Толкување на Символот на Верата (член 10)

  • Исповедувам едно крштение за простување на гревовите.

Овој член од Символот на верата ни напомнува дека исповедањето на верата започнува од крштението. Прогласот дека простувањето на гревовите е можно само во крштението – значи да се признава дека соединувањето со Христа во Црквата е единствено вистинскиот пат на спасението. Во древните времиња светата тајна крштение обично се извршувала над возрасни, кои претходно се посветувале во христијанското учење. Барајќи да бидат крстени, неофитите осознавале дека тоа значи раскин со претходниот живот. Сега, исклучувајќи ги земјите, каде што Црквата се наоѓа во мисионерска положба, крштението се извршува поинаку: се крштеваат деца за и тие да можат да соучествуваат во христијанскиот живот, според зборовите на Спасителот: „Пуштетете ги децата да доаѓаат кај Мене” (Лк. 18, 16). Во двата случаја, читањето на овој член од Символот на верата е возобновување на ветувањата што се дадени при крштението – или непосредно, или преку Крстниот татко (кумот) или Крстната мајка (кумата). На литургијата Символот на верата се пее или се чита пред да почне анафората; имено во тој момент тој своевремено му напомнува на собранието на верните за ветувањата дадени на крштението и звучи како одглас на предупредувачките зборови од апостолот Павле: „Да се испитува пак, себе човек, и така да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша” (1 Кор. 11, 28).

Членот од Символот на верата што се однесува на крштението следи веднаш по членот што говори за Црквата. Тој поредок е логичен, зашто нема друг начин да се влезе во црковната општина што ја основа Христос, освен преку крштението. И така, оваа света тајна е почеток на целиот христијански живот. Во неа човек се раѓа духовно и како што веќе спомнавме, од самиот почеток го претпоставува раскинувањето со сè што не му припаѓа на Божјото Царство. Овде компромис не може да има: „Никој не може им служи на два господара: зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби – или на едниот ќе почне да му угодува, а за другиот не ќе се грижи” (Мт. 6, 24; Лк. 16, 13). Апостол Павле им пишува на римјаните: „Зарем не знаете, дека сите ние што се крстивме во Христа Исуса, во Неговата смрт се крстивме? И така, ние се погребавме со Него со крштението во смртта, за, како што Христос воскресна од мртвите со славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот… Ако пак, ние умревме со Христа, веруваме и дека ќе живееме со Него, знаејќи дека Христос откако воскресна од мртвите, веќе не умира; смртта веќе нема над Него власт. Зашто, Тој што умре, умре еднаш за гревот, а што живее, живее за Бога. Така и вие сметајте се себе мртви за грев, а живи за Бога во Христа Исуса, нашиот Господ” (Рим. 6, 3-4; 8-11).

Во обредот крштение јасно се издвојуваат два момента: моментот на раскинување – „Се одрекуваш ли од сатаната и од сите негови дела, и од сето служење нему, и од сета негова гордост?” и моментот на сврзување – „Се соединуваш ли со Христа?”. Во христијанската древност секој дел од обредот крштение изобилувал со символика. Некои аспекти на таа символика излегуваат далеку зад рамките на простата алегорија. Црквата грижливо ги чува, иако денес тие не се сосема разбирливи. Отците во своите Крштелни поуки настојувале на соблекувањето на стариот човек, како и на облекувањето во бела облека, што говори за чистотата добиена преку примањето на светата тајна.

Познато е дека во Православната Црква, со исклучок на некои случаи, крштението секогаш се извршува преку потопување. Во тоа се открива целото значење на оваа тајна. Во „Апостолски установи” ја читаме следната молитва за осветување на водата во купелта: „Освети ја оваа вода, за оние што се крштеваат да се распнат со Христа, да умрат со Него, да се погребат со Него и да воскреснат со Него за посиновување”.

Разоткривајќи го значењето на трократното потопување – „образецот на пасхалното тридневие” – свети Кирил Ерусалимски (IV в.) ги пишува следните прекрасни редови: „Колку е восхитно и чудно! Ние реално не умревме и реално не бевме погребени и реално потоа, откако бевме распнати, не воскреснавме. Но, подражавањето се извршува според образецот, а спасението – реално. Христос беше реално распнат, и реално положен во гроб, и реално воскресна. Сето тоа беше извршено од љубов кон нас, за ние да го најдеме реалното спасение со подражување учествувајќи во Неговото страдање”. Сега е разбирливо, дека не само заради некаква приврзаност кон минатото, Православната Црква останува верна на древниот начин да го предава таинството на крштевањето. Таа го прави тоа заради свештената сила на значењето на обредот. Несомнено, крштевањето што не се врши со потопување повлекува со себе исчезнување на символичноста што му е својствена на ова таинство.

Во Православната Црква по таинството крштение секогаш следи таинството миропомазание – она што на Запад се нарекува конфирмација. Навистина, ако крштението го означува раѓањето за духовниот жизни, миропомазанието го потврдува харизматското вклучување во христијанското собрание со благодатта на Светиот Дух. Обично христијанското посветување завршува со учествувањето во таинството Причестување. За неофитот (новообратениот) – тоа е целосно соединување со Господа и ветување за новиот христијанин, дека тој ќе стане учесник на гозбата на идното Царство. Тогаш и се завршува процесот на преобразување на „накалемениот” преку крштевањето и миропомазанието. Така, христијанското посветување соединува три таинства – крштение, миропомазание, Евхаристија. Како што видовме, оваа врска никако не е случајна. Тоа не е практично соединување на три служби, туку тоа е потполната длабока, мистичка смисла на процесот.

Во Символот на верата исповедаме „едно крштение” (unum baptisma). Тоа е свечено потврдување на еднократноста на крштението. Апостолот Павле јасно им говори за тоа на Ефесјаните: „Еден е Господ, една е верата, едно е крштението, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сите, и преку сите, и во сите нас” (Еф. 4, 5–6). Така како што исповедаме дека нашиот Господ основал само една Црква, исповедаме и дека постои само едно крштение, зашто Една е и неразделната Пресвета Троица, во Чие име нè Крштеваат, како што заповедал Спасителот (Мт. 28, 19). Затоа Црквата не го обновува крштевањето и ги прима во својата прегратка, без повторно крштевање, еретиците што биле крстени во име на Отецот и Синот и Светиот Дух, согласно со VII канон на II Вселенски Собор (381 г.). „Вистинитоста /дејственоста/” на крштението во дадениот случај се условува од правилното извршување на таинството од гледна точка на содржината и формата – од една страна, и припадноста на тој што го извршил обредот на крштението, кон некоја христијанска општина која го исповеда првичниот догмат за Пресвета Троица – од друга страна. Крштението се повторува, ако некој христијанин се откажал од верата, а подоцна моли Црквата повторно да го прими во својата прегратка. Зашто, печатот од Бога на секој крстен е неизбришлив: престапот на синот не ја раскинува Неговата врска со таткото, како што и многуте гревови и целата нивна тежина, не ги одземаат можностите што се дарувани со крштението. Секогаш е отворен патот на покајанието, за што и ни напомнува Господ во приказната за блудниот син.

Крштението е неповторлив момент во животот на човекот, бидејќи преку таинството крстениот се оправдува пред Бога, но не со свои сопствени заслуги, туку благодарение на помирувањето и спасението што ни го даде Спасителот. Проклетството што тежнееше над човештвото по првородниот грев, било укинато од жртвата на Воплотеното Слово. Да се биде крстен – значи да се стане дел од обновеното човештво, чија Глава е Новиот Адам – Христос. Но тоа што го наоѓаме во Христа – е слободата во потполната смисла на овој збор, т.е. можност за избор. Во моментот на христијанското посветување Божествената благодат слегува на нас, но наша работа е – да ги умножиме талантите што ни се врачени. Ако тоа не го правиме, ќе нè снајде Божјиот гнев, како што поучува евангелската приказна. Но на оној што ги исполнува Божјите заповеди, ветени му се неизречени тајни на Божественото сопричестување (заедничарењето со божествената природа) (2 Пет. 1, 4) – што е конечната цел на сите што „во Христа се крстија”.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s