Света Педесетница

Празникот на Света Троица се нарекува Педесетница, затоа што Слегувањето на Св. Дух на Апостолите се извршило во педесетиот ден по Христовото Воскресение. Празникот христијанска Педесетница содржи во себе двојно торжество:

  • во слава на Пресвета Троица и
  • во слава на Пресветиот Дух, Кој видливо слезе на Апостолите и го запечати новиот, вечен завет на Бога со луѓето.

Првиот ден на Педесетница, т. е. неделата, Црквата го посветува првенствено во слава на Пресвета Троица; и овој ден во народот се нарекува Троицин ден, а вториот ден, т. е. понеделникот – е во слава на Пресветиот Дух, заради што и се нарекува Духов-ден.

Празнувањето на Светиот Дух Црквата го започнува, по обичај, со Вечерна Богослужба во Троицин ден. На оваа Богослужба со колено-преклонување се читаат три умилителни молитви на Василиj Велики, во кои ние ги исповедаме нашите гревови пред Небесниот Отец и, заради големата жртва на Неговиот Син, испросуваме помилување; просиме, исто така, Господ Исус Христос да ни Го дарува Божествениот Дух, за просветување и утврдување на нашите души и, на крајот, молиме за упокоените наши отци браќа, да ги упокои Господ во место светло, добро и покојно.

Историja на установувањето на празникот: Празникот Педесетница е установен од самите апостоли. По Слегувањето на Светиот Дух, апостолите годишно го празнувале денот Педесетница и заповедале сите христијани да го празнуваат (I Кор. 16, 8; Дела. 20, 16). Уште во Апостолски Установи има непосредна заповед; да се празнува Света Педесетница:

Празникот Педесетница, со име ден на Светиот Дух, од првите векови на христијанството Црквата го празнувал торжествено. Особена торжественност му придавал обичајот на древната Црква, во тој ден да извршува крштевање на огласените (оттука на на литургијата се пее «Вие кои во Христа се крстивте…»). Во IV век св. Василиј Велики ги составил особените молитви, кои се читаат до денес на Вечерната. Во VIII век св. Јован Дамаскин и св. Косма Мајумски во чест на празникот составиле многу песни, кои Црквата ги пее и денес.

Иконографиja: Иако во Дела апостолски (2, 1-13) се говори, дека Слегувањето на Светиот Дух било проследено со шум и сеопшта збунетост, на иконата го гледаме токму обратното: среден поредок и строга композиција. За разлика од Вознесението, каде што апостолите гестикулираат, овде нивните пози изразуваат иератичко спокојство, движењата се торжествени. Тие седат, некои лесно свртени еден кон друг, како да рзговараат.

За да се разбере противоречноста меѓу текстот од Дела апостолски и композицијата на иконата, треба да се памети, дека иконата е обратена кон верните и затоа укажува, не на она што виделе во тој настан надворешните, непосветени луѓе и што им дало повод да мислат дека апостолите «се исполнети со вино», туку она што им е откриено на учесниците/причестните на тој настан, на членовите на Црквата – внатрешната смисла на она што се случува. Педесетница е огненото крштение на Црквата. Како завршување на откровението за Света Троица, Педесетница е завршен момент на образувањето на Црквата, кој го открива животот на Света Троица во полнотата на Нејзините благодатни дарови и установувања. Ако иконата на Света Троица укажува на тајната на божественото битие, тогаш иконата на Слегувањето на Светиот Дух го разоткрива промислителното дејство на Света Троица во односот на Црквата кон светот. Во Педесетница «веќе не со дејството, како претходно (во пророците и Христовите ученици пред Слегувањето на Светиот Дух), туку суштествено присуствува… сопрестојува и сожителствува Духот».

Службата на празникот го спротивставува смешувањето на јазиците при градењето на вавилонската кула и нивното соединување во денот Слегување на Светиот Дух: «Кога слезе да ги слие јазиците, ги разделуваше народите, Вишниот: кога пак, огнените јазици ги разделуваше, во единство ги повика и согласно го славиме Сесветиот Дух» . Зашто, беше потребно, велaт Отците на Црквата, народите кои го изгубиле единството на jaзикот и биле расеaни при градењето на земната кула, повторно да го најдат тоа единство и да се соберат при духовното градење на Црквата, со огнот на љубовта соединети во нејзиното соединето, свето тело. «Така, според подобието/образецот на Света Троица – неразделна и неслиена, се образува новото суштество, светатa Црква, една според природата, но множествена според лицата, имаjќи го за Глава Христос, а членови; ангелите, пророците, апостолите, мачениците и сите упокоени во верата».

Тоа единство според образот на Света Троица, таа јасна и внатрешна градба на Црквата, нејзиното единствено тело, е исполненто со благодатта на Светиот Дух, и ни го покажува иконата на Педесетница. Дванаесетте апостоли, вклучени во една определена форма, во лак, овде прекрасно го изразуваат единството на телото на Црквата при множественоста на нејзините членови. Сè е потчинето на строгиот и величестевн ритам, кој се истакнува уште со тоа, дека апостолите се претставени во обратна перспектива; нивните фигури се зголемуваат со оддалечувањето од прв план. Нивниот распоред завршува со слободно, од никого незафатено место, со местото на невидливата Глава на Црквата – Христос. Затоа некои древни изобразувања на Педесетница завршуваат со етимасиа, подготвен престол, символ на невидливото присуство на Бога. Во рацете некои од апостолите (евангелисти) имаат книги, други свитоци во знак на добиениот дар на учителствување. Од сегментот на кругот што излегува зад рамките на штицата, а кој го символизира небото, на нив слегуваат 12 зраци, или огнени jaзици, во знак на крштевањето со Духот Свети и со оган, според пророштвото на св. Јован Предтеча (Мт. 3, 11), и нивното осветување. Некогаш мали огнени jaзици се сликаат и на венците, непосредно над главите на апостолите. Со тоа се покажува дека Духот Свети слегол во вид на jaзици, кои застанале «на главите на апостолите во знак на осветување на главниот и владеачки дел од телото и на самиот ум» и «за означување на почивањето на Духот Свети во светите».

Внатрешното единство, изразено во потчинувањето на апостолите на една форма и општ ритам, никако не го става на нив печатот на еднообразноста. Овде нема ни едно движење кое би се повторувало во две фигури. Тоа отсуство на еднообразност, исто така, соодветствува на внатрешната смисла на она што се случува. «Духот Свети се jaвува во вид на разделени jaзици заради различните дарови» – вели св. Григориј Богослов. Затоа, Тој слегол одделно на секој член на Црквата и макар што «Духот е еден и ист»… «неговите дарови се различни»… «и служењата се различни… На еден Духот му дава слово на мудроста… на друг слово на знаење… дарови за исцелувања» и т.н. (1 Кор., 12, 4-31).

Преданието вели дека, како исполнување на пророштвото на Јоил (Јоил 2, 28 – 29), Духот Свети слегол не само на дванаесетте избрани апостоли, туку и на луѓето што биле со нив «еднодушно заедно» (Дела. 2, 1), т.е. на целата Црква. Затоа на нашата икона се претсавени и апостолите што не биле од дванесетте апостоли: апостолот Павле (седи во врвот на апостолскиот круг со апостол Петар), од бројот на седумдесетте – евангелистот Лука (трет од горе, на левата старана) и евангелистот Марко (трет од горе, на десната страна).

Во древните манускрипти во долниот дел од композицијата се престставува група народи, спомнати во Делата апостолски. Сепак, уште рано таа била заменета со една символична фигура на цар, кој ги олицетворува народите или народот, со натпис «Космос». Обjaснувањето на таа фигура се наоѓа во зборниците од XVII в.:

«Зошто се слика на Слегувањето на Светиот Дух, човек што седи во темно место, остарен, во црвена облека, на главата носи царски венец, а во рацете имa бела крпа и во неа насликано 12 свитоци? Човекот седи во темно место, бидејќи целиот свет во неверие претходно беше. Остарен е, бидејќи остаре од Адамовиот престап. Носи црвена облека, заради принесувањето на крвави, демонски жртви. На главата има царски венец, бидејќи гревот царуваше во светот. Во рацете има крпа, а во неа 12 свитоци, односно дванаесетте апостоли, кои со своето учење целиот свет го просветија».

2 thoughts on “Света Педесетница

  1. Прекрасно толкување оче,
    Само ќе Ве замолам подетално да објасните како на овој ден се јавила Света Троица со Своите 3 ипостаси? Светиот Дух го гледаме во вид на огнени јазици, а Отецот и Синот?
    И уште едно прашање дали за овој празник православните имаат посебен поздрав?
    Однапред благодарам

  2. Оваа статија е превод од сајтот кон кој водат врските во поглавјето Feasts, така што таму ќе ги пренасочиме и твоите и нашите пофалби за авторите на статијата. 🙂

    На Света Педесетница се празнува настанот Слегување на Светиот Дух на христовите апостоли. Овој настан укажува на Божјата светотроичност во нејзиниот промислителен//икономиски однос кон светот и човекот: «Бог Отецот го твори светот, Бог Син ги откупува луѓето од робството на ѓаволот, Бог Дух Свети го осветува созданието преку востановувањето на Црквата.»

    За Света Педесетница немаме посебен поздрав, како што е тоа случај со некои други празници: за Свето Богојавление – Бог се јави, за Рождество Христово – Христос се роди, за Воскресение Христово – Христос… воскресна

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s