Преподобен Наум Охридски Чудотворец

„Светиот и голем отец Наум излезе од Мизија. По воспитанието што го доби од благородните [родители], просуди дека благородството и богатствата се плевел и се присоедини кон Константин Филсософот и неговиот брат Методиј, кои се рамни на апостолите.” (ŽIVOT NAUMŮV)

Преподобен Наум Охридски бил еден од најблиските ученици и соподвижници на светите рамноапостолни Кирил и Методиј (спомен на 11/24 мај). Од својата младост тој ги следел учителите во Великоморавија и Панонија, каде што во текот на многу години (863-885) подвижнички живот им го проповедал Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Преподобен Наум ги обучувал словените во писменоста, ги распространувал богослужебните книги, кои рамноапостолните браќа ги превеле од старогрчки јазик на словенски. Во 868 г. во Рим, папата Адриан II (867-872) го ракоположил преподобниот за ѓакон, а потоа тој го примил и чинот презвитер. Папата Адриан II го признал како богоугодно делото на Словенските учители, ги осветил словенските книги и благословил да се служи литургија на словенски јазик.

Најтешки искушенија поднеле свети Наум и другите ученици на свети Методиј по преставувањето на свети Методиј во 885 г., кога епископ Моравски станал дамнешниот непријател на словенската просвета – германот Вихинг. Проповедниците биле фрлени во темница, приковани во окови, подложени на мачење. По нивните молитви Господ јавил чудо: настанал земјотрес, ѕидовите на затворот паднале, оковите се скинале. Народот, кога го видел тоа, поверувал во светоста на затворениците, но Вихинг го прогласил Божјиот знак за ѓаволско дејство и го прогонил свети Наум со неговите соподвижници од Великоморавија.

Светите проповедници, движени од Божјата Промисла, творејќи многу чуда, стигнале до Дунав. Таму тие се разделиле на групи. Некои од нив тргнале кон Мизија, други во Дакија и Илирија, „Божјото слово умножувајќи го насекаде стократно.”

Преподобен Наум заедно со светите Климент и Ангелариј отпатувале во Бугарија. Светиот бугарски цар Михаил (Борис) со радост ги примил учениците на светите Кирил и Методиј.

Тој го испратил свети Климент како учител во Македонија, а св. Наум останал во престолнината Плиска. Наум организира словенски просветен и книжевен центар, но не во престолнината Плиска, каде што била резиденцијата на византискиот архиепископ на Бугарија, туку во блискиот словенски град Преслав. Преподобен Наум почнал да учителствува и проповеда во манастирот изграден во чест на свети Пантелеимон, близу Преслав (886-893).

Во 893 г. на црковно-народен собор св. Климент бил ракоположен за епископ Белицки/Велички. Тогаш на негово место за учител бил назначен св. Наум. Цар Симеон Велики го испраќа преподобниот Наум во Кутмичевица. „Наум и Климент дојдоа во пределите илирски и лихнидски.”(ŽIVOT NAUMŮV) Тука свети Наум го возглавил просветителското дело, кое седум години го извршувале заедно со свети Климент.

Додека свети Климент во Охрид ги вршел светителските/епископските трудови, преподобен Наум изградил манастир во чест на Светите Архангели, на јужниот брег на Охридското езеро, кој станал извор на благочестие и прибежиште за бедните. Околу него се собрале многу монаси, бидејќи тој бил мудар учител, строг подвижник, чудотворец и молитвеник. Во тој манастир се подвизувал десет години и го завршил својот земен пат во 910 г, примајќи пред смртта монашки постриг. Таму и досега почиваат неговите свети мошти, лекувајќи – со силата на Христовата благодат – душевни слабости и болести. Светата Црква набргу го вброила преподобен Наум во соборот на светите, а манастирот што тој го оснавал, станал познат меѓу народот како манастир на свети Наум. Заедно со светителот Климент тие биле наречени „нови Мојсеј и Арон.”

Преподобен Наум неуморно се трудел над преводот на Светото Писмо на словенски јазик. Автор е на „Канон на апостолот Андреј”. Со неговото книжевно дело се поврзуваат уште два канона: „Канон на Архангел Михаил” и„Канон на пренесување на моштите на Јован Златоуст.”

Црковниот спомен на свети рамноапостолен Наум се твори на 20 јуни/3 јули, 23 декември/05 јануари и 27 јули/9 август заедно со светите Климент, Сава, Горазд и Ангелариј.

Тропар, глас 4.

Светот го остави, откако се соедини со Христа,/ телото го распна, живеејќи за Духот,/ Науме себлажен,/ се трудеше да се подвизуваш со апостолскиот тек/ и си уловил за верата неброен мизиски народ./ Затоа, со твоите молитви / избави нè од искушенија.

Кондак, глас 3.

Пречесниот спомен на твоите светли подвизи,/ како големо сонце, на сите им свети,/ лицата на тие што те воспеваат ги просветува,/ демоните и секоја болест ги изгонува,/ заради тоа, откако се собравме, со љубов верно да го восфалиме.

Житија на преподобен Наум Охридски

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s