Архимандрит Јован (Крестјанкин)

Отец Јован се родил на 11 април 1910 во Орел. Уште од детството прислужувал во храмот како послушник на Орловскиот архиепископ Серафим (Остроумов).

По средната школа Јован Крестјанкин завршил курс по книговодство и преселувајќи се во Москва, работел како книговодител.

Испитите на семинаријата отец Јован ги полагал вонредно и во 1950 г., завршувајќи ги четирите курса на Московската духовна академија, почнал да пишува дипломска работа, но не ја завршил. Во ноќта меѓу 29 и 30 април 1950 година бил уапсен заради пастирска дејност и бил осуден на седум години принудна работа во логор.

По враќањето од затвор, на 15 февруари 1955 г., тој бил назначен за во П‛сковската епархија на РПЦ-Московска Патријаршија, а во 1957 г. бил преместен во Рјазанската, каде што свештенодејствувал речиси 11 години.

На 5 март 1967 јеромонахот Јован влегол во П‛сково-печорскиот манастир и оттогаш четириесетина години неговиот живот бил поврзан со овој манастир, до неговото упокојување на 05 февруари 2006 г.

За oтец Јован (Крестјанкин)

Неодамна од П‛сково-печорскиот манастир ми се јави мојотдуховник, архимандритот Јован (Крестјанкин) и ми рече: „Еве, наскоро ќе умрам. Затоа, потруди се да го запишеш она што го паметиш и сакаш да го кажеш за мене. А, потоа, вие сепак ќе пишувате и можеби ќе измислувате, како што му направија на кутриот отец Николај, кој и „мачиња воскреснувал” и други измислици. Вака, јас сè ќе прегледам и ќе бидам спокоен.”

Исполнувајќи го послушанието од духовникот, почнувам да пишувам со надеж дека баќушката ќе го оддели каколот од пченицата и ќе ме потсети на нешто подзаборавено – како и секогаш,и ќе ги исправи дозволените грешки.

Нема многу да пишувам за тоа, што за мене значи отец Јован. Целиот мој монашки живот нераскинливо е поврзан со него. Тој за мене беше и останува идеал на православниот христијанин, монах, љубезен и строг свештеник – отец.

Секако, не е можно да се прераскаже сето она што се случило за повеќе од дваесет години, откако се знаеме. Неговите духовни совети може да ги прочита секој во трите зборници негови писма, кои неодамна се излезени (на руски). Според мене, тоа е најдоброто што е напишано во областа на духовно-аскетската литература во Русија за последните педесет години. Сакам да раскажам за нешто друго, што непосредно ми е познато.

Главен духовен квалитет на отец Јован за мене секогаш беше и останува не само неговиот дар на рассудливост, туку и неговата непоколеблива вера во себлагатаи совршена Божја промисла, која секој христијанин го води кон спасение. Во една од книгите на отец Јован за епиграф се избрани заборовите кои тој често ги повторуваше: „Главно во духовниот живот е верата во Божјата промисла и расудување со совет.” Како одговор на мои недоумици баќушката ми пишуваше: „Срцето на човекот го обмислува својот пат, но Господ го управува неговиот ôд – тоа премудриот Соломон на себе го проверил (гл.16, ст.9). И Вие не еднаш во својот живот ќе се убедите дека тоа е токму така, а не инаку.”

Никого не принудувам да се согласи со моето мислење, но јас сум длабоко убеден, дека отец Јован е еден од навистина малубројните луѓе во наше време, на кои Господ им ја открива својата божествена волја и во однос на лица и во однос на настани што се случуваат во Црквата и светот. Веројатно тоа е највисоката пројава на љубов кон Бога и на преданост кон Неговата света волја, заради кои Бог во одговор му ја открива на христијанинот-подвижник судбината на луѓето, го прави таквиот човек Свој со-тајник. Повторувам, никого не убедувам, но ова го потврдуваат многу животни истории поврзани со отец Јован.И тоа не само мои. Моите најблиски пријатели, сега покојниот отец Рафаил и игуменот Никита, кои ме запознаа со отец Јован, првенствено Му благодарат на Бога заради тоа што нивен духовник бил човек кому му е откриена Божјата волја и секој од нас тоа искуствено го доживеал на себе. Иако, за жал, како што тоа често се случува во животот, ние, дури и знаејќи ја Божјата волја, не наоѓаме сила и решеност да ја исполниме. Но, за тоа потоа.

Со отец Јован се запознав есента 1982 г., кога веднаш по крштевањето отидов во П‛сково-печорскиот манастир. Тогаш, тој како да не остави на мене некој особен впечаток: добро старче, со крепко здравје (тогаш имаше само 72 години), секогаш некаде брзаше, секогаш окружен со група поклоници. Многу поаскетски, многу помонашки изгледаа другите монаси во манастирот. Но, не помина многу време дури да разберам дека тој старец е она што Русите од древноста го нарекуваат старец – најретка и најдрагоцена појава во Црквата.

Довербата и послушноста се основното правило во општењето помеѓу христијанинот и неговиот духовен отец. Секако, не може кон секој духовник да се пројавува послушност. Таквите доверливи духовници се исклучително ретки. Всушност, тоа е многу деликатен проблем. Често се случуваат тешки духовни и животни трагедии, кога некои неразумни свештеници си вообразуваат дека се старци, а нивните несреќни чеда заемаат за себе неизводлива и несвојствена за нашето време апсолутна послушност кон нив. Конечно, отец Јован не постапуваше диктаторски и не присилуваше да се послушуваат неговите духовни совети. Кон слободно, нелицемерно послушание кон него, човека го наведуваа искуството и времето. Тој никогаш себе не се нарекуваше старец. А, кога му зборуваа за тоа, тој ќе се насмееше и одговараше, дека денес нема старци, туку само искусни старчиња. Тој е убеден во ова до денес, впрочем, како што и јас сум убеден дека Господ во неговото лице ми испратил вистински старец, кој ја знае Божјата волја за мене и за околностите во врска со моето спасение.

Паметам, кога бев послушник, во манастирот кај мене дојде еден поклононик од Москва и раскажуваше еден настан, на кој тој бил сведок. Отец Јован окружен од поклоници брзал низ манастирскиот двор кон храмот. Одеднаш кон него пристапила една расплачена жена со тригодишно дете в раце: „Баќушка, благословете за операција, лекарите бараат итно, во Москва.” И тогаш се случило нешто од што биле потресени и поклоникот што ми го раскажуваше ова и самиот јас. Отец Јован застанал и решително и рекол: „Во никој случај. Тој ќе умре на операциониот кревет. Моли се, лечи го, но операција не прави во никој случај. Тој ќе оздрави.” И го прекрстил детенцето.

Ние седевме со поклоникот и се ужаснувавме од своите размислувања, претпоставувајќи; а, што ако отец Јован погреши? Што, ако детето умре? Што ќе му направи мајката на отец Јован, ако тоа се случи? Да го осомничиме отец Јован во вулгарен однос кон медицината, каков што, иако ретко, сепак се сретнува во духовната средина, ние секако – не можевме; знаевме многу случаи, кога отец Јован и благословуваше и инсистираше на операција. Меѓу неговите духовни чеда имаше повеќе познати лекари. Ние со ужас очекувавме, што ќе биде понатаму. Дали во манастирот ќе дојде мајкатa разочарана и ќе приреди страшен скандал или ништо слично нема да се случи – како што предвиде отец Јован.

Судејќи според сè, така и се случило, бидејќи отец Јован, продолжил секојдневно да го минува патот од келијата до храмот, окружен со поклоници исполнети со надеж и благодарност. И нам ни остануваше само да претпоставиме дека отец Јован ја провидел Божјата промисла за тоа, зел на себе голема одговорност за неговиот живот и Господ не ја посрамил верата и надежта на својот верен слуга.

На овој случај се сетив по десет години, во 1993 г., кога многу сличен настан заврши, од една страна, човечки гледано – трагично, а од друга страна страна, по молитвите на отец Јован, послужи за вечно спасение на христијанска душа и длабока поука за сведоците на тој настан.

Обично дури кога е сигурен во правилноста и неопходноста на своите совети, баќушката се труди да убедува, да наговори, дури и да моли за исполнување на она, што според него, е неопходно за човекот кој се обратил кај него. Ако пак, тој упорно останува на своетo, тогаш баќушката воздивнува и вели: „Па, обидете се. Правете, како знаете.” И секогаш, колку што мене ми се познати таквите случаи, оние што не ги исполнувале мудрите духовни совети на отец Јован, конечно горко зажалувале, и како по правило, наредниот пат доаѓале кај него со цврста намера да го исполнат она што тој ќе им го каже. Отец Јован со неизменлива љубов и сочувство ги примаше таквите луѓе, не жалеше за нив ни време и со сите сили се трудеше да ја исправи нивната грешка.

Во Москва живееше необично интересна и специфична жена, Валентина Павловна Коновалова… Таа беше вистински московски трговец, и изгледаше како да се симнала од платната на Кустодиев. Во почетокот на деведесетите таа имаше шеесет години. Беше директор на голема фирма за овошје на улицата Мира. Полничка, ниска, таа седнуваше зад бирото во својата канцеларија, на вратот имаше, дури и во најтешките советски времиња, големи софрински икони,а на подот крај бирото стоеше големо целофанско кесе со пари, кои таа ги распоредуваше по свое мислење; или за работниците да купат тура свежо овошје, или како дар за сиромашните, кои во голем број се собираа кај неа. Потчинетите се плашеа од неа, но ја сакаа. За време на Великиот Пост таа приредуваше заеднички собор во нејзиниот кабинет, на кој присуствуваа и вработените татари. Понекогаш нејзините дефицити во тие години го покриваа московските настојатели, па и некои архиереи. Кон некои од нив таа се однесуваше воздржано со почит, а кон некои – кои таа не ги одобруваше „заради екуменизам” – беше остра, па дури и груба.

Јас не еднаш по послушание со голем камион патував од Печор во Москва по овошје за манастирот за Пасха и Божик. Валентина Павловна многу топло, мајчински нè примаше нас послушниците и ние се сприајтеливме со неа. Уште повеќе затоа што имавме заедничка тема за разговори – нашиот заеднички духовник, отец Јован. Баќушката, молам, беше единствениот човек на светот, од кој Валентина Павловна се плашеше, бескрајно го почитуваше и сакаше. Двапати годишно Валентина Павловна со своите најблиски соработници доаѓаше во Печор, се подготвуавше и исповедаше. Во тие денови не можеше да ја познаеш – кротка, тивка, срамежлива. Со ништо не потсетуваше на „московската господарка”.

Кон крајот на 1993 г. се случуваа некои промени во мојот живот, бев назначен за настојател на подворјето на П′сково-печорскиот манастир во Москва – сегашниот Сретенски манастир, и ние често одевме да престојуваме во Печор. Валентина Павловна ја болеа очите, ништо особено – напредната катаракта. Еднаш таа ме замоли да побарам благослов од отец Јован за отстранување на катарактата во Федоровскиот институт. Одговорот од отец Јован малку ме зачуди: „Не, не, во никој случај. Само не сега, нека помине време.” Следниот ден јас буквално ѝ ги пренесов тие зборови на Валентина Павловна. Таа многу се взнемири: во Федоровскиот институт сè било веќе договорено. Таа на отец Јован му напиша подробно писмо во кое повторно моли благослов за операција и ја објаснува ситуацијата, дека тоа е ситна работа, но треба да се обрати внимание.

Отец Јован секако, знаеше не помалку од неа што е тоа операција на катаракта и дека тоа не е сериозна опасност. Но, кога го прочита писмото од Валентина Павловна, тој многу се вознемири. Ние со него долго седевме и тој постојано ме убедуваше дека морам да ја наговорам Валентина Павловна сега да не прави операција. Тој повторно ѝ напиша, ја молеше со својата власт како духовник, дури ѝ предлагаше да ја одложи операцијата. Во тоа време така се одвиваа работите, што имав слободни две недели. Не бев одморал повеќе од десет години и затоа отец Јован благослови да одм на две недели во Крим во санаториум и задолжително да ја одведам и Валентина Павловна. За тоа тој ѝ беше напишал во писмото, додавајќи дека таа ќе мора операцијата да ја направи еден месец по одморот. „Ако сега ја направи операцијата, таа ќе умре” – тажно ми рече на испраќање.

Но, во Москва разбрав, дека „косата наишла на камен.” Валентина Павловна одеднаш, изгледа прв пат во животот, се побуни против волјата на својот духовник. Таа категорично одби да патува во Крим, но, потоа се чинеше, дека се смири. А, што се однесува до операцијата, таа беше крајно вознемирена, бидејќи за таква ситница отец Јован „нешто изведува” („заводит сыр-бор”). Јас ѝ соопштив дека, како и да е, јас побарав (лекарски) упати и во најскоро време ние тргнуваме во Крим.

Поминаа неколку дена, јас од Свјатејшиот добив благослов за патување, закажав два аранжмана и заѕвонив во фирмата кај Валентина Павловна, за да ѝ соопштам за нашето патување.

– Таа е во болница на операција, – ми кажа нејзиниот помошник.

– Како?! – извикав јас. – Па, отец Јован тоа категорично ѝ го забрани.

Се испостави дека, неколку дена порано кај неа наминала некаква монахиња и дознавајќи за нејзината катаракта, бидејќи била лекар, исто така не можела да се согласи со одлуката на отец Јован и побарала благослов од еден духовник од Троице-Сергиевата Лавра. Благословот бил добиен и Валентина Павловна се упатила во Федоровскиот институт, планирајќи по брзата и лесна операција, да замине со мене во Крим. Неа ја подготвиле, но во време на операцијата и се случил најтежок инсулт (мозочен удар) и целосна парализа. Штом дознав за тоа, јас веднаш му се јавив во Печор на манастирскиот економ, отец Филарет, дамнешен келијник на баќушката. Во исклучителни случаи отец Јован слегуваше од својата келија кај отец Филарет и го користеше негвоиот телефон.

– Како само можете, зошто не ме слушате? – само што не заплаче отец Јован.

– Ако инсистирам на нешто, значи знам што правам!

Што можев да му одговорам? Го прашав отец Јован, што треба сега да правиме. Валентина Павловна сè уште беше во несвест. Отец Јован заповеда да земат од Светите Дарови од храмот и штом Валентина Павловна ќе се освести, веднаш да се исповеда и причести.

По молитвите на отец Јован, Валентина Павловна следниот ден се освести. Нејзините роднини веднаш ме известија и за половина час јас бев во болницата. Валентина Павловна ја довезоа од собата за реанимација на огромен метален кревет. Таа лежеше, сосем истоштена, бледа и студена. Не можеше да зборува и кога ме виде, само заплака. Но, и без зборови ја разбрав исповедта дека потпаднала под ѓаволско искшение на непослушност и недоверба кон духовникот. Ѝ прочитав разрешителна молитва и ја причестив. Се простивме. Следниот ден уште еднаш ја причести отец Владимир Чувикин. Набргу по причестувањето таа умре. Според древното црковно предание, душата на човекот кој се удостоил да се причести во денот на смртта, оди кон Господовиот престол, минувајќи ги митарствата. Тоа се случува или со високи подвижници, или со луѓе со исклучително чисто срце. Или со оние кои имаат многу силни молитвеници/застапници.

Историјата на преродбата на Сретенскиот манастир, исто така, е нераздвојно поврзана со баќушката архимандрит Јован. Во таа 1993 г. кај отец Јован отидов со цел куп проблеми. По долг разговор во келијата, отец Јован не ми одговори ништо конкретно и ние со него побрзавме на Сеноќно бдение за празникот Свети Архангел Божји Михаил. Јас се молев на певницата, а отец Јован во олтарот. Јас веќе се подготвував да се облечам, за да го читам Акатистот, кога отец Јован буквално истрча од олтарот и ме зеде за рака, радосно велејќи:

– Ти ќе го создаваш подворјето наП′сково-Печорскиот манастир во Москва.

– Баќушка, – одговорив јас, – но, Свјатејшиот Патријарх не благословува да се отвораат подворја во Москва, освен како ставропигиални манастири. Неодамна еден манастир со таква молба се обратил кај Патријархот и Свјатејшиот одговорил, дека, ако се даваат храмови за подворја на сите манастири што сега се отвораат, тогаш нема да останат парохиски храмови.

Но, отецот не слушаше ништо.

– Не плаши се од ништо! Оди право кај Свјатејшиот и моли да се отвори подворје наП′сково-Печорскиот манастир.

Тој усрдно, како што прави обично, ме благослови и мене не ми остануваше ништо друго, освен да ја целивам неговата десница и во сè да се потпрам на Божјата волја и неговите молитви.

Сè се случи така, како што велеше отец Јован. Не без страв, конечно, јас ја поднесов молбата кај Свјатејшиот за отворање на подворјена П′сково-Печорскиот манастир. Но, Свјатејшиот одеднаш многу милостивно постапи кон оваа молба, го благослови тоа решение и веднаш им порача на владиката Арсениј и отец Владимир Дивјаков да се погрижат за негово остварување. Така, во Москва се појави првото и единствено подворје – не на ставропигиален манастир, кое потоа, како што велеше и отец Јован, стана самостоен манастир, кој, по Божјата милост, не ја прекинуваше духовната врска ни со Печор, ни со отец Јован. Не треба да се зборува дека благословите и советите од отец Јован, за уредување на монашкиот живот во манастирот, за нас се најдрагоцени и најбарани. Иако, ќе признаам, некогаш добивав не само одобрувачки, туку и толку жестоки писма, што по неколку дена не можев да си дојдам при себе.

Обично, кога некој почнува да раскажува за отец Јован, пишува колку тој е добар, учтив, изобилува со љубов. Да, несомнено, во целиот мој живот јас навистина не сум сретнал човек кој подобро умее да искаже татковска, христијанска љубов. Но, не може да не се спомне и тоа, дека кога е неопходно, тој навистина е строг. Понекогаш знае да изнајде такви изобличителни зборови, после кои на соговорникот по човечки не ќе му позавидиш. Паметам, кога бев послушник во Печор, случајно слушнав како отец Јован на двајца млади јеромонаси им рече: „Ма, какви монаси, вие сте само добри деца.”

Отец Јован никогаш не се засегаше и не се плашеше да ја каже вистината, не гледајќи на лице. Тој тоа го прави првенствено заради поправање и спасение на душата на својот соговорник, независно дали тој е архиереј или обичен послушник. Таа цврстина и духовна принципиелност, секако, беше заложена во душата на отец Јован уште во негвоото рано детство, кога тој ги посетувал големите подвижниции и новомаченици. А, сето тоа беше пројава на вистинска христијанска љубов кон Бога и луѓето. И, секако, пројава на вистинска црковна свест. Еве негов одговор на едно мое прашање во писмо од 1997 г.: „А, евеуште еден пример на аналогна ситуација од моето сеќавање. Тогаш имав 12 години, но впечатокот беше толку зашеметувачки силен, што и денес јасно гледам сè што тогаш се случи и ги паметам сите учесници по име.

Кај нас во Орел служеше интересен владика – архиепископот Серафим Остроумов – многу умен, добар, љубезен, кој не ги сакаше епитетите што му припаѓаат. Со својот живот тој како да се подготвуваше за свештеномаченик, што и навистина се случи. Така, во неделата на Прочка тој Божји Архиереј заради некаков прекршок изгонува двајца од манастирот – игуменот Калис и јероѓаконот Тихон. Ги изгонува јавно и со власт, оградувајќи ги останатите од соблазната и потоа изговара беседа за Прочка и бара простување од сите.

Мојата детска свест беше потресена од настанот, имено затоа што овде сè беше наедно; и изгонувањето – односно, отсуство на простување, и смиреното барање простување за себе и давање опрост на сите. Тогаш разбрав само дека казната може да послужи како почеток на простувањето и без неа не може да има простување. Сега јас се поклонувам пред храброста и мудроста на владиката, зашто урокот што тој им го даде, остана жив пример за сите присутни тогаш, како што гледате, за цел живот.”

Отец Јован има некои принципи во однос на духовните совети. Но, секако, тој не ги применува автоматски. За мене беше интересн примерот на неговите совети во однос на бракот. Тој дава благослов за стапување во брак само ако малдоженецот и невестата се познаватбарем три години. При денешната нетрпеливост на младите луѓе, ова изгледа многу долг рок. Но, многу случаи покажаа колку искуството на отец Јован и неговата упорност за задолжителна меѓусебна проверка на идните сопрузи е спасителна за семејствата и душите. Јас знам за многу случаи, кога некои свештеници, за жал, го скратуваа рокот даден од отец Јован и тоа за младите луѓе се покажуваше очајно лошо.

Во однос на монашкиот подвиг отец Јован бараше, исто така, како правило, подолго време за проверка. А, исто така големо значење му придава на родителскиот благослов. На пример, јас чекав отец Јован да се одлучи за мојот постриг/замонашување речиси десет години, додека мајка ми не ме благослови за монаштво. Сите тие години како одговор на моите нестрпливи молби, отец Јован само ме убедуваше да го почекаме мајчиниот благослов. И ме уверуваше дека Господ нема да го заборави тоа трпение и послушание. За овие зборови си спомнав кога ме пострижуваа за монах во Донскиот манастир. Така се склопија околностите, што тоа се случи токму на мојот роденден, кога наполнив триесет години и ми го дадоа името на мојот сакан светител Тихон, Патрјиарх Московски.

Отец Јован со големо благочестие, љубов и послушание се однесува кон архиериеите и црковното свештеноначалство. Тој навистина е човек наЦрквата. Многупати ме благословуваше да постапам така, како што ќе реши Свјатејшиот, како што ќе благослови епископот, наместникот. Свеста за тоа дека вистината на земјата престојува само во Црквата, длобоко е прочувствувана од нив/црковниот клир исе пренесува на духовните чеда. Отец Јован не трпеше никакви расколи, никакви бунтови и секогаш бесстрашно им се спротивставуваше, иако знаеше колку клевети, а повремено и омраза ќе доживее. Но, тој сè трпеше, само заради тоа; тој и неговото стадо да одат по црковниот, царски пат.

Ова се однесува и на искушениајат на кои беше изложена нашата црква/Московска Патријаршија во последната деценија; од една страна – обновенските тенденцији, од друга – болните есхатолошки чувства. И во едниот и во другиот случај отец Јован со љубов ги разликуваше луѓето кои заскитале во духовниот живот заради неразумност и ѓаволските сплетки и онаа штета што тие активно, па дури и ревносно беа подготвени да $ ја нанесат наЦрквата. Огромното, речиси стогодишно искуство од црковниот живот на самиот отец Јован му дава големо предимство во разликувањето на духовите, во определувањето на тоа, каде можат да одведат едни или други застаранувања и новотарии, или ревност не според разумот. Навистина, нема ништо ново под Сонцето. „Во кампањата што ми ја предложувате, јас нема да учествувам” – му пишува отец Јован на еден млад и многу искрен јеромонах, кој му предложува учество во движењето За живот без ИНН. „Самиот дух на такви активности каде што има многу самост, врева и надевање не на Бога, туку на човек, па уште и со критиканство против црковниот клир, од кои вријат вашите искази, тоа мене не ми го дозволуваат. Јас веќе имам видено такво нешто и во духот на обновенците кои се побунуваа против најтивкиот патријарх Тихон, а фактички против самиот Господ и Неговата Црква.”

Јас бев сведок на тоа, како отец Јован поднесуваше омраза и клевети против него за стоење во Христовата правда. Ја видов неговата болка, но и неговата благодушност, кога тој претрпуваше неразбирање и предавство. Но, баќушката никогаш не ги губеше бескрајната љубов и простувањето за неговите мразители. Секогаш ќе ги паметам зборовите од една негова проповед изговорена во соборниот храм на П‛сково-печорскиот манастир, во 1985 г.: „Нам Господ ни дал заповед за љубов кон луѓето, кон нашите ближни. А, дали тие ќе не љубат, за тоа воопшто не треба да се вознемируваме. Треба да се грижиме само за тоа, ние нив да ги возљубиме.”

Еден московски свештеник, бившо духовно чедо на отец Јован, ми се обрати со страшна молба; да го вратам епитрахилот со кој отец Јован го благословил/ракоположил за свештеник. Тој свештеник, како што рече самиот; се разочарал од отец Јован заради тоа што овој не ги поддржал неговите дисидентски ставови. Тоа беше во почетокот на осумдесеттите. Уште какви ли зборови не изрече тој свештеник, но тој самиот не сакаше да чуе ништо; ниту тоа дека самиот отец Јован помина повеќе години во логор, ни тоа дека беше испрашуван и не беше скршен, ниту тоа дека најмалку отец Јован може да биде осомничен за конформизам. Со тешко срце му го предадов епитрахилот на баќушката. Неговата реакција ме восхити. Тој се прекрсти, со благочестие го целиваше и рече: „Со љубов го предадов, со љубов го примам.” Подоцна тој свештеник премина во друга јурисдикција, таму исто така не му се допаднало, па во трета…

Не можам да го прикријам и следниот факт, кој можеби, ќе придизвика различни толкувања, но заради вистината на животот не можам да го премолчам. Да, отец Јован безусловно се потчинува и ја почитува црковната ерархија, но тоа не значи автоматско, непромислено покорување. Јас бев сведок на случај, кога еден од наместниците на манастирот и раководниот архиереј го убедуваа баќушката да го даде својот благослов за нивна одлука, со која отец Јован не се согласуваше. Тоа на нив им беше неопходно за на нивната одлука да $ го придодадат авторитетот на старецот. На баќушката му пристапуваа сериозно, што се вели „со нож на грло.” Монасите и свештениците можат да си замислат што значи да се противиш на притисокот на претпоставениот архиереј и намесник. Но, отец Јован сосем спокојно го издржа повеќедневниот притисок. Тој со почит, трпеливо и кротко објаснуваше дека не може да рече благословувам – за она, за што неговата душа не се согласува. Ако тие сметаат дека мора така да се постапи, тогаш тој без збор ќе го прими нивното решение – тие одговараат за него пред Бога и пред браќата, но тој смета дека во дадениот случај одлуката се донесува со страсти и тој да благослови – да го даде своето „благо слово” за тоа – не може.

Можам уште многу да пишувам, најмногу за тоа, како се преобразуваа, воскреснуваа човечки души при разговор со отец Јован, како луѓето ја наоѓаа верата, спасението. Но, тоа е поврзано со живи луѓе, заради што без нивна согласност не би ги изнесувал тие настани.

На крај би кажал само едно: Му благодарам на Бога за тоа што Он по Својата голема милост ми даде на мене грешниот, на својот животен пат да сретнам таков христијанин и да општам со него. Мислам дека ништо поголемо ни во минатите години, ни во останатото време од мојот живот, нема да сретнам.

Извор: Архимандрит Тихон (Шевкунов): Об отце Иоанне (Крестьянкине)

Сайт посвящен архимандриту Иоанну Крестьянкину

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s