Иеросхимонах Сампсон (Сиверс)

Фактите од биографијата на старецот-схимник Сампсон би можеле да дадат материјал за десетици драматични раскази. Старецот сменил пет имиња (Едвард, Сергиј, Симеон, Сампсон), минал низ испитувања и казни. Судбината го носела во најзафрлените катчиња на Русија. Речиси целиот негов живот го поминал под советската власт, а само неколку години проживеал под горбачовите реформи. Навистина, ако Господ на некои им дарува долг живот од трпеливо очекување на покајание, на други долголетствие им дарува заради нивната праведност…

На 10 Јули 1898 г. во Санкт-Петербург, во семејството на грофот Еспер Александар Сиверс се родил син. На малото му го дале името Едвард. Детето се воспитувало во англиканската вера. Еспер Сиверс бил голем пријател на Николај II и царот бил чест гостин во семејството на грофот. Овде, во опуштен семеен амбиент, императорот Николај се одморал; тој често на колена го држел малиот Едвард. Едвард Сиверс завршил гимназија со блескав успех. Тој знаел англиски, германски, француски, грчки, латински и староеврејски. Како студент тој конечно го решил за себе проблемот; кој е во право: католиците, протестантите, православните или ерменците – тоа озарение му дошло одненадеж, во параклисот на Неракотворениот Спасител, за време на молитва. Но, тој се плашел да не и’ причини страдање на својата мајка и затоа, тајно го примил Православието од блиските. На Крштението тој бил наречен Сергиј.

Летото 1917 г. младиот Сиверс тајно заминува во малиот манастир Сава Крипецки, на северот на Русија. Таму тој примил постриг со името Александар, во чест на Александар Невски. Потоа старецот си спомнувал дека тоа било „вистинско монаштво”. Негово последно послушание било да им проповеда на браќата. Младиот монах говорел такви вдахновени и длабоки проповеди, што многумина уште тогаш му ја предвидувале иднината на старец. Но, Промислата имала свој план со него. Во манастирот Сава Крипецки дошле вооружени луѓе. Тие некако разбрале дека во манастирот има монах од благородничко потекло. Болшевиците имале фотографија со големиот кнез Владимир. Сиверс личел на кнезот и црвените решиле дека пред нив е – член на царското семејство.

Сиверс го однеле во притвор, односно во вагон кој стоел на патот. Луѓето во него биле како риби во конзерва – по четворица на една клупа. Таму инокот/монахот Александар поминал дваесет и два дена, заедно со секакви криминалци и бандити. Секој ден имало тепачки со ножеви. Навечер – испрашување. На 01 Октомври го извеле на стрелање. „Мене ни малку не ми беше страв, јас не бев сам” – се присетуваше старецот. – „Некој беше со мене, некаква сила, некаков зрак на радост. Ако ме поставиле до ѕид – а, јас бев сосем спокоен – значи, така мора да биде, зашто Он ме гледа. Он дозволил тоа да се случи, значи, така мора да биде. Тие ја исполнуваат командата… Нив им наредуваат и тие исполнуваат. Немаат храброст да кажат: Не, се откажувам! Тоа е нивната единствена вина. Но, од таа вина ќе ги ослободи Господ, бидејќи никој не ги научил”.

За време на стрелбата Сиверс останал жив, но бил тешко ранет во раката. Подоцна старецот велеше: „Левата рака ми е работна, а десната само за литургисување.” Во Мај 1921 г. тој влегол во братството на Александро-Невската лавра и станал келијник на духовникот на лаврата јеросхимонахот Серафим Вирицки. Еднаш во лаврата дошла неговата мајка. Синот излегол во подрасник/мантија. „Знај” – му рекла мајката – „нè навреди сите нас, го навреди нашиот род и ние те избришавме од списокот на живите и мртвите.”

На 25 Март 1922 г. тој бил пострижен во мала схима со име Симеон. Истата година Патријархот Тихон го ракоположил за јероѓакон. А, по три години Симеон станал јеромонах и го добил послушанието благајник. Клучовите од манастирските каси биле во јеромонахот Симеон. Еднаш некој зачукал на неговата врата. Три часа пред апсењето нему во сон му се јавил Серафим Саровски: „Помнам, го гледам преподобниот Серафим Саровски. Тој влегува кај мене – во сон – се наведнува над мене и бавно ми ја чита молитвата Семилостива, и јас на мојата глава ги чувствувам неговите солзи. Утрото скокнав и ја запишав таа молитва… По три час јас бев уапсен. Семилостивата ме придружуваше осумнаесет години по логорите и сето друго. Еве ја таа молитва:

Семилостива, Владичице моја, Пресвета Госпоѓо, Сепречиста Дево, Богородице Марие, Мајко Божјо, несомнена и единствена моја надеж: не гнаси се од мене, не отфрлај ме, не оставај ме, не отстапувај од мене, застапи, побарај, услиши, погледни. Госпоѓо, помогни, прости, прости. Пречиста!

Агентите барале Симеон да им ги предаде клучевите од касите. Но, исповедникот одби. Тогаш го сместиле во „трамвај.” „Трамвај” е страшен изум на болшевичкиот терор. Во просторија сместувале премногу луѓе, така што тие стоеле, тесно припиени еден до друг, немајќи можност ни да мрднат. Просторијата била затворена три недели. Нужда вршеле внатре. Мртви трупови стоеле меѓу живи луѓе… Симеон тоа го претрпел и останал жив. Клучевите од касите не ги предал. Следното испитување било Соловка. Во Соловка Симеон го поминал времето од 1928 г. до 1934 г. Испрашувањата и казните во Соловка биле насурови и најперфидни. Ако пред две илјади години во римскиот Колосеум ги фрлале христијаните како храна за лавовите, во Соловка затворениците ги фрлале во подземје и им пуштале… гладни стаорци. Стаорците ги јаделе луѓето живи , оставале само коски. Но, со јеромонахот Симеон беше Семилостивата. Тој стоел, отсекаде се слушале крици на другите несреќници кои умирале во неверојатни маки, а стаорците само минувале по неговите нозе. Ништо не му повредиле…

Годините во затворите и логорите, кои другите ги оставале во очајание и раслабување, младиот свештеник само го вдахновувале на подвиг. Тој исповедал, утешувал, се молел и истовремено работел на учебници и прирачници – го продлабочувал образованието што го добил на медицинската академија.

Но, по војната излегол указ за амнестија на црковнослужителите. Оние кои преживеале, почнале да ги ослободуваат. И Симеон се нашол во Борисоглебск. Криејќи се таму, тој морал да оди облечен во женска сукња. „Еднаш во женска сукња бев во црква. Не можев да седам без црква, неможно копнеев. Влегов во својата родна црква, каде што се молев кога бев во прогон. Стојам во сукња, со женска марама, небаре вистинска баба. Стојам меѓу бабите, на левата страна, а не на десната. Оддесно стојат мажите, а јас стојам со бабите. Минува сиромав: Благослови!!! Отец, благослови! Сите се свртуваат, гледаат. Јас велам: Благословен е нашиот Бог. Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Потоа се свртев и заминав. Тоа беше јуродив. Тој ме откри.”

Следен град каде што судбината го однела старецот бил Ставропол, Митрополитот Антониј го испратил исповедникот на парохија во козачката станица Когулта. Отец Симеон одамна не служел и се зафатил со работата со сиот жар на својата душа. Набргу народот буквално се сливал во Когулта. Какви времиња настапиле таму: „Јас почнав служба на Велика Среда и, не излегувајќи од храмот, завршив на Пасха, во 11 часот дента… Имаше народ ден и ноќ. деноноќно доаѓаа луѓе да се кајат, дење и ноѓе траеше службата. Кога ќе завршеше службата, почнував со нова исповед. Во Ставропол се причестија тринаесет илјади луѓе. Победата на Православието беше голема. Местните власти се вознемирија.”

А, еднаш кај отец Симеон дошле бандити. Вратите и прозорците биле затворени, но тие се пробиле во домот низ сламениот покрив, го врзале свештеникот и почнале да му бараат пари. На главата на отец Симеон му ставиле вреќа, устата му ја наполниле со крпи и почнале да го испитуваат – нозете му ги гореле со свеќи. Секако, пари кај него не нашле… И повторно тој со чудо останал жив.

Симеон бил упатен во Псково-Печорскиот манастир. Толпи верни стигнувале кон прозорливиот баќушка, а времето за старештво било најнепогодно: хрушчовите гонења. Отец Симеон бил премногу забележителна фигура, околу него се собирало премногу младина. Старецот постојано го следеле. Едно време, по лична наредба на Хрушчов, примероци со неговиот ракопис биле испратени во сите главни пошти и неговите писма биле собирани. Така било собрано околу дваесет илјади писма, но никаков збор за обвинување на старецот во антисоветска дејност не можело да се најде.

А, кога местните весници испечатиле неколку клеветнички статии за печорскиот монах, манастирските власти се загрижиле. На отец Симеон му забраниле да служи една година, го лишиле од правото да носи капа, крст и мантија и го испратиле да одгледува јаболки. По зборовите на старецот, такви душевни маки тој немал дури ни во затворите и логорите. А, во 1963 г. се случила нова неволја. Граѓанската власт против отец Симеон повела кривично дело. Во таа перспектива можело да биде затворен Псково-Печорскиот манастир и манастирските власти бргу формирале суд. На тој суд отец Симеон бил лишен од монаштвото! Пострашна казна за него, монах – исповедник со скоро полувековен стаж – не постоела. Граѓанскиот процес не бил долг, обвинението пропаднало, советскиот суд го оправдал. Отец Симеон отпатувал во Москва, кај Патријархот. Раскажуваат дека. кога Алексиј И го видел старецот, кого тој го познавал уште од пореволуционерните години, очите му насолзиле и тој извикал: „Веднаш облечете го јеромонахот!” Таму, во Патријаршијата, отец Симеон го облекле во целата монашка облека и Алексиј му го вратил чинот и правото на служење.

Тој останал во Москва. Во 1967 г. исповедникот примил велика схима со име Сампсон – во чест на Сампсон Странопримец, на чиј ден тој се родил. Почнал подвигот на старештвото.

Старецот бил духовник на многу монаси, архиереи (меѓу кои и на Патријархот), и на обични луѓе. Кај него доаѓале од цела Русија. Тој не можел да се скрие од верните, а не се ни обидувал и од време на време милицијата почнувала да се интересира – зошто по тие скалички, во некој стан постојано одат луѓе. Духовните чеда на старецот живееле во постојан страв за него. Во Москва тој сменил единаесет станови.

Многу епископи и митрополити барале совет од схимникот. „Суштината, смислата и целта на игото/јаремот на архиерејот е секојдневно мачеништво-исповедништво, а не епархиското администрирање” – велеше старецот.

Пролетта 1979 г. старецот последен пат ја доживал пасхалната свеченост. Лекарите откриле рак кај старецот. Кога по операцијата се вратил дома, отец Сампсон неколку дена се чувствувал бодро. Но, точно по една недела, тој ги повикал своите духовни чеда: „Јас ќе умрам… Не плашете се” – го слушнале старецот. Последниот завет на исповедникот, упатен кон сите ученици бил: „Никому не правете зло.”

Пред својата смрт старецот се причестил и го целивал Крстот на 24 Август 1979 г. Сампсон Многустрадалниот, големиот Христов исповедник, заспал со сон на праведник.

Погребот на старецот во храмот „Свети Николај” го извршил Свјатејшиот Патријарх Пимен. Го погребале на Николо-Архангелските гробишта под Москва. Денес гробот на старецот е многу почитуван, на него се случуваат исцелувања. „Бесмислено, глупаво е – целиот свој живот, силите, нервите, срцето, младоста, да се предаваат на светот, а не на Бога” – велеше старецот. „Ако ме прашаат, што би сакал да бидам ако би умрел и повторно да оживеам – јас повторно би рекол: Без двоумење – монах, без двоумење! Руски православен свештеник и схимник. Поголемо добро и поголема награда за човек на земјава – нема, од тоа – да биде свештеник и схимник.”

Отче Сампсоне, моли го Бога за нас.

Извор: Сампсон Исповедник

Прилози: Старац Јеросхимонах Сампсон (Сиверс), Архиви

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s