Житие на светителот Нектариј Егински

Слава на Православието се светите Божји угодници, кои се како нови ѕвезди што светат на сводот на Христовата Црква. Светителот Нектариј Егински е прославен од Грчката Црква, живеел на крајот од XIX и почетокот на XX век.

Радувај се млад орелу, кој имаш умни молитви!

Идниот светител се родил во семјество на благочестиви родители во 1846 г., во Селиврија тракиска, недалеку од Константинопол, а на Крштението бил наречен Анастасиј. Како вистински Божји избраник, момчето уште од детство го засакало храмот, Светото Писмо, се научило на молитва. Сиромаштијата на родителите не му дозволила да учи во родното место, и со 14 години тој заминува во Константинопол, за да најде работа со која ќе заработува за школувањето. Животот во големиот град не бил лесен. Момчето се сместило во фабрика за тутун, но недостасувале средства и еднаш во очајание, разбирајќи дека нема од кого да очекува помош, Анастасиј решил да му се обрати со молба на Оној, кого што толку го вољубил и на чија надеж се потпирал цел живот. Тој му напишал писмо на Господа: „Христе мој, немам наметка, немам обувки. Те молам испрати ми ги, Ти знаеш колку те љубам.” На пликото напишал адреса: „До Господ Исус Христос. На небесата.” И го замолил својот сосед трговец, да го однесе во пошта. Тој се зачудил на необичната адреса на пликото, го отворил писмото и откако ја видел таквата молба и силната вера, му испратил на момчето пари од името на Бога. Така промислително Господ не го оставал својот избраник.

Минувале години, но младото момче не го допирале соблазните на големиот град. Како и до тогаш, слободното време го посветувал на молитвата и изучувањето на светите отци. Негова мечта било проповедањето на Евангелието. Од тоа време е интересен еден настан. Еднаш идниот светител тргнал дома за празник. Бродот со кој патувал го зафатила бура. Сите патници во ужасот почнале да негодуваат против Бога. А, Анастасиј, држејќи се за навалените едра, од сè срце извикувал: „Боже мој, спаси ме. Ќе учам богословие, за да ги натерам да замолчат оние што го хулат твоето свето Име.” Одненадеж бурата запрела и бродот среќно стигнал до брегот.

Радувај се, добар воину Христов!

На возраст од 22 години Анастасиј се преселил на островот Хиос и почнал да работи како школски учител. Таму тој не само што предавал, туку и проповедал. Моралот во селото и школата бил на најниско ниво на почетокот од неговото учителствување, а постепено почнал да се подига до потребниот степен, благодарение на трудот на учителот Анастасиј.

Неговото влијание врз учениците било такво, што тие, а преку нив и сите возрасни, набргу се проникнале со љубов и длабока почит кон него. Тој од учениците создал прекрасен хор и самиот со нив пеел во селската црква, но неговата душа тежнеела кон монаштвото. Анастасиј го посетувал Атон и разговарал со старците и на крајот заминал во манастир, каде што примил постриг и ѓаконски чин со името Нектариј, кое сега е познато во многу земји.

Со сето срце расположено кон монашкиот живот, момчето често го посетува манастирот Нео мони. Во него тој прима постриг со името Лазар, а по три години поминати таму, се удостојува со постриг во мантија и е ракоположен за ѓакон со ново име: Нектариј. Нектариј означува бесмртен. Тоа име најдобро што може му прилегало, зашто во неговата душа навистина течеше Нектарот на Животот и од него како река истекуваше благомирисен поток кој со радост ги исполнуваше сите и сè.

Добивајќи можност да го продолжи образованието, Нектариј го завршува богословскиот факултет во Атина, и тогаш него го приближува кон себе Александрискиот Патријарх Софрониј. На четириесетгодишна возраст Патријархот го ракополага Нектариј за свештеник. Со ревност и самооткажување тој го примил новото послушание и назначување во Свето-Николаевиот храм во Каиро. По неколку години, во тој храм го посветуваат за епископ Пентаполски. Епископското достоинство никако не ги изменило начинот на живот и однесувањето на Нектариј. Тој, како и дотогаш, се стремел само кон стекнување на смирението. „Чинот не го возвишува својот носител, туку само добродетелта има сила да возвиши” – пишувал тој во тие години.

Во едно писмо од тие години Светителот раскажува за забележителен сон, во кој му се јавил светителот Николај Чудотворец. Мора да се додаде дека Нектариј во тоа време востановувал храм во Каиро во чест на тој голем светител. Во сонот Нектариј го видел ковчегот на Николај Чудотворецот, а во неа самиот Божји угодник – како да спие. Потоа Николај Чудотворец станал од ковчегот и благо насмевнувајќи се, го замолил Нектариј да го украси неговиот престол во храмот со злато, а потоа го прегрнал и го целивал. Тоа целивање од големиот архиереј Николај, изгледа имало значење на особена наклоност кон Светителот Николај и можеби го символизирало преемството на дарот и сродноста на душите во Христа.

Радувај се, гонет заради правда…

Брзото напредување, љубовта на Патријархот и народот, а уште повеќе добродетелниот и чист живот на светителот во многу предизвикувале завидливост и омраза. Како што за тоа велел самиот светител: „Добродетелниот човек е подложен на искушенија и испитувања во овој свет”, но во длабочината на своето срце тој се радува, зашто совеста му е мирна. Светот ги мрази и презира добродетелните луѓе, навистина истовремено завидувајќи им, за што нашите предци велеа: самиот непријател ѝ се восхитува на добродетелта.

На кажаното може да се додаде, дека не само што се восхитува, туку и се одмаздува. Влијателните луѓе на патријаршискиот двор се плашеле дека сеопштата љубов кон светителот ќе го воведе во бројот на претенденти на местото Патријарх Александриски, бидејќи Софрониј веќе бил во поодминати години. Тие го наклеветиле светителот, обвинувајќи го не само во алчност кон патријаршискиот престол, туку и за аморален живот. Митрополитот Пентаполски бил принуден да даде оставка и морал да ја напушти египетската земја. Тој не се обидувал да се оправдува и заштитува. „Добрата совест – тоа е најголемото од сите богатства. Таа е – цената на душевниот мир и спокојното срце” – говорел во своите проповеди светителот, напуштајќи ја катедрата засекогаш. Лошиот однос го следел како сенка и во Атина, каде што се сместил. Напразно одел до инстанците, никаде не сакале да го примаат. Архиерејот по Божја Милост, влечејќи го жалниот опстанок, бил лишен не само од утеха, туку некогаш и од насушниот леб. Но, Господ му возвратил за тоа трпение.

Еднаш, кога по кој ли пат примал негативно решение во Министерството за религија, светителот слегувал по министерските степеници со насолзени очи. Здогледувајќи го во таква состојба, градоначалникот му проговорил. Дознавајќи за бедната состојба во која се наоѓал Нектариј, градоначалникот издејствувал за него место на проповедник. Славниот Пентаполски Митрополит прифатил место на обичен проповедник во провинцијата Евбеја, но и тука го пречекале непријателски, верувајќи им на клеветничките гласини. Секоја недела владиката Нектариј се искачувал на катедрата за проповед на Божјото Слово, за утешување и вразумување, сретнувајќи недоверба и молчелива осуда од слушателите. Кога изгубил надеж чукајќи на нивните срца, тој решил: „Последен пат ќе застанам на проповед, и ако тие не ме слушаат, ќе заминам.” И повторно Господ според својата љубов направил чудо. За една недела низ градот проструила веста, дека она во што граѓаните порано верувале за светителот – било лага. Следнета недела неговата проповед била примена со воодушевување.

Љубовта од народот го придружувала Нектариј. Но, до крајот на животот тој морал да го носи крстот на прогонството и името на митрополит во немилост кој не припаѓа на никоја автокефална црква. Едно време за него се појавила надеж за промена на таквата состојба; кога александрискиот престол го зазел новиот Патријарх Фотиј. Светителот му се обратил со писмо за преразгледување на делото и да му биде признаено епископството. Но, неговите надежи се покажале празни. На неговата молба патријархот дури не ни одговорил. До крајот на своите денови Пентаполскиот Митрополит бил принуден да биде во несфатлива канонска состојба, потпишувајќи ги своите документи како: „патувачки епископ.”

Радувај се, за пленетите си станал Божја љубов;

Радувај се, зашто своите чеда со љубов си ги пленил…

Постепено темнината на клеветите отстапувала од името на епископот во немилост. Луѓето гледајќи го неговиот чист и добродетелен живот, слушајќи ги вдахновените проповеди – му се приклонувале. Славата на Пентаполскиот Митрополит од провинцијата дошла до престолнината и до грчкиот кралски двор. Откако се запознала со него, Кралицата Олга набргу станала негово духовно чедо. Благодарение на неа тој бил поставен за директор на ризариевата богословска школа во Атина. Во неа се подготвувале свештенослужители и лаички црковни кадри. Во периодот на управување од светителот, школата ги доживеала годините на подем. Со неисцрпна љубов и трпение Нектариј се однесувал кон своите ученици. Познати се случаи кога за прекршоците на учениците, тој на себе преземал строг пост.

Во тоа време околу Нектариј почнале да се собираат неговите духовни чеда, многумина да одат кај него за совет и благослов. Тогаш во старецот – светител почнале да се пројавуваат даровите на божјата благодат: прозорливоста, дарот на исцелување. Кога тој служел Божествена Литургија, наоѓајќи се во молитвена состојба, неговото лице зрачело светлина која присутните ја гледале. Но, како и претходно, негов главен украс било смирението. Кога во школската црква доаѓал друг епископ да сослужува со него, тој никогаш не го заземал главното место, дури ако тоа и му припаѓало по правото на старешинство. Тој секогаш застанувал оддесно престолот, облечен само во мал омофор, а наместо митрата ја ставал црната монашка капа.

Еднаш школскиот чистач се разболел и многу се грижел, дека заради тоа ќе го отпуштат од работа. По неколку недели, кога се вратил, забележал дека некој за целото време ја вршел неговата работа. Многу се зачудил и решил да дознае кој е тој милосрден добротворец. Доаѓајќи утрото рано во школата, тој бил избезумен кога го видел својот „заменик.” Тоа бил Пентаполскиот Митрополит, директорот на богословската школа – владиката Нектариј. Завршувајќи со чистење на клозетот, тој му рекол: „Не чуди се, нема да ти го земам твоето место, јас само сакам да ти помогнам, за да се зачува оваа работа за тебе. Додека си болен, јас ќе работам за тебе. Само, во школата за ова не кажувај.”

Радувај се невин пастиру на невини овци;

Радувај се, мудар собирачу на девствени бисери!

Меѓу многубројните духовни чеда, крај владиката биле и неколку девојки кои сакале да се посветат на монашкиот живот, но не се решавале да одат во никој манастир, за да не се лишат од духовното раководство на својот наставник.

Грижејќи се за нив како добар пастир, Нектариј почнал да бара пригодно место и своето барање го завршил на островот Егина. Наоѓајќи остатоци од стар манастир, тој со сопствени средства ја купил таа земја. Таму пристигале првите жители.

Во својот манастир светителот по Божјо откровение го вовел институтот ѓакониси, кој одамна е исчезнат од практиката на Православната Црква. Но, повторуваме, тоа било направено според откровение.

Кон крајот на неговиот живот, на светителот му бил нанесен уште еден удар. Во манастирот дошла 18-годишната Марија Куда, која избеглала од деспотската мајка – свеќарка. Свети Нектариј ја примил во манастирот. Тогаш мајката на девојката поднела тужба против светителот, обвинувајќи го за заведување на девојките и за убиство на бебињата што наводно ги родиле. Инспекторот кој стигнал во манастирот го нарекувал светиот кентаур и го влечел старецот за брадата, а тој смирено му одговарал, забранувајќи им на монахињите да плачат и да приговараат. Девојката ја прегледал лекар и утврдил дека е недопрена. „Убиените бебиња,” исто така, не ги нашле. Потоа мајката на девојката полудела, а инспекторот тешко се разболел и отишол да бара прошка од светиот.

Светителот им претскажувал на своите послушнички дека нивниот манастир ќе биде богат, ако тие упорно се трудат.

Еднаш шетајќи со послушничка во природа, светителот ја прашал: „Сакаш ли да го видиш својот Ангел Чувар?” Послушничката, секако, изјавила голема желба. „Еве го, пред тебе е” – одговорил светиот. А, девојката веднаш паднала во несвест, не можејќи да ја издржи глетката. Светителот потоа жалел за она што се случило, велејќи дека девојката сè уште не била подготвена.

Во друга прилика сестрите монахињи го молеле светителот да им објасни, како да ги разбираат зборовите „всякое дыхание хвалит Господа”, и на каков начин природата го слави Творецот? Тогаш светителот ништо не одговорил, а следната вечер им рекол на сестрите: „Вие ме прашавте; како природата го слави Господа? Еве, слушнете сами.” Сестрите слушнале, по молитвите на светителот, нешто што ние не можеме да го објасниме.

Целиот живот на манастирот се одвивал под раководство на светителот Нектариј, со кого сестра одржувала постојана дописка. Со каква татковска, љубов, грижа и нежност се исполнети неговите писма. Некое време светителот наедно раководел и со школата, престојувајќи во Атина, и со својот новооснован манастир. Но, Господ устроил така што владиката поднел оставка во школата и засекогаш се преселил на Егина. Дванаесетте последни години од животот тој ги поминал со монахињите, воспитувајќи ги за Небесното Царство. Многу таги и искушенија требало да помине, но тоа биле и благодатни години. Обителта за тоа време е средена, организирано е стопанство. Секојдневно светителот Нектариј со сестрите одржувал часови по догматика, етика, аскетика, а вечерите, собирајќи се наоколу, тие слушале поуки за неискажливите тајни на Божјото Царство. Никој не забележувал како минувало времето. „Веќе е доцна – ќе речел некогаш старецот. – Да појдеме во храмот на молитва.” А, по завршувањето на службата ќе додадел: „А, да прочитаме неколку молитви кон Божјата Мајка?” Времето го продолжувало својот тек и утринското пеење на петлите ја затекнувало целата обител во храмот во времето за молитва.

Радувај се, упокоен и жив, земен и небесен…

Годините на земниот живот на светителот се приближувале до својот крај. Чувствувајќи го тоа, тој се молел Господ да го продолжи одредениот рок за завршување на сите работи во манастирот, но како и цел живот, смирено додавал: „Да биде Твојата волја!”

Долго криената болест најпосле го сторила своето. Придружуван од две монахињи, тој бил одведен во болница. Гледајќи го малиот старец, облечен во расо, како се мачи во страшна болка, дежурниот службеник прашал: „Тој е монах?” „Не – одговорила монахињата – тој е епископ.” „Прв пат гледам епископ без панагија, златен крст, а главно – без пари” – рекол службеникот.

Светителот го сместиле во третокласна соба за неизлечливо болни. Тој поминал во мака уште два месеца. Во денот на споменот на Архистратигот Божји Михаили и сите Небесни Сили, Господ ја повикал при себе душата на светителот Нектариј.

Во болница не поминал долго, му откриле рак. Чуда се случувале и во болницата. Медицинските сестри забележале дека завоите со кои биле повивани раните на светителот, се благомирисни. Заедно со светиот во собата лежел парализиран човек и кога душата на светителот го напуштила овој свет, тој добил целосно исцелување преку кошулата на свети Нектариј.

Веднаш по смртта, телото на светиот почнало да мироточи. Кога ковчегот го пренеле на Егина, целиот остров излегол со солзи да го испрати својот светител. Луѓе на раце го носеле ковчегот со светиот и потоа забележале дека облеката во која тие биле облечени за време на погребот на светителот – била благомирисна. Рацете и лицето на Божјиот угодник обилно мироточеле и монахињите со памук го собирале мирото.

Светителот е погребен во костурницата на манастирот. Костурницата, од различни причини, ја отворале неколку пати и секогаш се уверувале дека телото е негнилежно. Дури ни љубичиците што некое девојче ги оставило во ковчегот, немале ни трага од гниење.

Праведното упокоение на светиот се случило на 9 ноември 1920 г. (стар календар). Во 1961 г. се одржала неговата канонизација, биле отворени неговите свети мошти. Се покажало дека останале само коски. Како што кажале духовниците, моштите изгниле за да може да се разнесат по целиот свет, како благослов од свети Нектариј. Од времето на свети Григориј Палама, кој бил канонизиран 10 години по упокоението, во Православната Црква не е позната побрза канонизација од оваа, на свети Нектариј.

Во Грција тој се почитува како прославен чудотворец. Многу храмови и параклиси му се посветени нему. По молитвите на светителот луѓето добиваат помош и исцелување. Тој посебно им помага на болните од рак, парализа и други тешки болести, демоноопседнати.

Да прибегнеме кон помошта од овој прекрасен светител, благодарејќи му на Господа, со зборовите од тропарот што му е посветен:

Синот на Селиврија, покровителот на Егина, столб на Православието, вистински пријател на добродетелта – Нектариј да го почитуваме – верни, духоносниот Христов служител, јавен во наши дни, од кого истекуваат токови исцеленија за оние што со вера повикуваат: Слава на Христа, кој те прослави! Слава на Оној што чудотворец те покажа! Слава на Оној што преку тебе на сите им дава исцеленија!

Според Животописот од архимандрит Амвросиј (Фонтрие).

Материјалот го подготовила Викториja Механикова.

4 thoughts on “Житие на светителот Нектариј Егински

  1. Од неодамна дознав за Светиот Нектариј Егински,големи биле делата што се случени од Свети Нектариј.Ја најдов многу познатата Химна што ја составил Свети Нектариј -Агни Партене(Чиста Дево,прекрасна химна кон Мајката Божја)на грчки јазик и македонски ,но македонскиот не се слуша добро ,па мисслев дека ќе може некој да ми помогне да го најдам текстот на македонски.Однапред ви благодарам.Христос Воскресе!!!

  2. видео кое сведочи за чудата кои и ден денес се случуваат на гробот на св.Нектариј Егински

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s