Свештеномаченик Иларион (Троицкиј)

Во соборот на мачениците на Руската Православна Црква особено место зазема архиепископот Иларион (Троицкиј). Длабок научник − богослов, огнен проповедник, ревносен служител на господовиот олтар, надарен администратор, мудар архипастир и бескомпромисен заштитник на Црквата и православните догмати − таква е иконата на светителот Иларион, кој своето земно служење го овенча со подвигот на мачеништвото и исповедништвото.

Свештеномаченикот Иларион (при крштевањето − Владимир Алексеевич Троицкиј) се родил во 1886 г., во селото Липици на Каширскиот срез на московската губернија во свештеничко семејство. Неговиот татко, дедо му о. Петар Троицкиј, а потоа и неговиот брат, служеле во храмот Благовештение на Пресвета Богородица, крај кој и биле погребани. Детството на идниот архипастир минало во атмосфера на строга црковност и во традицијата на православното благочестие. Подоцна отец Иларион, при секоја посета на домот, во тој храм одржувал богослужби на кои се собирале верни од сите околни села; тоа навистина бил празник за православниот народ.

Неговата мајка рано умрела и детето го воспитувала мајкината сестра Надежда, која била учителка во парохиска школа. Малиот Володја самиот научил да чита и од детски години учествувал во богослужбите.

Уште од најраното детство идниот богослов, изгледа, го предвидел својот пат. Еднаш Владимир го зел за рака својот тригодишен брат, и тргнал во град да се школува. По патот братчето заплакало и почнало да бара да се врати дома, на што Владимир му одговарил: „Па, добро, остани неучен!” Да остане неучен − тоа било најстрашно за седумгодишниот син на селски свештеник.

Љубовта кон своето мало родно место, радоста од созерцавањето на земната убавина кое преминувало во созерцавање на небесната убавина, засекогаш останале во срцето на владиката како живо чувство: Широка, пространа си ти, родна татковино! Сиромашна со надворешни украси, но богата со убавини на духот!… А, постои само еден украс… на скромните населби; божјите храмови со камбанариите се огледуваат во руските реки. Од детството навикнав, мил мој пријателу, да ја гледам таквата слика на мојата татковина, на бреговите на родната Ока. Ќе излезеш кај нас во Липици на ритчето зад селото, ќе погледнеш кон долината на Ока, погледот се протега во далечина со километри… Остро и радосно свети есенското сонце, шумно течат матните потоци, целата земја се разбудила и почнала да дише, тревата веќе зеленее. Оживува природата и скромниот народ се подготвува за Велигден. Слушаш како над реката се шири пасхалниот ѕвон, како бранови од новиот живот да се вливаат во душата, солзи навираат на очи. Долго и молкум стоиш магепсан… (1).

Завршувајќи го Тулското Духовно училиште со блескав успех, а потоа и Тулската семинарија, во 1906 г. тој се запишал на Московската Духовна Академија, со која во неговиот живот бил поврзан вонредно плодотворен период во творечка смисла. Меѓу ѕидовите на академијата на Троица се формирале богословските погледи и се определиле научните интереси на идниот архипастир. Имено, овде, крај моштите на игуменот на целата руска земја на Сергиј, повикот да ја надмине омразената неслога на овој свет со созерцавањето на Света Троица, нашол одговор во неговото срце. Подоцна, во работата на светителот Триединството на Божеството и единството на човештвото, ќе најдат свои одраз оние духовни доживувања, кои Господ му ги дарувал нему во Великата Лавра.

За време на учењето во Академијата тој бил награден со наградите Митрополит Макариј и Митрополит Московски Јосиф. Владимир Троицкиј го водел, исто така, издавачкиот оддел на Пастирско−просветителското братство при МДА, занимавајќи се со издавање и распространување на списанија со духовно−етички теми за простиот народ, учествувал во згрижувањето во училиштето на 8-9-годишни деца, во кое работеле студентите.

Во периодот 1906-1913 г. заради особени успеси два пати го испраќале во странство. Првото патување во 1908 г. во состав на група студенти и предавачи на МДА било на христијанскиот Исток и во некои западни земји. Посетувајќи ги Србија, Бугарија, Турција, Грција и Света Гора/Атон, Владимир Троицкиј своите впечатоци и размислувања по повод виденото ги искажал во книгата Од Академијата до Атон. Со особена болка идниот светител-богослов го преживува отсуството на единство во словенскиот свет. А, посетата на храмот Света Софија во Константинопол ја свртува неговата богословска мисла кон значењето на византискиот идеал за нему современата Русија: „Најглавна црта на византинизмот е проникнување на целиот религиозен живот со религиозни принципи и интереси. Тоа е прекрасно спојување на земното и небесното, тоа е вистинско богочовештво, а не нашето − човекобоштво…” (2).

Токму црковно-општествениот идеал на Византија требало да стане, според мислењето на Троицкиј, идеал за лекување на современата болна Русија.

Второто патување, кое го извршил во 1912 г. по западните држави е опишано во Писма за Западот. Оддавајќи им го должното (признание) на делата на западната уметност, на природните убавини, дури и на достигнувањата на материјалната култура, Владимир Троицкиј го критикува религиозниот живот на Западна Европа во споредба со убавината и богословската длабочина на православните црковни богослужби, со строгоста и реализмот на православната духовност.

Откако ја завршил Академијата со степен кандидат на богословие, В.А. Троицкиј бил оставен при неа во својство на професорски стипендист. Во периодот 1912-1913 г. тој работи на подготовката на магистерска дисертација и предавање. Во историјата на руската богословска мисла, владиката Иларион влегол превосходно како научник кој својата дејност ја посветил на откривање на православното учење за Црквата. За гледиштата на тогаш сè уште младиот (26-годишен) предавач на Московската Академија − Владимир Троицкиј, сведочат неговите зборови, упатени кон студентите: „Секоја дејност во основа го има дарот на Светиот Дух, а според својата појава и цел, таа треба да биде црковно служење… Не заради нас ни се дадени душевните и другите способните, туку заради Црквата и не треба на себе да си угодуваме со својата дејност, туку на Црквата… Црковно послушание земам на себе и јас, прифаќајќи ја оваа катедра. Зашто, само Црквата му дава смисла и вредност на земното постоење; само служењео на Црквата, по мое верување и убедување, ѝ дава смисла на нашата земна дејност… Ако не ѝ служиме на Црквата − нема никаква смисла секоја дејност и нема никаква смисла нашето живеење на Божјата светлина. Научната дејност не е исклучена од таквото сеопфатно служење, зашто „науката се стреми кон познание на вистината” а, „Црквата како ризница на вистината може и должна е да биде раководителен авторитет за секого кој ја бара вситината” (3). Во 1913 г. тој ја одбранил магистерската дисертација Оглед од историјата на догматот за Црквата. Тој фундаментален труд станал длабок одговор на настаните во Русија, на крајната секуларизација на општеството и државата којa веќе тогаш прераснувала во богоборство. Според зборовите на сaмиот автор, „над секоја вистина ние се замислуваме обично тогаш, кога против неа слушаме противења и над прашањето за Црквата древната богословска мисла го сосредоточувала своето најголемо внимание тогаш, кога се појавувале лажните погледи на Црквата од еретиците и расколниците.” Самиот труд на идниот исповедник и заштитник на Црквата од ереста на обновништвото, станал не само размислувања за историјата на догматот, туку и апологија на единството и светоста на Црквата.

Во истата 1913 г., на 28 март, Владимир бил пострижен во монаштвото од епископот Никон (Рождественскиj) во скитот Параклит со името Иларион. Еве што пишува за тоа самиот отец Иларион: „Го примив постригот и мислам дека во животот нема да имам уште една таква радост, каква што доживеав на 28 март 1913 г. Таа радост не помина со завршувањето на обредот… Во душата сè ликуваше, толку радосно беше… Од сопственото искуство можам да кажам, дека не напразно при монашкиот постриг, оној што постригува го зема расото и вели: „Нашиот брат (името) се облекува во одежда на веселба и духовна радост, за оставање и презирање на сите таги и смутови од демоните; од оние што доаѓаат од телото и од светот, а за постојана негова веселба во Христа и радување во името на Отецот и Синот и Светиот Дух” (4). Токму таа радост, тивка, чиста, таа веселба на чистата душа светителот ја пренел низ целиот негов живот.

Монашкиот пат кој е тесен, трновит, но благодатен, бил природен избор за чистата душа на овој Божји избраник кој се устремил кон совршенството, ги избегнувал секој грев и соблазна на овој век, кој сакал целиот да му се посвети на Бога.

Исклучително мудрото татковско раководење на подвижникот му дал ректорот на МДА, епископот Теодор (Поздеевскиј). „Јас знам и сега не сакам да кријам во што е твојата жртва за Христа − рекол епископот Теодор. − Тебе те искушува − и можеби, и сега се искушуваш од љубовта кон школата на која ѝ служиш и − чувството на претпазливост, монаштвото да не те лиши од оваа школа. Но, што е Академијата без Христа?! Тоа е − пусто место и мртов дом” (5).

Но, со отец Иларион буквално се оствариле зборовите на епископот Теодор за тоа, дека кога човек го жртвува најдрагото, Господ му го враќа делото од кое се откажал. Во април 1913 г. тој бил ракоположен за јеромонах и определен да ја исполнува должноста доцент на Московската Духовна академија, а на 30 мај 1913 г. назначен за инспектор на Академијата со вовеедување во чинот архимандрит. На 3 декември истата година е утврден во звањето вонреден професор по Свето Писмо на Новиот и Стариот Завет.

На владиката Иларион како учен богослов му било оставено сосем малку време за научна работа − помалку од деценија; но и за толку краток период тој направил многу. Верувам во една, света, соборна и апостолска Црква! − така накратко може да се определи правецот на неговите трудови. Темата на магистерската дисертација нашла продолжување во делата Христијанство или Црква, За неопходноста од историско-догматска апологија на деветиот член на Символот на верата, Нема Христијанство без Црква, За животот во Црквата и за црковниот живот. Меѓу неговите трудови има и дела по егзегетика, работи на црковно-општествени теми, кои често се објавувале во Богословски весник и журналот Христијанин. Многу ставови во неговото слово за Прогресот нашле одзив во умовите и срцата на современиците. Како црвена нитка во тоа слово се провлекува идејата, дека стремењето кон прогресот, кон создавањето комфорни услови на живот, води кон огрубување, материјализирање на човекот, а стремењето на човекот кон возвишеното, кон етичкото обновување, води кон вистинско обновување на човекот и општеството − воопшто.

Како инспектор отец Иларион првенствено се грижел за воспитувањето на студентите во црковноста, ги привлекувал во активна црковна, просветителска и проповедничка дејност. Тој се грижел и за надворешната дисциплина. Еден од неговите студенти, С.А. Волков, во своите спомени Последните во Троица, вака го опишал портретот на архимандритот Иларион: „Висок и строен, многу умерено и пропорционално исполнет, со јасен и прекрасен поглед на сините очи (тој беше малку кратковид, но никогаш не користеше очила), секогаш гледаше уверено и директно, со високо чело и неголема густа, руса брада, звучен глас и јасен изговор, тој оставаше силен впечаток. Нему не можеше да не му се восхитуваш… Целосноста беше главна црта на неговата личност. Тој смел, исклучително талентиран човек сè восприемаше творечки… Иларион со својата личност благодатно влијаеше на мене − со непосредноста, со авторитетноста во бранењето на убедувањата, со свеченоста во богослужењето, со енергичноста и радоста во животот… Иларион сакаше да рече, дека христијанинот, колку што мора да ги осознава своите гревови и да се кае за нив, исто толку е должен да се радува на бескрајната милост и Божја благодат и никогаш да не се сомнева и да не очајува во својот животен подвиг. Тој самиот поразително се восхитуваше и имаше љубов кон сè што му беше драго и блиско − кон Црквата, кон Русија, кон Академијата, и со таа бодрост ги заразуваше, ободруваше и закрепнуваше сите околу него” (6).

По настаните во февруари 1917 г. во Академијата се случиле промени. За нов обер-прокурор од Временото Раководство на В.Н. Лвов, од должноста ректор бил разрешен епископот Теодор, а временото управување со Академијата му го довериле на инспекторот архимандрит Иларион. Во новата учебна 1917/1918 за ректор бил избран професорот А.П. Орлов, а архимандритот Иларион по неговата одлична лекција во Академијата искажана за заштита на патријаршеството, еднодушно бил избран за инспектор. На таа должност му било судено да го дочека затворањето на Духовната акдемија од Советската власт.

Во спомените на С.А. Волоков има дури и ваква карактеристика за архимандрит Иларион: „За мене Иларион стои во истиот ред со такви лица, како Патријархот Никон, митрополитот Арсениј (Мацеевич)… На Иларион му беше нужен просторот на историската арена за да земе замав сосем по руски…” (7).

Со волјата на Божјата промисла архимандрит Иларион излегол на најширокиот простор на црковно-општественото служење и подвигот на исповедништвото го запечатил со својот смел творечки порив.

На 15 август 1917 г во Успенскиот собор/храм на Московскиот Кремљ, со торжествена богослужба ја почнал својата работа Помесниот Собор на Руската Православна Црква, собор на идни мченици и исповедници кои својата вера ја посведочија со крв, собор на оние кои богословеа пред сè со животот.

Главна задача која требало да ја реши Соборот била воспоставувањето на патријаршеството. Мислењето на членовите по тоа прашање било поделено. Меѓу заштитниците на патријаршеството особено се истакнувала личноста на архимандритот Иларион (Троицкиј), кој настапил со остро слово кое ги поразило слушателите: „Москва ја нарекуваат срце на Русија. А, каде во Москва бие руското срце? На пазарите? На Кузнецкиот мост? Тоа, секако, бие во Кремљ. Но, каде во Кремљ? Во окружниот суд? Или во војничките касарни? Не, туку во Успенскиот храм.Таму до предниот десен столб мора да бие руското православно срце. Орелот на петровото, по западен пример устроено самодржавие го исколвал тоа руско православно срце, светокрадливата рака на нечестивиот Петар го симна Рускиот Првосветител од неговото вековно место во Успенскиот храм. Помесниот Собор на Руската Црква со власта што нему му е дадена од Бога ќе го постави Московскиот Патријарх повторно на неговото законско неодземливо место…” (8).

Личноста на младиот архимандрит, секако, не им била широко позната на мнозинството членови на Соборот. Но, во тоа време тој беше познат во академските кругови, на неговото мислење внимаваа претставниците на интелегенцијата. Како авторитетен еклесиолог, тој убедително покажал дека патријаршеството органски му е својствено на црковниот организам, дека таму каде што се урива принципот на ерархијата, што значи и на првоерархиството, се урива црковниот живот.

Но, уште тогаш светителот пророчки го претставил сосема новиот изглед на Патријархот: „Настапува такво време − зборувал тој во говорот во московската академија во заштита на патријаршеството − дека патријаршискиот венец ќе биде не царски, туку поскоро, венец на маченик и исповедник, кому му претстои самопожртвувано да управува со коработ на Црквата во неговата пловидба по бурните бранови на животното море” (9).

Воспоставувањето на патријаршеството било исполнување на заветната желба на младиот богослов. Според сведоштвото на еден современик, после изборот на светителот Тихон, отец Иларион не можел да ги задржи солзите од умиление за време на свечената семосковска крстна литија, во која учествувал новоизбраниот Патријарх (10).

По изборот на патријаршискиот престол на светителот Тихон, архимандритот Иларион станува негов верен помошник. На 12/25 мај 1920 г. во денот на споменот на светителот Ермоген − Патријарх Московски и на цела Русија, архимандритот Иларион бил хиротонисан од Патријархот Тихон за епископ Верејски, викар на Московската епархија. Светителот тогаш имал 34 години. Започнал патот на овој Божји избраник кон Голгота, заедно со Патријархот, со Црквата, со неговата сакана Русија.

Во 1919 г. тој бил уапсен и во Бутирскиот затвор поминал околу два месеца. По ослободувањето отец Иларион се сместил кај својот пријател, отец Владимир Страхов, кој живеел во Сретенка. До своето ново затворање владиката своето време го минувал во напорна дејност: работел кај светиот Патријарх во Донскиот манастир, речиси секој втор ден служел Литургија, проповедал, често му помагал на Патријархот.

Во 1921 г. него повторно го апсат и го испраќаат во Архангелск (според други податоци − во Холмогора, каде што тој живеел во концентрациониот логор во најкошмарни услови), каде што се наоѓал до 1923 г.

За животот на светителот во тој период се зачувани податоци кои даваат претстава за неговиот духовен облик. Н.П. Окунев во својот Дневник на московјанинот, пишува: „На Страдалната недела сакаше да оди во Црква. Неколку пати одеше во Сретенскиот манастир. Таму светителот Иларион привлекуваше, не со своето архиерејско служење, туку со учеството во службите како обичен монах. Еднаш (по Сеноќното бдение во среда спроти четврток) тој се појави во соборниот храм на манастирот само во монашки подрасник, без панагија, со камилавка и отиде на левата певница, каде што пееше, значи, со уште 4-5 други монаси, а потоа така излезе и на средината на храмот, вдахновено го прочита канонот и запеа: ‚Го гледам Твојот дворец, Спасу мој, украсен!′ − А, ќе ви кажам и дека навистина пееше! Имаше најпријатен глас, чист, звучен, млад (тој имаше 35 г.), висок. Тенор. Пееше просто, не по ноти, но толку трогателно и задушевно, што јас навистина не сум слушнал такво чудесно исполнување на таа прекрасна песна” (11).

Според спомените на неговиот бивш студент С.А. Волков; „тој на богослужбата ѝ се оддаваше со сета своја душа, како на главно дело во својот живот” (12). Светителот ја познаваше, разбираше и сакаше богослужбата. По неговите зборови, „нашата богослужба е жива стихија на староцрковното светоотечко возвишено богословие” (13).

Периодот кога владиката повторно се појавил во Москва демнел со нови опасности за Руската Црква и за целиот руски народ. Страшен глад, гладни бунтови беспоштедно загушувани од властите, насилно одземање на црковните скапоцености, откривање и подбивање со свети мошти… Светителот Тихон бил уапсен, а по целата држава започнале „процесите за црковниците.”

Ситуацијата ја искористиле претставниците на движењето што созреало во пазувите на Руската Црква на маргините на вековите, кои со измама го презеле управувањето со црквата. Со непосредно раководство и помош од безбожните власти обновенците почнале да ја спроведуваат својата уривачка дејност. Во мај 1923 г. обовенците одржале разбојнички собор, на кој го лишиле од монашки чин бившиот патријарх Тихон. Сепак, околностите така се склопиле, што властите биле принуден да изберат нова политика.

На 14/27 јуни 1923 г. по дадената изјава од светителот Тихон во Врховниот Суд РСФСР тој бил ослободен со стража и следниот ден му се обратил на народот со повик каков што од него барале властите. Пред давањето на таа изјава претходеле преговори, во врска со кои светителот се консултирал со своите нјаблиски соработници и пред сè, со владиката Иларион, кој оттогаш станува негов најблизок соподвижник, кој со првосветителот ги дели сите маки, и кој ќе го сподели и неговото крстно служење.

Свештеномаченикот Иларион бил многу спретен црковен администратор и политичар, подготвен да оди на компромиси со власта, ако за сметка на тие компромиси можело да се одбрани чистотата на православната вера и да им се нанесе удар на оние што биле главна опасност за Црквата однатре. Една работа е надворешното гонење на Црквата, кое трае веќе неколку години, а друго е кога надворешното гонење се удвостручува со внатрешно подривање, кога богоборечката власт се обидува да го искриви црковниот живот, да направи страшен фалсификат, да ја замени Црквата − Телото Христово со еретичко општество кое себе ќе се нарекува Црква.

Владиката Иларион го советуваше Патријархот Тихон да не се вознемирува од компромисите на политички план, ако од тоа се има полза во борбата со обновенците. Напишаното Послание од архиепископот Иларион до Патријархот Тихон, од 18.06 (01.07) 1923 г., кое ги содржи отстапките по политички прашања, кои од него ги барале властите, ќе биде соединето со непомирливост во однос на обновенците. Пред да го напише тоа Послание, архиепископот Иларион ќе стапи во преговори со соработникот на ГПУ − Е. Тучков. Се договориле во Посланието да не влезе сè што барале властите. Исто така, за возврат на тоа Послание властите делумно ја запреле инструкцијата на Наркомјуст од 11.06. 1923 г., со кое се барало регистрирање на сите храмови во рок од три месеци. Во спротивно тие би биле затворени. Тоа било многу важно, затоа што властите ги регистрирале само оние парохии, каде што имало обновенско духовништво.

Како резултат на тие тешки многучасовни преговори меѓу владиката Иларион и Тучков се појавува Посланието. Го пишува архиепископот Иларион, а потоа патријархот Тихон го редактира и го потпишува:

„Тешко време преживува нашата Црква. Се појавија многу групи со црковно-обновенски идеи… Обновенците свесно или несвесно ја фрлаат Православната Црква во секташтво, воведуваат сосем непотребни реформи, отстапувајќи од каноните на Православната Црква.”

Секако, меѓу современиците тие посланија предизвикале различни мислења, пред сè, по политичките прашања. Малкумина знаеле дека зад тоа стои мачен притисок од властите за совеста на Патријархот, дека зад тоа стојат најтешки преговори со властите, со кои се правеле обиди некако да се омекнат гонењата против Црквата.

Владиката Иларион сметал, дека се можни компромиси во политичката сфера, ако тоа остава можност да се зачува чистотата на Православната вера и да им се нанесе удар на обновенците. Светителот провидувал, дека, ако не расипаните и одречени од Црквата современици, тогаш нивните деца или внуци ќе се најдат пред прашањата; постои ли Бог, како до него да се дојде. И ако по многу години во Русија Црквата ја нема, никој не ќе им одговори на следните поколенија на тие прашања. Свештеномаченикот Иларион заедно со Патријархот Тихон би можел да рече: „Нека загине моето име во историјата, само Црквата да има полза” (14).

Во таа позиција имало многу трпение, сострадание, христијанска мудрост и љубов. Времето покажа дека светителот имал право.

Веднаш по ослободувањето на Патријархот Тихон, владиката Иларион превзел решителни дејства против обновенскиот раскол. „Веднаш по ослободувањето − пишува А.Е. Левитин-Краснов − кај Патријархот се јави епископот Иларион, кој веднаш станува, во буквална смисла, десна рака на Патријархот во првите месеци од неговото ослободување… Тешко би било да се најде за патријархот Тихон подобар помошник, од епископот Иларион. Прекрасен, огнен проповедник, кој умее да говори просто и емоционално, ревносен служител на олтарот, владиката Иларион бил многу популарен меѓу московското духовништво и буквално обожаван од народот. Самата надворешност − висок, бела брада, иконописни црти на лицето − импонирала со својата величественост, строга елеганција, своевидна личба. Еве вистински светител − и несакајќи му доаѓала мислата секому кој го видел Иларион. Епископот бргу ја разбрал новата позиција на патријархот и станал нејзин активен спороводник. Во тие денови тој преговарал со стотици свештеници, лаици, монаси и монахињи. Тој се договорил во парохиите за чинот на нивното присоединување кон Патријархот преку покајание. Благодарение на нескротливата енергија на тој човек црковната организација во Москва била воспоставена за два дена” (15). Оваа карактеристика е толку поважна, бидејќи нејзиниот автор и самиот учествувал во обновенското двиежење.

Во почетокот на јули 1923 г. архиепископот Иларион го прима во општење обновенскиот клир во соборниот храм на Сретенскиот манастир. Владиката Иларион настојувал обновенските клирици да се примаат преку покајание, но ако својот чин тие го добиле во обновенството, тој чин да не биде признат. Сите обновенски храмови повторно биле осветувани, што по каноните се прави со еретички храмови. Со тоа владиката Иларион го истакнувал еретичкиот карактер на обновенството. Во тоа тој беше непомирлив.

На 15/28 јули 1923 г. во Донскиот маастир се случило јавно покајание на Страгородскиот митрополит Сергиј пред патријархот Тихон. Патријархот му дал крст и панагија, а владиката Иларион му врачил бел клобук/капа.

Во многу благодарение на дејноста на епископот Иларион почнало масовно враќање на клирот и лаиците во „тихоновата” Црква. Храмовите што биле заземени од обновенците почнале да се празнат.

Во своите неуморни трудови светителот прибегнувал кон небесното застапништво на светите Божји угодници, особено значење придавајќи му на молењето за Русија на преподобниот Серафим (16).

Се претпоставува дека во јуни 1923 г. владиката Иларион бил воведен во чинот архиепископ. Светителот Тихон го вклучува владиката во составот на Времениот Патријаршиски Синод, во кој дејствувал тој.

Како одличен оратор, владиката Иларион произнесувал проповеди против обновенскиот раскол, настапувал на диспути против обновенскиот лидер Александар Воведенски и советскиот нарком за просвета А.В. Луначарски. Многу московјани во тие години станале сведоци на убедливите победи на православниот архиереј над своите противници.

По спомените на Варлам Шаламов, основен карактеристичен признак на неговото слово била увереноста во Вистината; тоа на луѓето влијаело непорекливо и длабоко (17).

Властите не му ја простиле на владиката неговата дејност во борбата против обновенците и во закрепнувањето на единството на Црквата, не му ја простиле неговата преданост кон Свјатејшиот Патријарх. Во ноември 1923 г. светителот Иларион повторно бил уапсен.

Со решение на Комисијата НКВД по административни прогони, тој бил осуден на три години концентрационен логор.

Во животописот на архиепископот Иларион, составен од протопрезвитерот М. Полски, се вели дека пред Соловка тој веќе бил една година во Архангелск (и во Кемскиот логор). Кога ја видел целата таа ужасна состојба, дури тој, животорадосниот и бодриот, рекол: „Од овде живи нема да излеземе.”

Еден од свештениците − затвореник со владиката во Соловка − дава ваков опис на неговата личност: „Архиепископот Иларион е млад човек, животорадосен, сестрано образован, одличен црковен проповедник, оратор и певец, блескав полемичар со атеистите, секогаш природен, искрен; секој пат, каде и да се појавеше, ги привлекуваше сите кон себе и сите го сакаа… За една година заеднички затвор, сведочиме за неговото целосно монашко нестекнување, длабока простота, вистинско смирение, детска кроткост ”(18).

Во Соловка владиката плетел мрежи и бил рибар. За таа работа тој зборувал со преместување на зборовите од стихирата на Духовден: „Сè дава Светиот Дух; прво рибарите богословци ги покажа,а сега обратно − богословците рибари ги јави” (19). Неговата благодушност, по сведоштвото на истиот отец Михаил Полски, се простираше и на советската власт. Б. Ширјаев видел како владиката го спасил војникот Сухов кој потонувал. Тој истакнувал дека затворот е бесценета школа за добродетели. Клирот го крадат, тоа е повод во себе да се воспита нестекнувањето; повредуваат, навредуваат, бијат − смири се, возљуби го мразителот. Владиката во логорот не ја прекратувал својата архипастирска дејност, не избегнувајќи општење ни со криминалците. Неговата љубов кон секого, внимание и интерес кон секого − биле поразителни.

Идниот познат писател Олег Волков, тогаш како млад човек, одел во посета кај владиката. „Преосвештениот нè пречекуваше радосно − си спомнуваше тој. − Во простотата на неговото однесување беше прифаќањето на луѓето и разбирањето на животот… Ние му ја целивавме раката, тој нè благослови и веднаш, како да ја избриша секоја граница меѓу архиепископот и лаиците, нè прифати за рамења и нè повлече кон масата” (21). Треба да веруваме дека Црквата ќе опстои, без таа вера не може да се живее. „Нека останат и најмали, тукушто незгаснати пламенчиња, некогаш од нив сè ќе започне повторно. Без Христа луѓето ќе се изедат меѓусебно” (22) − ги запишал Волков зборовите на владиката.

По зборовите на М. Полски, зад изгледот на веселоста и дури световноста можело постепено да се види чистотата, големото духовно искуство, добрината и милосрдието, етичкото совршенство. Тоа било јуродивство, со кое светителот го криел своето внатрешно делување. Под раководство на светителот клирот добивал огромно искуство, бидејќи тој со својот пример покажуваше што значи да се смируваш.

Позната е уште една епизода од животот на светителот во логорот. Кога пристигнала веста за смртта на Ленин, на затворениците им заповедале да престојат пет минути во молчење. Владиката демонстративно лежел на штиците и велел: „Помислете, отци, што се случува сега во адот: Самиот Ленин таму отишол, каква радост за демоните” (23).

Кон крајот на летото 1925 г. архиепископот Иларион неочекувано бил испратен од Соловецкиот логор во Јарославл, во изолаторот „Штали.” За тоа време светителот си споменува како за најсветло време во долгата неволја. Властите, надевајќи се дека ќе склучат некој договор, дозволиле невидени привилегии. Тој можел да чита какви сака книги, да пишува, и после цензурата, да го испрати напишаното кому сака. Во неговите писма кои се познати поразува големото смирение и големата благодарност кон Бога за сè што му дарувал, за маките и радостите.

Како свети Јован Златоуст, рускиот светител на неговите блиски луѓе им ја доверил својата срдечна мисла: „Слава му на Бога за сè.”

Владиката бил преведен во Јарославл за преговори со соработникот на ГПУ Е. Тучков и епископот Гервасиј (Малинин), кои се обиделе владиката да го повлечат на страната на новиот „григориевски” раскол предводен од епископот Екатеринбургски Григориј. Но, на ветувањата дека ќе стане митрополит, на лагата и измамата, владиката одоговорил со категорично одбивање. Тогаш соработникот на ГПУ рекол: „Пријатно е да се поразговара со умен човек. А, колку време поминавте во Соловка? Три години?! За Иларион три години! Толку малку?!” (24).

Потоа владиката добил нов рок. Владиката прво бил на Попов остров, а потоа го пренеле во Кремљ, потоа на Секирка − во казнен изолатор, каде што смртта била секојдневна појава.

На Пасха 1926 г. владиката Иларион од Ејхманс − началникот на СЛОН, добил дозвола да изврши богослужба.

„Пасхалната утрена се одржа во стариот храм Св. Онуфриј, крај гробиштата. Трошната црква не може да го собере ни логорското духовништво… На гробиштата беше преполно со народ.. Гласот на владиката Иларион доаѓаше од длабочината на храмот, среде тишината на северната ноќ.

И ете, на улицата излезе крстната литија… Христос воскресна! − Навистина воскресна! − прозвучи под свечената купола овенчана со небесниот свод. Со победничко, ликувачко пеење за сотрената, победена смрт, одеа оние кои таа ги демнеше секој час и секој ден… Торжествениот хор на ‚оние во гробовите′ славеше и го потврдуваше своето идно, неизбежно воскресение, кое не може да биде спречено од силите на злото” (25) − така напишал Б. Ширјаев за таа неповторлива утрена. Во неволни услови владиката Иларион, како и до тогаш, се чувствувал себе си православен јерарх, одговорен за состојбата на Црквата, за својата паства. Во јули 1926 г. архиепископот Иларион настапил како еден од иницијаторите на Соловецкото послание − обраќање од епископите во Соловецкиот логор до раководството. Во тоа обраќање, во духот на лојалноста, епископите предлагале свое решение за многу црковно-општествени односи, не избегнувајќи ги и најострите прашања.

Кога се појавила нова поделба, предизвикана од појавата на т.н. Декларација на Заменикот на патријаршискиот месточувар, митрополитот Сергиј (Старогородски), од 27 јули 1927 г., владиката Иларион, разбирајќи ја изнуденоста на некои негови чекори, сите ги предупредувал за расколот.

Митрополитот Мануил (Лемешјовскиј), затвореник со владиката, пишува: „Во ноември 1927 г. некои соловецки епископи почнаа да се колебаат во врска со јосифовиот раскол. Архиепископот Иларион успеал да собере петнаесетина епископи во келијата на архимандритот Теофан, каде што сите еднодушно утврдиле да ја чуваат верноста кон Православната Црква, возглавувана од митрополитот Сергиј. ‚Никаков раскол!′ − извикал архиепископот Иларион. − ‚Што и да почнат да ни зборуваат, да гледаме на тоа како на провокација!” (26)

По повод „јосифовиот” раскол, архиепископот Иларион им пишувал на епископот Виктор (Островидов) и на други лица. Тој остро ја порекнувал позицијата на расколниците и ги потсетувал за безгласноста на епископатот во синодалните времиња, кога преместувањето на други катедри било вообичаена појава.

Според мислењето на владиката, одделувањето од митрополитот Сергеј е − „многу тежок престап во условите на дадениот момент” (27).

Кон крајот на 1929 г. властите решиле да го испратат светителот на доживотен затвор. Владиката го превезувале етапно − од еден затвор до друг. На патувањето го украле и во Петербург го однеле, веќе болен, за празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица.

На 6 октомври владиката го превеле од затвор во болница. Со висока температура, тој одел низ градот губејќи ги последните сили. Кај него откриле пегав тифус.

Митрополитот Серафим (Чичагов) се обидел да му помогне, но тоа не било можно. Владиката Иларион ја изгубил свеста. Малку пред крајот му олеснило. Од болницата им пишувал на блиските: „Јас сум тешко болен од пегав тифус… во сабота, на 15 декември се решава мојата судбина (криза на болеста), тешко дека ќе ја поднесам” (28).

Кога во болницата му кажале дека треба да го избричат, владиката рекол: „Сега правете со мене што сакате.”

На 15 декември 1929 г. се случило блаженото преставување на владиката кај Господа.

По сведоштвата на М.Ф. Антимова − ќерка на последниот протоѓакон на Воскресенскиот Новодевичеев манастир, пред смртта го придружувал и го причестил со Светите Христови Тајни келијникот на митрополитот Серафим (Чичагов) − јеромонахот Никандор. Пред смртта кај владиката дошол лекар и побрзал да заведе дека кризата минувала, на што владиката одговорил: „Колку е добро што сега сме далеку од…” (29).

Тоа биле последните зборови на праведникот кој ја очекувал радосната средба со Бога.

Митрополитот Серафим го побарал за погреб телото на архипастирот. Ноќта грубо ископаниот гроб го предале на роднините. Архиепископот Иларион не се распознавал. Во гробот лежел истоштен старец, со избричена глава… Свештеномаченикот имал 43 години.

Митрополитот Серафим ја дал својата бела одежда, белата митра. По облекувањето владиката го положиле во друг, подобар гроб.

Властите поставиле услов да нема никаков свечен погреб и никакви надгробни говори. Опелото се одржало во Воскресенскиот храм на Новодевичеевиот манастир. Митрополитот Серафим (Чичагов), архиепископот Алексиј (Симанскиј), епископот Амвросиј (Либин) и епископот Сергиј (Зјенкевич) се молеле во олтарот, а самиот чин го вршел епископот Николај (Јарушевич) (30). (Според податоците од отец М. Полски, опелото го извршил митрополитот Серафим). Надгробните слова биле забранети, но владиката Николај ги прочитал заповедите на блаженствата, додека сите присутни плачеле.

Секоја од тие заповеди светителот ја исполнил, за што свдочи неговото житие. И ете, откако исполнил сè што Господи му назначил, архиепископот Иларион со соборот на руските новомаченици и исповедници, од горните живеалишта ја слушал молитвата од Црквата што војува: „Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата.” Владиката го погребале на гробиштата на Новодевичеевиот манастир. Почитувањето на свештеномаченикот Иларион почнало веднаш по неговото упокоение. На опелото и погребот спонтано дошле неколку илјади верни жители од градот. Храмот не можел да смести ни мал број од оние што сакале да се простат со владиката. Архипастирот кој на слобода не проживеал ни две години од своето светителско служење на слобода, по особена Божја промисла го завршил својот земен пат, имено во северната престолнина, стана претстоител и молитвеник за петербургската паства.

На свои 26 г. идниот свештеномаченик напишал, дека научил со особена љубов и срдечна возбуда да ја чита од Поменикот молитвата за Црквата: „Најпрво спомни ја Господи, Твојата Црква – соборна, апостолска, која си ја добил со Твојата чесна крв, и утврди ја, укрепи и рашири, умножи, смири и непобедена од портите на адот во векови зачувај ја, раздорите стивни ги, паганските метежи згасни ги и појавувањето на ереси бргу разурни и искорени го и во ништо претвори го со силата на твојот Свет Дух” (31).

Движен од таа синовска љубов кон Мајката Црква, архиепископот Иларион на земјата го поминал својот крстен пат на исповедничко служење, а сега е застапник пред Престолот на Севишниот. Кон нас се упатени зборовите на светителот: „За лекување на раните што ја разјадуваат руската душа, мора да се покаеме во… гревовите против Црквата, да се вратиме кон верата на отците и на Православната Црква да ѝ се даде претходното место во државниот и општествениот живот” (32).

Канонизацијата на архиепископот Иларион како локално-почитуван светител била извршена на 10 мај (27 арил) 1999 г. во московскиот Сретенски манастир од Свјатејшиот Патријарх Алексиј, а неговото општоцрковно прославување се одржало на јубилејниот Архиерејски Собор во 2000 г. Да ја вознесеме кон него нашата молитва: „Святый священномучениче и исповедниче Иларионе, моли Бога о нас!”

Белешки:

  • [1] Архимандрит Иларион. Письма о Западе. Сергиев Посад, 1915, с. 60-61.
  • [2] Троицкий В. От Академии до Афона. Сергиев Посад, 1914, с. 66.
  • [3] Троицкий В. О церковности духовной школы и богословской науки. //Извадок од “Богословского вестника”, 1912, с. 1-16.
  • [4] Архим. Иларион (Троицкий). Христианства нет без Церкви. М., 1991, с. 134-135.
  • [5] Епископ Феодор. Речь при пострижении доцента Московской Академии Вл. Троицкого в монашестве Илариона. – Богословский вестник, 1913, № 8, с. 700.
  • [6] Волков С. Последние у Троицы. М. – СПб, 1995, с. 115-118.
  • [7] Исто, с. 115.
  • [8] Цит. по: Светозарский А.К. Архиепископ Иларион (Троицкий) и его время. В кн.: Архиепископ Иларион (Троицкий). Очерки из истории догмата о Церкви. М., 1997, с. 3.
  • [9] Волков С. Последние у Троицы. С. 120.
  • [10] Волков С. Последние у Троицы. С. 119.
  • [11] Окунев Н.П. Дневник москвича. Париж. 1995, с. 446-447.
  • [12] Волков С. Последние у Троицы. С. 116.
  • [13] Архимандрит Иларион. Письма о Западе. Сергиев Посад, 1915, с. 37.
  • [15] Левитин-Краснов А., Шавров В. Очерки по истории русской церковной смуты. М., 1996. С. 314.
  • [16] Левитин-Краснов А., Шавров В. Очерки по истории русской церковной смуты. М., 1996. С. 348.
  • [17] Шаламов В. Четвертая Вологда. – Наше наследие, 1988. №4.
  • [18] Прот. М. Польский. Новые мученики российские. Репринтное издание. М., т. 1, с. 127-128.
  • [19] Исто.
  • [20] Ширяев Б. Неугасимая лампада. //Наш современник, 1991, № 9, с.100-102.
  • [21] Волков О. Век надежд и крушений. М., 1989, с. 73.
  • [22] Исто, с. 74.
  • [23] Прот. М. Польский. Ук. соч., с. 129.
  • [24] Исто, с. 131.
  • [25] Ширяев Б. Ук. соч., с. 102.
  • [26] Die Russischen Orthodoxen Bischole von 1893 bis 1965/ Bio-Bibliographie von Metropolit Manuil (Lemeschevskij). Теi/l III. Erlangen, 1984. S.214.
  • [27] Извадоци од писмата на затворениот во Соловка – архиепископ Верејски Илариона (Троицкиј) по прашањето за “јосифовата опозиција.” – В изд.: Акты Святейшего Тихона, Патриарха Московского и всея России. М., 1994. С. 618.
  • [28] Прот. М. Польский. Ук. cоч., с. 133.
  • [29] Светозарский А.К. Ук. cоч., с. 15.
  • [30] Информација според податоци од Анфимова М.Ф. По други податоци, опелото го извршил Митрополитот Серафим.
  • [31] Архиепископ Иларион (Троицкий). Очерки из истории догмата о Церкви. М., 1997, с. 9.
  • [32] Архиепископ Иларион (Троицкий). Грех против Церкви. //Санкт-Петербургские Епархиальные ведомости. Вып.3, ч. 1, с. 28.

Извор: Монахиня Серафима; „Путь новомученика”

Прилог: Фотографии

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s