Во соработка со Британската библиотека, Синајскиот манастир „Света Екатерина”, Националната библиотека на Петербург и библиотеката на универзитетот Лајпциг, на 24 јули во Лајпциг се промовираше интернет-порталот, на кој е претставен најстариот целосен зборник на книгите на Новиот Завет, т.н. Синајски кодекс. Грандиозниот проект е остварен со поддршка на универзитетот Лајпциг и повеќе државни и приватни фирми.
Синајскиот кодекс датира од IV век и се смета за втор по старост и целосност манускрипт од таков вид по Ватиканскиот кодекс. Синајскиот кодекс бил пронајден во манастирот „Света Екатерина”, на Синај, од германскиот научник К.Тишендорф во 1859 г. и доверен од Тишендорф на монасите (привремено, за проучување и копирање), а потоа бил пренесен во Петербург. Кодексот е издаден во 1862 г. по повод 1000-годишницата на Русија. Во 1869 г. ракописот му бил подарен на императорот Александар II, за што царот му подарил на манастирот 9.000 рубљи во злато. Ракописот се чувал во Императорската народна библиотека. Но, во 1933 г., во периодот на масовна распродажба на културното наследство на Русија, при спроведувањето на индустриализацијата, раководството на СССР ракописот го продало на Британија за 100.000 фунти стерлинзи. Сега кодексот се наоѓа во Британскиот музеј во Лондон. Сите обиди на грчкиот манастир да го откупи од англичаните манускриптот, се покажале напразни. Во 1975 г., реновирајќи стара градба, тие откриле тајна просторија. Во неа се наоѓале 12-те страни што недостигале во Синајскиот кодекс. (Патриархия.ru)