Толкување на Символот на Верата (член 9)

  • Во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Претставувајќи ни ја Црквата како објект на верата, Символот напомнува, дека таа не само што е собрание на верните, туку има првостепена улога во историјата на спасението.

За време на Своето земно служење нашиот Господ Исус Христос возвести, дека Тој Самиот ќе биде нејзин Создавач (Мт. 16, 18), а и многу новозаветни текстови гласат дека Христос – е нејзината Глава (на пр. Еф. 1, 22). Еврејскиот збор „Kahal” означува „собирањето на Израил нa повик од Бога”. Така, читаме во Второзаконието /Повторени Закони/: „За да не ги заборавиш делата што ги видоа твоите очи… За оној ден, кога стоеше пред Господа, Твојот Бог, при Хорив, и кога Господ ми рече: собери го за Мене народот и Јас ќе им ги возвестам Моите зборови… И Тој ви го објави Својот завет, ви заповеда да го исполнувате десетословието /декалогот/, и го напиша на две камени табли” (Втор. 4, 9-10, 13). Ние го сретнуваме и терминот „кахал-екклисиа” како означување на торжествените народни собирања во Ерусалим. Следствено, тој термин никогаш не се сртнувал во нерелигиозен контекст, што соодветствува на Неговата употреба во Новиот Завет и во древната христијанска литература, каде што тој ги означува; и поместната општина и собранието на верните. Исто така, често се сретнува изразот „Црква Божја” (I Кор. 1, 2).

Црквата е определена во Символот на верата како: Една, Света, Соборна и Апостолска. Овие определби, својствени за Црквата, сочинуваат една неделива целина, затоа што секоја од нив е сврзана со другите. Тие се различни по смисла, но ни една од нив не може да се исклучи. Поинаку кажано, ако нецелосно се толкува или се испушти било која од нив – значи да се искриви смислата на останатите. Така, на пример, православното разбирање на единството е сврзано со определено разбирање на соборноста. Не напразно свети Кипријан Картагенски го нарекол својот труд што бил насочен против расколниците: „За единството на Соборната Црква”. Кога се пристапува кон учењето на Црквата, треба да се чуваме од неточности и двосмислени претстави. Треба да се избегнуваат двете крајности: од една страна – премногу „духовното” разбирање на Црквата, кое ја отстранува нејзината општествена и организациска реалност; а од друга – истакнувањето на институционализмот, при кој духовната страна на Црквата паѓа во сенка. Всушност, овие два аспекта можат да бидат соединети, како што и се случило во протестантска екклисиологија, која дозволува некоја двојственост: од една страна е – духовната Црква на избраните, од друга – организираните општини.

Црквата е Една. Нашиот Господ Исус Христос основа само една Црква, на која тој ѝ ја вети Својата помош, и која е полноправен чувар на евангелското благовестие. Ова тврдење во древноста било вистина што не бара докази, вистина што останува таква и во наши денови за христијаните кои се верни на Преданието. Не може да постојат неколку Цркви, како што не може да постојат неколку вистини. Навистина, соодветно на обичајот од апостолски времиња, некогаш се говори за „Цркви”, имајќи ги предвид поместните општини, но тоа никако не претпоставува множественост, како што и Евхаристијата што се извршува на повеќе места не претпоставува никакво разделување на Христа. Друго е, кога го се употребува терминот „Црква” за означување на општините на христијаните – дисиденти; во тој случај терминов нема специајлно богословско значење, и притоа се има предвид просто христијанската општина.

Кога велиме, дека Црквата е една, ние ја имаме предвид целата полнота на тоа тврдење. Во помиот „единство на Црквата” ние вложуваме двојна смисла. Постои единство во времето: Црквата на сегашниот ден, всушност, е истата онаа – Апостолска и светоотечка Црква од првите векови. Постои единство во просторот: Поместните Цркви што ја исповедаат во чистота православната вера и во верност ја чуваат апостолската преемственост, се наоѓаат меѓу себе во општење, имаат Еден Основач и Глава – Христос.

Црквата е Света. Црквата е света зато што, основана од Христа, таа Му служи само на едниот Бог. Таа, како невеста што „нема дамка или порок или нешто слично… света е и непорочна” (Еф. 5, 27). Кај Климент Александриски читаме длабоки зборови: „Ако ние ги нарекуваме свети и Самиот Бог и градбата подигната за Негово прославување, како да не ја нарекуваме превосходно свештена Црквата што стана света во познанието на Божјата Слава? Не е ли таа совршено достојно светилиште за Бога, подготвено не со трудовите на работници и не од рацете на уметници, туку подигнато како храм според Божјата волја?” (Стромати VII, V – 23). Света според повикот, Црквата е носителка на благодатта што Духот постојано ја излива на неа од денот Педесетница. Таа благодат му се предава секому од нејзините членови, прво преку крштението, а потоа преку другите свети тајни. Животот во Црквата – е живот во Христа и ништо повеќе. Затоа, тој живот – секогаш е аскеза што ја исклучува секоја пасивност.

Црквата е Соборна (католична). Ако во старогрчкиот световен јазик терминот „католичен” означува само „сеопшт”, во јазикот на Црквата тој добива особена нијанса: соборност (католичност) е својство што Црквата го имала уште тогаш, кога се состоела од малата група палестински ученици и кое што подеднакво го има и во наши денови, кога таа е распространта по петте континенти. Благовестието за спасението што го донесе Исус Христос е благовестие за целото човештво (Мт. 28, 19–20); во Христа се надминати сите расни и културни разлики, како што пишува свети апостол Павле: „нема разлика меѓу јудеец и елин, бидејќи еден е Господ во сите, богат за сите што Го повикуваат” (Рим. 10, 12). Таа сеопштост на Црквата е некоја полнота, во која, според христијанското православно учење, секоја личност може да „процвета”, зато што спротивставеноста на деловите и целината е надмината во Црквата, чиј живот е одразување на животот на Триединиот Бог. Соборноста, исто така е откажување од секташкиот партикуларизам, и токму тој аспект пред сè е истакнат во древните светоотечки текстови, каде и го наоѓаме терминот „соборен” (католичен). Така, во насловот на Посланието за „Мачеништвото на Свети Поликарп” (II в.) ја читаме формулата: „Црквата Божја што престојува во Смирна, до Црквата Божја што престојува во Филомелнон и до сите општини на светот што припаѓаат на Светата Соборна Црква…” Во средината на II век на прашањето од судиите, маченикот Пиониј одговорил, дека тој е христијанин. Бидејќи тој одговор не бил доволен, запрашан; на која Црква припаѓа, тој одговорил: „на Соборната Црква” (католичната). Терминот „соборен” овде ја означува вистинската Црква што Христос ја основал. Тоа значење често го наоѓаме во документите на Соборите и особено во догматската декларација на отците на Првиот Вселенски Собор (325).

Црквата е Апостолска. Таа е Апостолска бидејќи е основана од апостолите и верно го чува благовестието што Спасителот им го предадал на апостолите. Во таа смисла, „апостоличноста” е синоним на „изворноста” и затоа „апостоличноста”, во потполната смисла на тој збор, може да се однесува само на „Unam Sanctam” (Едната Света), т.е. на Православната Црква. Непрекинатоста на апостолското преемство е неопходен услов, но никако не и доволен. Законски преемници на апостолите се епископите кои верно го чуваат апостолското учење; на нив им припаѓа правото да го возвестуваат словото на вистината и да го толкуваат Преданието; на нив – секому посебно и на сите заедно – им припаѓа учителската власт (Potestas docendi). Епископите (преемниците на апостолите) и нивните претставници (свештениците) во име на Црквата ја принесуваат бескрвната жртва, затоа што на нив се однесуваат зборовите од Спасителот: „Ова творете го за Мое споменување.” Тие имаат власт да врзат и да разрешат и на нив лежи обврската да го пасат духовното стадо што им го доверил Бог. Православната Црква никогаш не се сомневала дека епископството припаѓа не кон bепе esse (благоденствието) или кон plene esse (бројноста) на Црквата, туку кон самата нејзина природа. Затоа, свети Игнатиј пишува дека треба „на епископот да се гледа како на самиот Спасител” (Послание од св. Игнатиј до Ефесјаните 5, 1). Тоа, сепак, не значи дека епископот е самовластен; напротив, тој е должен да биде сврзан со Преданието на Црквата и да биде во очигледно општење со целиот православен епископат кому му припаѓа полнотата на власта, согласно со вселенското устројство на Црквата, наследено од општината на апостолите. Од друга страна, ако заради учителската харизма која произлегува од апостолската преемственост, законските епископи имаат исклучително право – официјално да го толкуваат вероисповеданието што ѝ е предадено на Црквата (а, оттаму и исклучителната власт да ги одделуваат од Црквата еретиците), тогаш на целиот христијански народ му припаѓа – да ја заштитува верата од секакви искривувања. Имено, во единството на пастирите и целиот христијански народ, верни на благовестието на Спасителот и на апостолската вера, се пројавува соборното единство на Светата Црква.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s