Кога љубовта умира

Христијанството е религија на љубовта. Бог му се открива на светот како Љубов. Христијанството е пожртвувана љубов. Овде Бог го потврдува принципот на вечното постоење како љубов, со тоа што Самиот Себе Се принесува како жртва. Таа тајна на распнувањето на Бога заради човекот ги восхитувала и ги воведувала во побожен ужас оние пред кои се откривала бездната на Божествената Љубов – бесконечна како самото постоење.

Апостолот Јован Богослов во Евангелието му го открива на светот новото име на Бога: тоа име е – Љубов. Господ во последниот разговор со учениците им заветувал да се љубат еден со друг. Да се биде во љубовта; тоа значи да се биде во Бога. Љубовта е оној таинствен меч што ги разделува Христовите ученици од учениците на демонот. Љубовта е небесниот оган кој Христос го донел на земјата; тој оган треба да го преобрази човекот. Без огнот на љубовта, човековата душа останува студена како труп. Свети апостол Јован Богослов на крајот од својот живот на земјата често ги повторувал зборовите: „Деца, љубете се еден со друг – во тоа е сè.”

Христијанството го победило светот со љубовта; ако може така да се рече, срцето на паганскиот свет било пленето и покорено со силата и убавината на љубовта. Паганскиот свет преку допирот со Христијанството почувствувал дека љубовта е светлина и живот. Додека срцата на Христијаните гореле со љубов, Црквата била победничка. Во времињата на најлутите прогони Црквата ги победувала своите гонители со љубовта, им ја откривала величината и тајната на Христијанството.

Критериум на нашата вера е љубовта. Вистинската вера се пројавува себе преку љубов и милосрдие, кои исто така се неодделиви од неа како топлина од светлина и светлина од оган. Кога се губи верата, тогаш гасне надежта и исчезнува љубовта. Затоа, оние што немаат љубов, а мислат дека се Христијани – се мамат себеси. Нивната вера е илузорна. Тие си вообразуваат дека се Христови следбеници не имајќи го главното – Христовиот Дух.

Паганскиот свет не издржал пред силата на Христовата љубов. Но, кога таа љубов почнала да се намалува во срцата на луѓето, тогаш паганскиот свет како повторно да оживеал и не само што ја напаѓа Црквата со гонења како во првите векови, туку проникнува во свеста на самите Христијани, го искривува Христовото учење, го прави Христијанството празна форма – дрво на кое има сè помалки и помалку плодови.

Заради што ослабнала љубовта меѓу Христијаните? Почеток на духовното паѓање и негов крај е – гордоста. Но, има многу видови гордост. Гордоста се припојува кон доброто како некои паразитни растенија што го обвиткуваат дрвото, хранејќи се со неговиот сок, притоа исушувајќи го и уништувајќи го. Гордоста ги пораѓа егоизмот и егоцентризмот – изопачената љубов на човекот кон самиот себе. Гордоста ја раѓа верата во својот разум како универзален инструмент за познание. Гордоста може да се пројавува во уривање на структурите – како анархизам и обратно, во централизација на структурите – како диктатура. Губењето на љубовта се покажува во душевното студенило и незаинтересираноста за луѓето, во надменоста и насилството над другите.

Гордиот ги гледа луѓето како орудие за достигнување на своите цели, како предмет за задоволување на своите страсти. Човекот самиот по себе за него нема вредност. Гордоста произведува тирани и робови. Гордоста ги разединува и ги отуѓува луѓето. На гордиот му изгледа дека светот е создаден само за него, дека тој е центарот околу кој мора да се вртат другите луѓе.

Христијанското семејство – е активна љубов, која возрастува со меѓусебното служење и помагање. Но, во денешно време секој член на семејсвото сака нему да му служат. Така, семејството станува поле на невидлива, но постојана борба за првенство и власт. Гордиот сака да добие повеќе отколку што дава и се навредува кога другите не го разбираат неговото вообразено превосходство. Човек не се радува на човек. Блиските не наоѓаат време да се видат. Христијанинот ги дочекува христијанските празници без духовна радост. Се чини како целата земја да ја покрила сива, густа магла.

Без љубовта, човечката душа умира. Затоа, современиот човек е длабоко несреќен. Самата религија без љубов, станува туѓа за срцето и неразбирлива за душата.

Во што е причината за губењето на љубовта? Тоа е глобален процес; тоа е патот на духовната смрт, тоа е најголемата катастрофа на последните векови, особено во наше време, пострашна и од војните и од природните катастрофи. Тоа е расчовечување на човекот; тој престанува да биде личност. Губењето на љубовта, егоизмот и незаинтересираноста имаат редица причини. Да разгледаме една од тие причини.

Може да се љуби само убавото. Безобразното и наказното може да се трпи, но не може да се љуби. Љубовта и убавината се поврзани меѓу себе. Воспитанието на луѓето и традициите на народите, колку и да се несовршени, во својата основа имаат за цел да ја зачуваат убавината и благородноста на човечката душа. Традициите, обичаите, општественото мислење, високата оценка на целомудрието, спремноста за пожртвуваност – биле форми на зачувување на љубовта. Сега тие традиции се исмеваат и упропастуваат; моралните поими се сметаат за окови во кои бил заклучен човеот како заробеник во минатите векови. Во сите времиња имало гревови и пороци, но тие се оценувале како зло и болест кои го разјадуваат човечкото општество. Сега гревот и порокот веќе не ги вознемируваат луѓето; ги вознемирува нешто друго, именно, осудувањето на нивните гревови. За луѓето што живееле пред потопот, во Библијата е кажано, дека „тие станале тело” т.е. кај нив исчезнале потребите на духот, се изопачиле чувствата на душата и почнало да владее телото: човекот се поистоветил себеси со своето тело и затоа, паднал пониско од сите суштества на земјата.

Човек ја губи убавината на својата душа, Затоа, тој не може да љуби и затоа, него не можат да го љубат. Во телото се вгнездуваат само инстинктите и темните страсти. Човек може да се предава на страстите, но не може да ги љуби страстите. Затоа, луѓето, губејќи ја убавината – ја губат љубовта. Лагата, измамата, демонскиот свет на наркотиците и алкохолот, блудот и развратот во најбессрамните форми – ги прави луѓето безобразни. Затоа, луѓето се оддалечуваат едни од други. Емоционалната затапеност ја прави земјата слична на гробови со живи трупови.

Во чистотата се духовната светлина и радоста, а во гревот и порокот – мачнината и духовната темнина. Сакаат да му ја одземат чистотата на човекот, да ја исмејат, да ја згазат. Затоа, светот за луѓето стана туѓ и пуст. Човек не ја чувствува болката на другиот, не сака и не може да го стопли со топлината на својата душа. Човекот се плаши од светот и внатрешно се заштитува од луѓето. Тоа е осаменоста, свесна и несвесна, осаменоста на градската пустелија. Осаменоста е е најстрашното проклетство на нашиот век.

* * *

Moже условно да разликуваме три видови љубов:

1) Телесната љубов е основана на единството на раѓањето и родовата солидарност; тоа е половата, сопружничката љубов. Таа љубов повеќе е привлечност на тело кон тело. Телесната љубов е својствена не само за човекот, туку и за животните.

2) Душевната љубов е основана на човечката солидарност, на заедничките интереси, љубовта кон татковината и на меѓусебното разбирање. Оваа љубов како взаемно проникнување на душите е повисока од телесната, но и таа спаѓа во душевноста и е подложена на колебливоста на емоциите и расположенијата. Таа љубов ѝ дава храна на уметноста, таа е основа на пријателството и човечката заедница, но таа може неочекувано да премине во рамнодушност, па дури и во својата спротивност, односно да се претвори во омраза. Таа е причина за животните трагедии, таа често е соединета со телесната љубов, и затоа свети Григориј Богослов зборува за „неубавата љубов кон душата, заради убавото тело.” Душевната љубов, во нејзиниот сублимиран вид, може да се пројавува како телесно милосрдие, добротворност и сочувствување. Таа љубов е затворена во кругот на вземните доживувања; таа може да биде огнена и нежна, но таа нема стабилност и не е постојана. Затоа, пророкот псалмопеец рекол: „секој човек е лага.”

Душевната љубов им е својствена на сите народи. Нејзини пројави гледаме во сите историски времиња. Затоа човек може да ги чувствува, разбира и преживува поемите од Хомер и Вергилиј, трагедиите од Шекспир, биографиите од Плутарх и сл. Душевната љубов е својствена за луѓето од сите религии.

3) Духовната љубов е можна само при дејството на Божествената благодат. Тогаш духот се разбудува од сонот во кој го опоиле страстите, како што се разбудува земјата под зраците на пролетното сонце. Во борба со духовната љубов стапуваат страстите кои се вгнездиле во душата и телото. Затоа, духовната љубов во многу е – ослободување на духот од ропството на душевните пристрастности и емоции. Таа е установување на поредокот на силите на човечката природа. Тоа се достигнува со упорна борба. Затоа, почеток на духовната љубов е – покајанието, а почеток на слободата – христијанскиот аскетизам и потчинувањето на својата волја на Божјата благодат. Духот, откако го заземе управното место во човековата природа, со своите импулси проникнува во душата, ја одухотворува и ја очистува самата душевна љубов. Душевната љубов, без благодатта, постојано е подложена на корозија и деформација заради гревот кој длабоко е навлезен во човековата природа. Без вистината – не е можно да се добие благодатта. Без благодатта – душевната љубов преминува во страстна похот. Вистината е стражар на љубовта. Без вистината – љубовта станува блудница.

Човештвото катастрофално се лишува од духовната љубов. На душевен план тоа се пројавува како декаденција во уметноста, како отуѓување на луѓето еден од друг, како невидлива темнина која станува сè погуста. На душевно-телесен план тоа се пројавува како блуд и сексуални аномалии. Се чини како светските центри да сакаат со својата гордост да ја надминат гордоста на Вавилон и гревовите на Содом а, тоа втурнување во во бездната уште се нарекува либерализам и хуманизам т.е. слобода и љубов.

Од: Архимандрит Рафаил (Карелин), „Почему христиане теряют любовь?” и „О профанации любви

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s