Славни и сефални првоврвни апостоли Петар и Павел

Благочестия истинныя проповедники / и Церкве пресветлыя звезды / песньми похвальными почтим, / Петра, каменя веры, / и Павла, истиннаго учителя и таинника Христова. / Сии бо истинное слово всеявше в сердца верных, / всем плодоносие дарующа, / и молят Христа Бога / спастися душам нашим.

Денес светата Црква ги прославува двајцата големи христијански подвижници, нарекувајќи ги: “меѓу Апостолите првопрестолни и на вселената учители.”

Зошто светите апостоли Петар и Павел се нарекуваат првопрестолни и првоврвни? Секако, тие не добиле врвна власт над другите апостоли. За такво нешто нема сведоштво ни во Евангелието, ни во апостолската историја. А, што се однесува до зборовите на Спасителот: “Ти си – Петар, и на овој камен Јас ќе ја создадам Мојата Црква” (Мт. 16, 18), овде под зборот „камен” треба да се разбира не самата личност на апостолот, туку неговото исповедание, неговата цврста вера во Христа. По Петар и другите апостоли ја исповедовале истата вера и на нивното исповедание, исто така, е основана Црквата. Според зборовите на светителот Кипријан Картагенски, “и другите апостоли биле она што и Петар – имале достоинство и власт рамни на неговите”.

Значи, апостолите Петар и Павел се именуваат – првоврвни, не за некаква првенство над другите во власта, туку само според честа. Зошто пак, им се оддава таква, особена чест? Заради нивниот голем труд. Сите свети апостоли поднеле многу трудови за благовестувањето на Христовото учење, но овие двајца се потрудиле повеќе од сите (1Кор. 15,10). Преминувајќи од град во град, од земја во земја, светите Петар и Павел секаде ревностно го возвестувале Божјото слово, храбро и трпеливо поднесувајќи незгоди и беди. “Јас, – вели свети апостол Павел, – бев во маки, безмерно во рани, повеќе пати во затвор и многу пати пред смрт… Три пати ме биеја со палки, еднаш бев каменуван, три пати претрпував потонување на брод… Многу пати патував, во опасности на реки, во опасности од разбојници…” итн. (2Кор. 11, 23-32). Господ им заповедал на Своите апостоли да одат кај народите, да ги учат и да ги крштеваат (Мт. 28, 19-20). Несомнено, сите свети апостоли свето ја исполниле таа заповед од својот Божествен Учител, но најмногу од сите се прославиле со благовестувањето светите Петар и Павел. Во светот на лага и заблуди, гордост и егоизам, ненаситно собирање и злоба, тие ја внесувале небесната вистина и Божествената светлина, царството на правдата, мирот и радоста во Светиот Дух (Рим. 14,17). Тие привеле кон Христа илјадници луѓе.

Но, светите апостоли не само што благовествувале, туку и утврдувале во верата: основале Цркви, ги посетувале повеќе пати, поставиле епископи и презвитери за постојано да раководат со нив, пишувале вероучителни и наравоучителни посланија. Свети Петар оставил две такви (соборни) посланија до сите Цркви, а свети Павел – до посебни Цркви – четирнаесет, од кои тринаесет до – христијаните од паганските народи. Оттогаш тие посланија се читаат и во храмовите и домовите, зашто ги содржат вистините на христијанската вера и драгоцени поуки за животот во Христа, во нив наоѓаме сè што е неопходно за правилно разбирање на смислата на нашето земно постоење, за наше утврдување на патот во Небесното Царство.

Наградата на светите првоврвни апостоли била голема уште за време на нивниот живот на земјата. Свети Петар бил удостоен да биде сведок на важни настани: на Христовото Преображение на гората Тавор и на Гетсиманиската молитва. А, свети Павел бил вознесен “до третото небо” – во рајот, и таму слушал “неизречени зборови, кои човек не може да ги прераскаже” (2Кор. 12,2-4).

Боговдахновените поуки од светите првоврвни апостоли Петар и Павел и сега нè надградуваат и ќе нè поучуват до крајот на времето. Тоа е таква духовна ризница, што никогаш не ќе остари и не ќе пресуши, без оглед на сите големи и нови освојувања на човечкиот разум. Примерот на нивниот свет живот, нивното духовно искуство, секогаш грижливо ќе се чува и ќе се предава од род во род.

Да ги молиме светите апостоли кои денес ги славиме, да ни помагаат да ги примиме нивните поуки со умот и срцето и да ни испратат небесна помош за да ги исполниме во нашиот живот.

Историја на установување на празникот: Почитувањето на светите апостоли Петар и Павел почнало веднаш, откако тие маченички ги завршиле своите животи. Местата каде што биле погребени биле свети за првите христијани. Во IV век, светиот рамноапостолен Константин Велики (†337; спомен на 21 мај) подигнал храмови во чест на светите првоврвни апостоли во Рим и Константинопол. Нивното заедничко празнување на 29 јуни/12 јули — било широко распространето уште во првите векови на христијанството. Празнувајќи го во тој ден споменот на првоврвните апостоли, Православната Црква ја прославува духовната цврстина на свети Петар и знаењето на свети Павел, во нив го воспева примерот на обраќање на грешници: во апостолот Петар — образецот на човек што се откажал од Господа и се покајал, во апостолот Павел — образецот на човек што се противел на Господовата проповед, а потоа поверувал.

Иконографија на празникот: Првоврвните апостоли Петар и Павел често се изобразувале заедно — во раната иконографија, како по правило, фронтално, а од XVI век — свртени еден кон друг. Изобразувањата на првите Христови ученици и провозвестници на христијанското учење во византиската уметност биле, како правило, поврзани со темата на Новозаветната Црква која Христос ја основа (на тоа укажувале , пред сè, Христовите зборови изречени кон апостолот Петар: «…на овој камен Јас ќе ја создадам Мојата Црква, и вратата на адот нема да ја надвладее» — Мт. XVI, 18). Заедничкиот спомен на двајцата апостоли се празнува на 29 јуни/12 јули.

На иконата апостолот Петар е претставен како ја држи десната рака во молитвен гест; а со левата рака, држи свиток и клуч кој виси на долга врвка («…и ќе ти ги дадам тебе клучевите од Небесното Царство» — Мт. XVI, 19). Во рацете на апостолот Павел е традиционалниот атрибут за него — книга што ни напомнува дека тој е автор на четирнаесет посланија, кои влегле во составот на Новиот Завет.

Фигурите на апостолите се стројни и раскошни, а истовремено изгледаат цврсто-монументални. Тоа го поддржуваат нивните силуети што се шират надолу (за сметка на развеаните наметки) и збиеноста во вертикалната средина. Нозете на апостолите речиси го допираат долниот раб на иконата, а ореолите безмалку доаѓаат до врвот. Небесниот полукруг со Спасителот кој благословува со двете раце, се претставува на исто ниво со главите на Петар и Павел, нагледно покажувајќи ја нивна близина со Бога.

Свети Првоврвни апостоли Петар и Павле

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s