вонвременско. Затоа, нашиот Господ возвестува: „И ќе отидат тие во вечна мака, а праведниците во вечен живот” (Мт. 25, 46). Таа абсолутна вонвременост ја подразбира свети Јован Богослов во Апокалипсисот, кога зборува за втората смрт (Откр. 20, 13–15). Последниот Суд ќе биде потполна победа на Христос над сите сили на злото, кои, без оглед на Крстот и Воскресението, не сакаат да го признаат својот неизбежен пораз.

Да обратиме внимание на тоа, дека Светото Писмо, (а и Символот на верата), истакнува дека Последниот Суд е секосмички настан. Христос доаѓа како Цар на вселената. За тоа читаме: „Кога пак, ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети Ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава и ќе се соберат пред Него сите народи” (Мт. 25, 31–32; Откр. 20, 11–15).

Да забележиме дека православната иконографија разнообразно ја разработила темата на Последниот Суд, прво во символичкото сиже за пастирот што ги одделува овците од козите (храм „Свети Аполинариј, во Равена, ок. 520 г.), а подоцна – реалистички изобразувајќи го Христа Кој се јавува „на облаци” и седи на Престол меѓу апостолите, да ги суди живите и мртвите, кои ги буди труба на Архангел (Собор во Торчело, XI в.).

Седмиот член од Символот на верата завршува со тврдењето: „а, Неговото Царство не ќе има крај”. Тие зборови од нашиото Символ, провозгласен во времето на II Вселенски Собор (381), сè уште не ги имало во Исповеданието на верата на никејските отци. Тие биле ставени во Символот за побивање на еретичките тврдења на Маркел, кој сметал дека Христовото Царство ќе заврши со завршувањето на времето. Тоа мислење е согласно со своето модалистичко богословие, каде што Троица е – само времен модус (начин) на Божественото Битие, Кое, на крајот на краиштата, се собира во една монада.

Уште во Символот на Антиохискиот Собор (341 г.) го сретнуваме изразот: „Кој повторно ќе дојде да ги суди живите и мртвите и ќе остане, како Цар и Бог во вековите”.

Во радостното очекување на славното враќање на Господа, христијанинот воскликнува: „Да дојде благодатта и да помине овој свет! Амин!” (Дидахи). Но, сознавајќи ја сета слабост на својата гревовна природа, тој смирено се моли: „Кога ќе дојдеш Боже на земјата со слава и сè ќе трепери: огнена река пред судилиштето влече, книгите се отвораат и тајните се јавуваат: тогаш избави ме од незгасливиот оган, и удостој ме да застанам оддесно на Тебе. Судијо најправеден” (Кондак на месоотпустна недела).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s